Претседателот Иванов упати честитка до своите сограѓани по повод празникот Денот на македонските и сесловенски просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

„Почитувани сограѓани,

Честит 24-ти Мај, Ден на македонските и сесловенските просветли и учители, Светите браќа Кирил и Методиј.

Денес го чествуваме делото на македонските и сесловенските просветители и учители, Светите браќа Кирил и Методиј, и уште еднаш со огромна благодарност се сеќаваме на непроценливото наследство кое го оставија за сите словенски народи.

Мисијата на Светите браќа беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и да ја пренесуваат својата култура и традиција, и сами да ја пишуваат својата историја.

Живописот на Светите браќа сведочи за големината на човековата верба и истрајност, за непобедливоста на правичноста и  нескршливоста на човечкиот дух.

Наша должност кон Светите браќа кои ни дадоа азбука, кон учебникарите кои нè образуваа, кон преродбениците кои нè просветлуваа, кон поетите и писателите кои го подмладуваа нашиот јазик, е одговорно да го користиме јавно изговорениот збор. Бидејќи, нашиот јазик е единствената наша комплетна татковина, која сме должни секогаш, а особено во време на предизвици, да ја чуваме со зборови на сплотеност и почитување, независно од нашите идеи, погледи и ставови.

Нека е вечно нивното име и нека ни е за многу години големиот празник Свети Кирил и Методиј!

д-р Ѓорге Иванов“

 

ЛИНК до објавата на ФБ