Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на Меѓународната конференција „Балканот и Европа – од заедничко минато до заедничка иднина“ под покровителство на Претседателот на Собранието, Н.Е. г. Мустафа Шентоп која се одржа во Истанбул на 9 мај 2023 година. Меѓународната конференција се одржува по повод 100 години од основањето на турската република, а ко-организатори се четири универзитети од Република Турција: Истанбулскиот Универзитет и Мармара Универзитетот од Истанбул, Тракискиот Универзитет од Едрене и Намик Кемал Универзитетот од Текирдаг.
Претседателот Иванов се обрати на сесијата на свеченото отворање на конференцијата на темата „Европа и Балканот – од прва Европа до периферија на ЕУ“:

 

БАЛКАНОТ И ЕВРОПА – ОД ПРВА ЕВРОПА ДО ПЕРИФЕРИЈА НА ЕУ

Почитувани домаќини на денешната конференција, почитуван претседателе на Големото Народно Собрание на Турција, проф. д-р Мустафа Шентоп, почитувани ректори, почитувани гости и учесници на конференцијата, почитувани присутни,

Ми претставува особена чест што сум поканет да учествувам и да ви се обратам на денешнава меѓународна конференција посветена на Балканот и Европа.

Но, дозволете ми на самиот почеток да го искажам моето длабоко и искрено сочувство за големиот број човечки жртви во катастрофалниот земјотрес што неодамна ја погоди Турција и Сирија. Во такви моменти, на стравотни природни катастрофи, стануваме свесни колку е вреден секој човечки живот и колку ни е потребна човечката хуманост и солидарност.

Би сакал да го честитам и јубилејот, 100 години од основањето на Турската Република. Во една прилика почитуваниот професор Илбер Ортајли ќе напише: Основачите на Републиката се од Балканот, Претседателот Мустафа Кемал Ататурк е роден во Солун, а Премиерот Али Фети Окјар во Прилеп. Јас само ќе додадам, и двајцата се од некогашната Османска Македонија, односно Румелија. Оваа година одбележуваме и 85 години од смртта на Ататурк и 80 години од смртта на Окјар кој на вчерашен ден, 7 мај во 1943 година починал, исто како и Ататурк, тука во Истанбул.

Балканот и Европа  

Да се зборува за Балканот и Европа, за нивното заедничко минато и нивната заедничка иднина, отсекогаш претставувало голем предизвик за секој што се обидува од научен аспект да даде свој придонес. Иако темата е навидум едноставна, за неа постојат многу спротивставени мислења и погледи, погрешни толкувања, кои понекогаш се дури несфатливи за оние што живеат надвор од Балканот.

На Балканот отсекогаш се повлекувале границите на поделби кои биле резултат на спротивставувањето на Истокот и Западот, така било во минатото, така е и сега. Тука е поделбата на Римското царство на источен и западен дел; конфликтите меѓу византиските и германско-римските владетели низ целиот средниот век; расколот на христијанската црква на католичка и православна; конфликтите меѓу исламот и христијанството; како и сите борби и влијанија на големите европски сили и народите што живееле во Османското царство, познати во историјата како „источно прашање“.

По првата светска војна и исчезнувањето на главните актери на источното прашање, Османското царство, Австро-Унгарската монархија и Царска Русија, се сметало дека на Балканот исчезнува поделбата на Исток-Запад, но Втората светска војна ќе доведе до нови поделби на Балканот и Европа. По војната поделбите стануваат борба за интересни сфери, односно таканаречената јалтска политика на сојузниците од антихитлеровата коалиција. Студената војна почнала од овој простор со промовирање на Трумановата доктрина за помош на сојузниците од заканите од Советскиот сојуз. Со ваквата политика на САД всушност било преземено и заменето традиционалното британско присуство и влијание во Средоземјето и земјите кои имаат најголемо стратешко значење во спречување на советското влијание и присуство во Медитеранот.

По студената војна и распадот на социјалистичките федерации и обединувањето на Германија, повторно поделбите се присутни на Балканот, но сега како членство во НАТО и проширување на ЕУ кон Исток. Поделба на „Стара  Европа“ и „Нова Европа“. Глобалната светска финансиска криза која трае од 2007 година, Брекситот, Мигрантската криза од 2015, пандемијата од Ковид-19, војната во Украина  како привремено, но можеби и трајно го запре процесот на проширувањето на ЕУ кон преостанатиот дел од Балканот.

Војната во Украина всушност ја запре и сруши геополитичката, поточно гео-економската, визија на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел која силната Европска Унија, предводена од Германија, ја градеше врз темелите на Евроазискиот економски појас чии крајни полови беа Германија и Кина со Русија која ги поврзува. Русија обезбедуваше евтина енергија а Кина беше најголем трговски партнер. Оваа огромна зона на слободна трговија беше темелот врз кој се градеше европскиот просперитет во изминативе децении и беше основа за јакнење на геополитичкото влијание на Европската унија во светот. Тоа во суштина беше и основата на процесот за проширувањето на ЕУ.

Стануваше очигледно дека ваквиот геополитички концепт на ЕУ го маргинализираше постстуденовоениот униполарен светски поредок, обликуван според визијата на САД. Зближувањето на Германија, Русија и Кина негативно влијаеше врз водечката улога на САД во меѓународните односи. За ова во детали има пишувано уште во 2019 година еден од највлијателните американски интелектуалци Роберт Каган.

Со војната во Украина ЕУ повторно станува во подредена позиција во однос на САД. На ваквата нова улога на ЕУ, пред месец дена, реагираше францускиот претседател Макрон изјавувајќи дека ЕУ не треба да биде вазал на САД. Изјава која предизвика бура на реакции и коментари и во Европа и во САД.

Но како се доведе Европа во ваква ситуација, од која повторно би биле жртви ние кои живееме на Балканот, станувајќи периферија на ЕУ.

Европа, мит или реалност

Европа уште од своите прапочетоци имала можност да избира меѓу реалното и рационалното или пак да го избере нереалното и ирационалното, како што го направиле повеќе од исчезнатите цивилизации. Европа за жал се определила за второто, создавајќи митска претстава за себе, која до ден денес опстојува и е извор на многу нејзини контроверзии и противречности.

Европа низ историјата имала значајно влијание врз креирањето на културните и политичките системи кои ја дефинирале западната цивилизација, пред се преку демократијата, христијанството, филозофијата, научните методи, уметноста, техничките достигнувања. Но Европа има историска улога и одговорност за колонизацијата и глобализацијата, кои имале значително влијание врз она што денес се нарекува светска економија, меѓународна политика и глобална култура.

Во Европа се создава индивидуализмот, односно индивидуалните слободи, права и одговорности на личноста. Концепт кој бил подржан од христијанството а подоцна и од ренесансата и просветителството. Во другите делови од светот високо се вреднувала и сеуште се вреднува, хармонијата и стабилноста на заедницата, односно колективизмот.

За Европа постои вековна претстава како средство за цивилизирање на варварите и источните народи, со што се дава легитимитет на европскиот експанзионизам. Почнувајќи во 15 век со колонизирањето на Северна и Јужна Америка, Европа е систем на утврдувања за натамошно ширење и воспоставување на мрежа на трговски и морски патишта, раширени низ целата планета. Во тоа време европеизирањето значело контрола на воспоставените морски и трговски патишта и доаѓање на бели авантуристи кои се населувале во новите простори. Вообичаено потоа следело искоренување на староседелците од тие освоени територии. Истовремено со извозот на капитал од повеќето европски држави, пред се Шпанија, Португалија, Велика Британија, Франција и Холандија се воспоставиле прописи и стандарди за постапување во бизнисот, законодавството а подоцна и во сферата на културата.

Германскиот историчар Волфганг Гајер, кој важи за добар познавач на состојбите во Европа, ќе го каже следново: Европа била и останала единство, целина, имагинарен континент, утопија, но и визија – многустрано формулирана антиципација на можната, но истовремено и недостижна состојба.

Во Европа отсекогаш доаѓало до конфликти на различни хемисфери, без разлика дали тоа биле верските војни, востанијата, политичките револуции, научни револуции… Тие перманентни конфликти во Европа се разгранувале по разни текови, кои низ вековите се пројавувале низ војните, склучувањето на мировни договори, па повторно војни, повторно мировни договори… Историчарите пресметале дека пред 20 век во Европа избивале вооружени конфликти на секои седум години. Милиони обични луѓе изгинале во крвавите војни и брутални прогонувања. Само во Втората светска војна загинале меѓу 70 и 85 милиони луѓе, вклучувајќи околу 25 милиони војници и 45-50 милиони цивили, а околу 20 милиони луѓе биле ранети.

Токму затоа мировниот договор, по Втората светска војна, наречен Европска Унија се смета за достигнување од непроценлива вредност и главна причина за создавање на обединета Европа. Но Европската Унија, како што видовме, сеуште не е целосна за да се поистовети со Европа. Недостасува дел од Балканот, кој сега се нарекува Западен Балкан.

По крвавите војни при распадот на Југославија, сега повторно имаме војна во Европа. Војната во Украина, како што беше истакнато претходно, повторно отвара многу прашања кои и до сега не беа одговорени ни затворени.

Првото прашање е: до каде се простира Европа? Односно, во контекст на проширувањето на ЕУ, до каде завршува Европа а почнува Азија. Ова прашање уште од антиката ги преокупира многумина, не само географите. Според таткото на историјата Херодот, историчарот од 5 век пред нашата ера, границата е реката Танаис (денес Дон) и Азовското море. Кога ги гледаме сателитските снимки на тој простор, каде сека има вистинска војна, но и картата на светот, се не наведува на помислата дека Европа е само предворје на азискиот континент, или како што кажал францускиот филозоф Пол Валери, Европа – полуостров на Азија. Западноевропските и руските географи во 18 век се согласиле дека источната граница на Европа е реката и планината Урал, но сеуште нема јасна линија која проаѓа низ Кавказот меѓу Црното море и Каспиското езеро.

Прва Европа

Првото територијално дефинирање на Европа му го должиме на Херодот. Во Херодова Историја, книга 7, насловена Полихимнија, поглавје 10 б, пренесен е дијалогот меѓу персискиот крал Ксеркс и неговиот стрико Артабан, кој воедно му е и советник. Артабан во 480 година п.н.е. сакал да го спречи Ксеркс да организира поход против Хелада, плашејќи се од големи загуби, затоа го предупредува: „Велиш дека ќе направиш мост на Хелеспон и војската низ Европа ќе ја преведеш во Хелада.“[1]

Во овој текст, прв пат во историјата и во едно дело се дефинира каде се наоѓа територијата на Европа. Европа всушност е пределот меѓу Дарданелите (Хелеспонт) и Хелада. На едната страна на Хелеспонт е Азија а на другата страна е Европа, простор  каде имало два града  наречени Europos и река на границата со Тесалија, исто така, наречена Europos.  Херодот врз основа на оваа претстава околу 445 п.н.е. ќе ја изработи неговата прва карта на светот, каде светот е поделен на три големи области: Европа, Азија и Либија, односно денешна Африка.

Првиот град Европос или Европус (Εὐρωπός) бил во древна Македонија. Се наоѓал меѓу Идомена и рамнините на Кир и Пела, сместен на десниот брег на реката Вардар (Аксиј) под Идомена, каде што се наоѓа и денес градот Европос во Грција. Пред 1925 година градот се нарекувал Ашиклар. За овој град пишува и Тукидит во неговата книга Историјата на Пелопонеската војна (книга 2 поглавје 8). Во овој град е роден Селевк I Никатор во 358 г.п.н.е. (или Селевк Први Победникот), кој бил генерал во војската на Александар Македонски. По смрта на Александар и војните на дијадосите ја основал династијата на Селевкиди и Селевкидската империја во која основал седумдесет и пет нови града[2]. Неколку од нив ги именувал според неговото родно место Europos. Најпознати се Дура-Европос антички град на бреговите на реката Еуфрат и поранешна епископија во модерна Сирија (денес латино-католичка титуларна титула и синагога), Каркамиш кој денес се наоѓа на границата меѓу Турција и Сирија бил Европос за време на Селеук. Еуромос во античка Карија, денес во Турција, исто така се викал Европос. Реј или Рај кој денес се наоѓа во Иран бил обновен од Селевкидите и бил наречен Европа (Европос).

Вториот град Европос бил град во Алмопија, древна Македонија. Денес овој локалитет  се наоѓа во близина на современиот Криси (Крисе) во Грција. Пред 1926 година се нарекувал Слатина или Златина во општината Меглен. Во него е родена светицата на православната црква Света Злата Мегленска.

За реката Европос пишувале повеќе антички автори. На пример античкиот географ Страбон во неговата Географија (7.15) пишува :„Реката Пенејос (Пенеј) … исто така ги прима водите на реката Европос, која Хомер ја нарече Титаресиос, таа ја означува границата меѓу Македонија на север и Тесалија на југ. Но, изворите на водите на Европос се во планината Титариос, која е поврзана со Олимп.“

Но, од каде потекнува името на овие градови и името на реката според кои и областа го добива името Европа?

Според Смитовиот речник за грчки и римски биографии и митологии (том 2, стр. 108), Европос бил „син на Македон и Ореитија, ќерката на Кекропс, според кого се верувало дека градот Европус во Македонија го добил неговото име“[3]

Кај римскиот писател и историчар Јустин, во неговата епитомизирана (скратена) верзија  на историографското дело на  Помпеј Трог, се наведува: „… Во регионот на Пајонија, кој сега е дел од Македонија, се вели дека владеел Пелегон, таткото на Астеропај, чие име го наоѓаме во Тројанската војна, меѓу најистакнатите бранители на градот. Од другата страна, кралот по име Европ го држеше суверенитетот во областа наречена Европа.“[4]

Може да се заклучи дека просторот на кој денес се наоѓаме и ја одржуваме оваа конференција, на ова страна од Босфорот и Дарданелите. Просторот каде се наоѓаат универзитетите чии ректори се денес со нас. Просторот од каде потекнува семејството на почитуваниот претседател на Големото Народно Собрание на Турција, професорот Мустафа Шентоп, но и моите  родители (семејството на татко ми е неколку километри од првиот Еуропос, а семејството на мајка ми неколку километри од вториот Еуропос) е всушност просторот на Прва Европа, поточно Најстарата Европа.

Но како се случи Првата Европа да стане периферија на Европската Унија? Одговорот на ова прашање веројатно бара одржување на неколку вакви конференции на кои би се согледале сите аспекти и со научна методологија и аргументација би се образложиле причините и последиците од таквиот однос кон Првата и најстарата Европа.

Митот за Европа

Но, да почнеме повторно од таткото на историјата Херодот, кој ни дава изворни податоци за Првата Европа. Според Херодот Европа е надвор од Хелада. На почетокот на неговата Историја (Книга прва 4.) Европа и Хелада ги смета за различни нешта[5].

Хелада за да се поврзе со потеклото на Европа го создава митот за грабнувањето на ќерката на феникијскиот кралот Агенор, принцезата Европа од страна на Зевс. Зевс се преправил во бел бик и на својот грб ја пренел Европа од Феникија на Крит. Според оваа феникиска принцеза и континентот го добил своето име Европа.[6] (историски факт е дека во тоа време тој простор суште не се нарекува Феникија, името потекнува од  Феникс, братот на Европа и син на Агенор и Телефаса).

Херодот, уште на самиот почеток на неговата Историја го руши овој мит (Прва книга – Клејо, 2.)  пренесувајќи дека според Персијците некои Хелени отпловиле во Тир и ја грабнале кралевата ќерка Европа. Тоа би можеле да бидат Криќаните, вели Херодот. На тој начин тие им вратиле со иста мера за грабнувањето на Ио, ќерка на кралот Инах од Арг, која ја однеле во Египет.

Митот се руши и според кажувањата на други антички автори. Така на пример според  верзијата на Палефат,[7] еден човек од Кносос по име Таурос /Ταῦρος /, кој бил во војна со Тир, ја добил како воен плен Европа, ќерката на кралот но и значителен број други девојки, така што меѓу жителите на Тир од тоа време се зборувало дека Бикот (Таурос) отишол со Европа, ќерката на кралот. Врз основа на ова, како што тврди Палефат, се формирал митот за грабнувањето на Европа.

Митолошкиот лик создаден за Европа денес повторно е актуелен. Една жена повторно е грабната и искористена од голема сила, татко на боговите.

Војната во Украина ја врати ЕУ во положба на подреденост на САД. Концептот за економското јакнење на ЕУ под водство на Германија, без почитување на геостратешките интереси на САД, се покажа дека не можел да успее.

Живееме во време кога еден мировен проект, наречен Европска Унија, денес пред наши очи пропаѓа при неговото соочување со реалноста. За жал, може да се констатира дека денес во 2023 година, Европската унија не е во можност да оствари ниту една своја европска амбиција. Тоа се однесува и на проширувањето кон Западен Балкан.

Крајно време е да почнеме да размислуваме за Европа без Европската унија. Во прв  план на таа Европа треба да биде среќата на луѓето и колективната солидарност, пред се на локално и регионално ниво. Таквата Европа треба да се ослободи од вековните мисионерско империјални аспирации, според кои Европа треба да биде предводник и мерило за целиот свет.

 


[1] 10. β [1] ζεύξας φῂς τὸν Ἑλλήσποντον ἐλᾶν στρατὸν διὰ τῆς Εὐρώπης ἐς τὴν Ἑλλάδα.
  1. (b) Thou sayest that thou wilt yoke the Hellespont with a bridge and march an army through Europe to Hellas.
[2] Морис Сартр, Историја Грчке, Адреса/Нови Сад, 2007, стр.169.
[3]Εὔρωπός), a son of Macedon and Oreithyia, the daughter of Cecrops, from whom the town of Europus in Macedonia was believed to have received its name. (Steph. Byz. s. v.)
–         William Smith, Ed.  A Dictionary of Greek and Roman biography and mythology
https://www.perseus.tufts.edu/hopper/text?doc=Perseus%3Atext%3A1999.04.0104%3Aalphabetic+letter%3DE%3Aentry+group%3D12%3Aentry%3Deuropus-bio-1
[4] In the region of Paeonia, which is now a portion of Macedonia, is said to have reigned Pelegonus, the father of Asteropaeus, whose name we find, in the Trojan war, among the most distinguished defenders of the city.  On the other side a king named Europus held the sovereignty in a district called Europa.
–         Justinus: Epitome of Pompeius Trogus’ Philippic Histories  https://www.attalus.org/translate/justin10.html
[5] τὴν γὰρ Ἀσίην καὶ τὰ ἐνοικέοντα ἔθνεα βάρβαρα οἰκηιεῦνται οἱ Πέρσαι, τὴν δὲ Εὐρώπην καὶ τὸ Ἑλληνικόν ἥγηνται κεχωρίσθαι. (Имено, Персијците ги сметаат за свои и Азија и барбарските племиња што живеат таму,  а Европа и Хелада за нив се нешто туѓинско.)
[6] Но еве го деталниот опис на овој мит: Гледајќи ја убавата кралска ќерка додека берела цвеќе во друштво на своите другарки на брегот на Сидон или Тир, Зевс се заљубил во неа. За да и пријде, тој се преправил во кафено-русокос (или светло бел) бик, со рогови закривени во форма на полумесечина. Така маскиран, Зевс понизно ѝ пријде на девојката, клекна пред неа, гледајќи ја кротко, со љубовни очи. Ова ја маѓепса Европа, најубавата и најразвратната од сите присутни, при што се осмели да се качи на неговиот грб. Како што се искачуваше, таа ги молеше своите другарки да го сторат истото. Меѓутоа, штом седнала, бикот станал, влетал во морето и скокнал во брановите. Таму, неговиот брат, Посејдон, дошол кај него, смирувајќи ги брановите пред него и неговиот плен, додека Тритоните и Нереидите, но и Афродита, ги следеле по патот. Преплашено и потресено девојчето почна гласно да плаче, со едната рака се држеше за роговите, а со другата го држеше фустанот за да не се намокри. Но Зевс успеал да ја утеши и да ја однесе на Крит. Таму присуствувал на брегот на реката Летај (денес Ξηροπόταμος /Xiropotamos/), или кај извор во близина на Гортин, под чинарот кој е запаметен по своите зимзелени лисја; според Лукијан од Самосата,  Зевс ја однел Европа во диктејската пештера.
[7] Palaephatus, De incredibilibus, sextum edidit, ed. I. F. Fischerus, Lipsae 1789, pp. 72–75.