Ваши екселенции,
Почитувани гости,
Почитувани присутни,
Добредојдовте на отворањето на Скопје форумот за културна дипломатија кој е посветен на „Промовирање на меѓународна соработка, културно разбирање и мирот“.
Форумот го одржуваме во годината кога одбележуваме 60 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година. Во овој најсмртоносен земјотрес кој се случил на Балканот, загинаа 1.070 граѓани, околу 3.000 биле повредени а 800 луѓе останале инвалиди. Биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000.
Првиот странски новинар кој пристигнал во Скопје, Дејвид Бинер од Њујорк Тајмс, најсликовито го опишал како изгледало Скопје од авион „градот изгледа како да е бомбардиран“.
Зошто овој трагичен настан го спомнуваме на отворањето на Форумот за културна дипломатија, кога треба да зборуваме за „Промовирање на меѓународна соработка, културно разбирање и мир“.
Пред се, затоа што она што се случуваше по земјотресот можеби е она за кое мислам дека денес и утре треба да разговараме на овој форум. Непосредно по катастрофалниот земјотрес, Скопје беше пример за меѓународната соработка и солидарност, кога состојбите во светот во многу нешта наликувале на денешните.
Имено, во 1963 година, поради Кубанската ракетна криза, светот бил на чекор од почеток на нуклеарна војна. Односите на тогашните суперсили САД и Советскиот Сојуз биле целосно замрзнати, била прекината секаква комуникација. Мирот создаден по Втората светска војна целосно бил загрозен. Студената војна доаѓала во својата најкритична фаза.
Џон Ф. Кенеди на 10 јуни 1963 година на Американскиот универзитет во Вашингтон во неговиот познат говор „Стратегија на мирот“ ќе каже: „Мораме да направиме се она што е во нашата моќ да изградиме свет на мир во кој слабите ќе бидат безбедни, а силните праведни. Не сме беспомошни пред таа задача, ниту пак таа цел е осудена на неуспех. Со самодоверба и без страв мораме да работиме на стратегијата на мирот“.
Таа стратегија на мир очигледно дека ни е неопходна и ургентно потребна и денес.
Тоа утро, кога се случил земјотресот, му бил последен ден на местото амбасадор во Југославија на Џорџ Ф. Кенан, кој претходно поднел оставка на функцијата во Белград, бидејќи не се согласувал со политиките на својата земја кон Југославија.
Југославија била една од земјите основачи на Движењето на неврзаните за време на Студената војна. Белград, бил домаќин на Првата конференција на Движењето на неврзаните во септември 1961. Говорите на Тито на таа конференција, американската влада ги толкувала како просоветски.
Во текот на 1962 година, Конгресот на САД донел закон за одбивање на грантови за финансиска помош за Југославија, за повлекување на продажбата на резервни делови за југословенските воени авиони и за отповикување на статусот на најповластена нација.
Амбасадорот Кенан остро протестирал против ваквата одлука на Конгресот, тврдејќи дека тоа само ќе резултира со заострување на односите меѓу Југославија и САД. Кенан бил во Вашингтон во текот на летото 1962 година за да лобира против законот, но не бил во можност да предизвика промена од Конгресот. Претседателот Кенеди го поддржал Кенан приватно, но останал неопределен јавно, бидејќи не сакал да го загрози неговто тенко мнозинсво за поддршка во Конгресот.
По скопскиот земјотрес состојбите целосно се промениле. Тогашниот американски претседател Џон Ф. Кенеди му наредил на Министерството за одбрана и на Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД) да преземат хитни активности за укажување на помош на Скопје со испраќање персонал, монтажни куќи, болници и војници и други форми на помош.
Сите активности за спроведување на наредбата на претседателот Џон Кенеди ќе ги превземе Лоренс Иглбергер, тогаш функционер од понизок ранг, дежурен за време на викендот во американската амбасада во Белград. Подоцна тој ќе биде американски амбасадор во Југославија од 1977 до 1981 и ќе биде државен секретар на САД. Тој ќе обезбеди Американската армија да ја испрати својата Осма полска болница за евакуација со 200 лекари и медицински сестри од Рамштајн, Германија, во близина на Куманово. Само три дена по земјотресот тие почнале да работат. Иглбергер, колегите дипломати поради неговиот сестран ангажман во скопскиот земјотреа го нарекле „Лоренс од Македонија“ и до крајот на својот живот тој ќе остане голем пријател и подржувач на Македонија.
Слично на американскиот претседател Џон Кенеди ќе биде и однесувањето на лидерот на Советскиот Сојуз Никита Хрушчов, кој дури и лично го посетил Скопје во август 1963 година во придружба на тогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито.
За првпат по нивната историска средба на Елба во 1945 година, американските и советските трупи стационирани во Скопје можеле слободно повторно да си подадат рака и да учествуваат во заеднички потфат.
Неколку дена по земјотресот, 35 нации побарале од Генералното собрание на Обединетите нации помошта за Скопје да биде ставена на дневен ред на првата наредна седница на Генералното собрание. Помош за Скопје, во форма на парични средства, монтажни куќи и градежни материјали, медицински, инженерски и градежни тимови и други материјали била понудена речиси од сите земји членки на Обединетите Нации.
Меѓународната помош, организирана од страна на Обединетие Нации, продолжила и во периодот по катастрофата, во форма на парични средства, градежни зафати и интернационални експерти. Низа сеизмолози, хидролози, урбанисти и архитекти од целиот свет, се здружиле со заедничка цел за постземјотресната обнова на Скопје. Од овие професионалци ОН ја формира и групата задолжена за изработка на новиот урбанистички план на Скопје. Во неа членуваат тимовите од Југославија, Јапонија, Полска, Грција и Холандија, а за проект менаџер е назначен варшавскиот архитект Адолф Циборовски.
По земјотресот градот почнал да се гради според модерните проекти на јапонецот Кензо Танге и на Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е „Музеј на Град Скопје“ и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш запрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.
Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики. По неколку дена почнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Дури 87 држави во светот испратиле некаква помош во Скопје и помогнале тој да се изгради повторно, поради што градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.
Меѓу првите дипломати кои ќе стигнат истиот ден по земјотресот во Скопје е таткото на актуелниот Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
После првата вест за земјотресот, утрото на 26 јули 1963 година, Торвалд Столтенберг, Секретар во Норвешката амбасада во Белград заедно со својот колега од Данската амбасада во Белград, веднаш заминале за Скопје. Потресен од состојбата што ја видел во градот, тој ја известил Владата во Норвешка и Црвениот Крст во Норвешка, потенцирајќи ја потребата од итна помош за настраданите од тешката несреќа. Во тоа време, Норвешкиот Црвен Крст веднаш започнал со преземање на активности за испраќање на помош за настраданото Скопје.
Како резултат на големата помош од норвешката и данската влада и Норвешкиот црвен Крст, во Скопје била изградена Детската болница за белодробни заболувања. Торвалд Столтенберг ги координирал работите поврзани со изградбата на оваа болница во Скопје, сè до нејзиното отворање во 1965 година.
Многу уметници од светот поклониле свои дела. Пабло Пикасо донирал слика за во Музејот на современата уметност, изграден од страна на Владата на Полска и архитекти од Полска. Меѓународниот придонес бил огромен.
До ден денешен градот ја слави меѓународната солидарност. Многу улици, објекти, па дури и сите населби ги носат имињата на земјите, лицата или компаниите кои придонеле за обновата на градот. На пример, поликлиниката која е донација од Романија, го носи името Букурешт; неколку улици и патишта го добиле името според Мексико, Варшава, Прага, Џон Кенеди… Има неколку населби во градот именувани како “Шведски бараки”, “Фински касарни” или “Руски згради”…
Како да се објасни толку силниот одек на скопскиот земјотрес?
Во секој случај, земјотресот ја стави Македонија на картата на меѓународната свест на емпатичен начин кој ниту еден политички потег не би можел да го оствари. Затоа, може да се каже дека тоа е резултат на „меката моќ“ или културната дипломатија.
Но кога веќе ја спомнуваме годината, да го спомнеме и денешниот ден.
На денешен ден на 5 септември 1997 година во Калкута, Индија, почина најпознатата скопјанка, добитник на Нобеловата награда за мир во 1979 година но и добитник на преку 700 награди, кои ја прават да биде најнаградувана личност во 20 век. На денешен ден почина Мајка Тереза.
Пред да почине таа ќе го оствари и последниот контакт со родното Скопје. На 3 септември ќе и напише последно писмо на нејзината прва братучетка Пина Марковска и нејзината ќерка Вероника. Ќе им се заблагодари за нивната роденденска честитка по повод нејзиниот 87 роденден на 26 август.
Детството и младоста на Мајка Тереза во Скопје од 1910 до 1928 година е пример за севкупните состојби на Балканот во тоа време. Таа се родила како поданик на Османлиската империја. Основното образование го започнала во српското училиште „Свети Сава“, кога Скопје е дел мод Кралството Србија. Училиштето го завршила кога нејзиниот роден град е во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Пред да го напушти Скопје во 1928 година, без да патува веќе променила три држави.
До ден денес тоа како да е судбината или ксметот на сите ние кои сме се родиле во Македонија. Имено, речиси не можете да најдете човек одовде кој се родил и умрел во иста држава. Мојата генерација веќе живее во третата држава. Некои наши баби и дедовци, кои целиот свој живот го поминале во истото родно место, промениле 6 до 7 држави. Значи тука во Македонија можете да патувате и менувате држави стоејќи на едно место. Парадокс но истовремено една голема вистина за Македонија.
Семејството на Мајка Тереза е пример за комплексноста на балканските идентитети. Се родила во влашкото маало од родители кои биле во мешан брак, кои биле вообичаени во тоа време. Татко и Никола потекнувал од семејство на трговци Власи кои биле бегалци од Москополе, кое денес е во јужна Албанија. Семејството Бернај на мајка и Дранафила е исто така семејство на трговци од Призрен во Косово, Албанци католици, кои се нарекувале Латини. Нејзините другарки биле Македонки како што била братучетка и Пина Марковска, Срби како што била Ангелина Нановиќ со која седела во иста клупа во училиштето, Хрвати од Јањево во Косово, Грци како што била соседката и врсничка Екатерина.
Во Влашкото маало, ,каде што се родила, кој денес е дел од централниот градски плоштад, била православната црква Св. Константин и Елена, на стотина метри била католичкат катедрала „Пресвето Срце Исусово“ каде што била крстена како Гонџа Агнеза Бојаџиу. Кога одела на проби во гратскиот театар проаѓала покрај „Бурмали џамијата“, (изградена во 1495 година) на десетина метри од нејзината куќа и синагогата „Бет Ахарон“ (изградена во 1366) во еврејското маало на другата страна од реката Вардар, стотина метри од незиниот дом. Градскиот театар е изграден кога нејзиниот татко Никола, како единствен претставник на католиците бил член на гратскиот одбор на Скопје а оснивач бил славниот српски книжевник, интелектуалец и дипломат Бранислав Нушиќ (чие вистинско име му е Алкибијад Нуша,чии татко Ѓорѓе е од Власите од битолското село Магарево, а мајка му Љубица е Србинка од Босна).
Мајка Тереза пеела во детскиот црковен хор на католичката катедрална црква „Пресвето Срце Исусово“, каде во 1921 година се донесени посмртните останки на францускиот генерал Едмод Бушје, потомок на наполеоновиот генерал де Бел.
За разлика од западноевропската традиција на толеранција, наследството на османлискиот модел на соживот била филозофијата на почитување и прифаќање на различноста, која е фундаментално различна од толеранцијата. Додека се толерира она што се мора, се почитува она што се сака. Оваа традиција на отоманскиот религиозен плурализам, позната како милет систем, ќе овозможи во Македонија да се изгради модел на интеграција без асимилација.
Таа традиција на почитување и прифаќање на различноста, Мајка Тереза ќе ја научи во својот роден град Скопје и ќе ја практикува целиот свој живот, дарувајќи им среќа на луѓето и станувајќи мајка на бедните. Љубовта кон луѓето, тогаш кога им е најпотребна, беше најмоќната сила со која таа го освои светот. Без да прави разлика кој од каде е, на која нација, раса и религија и припаѓа, Мајка Тереза ги отвори најубавите хумани и духовни вредности кај луѓето, покажувајќи со личниот пример и саможртвувањето што значат милосрдието и човекољубието.
Папата Франциск ја канонизира Мајка Тереза за светица на 4 септември 2016 на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан. Во Скопје канонизацијата на Мајка Тереза се одбележа со еднонеделна Татковинска прослава која на 11 септември 2016 година се заврши со Понтификална миса на плоштадот Македонија, предводена од папскиот кардинал Винко Пулиќ.
Папата Франциск при неговата посета на Македонија на 7 мај 2019 година, посетуваќи ја нејзината спомен куќа, ќе се поклони пред нејзиниот споменик и ќе ја искаже следната молитва:
„Молиме, Света Мајка Тереза, мајка на сиромашните, твое посебно застапништво и твоја помош, тука, во градот на твоето раѓање, каде беше твојот дом. Тука сте го добиле дарот на повторното раѓање во светите тајни на христијанската иницијација. Тука ги слушнавте првите зборови на верата во твоето семејство и во заедницата на верниците. Тука научи од твоите родители да ги сакаш оние кои имаат најмногу потреба и да им помагаш“,
Гробот на денес светицата Мајка Тереза се наоѓа во Куќата на Мајката каде што е сместено главното седиште на „Мисионерките на љубовта“ во Калкута, Индија. Тоа е поголема бела бетонска конструкција покриена со бела мермерна плоча со епитаф:„Сакајте се еден со друг, како што јас ве сакав вас“.
Другарката од соседството на Мајка Тереза, Екатерина всушност е ќерка на најпознатиот Грк на 20 век, Гркот Зорба или Јоргос Зорбас.
Зорбас од 1922, кога дошол со воз од Солун со ќерка му Екатерина, ќе живее во Скопје се до неговата смрт во 1941 година.
Бесмртноста на Зорба му ја подари неговиот другар од младешките денови Никос Казанѕакис, пишувајќи роман за него, неколку месеци пред смртта во 1941 година.
Најстариот син на Јоргос Зорбас Андреас, кој останал да живее во Грција, кога дознал дека Казанѕакис пишува книга за неговиот татко Јоргос, му се заканил дека ќе го тужи доколку тој ја напише книгата за татко му. Оваа закана не го поколебала Казанѕакис, но била директен повод да го промени насловот на својот роман и го нарече „Животот и делото на Алексис Зорбас“. Дејствието на неговиот роман го сместил на Крит, каде Јоргос Зорбас никогаш не стапнал со своја нога. Очигледно е дека Казанѕакис го „однел“ Зорбас од неговиот роман на островото што многу добро го познавал, бидејќи бил роден таму и затоа што немал воопшто претстава како навистина изгледа пределот во кој неговиот пријател Зорбас го копал „најпрекрасниот зелен камен на светот“, како што му напишал во првото писмо од Скопје.
Во заоставштината на Казанѕакис останале документи од кои се гледа дека иако разделени долги години со Зорбас тие се исповедале еден на друг. Таа преписка меѓу нив двајцата влегла во романот од 1941 година, а подоцна и во филмот за Зорбас, кој е снимен во 1964 година од режисерот Михалис Какојанис и освоил три Оскари.
При снимањето на филмот, кореографот Јоргос Провиас и композиторот Микис Теодоракис за последната сцена од филмот ќе смислат посебен танц и посебна музика. Тој танц денес е познат низ целиот свет како сиртаки, а музиката за тој танц е неофицијална втора химна на Грција.
Во две реченици од романот е искажана целата животна филозофија на Зорбас: „Едно време ги делев луѓето на Бугари, Турци, Македонци и Грци, сега ги делам на добри и лоши. А еден ден и тоа нема да го правам, затоа што сите заминуваме во иста почва..“
Почвата што ја спомнува Зорбас денес се нарекува парцела број 17, алеја 3, гроб број 23 на гратските гробишта Бутел во Скопје. Таму почива Георгиос Зорбас. Познат во целиот свет како Гркот Зорба.
Во 1997 година во Скопје ќе гостува Микис Теодоракис и во тогашниот Македонски Народен Театар заедно со Мекедонската филхармонија ќе биде изведено најпознатото негово дело „Гркот Зорба. При ова посета Теодоракис ќе го посети и ќе положи цвеќе на гробот на Јоргос Зорбас.
Гробот на Казанѕакис се наоѓа во родниот град Ираклион на Крит. Тоа е една бела камена плоча на која се напишани само зборовите на Зорбас: „Не се надевам на ништо/Не се плашам од ништо/Слободен сум“.
Преку спомнувањето на еден трагичен настан и две славни личности поврзани со Скопје на овој Форум се укажува на моќта и значењето на културната дипломатија, односно „меката моќ“, неопходната меѓународна соработка и мирот во светот.
Преку овие примери допира и заветот до младите генерации дека на светот денес му се потребни лидери посветени на мирот како што беше Џон Кенеди. Неопходни ни се граѓани на светот кои се посветени на мирот и грижа за бедните каква што беше Мајка Тереза. Но ни требаат и луѓе кои, покрај сите предизвици со кои се соочуваме, знаат да ја слават радоста и ведрата страна на животот, каков што беше Зорба.
Мирот не треба да се бара во гласната тишина на гробиштата, каде денес е најмирно, туку во нашите срца и нашите души. Мирот сам од себе не се случува, тој треба да се гради, почнувајќи од секој поединец, па се до целото човештво.