Почитувани учесници, Ваши екселенции, драги пријатели,
Би сакал да ги поздравам нашите љубезни домаќини од Стопанската комора на Анкара и да им честитам за успешното организирање и реализирање на “ECO-CLIMATE SUMMIT”.
Пред неколку дена беше објавена алармантната вест дека температурите на Арктикот и Антарктикот се зголемени за 30 односно 40 степени од просекот. Поточно, на Антарктикот се измерени 12,2 степени под нулата, што е за 40 степени потопло од просекот, додека на Арктикот се измерени 17,7 степени под нулата што е 30 степени потопло од просекот. Алармантна е веста затоа што досега во исто време не се случило Северниот и Јужниот пол да се топат во исто време. Експертите тврдат дека станува збор за редок временски феномен, но доколку се повтори и се случува повторно во иднина, тоа е знак за тревога затоа што би можело да е дел од глобалното затоплување.
Како резултат на глобалното затоплување, извесно е дека мразот на Арктикот и Антарктикот сѐ повеќе ќе се топи. Како што ќе се топи мразот, сѐ повеќе ќе се намалува белата рефлективна покривка на површината на Земјата. Наместо да има бела површина која ја рефлектира сончевата светлина, ќе има сѐ повеќе отворена океанска вода што ќе ја впива сончевата светлина. Како последица на тоа, топењето на мразот води кон уште повеќе апсорбирана сончева светлина што, пак, понатаму води кон уште поголемо топење на мразот – циклус кој се засилува.
Активирањето на еден од овие циклуси претставува алармантна вест поради неколку причини. Прво, со ова ние како човекова цивилизација губиме значителен дел од контролата врз климата на Земјата. Во моментов, огромни се напорите во обидот да се контролира климата преку контролата на испуштањаето на стакленичките гасови, пред се јагленородниот диоксид. Но, откако ќе се активираат овие циклуси, климата на Земјата ќе почне делумно да се контролира самата. Тоа значи дека тогаш ќе биде многу потешко да се запре процесот на глобалното затоплување.
Втората причина зошто овие вести се непријатни и лоши е фактот што голем дел од циклусите се меѓусебно поврзани. На пример, споменатиот циклус може да биде доволно силен за да предизвика друг циклус. Имено, топењето на постојано замрзаниот слој на почвата доведува до ослободување на метанот што е таму заробен. Метанот пак предизвикува 4–9 % од вкупниот ефект на стаклена градина.
Затоа овие реакции не можат да се согледуваат одвоено. Мора да се размислува какви последици можат да имаат истите како целина.
На пример, во мај 2019 година, ОН објавија извештај според кој се предвидува дека во следните неколку децении ќе изумираат околу еден милион од постојните 8 милиони растителни и животински видови, доколку не бидат запрени климатските промени.
Компетентните научници сметаат дека главен фактор за ваквите состојби се активностите на човекот, почнувајќи со индустриската револуција и сѐ поголемата употреба на фосилни горива, пред се јагленот и нафтата. Другиот, не помалку битен фактор е неконтролираното сечење на шумите. Шумите се како бели дробови на нашата планета. Дрвјата апсорбираат некои од гасовите што создаваат ефект на стаклена градина, кои се причина за глобалното затоплување. Но, поради сечењето на големи шумски површини има сѐ поголеми количини вакви гасови во нашата атмосфера. Само количината на јаглероден диоксид што секоја година се испушта во нашата атмосфера изнесува повеќе од 25 милијарди тони. Извештаите покажуваат дека од почетокот на индустриската ера па наваму, нивото на јаглероден диоксид во атмосферата е зголемен за 40 отсто. Но покрај јаглеродниот диоксид штетни гасови се и хлорофлуорокарбоните, метанот, азотниот оксид…
Климатските промени и растот на нивото на светските мориња најмногу ќе ги погоди градовите. Околу 80% од урбаните подрачја во светот се наоѓаат на морските брегови. До 2025 година, дури 75% од светската популација ќе живее покрај морињата или близу до морските брегови. Од климатските промени најзагрозени ќе бидат азиските мегалополиси во кои живее околу 60% од севкупното светско население, тука се мисли пред се на Шангај, Џакарта, Манила, Банког, Хо Ши Мин, Осака… Во другите делови од светот најзагрозени се Мајами, Њу Орлеанс, Венеција, Александрија…
Повеќето истражувачи, научници, филозофи се согласни со фактот дека, ако не преземеме нешто веднаш, ќе има уште повеќе суши, глад, раселени лица, а тоа ќе предизвика уште повеќе конфликти во наредните децении.
Останува да видиме дали ќе се спроведе она што е договорено и дали до 2030 ќе се исфрли од употреба јагленот во членките на ОЕЦД и членките на ЕУ, до 2040 во Кина и до 2050 во другите преостанати делови од светот за да можат да се остварат целите од Спогодбата во Париз. Останува да се види дали земјите што ја ратификуваа спогодбата прифаќаат својот развој да го засноваат врз намалена емисија на гасови со ефектот на стаклена градина за 45% до 2030 година.
Светската метеоролошка организација наведува дека нашата планета сега е за еден степен целзиусов потопла од периодот пред ширењето на индустријализацијата. Доколку досегашниот тренд продолжи, температурата до 2100 година ќе порасне за 3 до 5 степени. Затоа доколку не се спроведува спогодбата од Париз светот ќе доживее катастрофални промени, нивото на морето ќе порасне, температурата на водата во океаните ќе се зголеми, ќе страдаат насадите за храна, пред се оризот, пченката, пченицата. Земјите потписнички на спогодбата од Париз ветија дека ќе го ограничат растот на температурата до 1,5 степени. Научниците пак тврдат дека ќе биде неопходно задржување на растот под 1,5 степени.
Но, освен обврските за владите, за да ја сочуваме планетата, постојат обврски и за сите поединци. Така на пример меѓународниот панел за климатски промени наведува дека мора да се купува помалку месо, млеко, сирења, путер. Да се јаде повеќе локална и сезонска храна, да возиме електрични автомобили, да одиме пешки или со велосипеди, да патуваме со возови и автобуси наместо со авиони, да одржуваме видео конференции, да ги обезбедиме куќите со добра изолација, да бараме производи со ниско ниво на јагленороди.
Можеби ќе бидат потребни децении за да се види користа од напорните климатски самити и конференции. Но, многу често, краткорочните политички и економски добивки ги потиснуваат во втор план долгорочните еколошки придобивки, поради што се тапка во место. Проблемот е тоа што ние луѓето на нашава планета, колективно гледано, не преземаме доволно мерки.
Развиените и богати држави своите главни индустриски погони, поради ниската цена на работна сила и загадувањето, ги преселија веќе во сиромашните земји. Сега во развиените земји останаа оние погони и услуги кои се високопрофитабилни и не емитуваат СО2. Тоа се финансиски, информациони и телекомуникациони услуги, нови технологии како што се развој на вештачката интелигенција, биотехнологиите.
Професорот Пол Кругман, кој е добитник на Нобелова награда за економија во 2008 година во една од неговите редовни колумни во весникот New York Times ќе напише: „Ако сакате да разберете зошто мерките против климатските промени наидуваат на отпор, одговорот е во парите“. Според него, главни осомничени за смртта на ваквите мерки во неговата земја се „алчноста и (политичкиот) кукавичлук“.
Самите климатски промени очигледно е дека не можеме да ги избегнеме, тие се насекаде присутни. Но, да се надеваме дека сеуште имаме време да ги избегнеме најлошите последици од ваквите климатски промени. Во овој момент најнеопходно ни е да имаме доволно мудрост и волја барем да ги запреме штетните последици и да не продолжуваме да се движиме кон пропаст на нашата планета и на нашата цивилизација.