Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на 26. Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара што се одржа во периодот 13-15 март 2023 година во Истанбул. Главната тема на самитот беше да се прекине недовербата, да се гради соработката.
Главни говорници на свеченото отворање на самитот на тема 100 годишнина на турската република беа поранешниот Претседател на Република Македонија проф. д-р Ѓорге Иванов и реномираниот историчар академик и писател проф. д-р Илбер Ортајли. Претседателот Иванов, честитајќи им го на домаќините едновековниот јубилеј на Република Турција со желби за просперитет, мир, успеси и благосостојба, зборуваше за основоположниците на турската република, Мустафа Кемал Ататурк и Али Фети Окјар, родум од некогашна Отоманска Македонија, односно Румелија.

Почитувани присутни, драги домаќини од Фондацијата Мармара,

Ми претставува огромна чест поканата да се обратам на одбележувањето на 100 години од основањето на Република Турција, кое го организира 26-от Евроазиски Економски Самит.

Во една прилика почитуваниот професор Илбер Ортајли ќе напише: Основачите на Републиката се од Балканот, Претседателот Мустафа Кемал Ататурк е роден во Солун, а Премиерот Али Фети Окјар во Прилеп. Јас само ќе додадам, и двајцата се од некогашната Румелија, поточно од Отоманска Македонија.

Кога на луѓето во Македонија ќе им го споменете името Ататурк, меѓу нивните први асоцијации се: Коџаџик, од каде што потекнува неговото семејство и каде денес се наоѓа спомен куќата на неговите претци, Солун каде што е роден и Битола каде што се школувал.

Кога ќе го спомнете Али Фети Окјар, први асоцијации се Прилеп, каде се родил, Битола каде се школувал и Дебрешта, прилепско, каде денес училиштето го носи неговото име.

Познанството и пријателството на Мустафа Кемал Ататурк со Али Фети Окјар започнало уште за време на нивното школување во Askeri Idadisi (од 1894 до 1897 година) во Манастир, денес Битола, и продолжило низ сите години на нивното образование во Битола и Истанбул и траело цел живот, односно до смртта на Мустафа Кемал Ататурк (на 10 ноември 1938 година). Двајцата делеле исти погледи во однос на судбоносните прашања со кои се соочувала Османската империја во тој период. За време на школувањето во Битола и Истанбул, покрај задолжителната литература тие потајно ги читале и се инспирирале од забранетите дела, меѓу кои и делата на француските просветители – Волтер, Монтеские, Русо, Миребо, Робеспјер, турскиот поет Тевфик Фикрет и др.

Мустафа Кемал францускиот јазик го научил во космополитскиот Солун,[1] од неговиот личен учител Али Фети. [2]

Во тајната организација на Младотурците „Единство и напредок“ (“Itihat ve Teraki“), Ататурк и Окјар припаѓале во иста група на личности кои по одделни прашања имале различни сфаќања од оние на тогашните водачи на оваа организација, какви што биле Талат Паша (Talat Paşa), Енвер Паша (Enver Paşa) и Џемал Паша (Cemal Paşa). Али Фети бил составувач на Декларацијата на Младотурската револуција, а еден период бил и генерален секретар на оваа Организација.

Во периодот меѓу 1908 и 1923 година, за време на извршувањето на многу одговорни функции и задачи, Мустафа Кемал бил во постојан контакт и комуникација со Али Фети. Во текот на 1910 годна, додека Али Фети ја вршел мисијата на воен аташе во Париз, одреден период заедно со Ататурк зеле активно учество во битките против Италјаните во Триполи – Либија.

Како резултат на меѓусебната доверба и почит, во 1913 година, односно непосредно по Балканските војни (1912/13) и пред започнуваво на Првата светска војна (1914/18), Али Фети заедно со Мустафа Кемал заминале во Софија – тој како амбасадор, додека Мустафа Кемал како воен аташе. Таму воспоставиле пријателски односи со македонските револуционери кои престојувале во Софија, на пример со делегатот Диме Ачков, историчарот Панчо Дорев, генералот Протугеров, Павел Шатев и други. Мустафа Кемал им давал парична помош на македонските револуционери кои за возврат праќале оружје и храна од Софија за ослободителната војна на турскиот народ против окупационите сили на Антантата.[3]

По враќањето од прогонството, каде бил испратен од страна на Британците, во Малта, Али Фети се вратил во Анкара и се вклучил во завршните воени операции за конечно ослободување на земјата од европските освојувачи. Во текот на 1922 година, Али Фети, во својство на специјален пратенк на Ататурк, неколку месеци бил испратен во Париз, Рим и Лондон во тајна мисија со единствена задача за „купување време“, односно замајување на Французите, Италјаните и посебно Англичаните за нивно неколку месечно непартиципирање во воените операции (на страната на Грците), со што на Ататурк му беше овозможено подготвување за завршните воени операции за дефинитивно ослободување на земата од странските, посебно грчките освојувачи. Ова мисија Али Фетхи во најголема тајност ја извршил со голем успех.

Летото 1930 година претседателот Ататурк на Али Фети, кој бил повеќе од пет години во амбасадорска мисија во Париз – Франција, му доверил мошне одговорна и ризична задача: официјално формирање на прва опозициона Либералната демократска партија (Serbest Cumhuriyet Fırkası). Со формирањето на ова партија во штотуку прокламираната Република Турција се воведува повеќепартиски систем. Меѓутоа овој неуспешен обид (партијата поради различни притисоци и нетрпеливост од страна на власта, по 99 дена е укината од Али Фети) бил причина за извесно заладување на односите и пријателството на Али Фети со претседателот Ататурк. По три години од заладувањето на нивните односи, во 1934 година, на предлог на Мустафа Кемал Ататурк, Али Фети бил назначен за амбасадор на Република Турција во Лондон.

Болеста на Ататурк била причина за честите и долги отсуства на Али Фети од Лондон. Неколку месеци по смртта на Ататурк на 10 ноември 1938 година, Али Фети се вратил во Турција, при што активно го продолжил политичкиот живот како пратеник и член на тогашната Влада како министер за правда. Починал во својот дом во Нишанташи, Истанбул на 7 мај 1943 година и бил погребан на гробиштата Зинџирликују Асри.

Пријателството и мошне интензивната соработка меѓу двајцата Румелијци траела цели 44 години. Али Фети бил еден од најдоверливите и најблиски пријатели и соработници на Мустафа Кемал Ататурк.  Од страна на Ататурк Али Фети бил наречен „маж на големите денови“ – „маж на тешките денови“. Презимето ОКЈАР  што значи „умствен пријател“/сомислител, му го доделил лично Кемал Ататурк, во 1935 година, согласно новоусвоениот Закон за презимињата.[4]

Врската меѓу Мустафа Кемал, Али Фети и Македонија не е само географска. Македонија не е само местото каде што биле родени, туку просторот каде што се формирал нивниот светоглед, нивниот карактер и нивните сфаќања. Ататурк и Окјар во Македонија најнепосредно учеле колку е важен соживотот, ги учеле македонските вредности, како што е прифаќањето и почитувањето на другите, затоа и двајцата многу добро го зборувале македонскиот јазик.

Размислувајќи за иднината на Империјата и судбината на народите кои тогаш сè уште се наоѓале под османлиска власт, Ататурк изјавил: „На териториите кои ќе останат надвор од границите на турската држава, меѓу кои се наоѓаат Македонија и Албанија, прво да им се даде автономија, а подоцна и целосна независност“. Таа негова визија вистински се остварила дури на 8 септември 1991 година кога македонските граѓани на референдум донесоа мудра одлука за независна, суверена и самостојна Република Македонија.

Ататурк во Македонија ја запознал својата прва љубов, убавата Елени Каринте, која е опеана во една од најубавите песни во македонскиот фолклор која и ден-денес со задоволство ја слушаме. Во Македонија е и неговиот последен мерак – Вардар.

Ататурк и Окјар не студирале на високите училишта во Париз, Лондон или Виена, туку во Македонија ги примиле напредните европски идеали. Тие не ги учеле западните идеи надвор од контекстот и просторот каде требало да се применат. Тие не сакале проста мимикрија на вредностите, туку нивна суштинска и систематска примена во сите општествени и политички сфери.

Подоцна, она што го научиле во Македонија, во Солун, Прилеп и во Битола, го примениле во Турција. Затоа, изворот на нивниот модел за темелни реформи е во Битола, кој во времето на нивниот престој беше гордиот град на конзулите во кој интелигенцијата, но и пошироката популација беше изложена на западните, европските вредности. Битола беше прозорец кон Европа, простор од каде влегуваат напредните идеи во Империјата.

Токму во Битола, ориенталните вредности, симболично наречени „A la turka“ биле потиснувани од европската мода, култура и идеи. Можеби во Битола се родила и идејата за замена на фесот со цилиндерот и на арапското писмо со латинската азбука.

Но, верувам дека влијанието на Битола и Македонија ги надминувало чисто стилските елементи. Едноставно, „A la franga“ не значеше само начин на облекување, однесување и зборување. A la franga, пред сè, подразбираше прифаќање на идеите, па и идеалите од просветителството, а кои во Македонија и во Османлиската Империја навлегуваа преку творештвото на западните мислители и филозофи. Прозорецот низ кој влегуваа тие идеи беше Битола.

Сигурно сите вие сте ја чуле поговорката „Кажи ми што читаш и ќе ти кажам кој си“. На тоа Франсоа Мориак, пак, додаде: „Ќе те запознам подобро ако ми кажеш кои книги ги препрочитуваш“.

Историјата сведочи дека многу големи луѓе станале големи поради идеите кои ги црпеле од книгите. Знаеме дека Александар III Македонски постојано ја читал Хомеровата „Илијада“ и дека токму во јунакот Ахил ја наоѓал инспирацијата за своите многубројни подвизи. Омилената книга на Кристофер Колумбо му биле мемоарите на Марко Поло каде ги опишува чудесните патешествија, додека една од книгите кои влијаеле врз Томас Џеферсон била библијата на либерализмот – „Двете расправи за владата“ од Џон Лок.

Иако војници, Мустафа Кемал и Али Фети не се ограничувале на проучување на воената историја, на Молтке и походите на Наполеон. Знаеме дека уште во Солун, заедно ја проучувале сета забранета литература што можеле да ја најдат: Волтер, Русо, Ле Бон, но и англиските теоретичари Томас Хобс и Џон Стујарт Мил.[5]

Не можам да тврдам дека Шарл де Монтескје му бил омилениот автор на Мустафа Кемал Ататурк, но знам дека еден примерок од неговата книга „Големината и пропаста на Римјаните“ се наоѓа и во неговата приватна библиотека.[6]  Верувам дека токму во ова дело можеме да препознаеме дел од изворот на Кемаловите идеи, политички погледи и реформаторски потфати.

Ататурк беше најпрво сведок, а подоцна и главен индивидуален учесник во историската драма која значеше крај на Османлиското Царство. Тој многу добро ги знаеше недостатоците и опасностите на една неодржлива империја. Веројатно следните зборови на Монтескје биле само потврда на неговите непосредни искуства и согледувања:

Големината на државата доведе до големина на приватните богатства. Но, како што вистинската вредност се состои во однесувањето, а не богатството, така богатството на Римјаните, кое не познаваше граници, создаде неограничен луксуз и излишност во животот. Оние кои прво беа корумпирани од нивното богатство, подоцна беа корумпирани од нивната сиромаштија.“ [7]

Ататурк немал за цел да создаде кохерентна политичка теорија, ниту пак бил посветен следбеник на некоја филозофска или идеолошка школа.[8] Но, тој бил прагматичен мислител.

Ататурковата мисла која ја содржи суштината и срцевината на неговите идеи и размислувања, претставува рационален поглед кон светот, селектиран од догматски елементи. Со неговиот синкретички пристап тој ја искристализирал рамката на она што подоцна стана познато како Кемализам, втемелен врз шест принципи: републиканизам, национализам, популизам, револуционаризам, секуларизам и етатизам. [9]

Овој современ поглед што го прифаќа водството на умот и науката пред проблемите коишто произлегуваат од вистините на земјата, е поглед кој постојано го насочил и ќе го насочува турскиот народ кон иднината.

Веројатно воден од Монтескје,[10] уште во 1907 година, Ататурк верувал дека Османлиската Империја треба да ги промени своите граници, и да се повлече на тоа што тој сметал дека се етнички граници на турскиот народ, и со тоа да се формира турската национална држава.[11] Како што напиша и еден од неговите современици биографи, големината на Мустафа Кемал лежеше во неговото познавање на ограничувањата, свои и на својата земја.[12]

При тоа неговото уверување беше дека, ако Османлиската Империја сама ги промени своите граници, тоа ќе го стори во своја и во ползата на турскиот народ. И, спротивно на тоа, доколку границите ги променат европските сили и соседните балкански држави, тоа ќе го направат на штета на Османлиската Империја и турскиот народ.

Иако не бил оптимист во однос на одржливоста на една голема империја, сепак, Ататурк немал аверзија кон големите народи и држави, под претпоставка дека станува збор за културна и духовна големина. Затоа, и самиот рекол: „Ако еден народ е голем, откако ќе се запознае себеси ќе стане уште поголем“.

Републиканизам и етатизам

Ататурк ги идеализирал принципите на Француската револуција од 1789 година и идеите на републиканизмот.[13] Бил воодушевен од ставовите на Жан Жак Русо дека секоја легитимна власт е републиканска: „Затоа, за ’Република‘ ја сметам секоја држава во која владеат законите, независно од формата на нејзината администрација: само во таков случај владее јавниот интерес, и res publica е реалност. Секоја легитимна власт е републиканска“.[14]

Расправајќи за поредокот на државата, Монтескје на едно место вели:

Најсреќни се републиките, во кои нема место за наследно владеење, бидејќи луѓето чувствуваат помала завист кон авторитетите кои самите ги поставуваат и кои во секој момент можат да ги отповикаат“.

Ваквиот чист републиканизам ќе најде свое место и во новата турска република која го наследи пропаднатото Османлиско Царство. Ова е драматичен прекин со султанатот, но и со наследната османлиска аристократија составена од аги, бегови, паши, а која со текот на времето стана декадентна во своите барања и очекувања, непослушна кон централната власт и мошне агресивна кон потчинетите народи во империјата.

Тука доаѓаме до клучното прашање: Што ѝ е потребно на републиката за да биде одржлива? Како Ататурк ги применува идеите од Монтескје во модерна Турција?

Пред сè, нова престолнина. Моќната и витална Римска Република пред големите експанзии и освојувања, пред изградбата на Константинопол и поделбата на царството, се поистоветуваше само со градот Рим. Така, и Турската Република требаше да ја прекине врската со вториот Рим и да се поистовети со новиот главен град Анкара.[15] Со други зборови, Ататурк сакаше новата држава да има и нова престолнина, со цел државата да се поистовети со престолнината и целосно да ги прекине врските со стариот режим.[16]

Понатаму, воведување на стандардизиран турски јазик со едно писмо според западни вредности – латинското. Откако самиот го совладал новиот систем на пишување, Ататурк организирал предавања низ целата земја, каде како учител со креда во раката на табла ги испишувал новите букви на турската азбука и ги охрабрувал и другите да го прават истото.[17] И тоа поради две причини – раскин со претходниот поредок кој преку арапското писмо бил врзан со арапските земји и поблиско поврзување со западниот свет.

Трето – силна, централизирана и секуларна армија. Како студент на Кралската воена академија, Мустафа Кемал бил изложен на идеите на германскиот воен теоретичар Колмар фон Голц, кој се залагал за силна улога на војската, и дека целта на офицерите е да ја трансформираат државата во вооружена нација.[18] Самиот Ататурк бил учесник во Италијанско-турската војна од 1911 до 1912 година, во која Турција ги изгубила провинциите: Триполитанија, Фезан и Киренаика. Бил сведок и на поразот на Турција во Првата балканска војна од 1912 година, како и на поразот во Првата светска војна.

Како сведок на времето во кое „болниот од Босфорот“ едноподруго претрпува воени порази и територијални повлекувања, Ататурк сфаќа дека дел од проблемот лежи во самата армија.[19] Можеби поучен токму од оваа лекција, Ататурк во центарот на државата ја стави добро обучената и крајно дисциплинираната армија.

Четврто, укинување на султанатот и калифатот како услов за вистински суверена и секуларна република. Укинување на шериетот и воведување нови закони. Бидејќи е голема разликата меѓу добрите закони и соодветните закони, меѓу оние создадени да ѝ овозможат на државата да стане империја и оние кои се адаптирани да ја одржат империјата.

Суверенитет и секуларизам

Дојдовме до еден клучен термин – суверенитет. Воден од идеалите на Француската револуција, Ататурк сметал дека со Конгресот во Сивас, турскиот народ повторно во своите раце го зел суверенитетот. Тој верувал дека единствениот начин на кој Турција ќе стане модерна нација е преку политички систем во кој нема да има поделба, туку единство на моќта, концентрирана во еден единствен авторитет што ќе го отсликува народниот суверенитет. Затоа, Големото национално собрание се јавило како тело што ги контролира законодавната, извршната и судската власт. Како избран претседател на Големото собрание, Ататурк се стекнал со огромна моќ неопходна за да ги направи суштинските реформи во земјата. Но, што е суверенитетот?

За да продолжиме треба да го оставиме Монтескје и да се вратиме век и половина наназад, во 1576 година кога од печат излезе делото „Шест книги за Републиката“ од францускиот правник и филозоф Жан Боден.[20]

Не знаеме дали Мустафа Кемал некогаш ја прочитал Боденовата „Република“, но знаеме дека во практика го применил неговиот модел на секуларна држава, во која световното и религиското се одвоени.[21]

И токму тука настапува Боден со своите укажувања, кој во суверенитетот го препознава основниот мотив и крајната цел на европските држави. И токму затоа, Боден суверенитетот го дефинира како: „апсолутна и постојана моќ на Републиката“. Во својата аргументација за суверенитетот, тој се противи на авторитетот или власта на папите врз европските цареви, кралеви и принцови, и се залага за силна централна контрола и власт во државите. Неговиот модел на суверена, централизирана и секуларна апсолутна држава набргу потоа стана правило, наместо исклучок. Токму врз тој модел се воспостави Вестфалскиот мир од 1648 година кој ја стави суверената држава во центарот на европскиот поредок, лишувајќи го Папата од суштинска политичка власт.

Подоцна, Мустафа Кемал Ататурк ќе го примени истиот модел, најпрво со раздвојување на султанатот и калифатот, а потоа и со укинувањето на султанатот и калифатот.[22] Но, пред да го направи тоа, тој го лиши калифатот од неговата политичката моќ.

На 1 ноември 1922 година Големото народно собрание го укина султанатот, а на 29 октомври 1923 година ја прогласи Република Турција.[23] Последниот султан Вадетин, познат и како Мехмед VI замина во прогонство, а неговиот прв братучед Абдул Меџит беше прогласен за Калиф на сите верни. [24]

Укинувањето на султанатот не значеше крај на два паралелни система, две влади. На една страна е политичкиот систем и секуларната влада на новата република, а на друга страна опстојува исламската влада на чело со калифот Абдул Меџит II.

Иако калифот писмено се обврзал дека ќе стои настрана од политичките прашања, Ататурк бил загрижен поради аспирациите на калифот под своја власт да го стави суверенитетот. Знаеме дека Калифот имал сопствен трезор, како и сопствени служби кои вклучувале и воен персонал, нешто за што Ататурк сметал дека нема ниту религиска, а уште помалку политичка оправданост. Кон ова придонеле и неговите искуства за време на Народноослободителната борба и фатвата што била фрлена против него и неговите следбеници.[25] Воедно, калифот можел да продолжи по стапките на султаните во однос на внатрешната и надворешната политика, т.е. да прима и да одговара на странски претставници, да учествува на официјални церемонии и прослави, одржувајќи го со тоа, барем формално, двојниот систем кој спречува вистинска сувереност.

Поради овие причини, Кемал Ататурк повел иницијатива за преземање на надлежностите на калифатот од страна на Големото народно собрание. Токму таму, на 1 март 1924 година, Ататурк изјави: „Исламот ќе биде воздигнат само ако престане да биде политички инструмент“.

Ататурк бил цврсто уверен во исправноста на Русо дека суверенитетот е неподелив и неотуѓив. Потенцирајќи дека калифатот е неспоив со републиканските принципи и со народниот суверенитет, тој побарал негово укинување.[26]

Во говорот на 3 март 1924 година, Ататурк рекол: „Републиката мора да има добри темели и да биде добро изведена, научна градба… Државата и религијата мора да бидат разделени. Републиката конечно мора да стане световна држава“.[27] Истиот ден, калифатот е и официјално укинат, со што се отвори патот за целосно одвојување на државните од религиските работи, од образованието, преку азбуката, па сè до формирањето на департманот за верски прашања, како еден од стожерите на секуларизмот во новата турска република.

 

Со тоа, Ататурк започна да го формира секуларниот карактер на републиканскиот режим. Со цел да го замени шеријатскиот закон, повика експерти од Европа и ги прифати речиси во целост германскиот трговски, италијанскиот казнен и швајцарскиот граѓански законик. Тие ја променија целокупната правна структура. До 1930 година, религијата е целосно отстранета од севкупниот правен систем. Седум години подоцна, секуларизмот е цврство вграден во уставот како централен столб на републиката.[28]

Но, Ататурк не запрел со укинувањето на султанатот и калифатот. Неговите идеи се протегаа и на полето на еманципацијата на жената. Во една прилика Ататурк го рекол следново: „Ќе постои потполна еднаквост. Ќе ги има сите права што ги има и мажот. Нашата жена има право на сопствена слобода и тоа право го има заслужено. Не е можно половината од една нација да остане без социјалниот живот“. Со воведувањето на принципите на швајцарскиот законик, тој го револуционизираше статусот на семејството и правото на сопственост и радикално ја унапреди позицијата на жената. Наместо сопственост на својот маж, жената стана личност и слободен граѓанин.[29]

Длабоките реформи продолжија со ослободување од некои од вкоренетите традиции. Носејќи ги со себе спомените од Битола, од конзулите, Ататурк се вдаде во поход за исфрлање на фесот од употреба, најпрво во администрацијата, а подоцна и во целото општество. Шетајќи со својата прочуена панамска шапка, тој насекаде покажуваше дека и надворешниот изглед е дел од процесот на реформа и прифаќањето на западните вредности.[30]

ЗАКЛУЧОК

Она што Боден го заговараше за политичкиот систем на Европа, тоа три и пол века подоцна Ататурк го правеше за новата турска република – постигнување суверенитет преку одвојување на световната од верската власт, но и преку укинување на верската власт.

Тој го испокина целото политичко ткиво, ја претвори монархијата во република, ја сведе империјата на една територија, ја претвори религиозната држава во световна република, го собори султанот, го протера калифот и ги отфрли сите врски со Отоманската Империја. Тој направи една од најголемите културни, политички и социо-економски трансформации во современата доба. Така е родена Турција, како национална секуларна држава.

И каде е тука Македонија? Македонија беше прозорецот низ кој Ататурк се запозна со овие вредности, тоа беше просторот каде што се калеше неговиот карактер, каде се градеше неговиот поглед, каде созреваа идеите од кои подоцна никна Република Турција.

Којзнае, можеби се сеќавал на Македонија, кога ја изговорил својата позната мисла: „Мир во земјата, мир во светот“. Впрочем, Македонија отсекогаш давала големи синови и ќерки. Еден од нив е, секако, Ататурк.

 

 

 

 


Библиографија

Armstrong, H. C. Grey Wolf: Mustafa Kemal – An Intimate Study of a Dictator.
Bodin, Jean, Six Books of the Commonwealth (Les Six livres de la République), Book 1, URL: <http://www.constitution.org/bodin/bodin_1.htm?PageSpeed=noscript>.
Dumont, Paul. “The Origins of Kemalist Ideology”. In Lindau, Jacob M. (ed). Ataturk and the Modernization of Turkey. Westview Press, Inc.1984.
Gawrych, George W. The Young Ataturk: From Ottoman Soldier to Statesman of Turkey. I.B.Taurus. London, New York. 2013.
Mango, Andrew “Ataturk”, in Kasaba, Resat (ed.) The Cambridge History of Turkey, Volume 4: Turkey in the Modern World, Cambridge University Press, 2008
Montesquieu, Considerations on the Causes of the Greatness of the Romans and their Decline, 1734
  1. Şükrü Hanioğlu, Ataturk: An Intellectual Biography, Princeton University Press, Princeton, 2011
Mustafa Kemal Atatürk’ün okuduğu bilinen kitaplar listesi. p. 100 URL: <https://archive.org/details/AtaturkOkuduguKitapListe>.
Rousseau, Jean Jacques. Тhe Social Contract or Principles of Political Right. Book II. Chapter VI. Law,
Tongas, Gerard. Ataturk and the True Nature of Modern Turkey. Luzac & Co. London. 1939.
The Cambridge History of Turkey, Volume 4: Turkey in the Modern World
Zurcher, Erik J. Turkey – A Modern History, I.B.Taurus. 2004. p. 166-168

Белешки

[1] Mango, Andrew “Ataturk”, in Kasaba, Resat (ed.) The Cambridge History of Turkey, Volume 4: Turkey in the Modern World, Cambridge University Press, 2008
[2] Armstrong, H. C. Grey Wolf: Mustafa Kemal – An Intimate Study of a Dictator. Chapter 3.
[3] Џенгиз Хаков, Историја на Современа Турција, Институт за национална историја, Скопје, 2010, стр.134.
[4] Повеќе детали за животот на Али Фети Окјар во Македонија има објавено дипломатот Салим Кадри Ќерими, https://salimsblog.wordpress.com
[5] Armstrong. Chapter 3.
[6] Mustafa Kemal Atatürk’ün okuduğu bilinen kitaplar listesi. p. 100 URL: <https://archive.org/details/AtaturkOkuduguKitapListe>.
[7] Montesquieu, Considerations on the Causes of the Greatness of the Romans and their Decline, 1734, p. 199
[8] M. Şükrü Hanioğlu, Ataturk: An Intellectual Biography, Princeton University Press, Princeton, 2011
[9] Dumont, Paul. “The Origins of Kemalist Ideology”. In Lindau, Jacob M. (ed). Ataturk and the Modernization of Turkey. Westview Press, Inc.1984.
[10][10] „Сè додека доминацијата на Рим беше ограничена на Италија, републиката можеше лесно да се одржува себеси. Секој војник беше истовремено и граѓанин. Секој од конзулите одржуваше армија. А другите граѓани, од своја страна, одеа во војна доколку за тоа имаше потреба. Бидејќи бројот на трупите не беше преголем, биле примани само оние мажи кои поседувале доволно имот што било неопходно за одржувањето на градот да биде во нивен интерес… Но, кога оружјето на републиката се протегна и надвор од Алпите и преку морето, војниците кои биле оставани во покорените земји, со текот на времето го изгубија духот на римски граѓани. А генералите, кои раководеле со армии и кралства, чувствувајќи таква моќ, повеќе не беа послушни Montesquieu, Op. cit. 180-181
[11] M. Şükrü Hanioğlu.
[12] Armstrong. Chapter 51.
[13] M. Şükrü Hanioğlu
[14] Rousseau, Jean Jacques. Тhe Social Contract or Principles of Political Right. Book II. Chapter VI. Law,
[15] Tongas, Gerard. Ataturk and the True Nature of Modern Turkey. Luzac & Co. London. 1939. p. 28-30
[16] The Cambridge History of Turkey, Volume 4: Turkey in the Modern World
[17] Armstrong
[18] Следните зборови на Монтескје, секако, му звучеле познато на Ататурк:
Тогаш легионерите почнаа да ги признаваат само своите генерали, а на градот да гледаат од дистанца. Тие престанаа да бидат војници на Републиката, и се претворија во војници на Мариус, Сила, Помпеј и Цезар. Рим повеќе не можеше да знае дали оној кој е на чело на армијата во одредена провинција е нејзин генерал или нејзин непријател… На крајот, Римјаните ја изгубија воената дисциплина, па дури ги исфрлија од употреба нивните вистински оружја… Императорот Гратиан им дозволил на војниците да не ги носат тешките оклопни корсети, а потоа и шлемовите. На тој начин, изложени и без заштита од нападите на непријателот, тие размислувале само за бегство.“
[19][19] M. Şükrü Hanioğlu
[20] Bodin, Jean, Six Books of the Commonwealth (Les Six livres de la République), Book 1, URL: <http://www.constitution.org/bodin/bodin_1.htm?PageSpeed=noscript>.
[21] Би сакал накратко да објаснам за што станува збор.
Живеејќи во турбулентно време на протестантската реформација, Жан Боден ги уочи клучните проблеми на тогашниот европски политички поредок. Една од причините за кризата на европскиот феудален систем била сè поголемата нејасност во поглед на тоа кој со кого владее, односно кој кому е потчинет. Во центарот на големата воена, политичка, но и интелектуална борба било прашањето кому припаѓа апсолутната власт, дали на државата или на црквата, дали на царот или на папата.
Боден ги забележува тврдењата дека сите миропомазани кралеви биле вазали на Папата или, пак, дека Папата е чувар на сите кралеви неспособни да ги извршуваат своите функции. Папите сметале дека полагаат право да им даваат легитимитет на сите принцови. А некои оделе до таму што си припишувале судска власт врз императорот и сите кралеви и принцови, со исклучок на кралот на Франција. Папата Гелазиус дури тврдел дека има право да ги лишува кралевите од власта, дека ниту еден принц немал право да владее без негова дозвола. Папата давал привилегии, помилувања и имунитет на поданиците, без разлика на законите и правилата на државата. Сè на сè, поборниците на папската власт сметале дека „папите можеле да ги стават настрана законите на сите принцови воопшто“.
[22] M. Şükrü Hanioğlu.
[23] Zurcher, Erik J. Turkey – A Modern History, I.B.Taurus. 2004. p. 166-168
[24] The Cambridge History of Turkey, Volume 4: Turkey in the Modern World. p. 141
[25] Zurcher, op. cit. 125
[26] M. Şükrü Hanioğlu
[27] Armstrong. Chapter 51
[28] M. Şükrü Hanioğlu
[29] Mango, Andrew
[30] M. Şükrü Hanioğlu