За да дадеме одговор на ваквото прашање, ќе мора да се вратиме назад во 20-ти век и да ги согледаме најдоминантните теории и доктрини во економијата и нејзините последици.
Според многумина, највлијателен економист на втората половина на 20-ти век е Милтон Фридман. Неговото учење е продолжување на класичната економска школа и се нарекува монетаризам или квантитативна теорија за парите. Оваа Фридманова доктрина смета дека максимилизацијата на профитот е основна и единствена обврска на компаниите и дека тие никако не можат да бидат морален ентитет, затоа што само на човечките суштества може да им се припише морална одговорност. Наједноставно кажано, според Фридман „само парите се важни“.
Последиците од оваа доктрина најмногу дојдоа до израз во последната деценија на 20-тиот век и првата деценија на 21-иот век. Како школски пример во многу учебници се наведува случајот „Енрон“.
Енрон беше американска компанија која тргуваше со енергенси и за 2000 година имаше пријавено заработка од преку 100 милијарди долари. Кога идната година Енрон банкротира, целиот финансиски свет беше шокиран. Вработените останаа без своите работни места и пензии, некои од инвеститорите ја изгубија севкупната животна заштеда. Случајот Енрон остана забележен како најголемо банкротство во историјата на САД. Главниот директор подоцна беше осуден поради нечесниот начин на кој е вршена пресметката на компанијата, но и за обидите да се прикријат стотини милиони долари во финансиските обврски на компанијата. По Енрон следеше WorldCom, една од највлијателните телекомуникациски фирми во светот. Директорите на оваа корпорација лажно ја зголемиле вредноста на компанијата за дури 11 милијарди долари. Италијанската компанија Пармалат со сокриен долг од преку 14 милијарди евра стана најголем банкрот во ЕУ. Следуваа серија слични скандали и афери.
Многумина автори кон крајот на 20-тиот век укажуваа дека насекаде во светската економија постојат огромни злоупотреби.
За волја на вистината би требало да се каже дека кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, за време на таканаречениот „предаторски капитализам“, била речиси иста ситуацијата. Тогаш, на сличен начин се правеле огромни профити и, затоа, дел од најбогатите луѓе во Америка биле нарекувани барони разбојници. Тоа најсликовито е објаснето од Марк Твен кога во една прилика го прашале како може човек да се збогати, неговиот одговор бил: „Чесно ако се мора, нечесно ако се може“.
Последиците од спомнатите скандали биле огромни штети за компаниите, губење на работните места, потреси на берзите, сомневање во работењето на другите компании, огромни штети кај оние кои поседувале акции од спомнатите компании и огромен пораст на недоверба во современите принципи на бизнисот. Значи, не станува збор за директната штета за одделни компании, туку за штета која ѝ е нанесена на севкупната светска економија, затоа што за време на глобализацијата економијата функционира според принципот на „споени садови“, а негативните и несреќни случаи, скандали, предизвикуваат „домино ефект“ на планетарно ниво. Настанува нарушување на „имиџот“ на светската економија, ерозија на довербата во бизнисот и социјалниот капитал, кои претставуваат суштествени елементи на глобалната економија.
Сите овие скандали во корпоративниот свет ја доведоа во прашање „еуфоријата за широката дерегулација“ како во банкарството, пазарот на енергенси, така и во многу други области. По современата светска финансиска криза и американската хипотекарна криза од 2008 година, се доведуваат во прашање и досегашните начини на комбинирање на клучните регулаторни механизми во економијата. Тоа особено доаѓа до израз при соочувањето со негативните ефекти од глобализацијата, меѓународниот тероризам, еколошките проблеми, масовните илегални миграции, порастот на сиромаштијата и гладот, слабото функционирање на меѓународните финансиски пазари. Кон сево ова треба да се додаде и сѐ што произлезе и допрва ќе произлегува од пандемијата на Ковид-19.
Во овој контекст, прашањето за управувањето, но и прашањето за вредносниот и менталниот склоп на оние кои управуваат излегува на површина. Токму затоа, дебатата за бизнис етиката добива сѐ позначајно место, како во компаниите, така и во академските институции кои ги образуваат деловните луѓе.
Прашањето за односот меѓу бизнисот и етиката може да се постави и како дилема за тоа дали богатството неизбежно подразбира и сомнеж, недоверба и завист кон неговото потекло, начинот на кое е стекнато и акумулирано. Се подоминантно станува мислењето дека бизнисот без морални критериуми не може да даде трајни, стабилни и значајни бизнис резултати, ниту пак може некоја заедница да ја направи среќна и просперитетна. Затоа, се зборува за потребата од воведување на етички кодекс во принципите на бизнисот, работењето и раководењето во сите компании. Најновите истражувања во оваа област покажуваат дека отсуството на етичките норми во бизнисот доведува до огромни штети, како на компаниите, така и на севкупната светска економија. Затоа, и на бизнис етиката ѝ се посветува сѐ поголемо внимание, како во истражувањата, така и во едукацијата.
Бизнис етиката е подрачје кое се развива незапирливо. Меѓу првите кои ја прифатија беа мултинационалните компании, банкарскиот сектор, фабриките при излегување на берзи, компаниите кои се добавувачи и партнери на компаниите со имплементирани програми за усогласување, услужниот сектор, а сега на ред е и државниот сектор. За воведување на бизнис етика на компаниите им е потребно многу труд и време, додека резултатите се видливи дури за неколку години. За да можат компаниите да изградат своја организациска култура, неопходни се етички вредности.
Бизнис етиката бара лидери и менаџери кои имаат своја цел, свои вредности и свој интегритет. Лидери кои градат долготрајно одржливи организации, ги мотивираат своите вработени за да им даваат врвни услуги на потрошувачите и создаваат долгорочна вредност за акционерите. Почитувањето на бизнис етиката обезбедува на долг рок, позитивни резултати, намалени непотребни трошоци и штети, создава добра бизнис клима, го поттикнува претприемништвото и ја зголемува довербата во компаниите, во вработените, во институциите, во бизнис субјектите.
Затоа, бизнис етиката во бизнис школите се изучува како збир на лични и колективни морални постапки кои се користат во текот на сите облици на бизнис активностите и со нив се одредуваат границите до кои може да се оди. Одредувањето на тие граници е неопходно за бизнис активностите, постапките и одлуките да не предизвикуваат неповолни односи внатре во компаниите и во нивното опкружување. Границите се секогаш во рамките на законските норми и правила; во рамките на добрите бизнис односи и навики во економскиот и социјалниот простор; во рамките на личните позиции и состојби во однос на другите со кои се доаѓа во бизнис и човечки контакт.
Заедничкиот живот, меѓусебната зависност на луѓето доведува до низа социјални процеси кои ја одредуваат содржината, обликот и начинот на дејствувањето на поединците и групите во бизнисот. Компаниите во денешниве околности на пандемијата од Ковид-19 имаат одговорност не само за својот опстанок, туку мораат да дејствуваат и во согласност со општествените и социјалните околности и барања предизвикани од пандемијата. Пред компаниите се поставуваат барања за општествено одговорно однесување, кое е засновано врз темелните етички принципи. Тие етички принципи треба да бидат вградени во секоја компанија преку етичките стандарди на самите компании кои се манифестираат преку етичките кодекси, етичките одбори, тренинзи и обуки и со самото тоа стануваат составен дел на организационата структура. Вработените, иако претходно веќе имаат развиен систем на сопствени етички стандарди, треба да ги прифатат етичките стандарди на компанијата и да работат во согласност со етичкото работење на компанијата.
Бизнис школите во своите програми посветуваат особено внимание и на Општествената одговорност на компаниите. Тоа е неопходно во денешно време затоа што општествено одговорните компании се препознатливи во нивното опкружување. Тие со самото свое етичко однесување привлекуваат нови вработени, ги мотивираат и задржуваат веќе постојните вработени, овозможуваат долгорочна конкурентска предност и создаваат претстава за компанијата како субјект со достоинство, чест, углед и должна почит од средината каде дејствуваат и работат, затоа што придонесуваат за просперитет и успех на заедницата на која ѝ припаѓаат.
За разлика од компаниите со општествена одговорност со изграден концепт за бизнис етика, постојат компании во кои тоа недостасува и во кои со тек на време се акумулираат етички пропусти и неетичност во работењето, како од страна на вработените, така и од страна на раководството и членовите на органите со управувачки и надзорни ингеренции. Таквите тенденции најчесто се и една од причините за пропаѓање и рушење на многу компании. За да не се случи такво нешто, неопходна е превенцијата на неетичкото инвестирање. Превенцијата е првиот и најважен чекор во сузбивањето на неетички заснованата практика. Таа може да биде интерната и екстерната превенција. Најчесто наликува на она што сега го нарекуваме превентивна медицина.
Може да се заклучи дека бизнис етиката станува сѐ повеќе неизбежен човечки, но и бизнис квалитет. Речиси постои согласност дека доброто бизнис однесување има огромно влијание врз самиот бизнис и тоа поради еден факт – луѓето бараат да соработуваат со оние кои им се допаѓаат, кои се љубезни, кои знаат како да воспостават контакт, кои ја прифаќаат индивидуалноста на другите и кои во комуникацијата се придржуваат до одредени општоприфатени пишани и непишани правила.
Бизнис етиката всушност е збир на тие пишани и непишани правила. Збир на вредности како што се искреност, правичност, отвореност, искреност во бизнисот. Накратко, тоа е начинот на кој некоја компанија го води бизнисот. Дали своите вработени ги третира со благодарност, почитувајќи ја нивната личност и достоинство? Дали на добавувачите им се исплаќаат парите во договореното време? Дали постои отвореност кон локалната заедница и преземање на одговорност за сопствените одлуки и постапки?
Бизнис однесувањето е исто така збир на општоприфатени правила, постапки и процедури кои се сметаат за неопходни или прифатливи во меѓусебното однесување на бизнисмените, без оглед на нивната позиција, титула или професија. Применувањето на етиката бара од секој поединец почитување на високо ниво на лојалност кон општеството, семејството, работната средина, професијата, компанијата…
Бизнис училиштата денес се исправени пред голем предизвик. На идните бизнисмени, менаџери, лидери треба да им се даде одговор на основното прашање: како во нашиот денешен свет во кој сѐ се релативизира, а моралот е доведен до апсурд, да се остане чесен и да се биде успешен.