Почитувани учесници на Евроазиски економски самит,
На почетокот би сакал да ги поздравам домаќините и организаторите на овој самит, фондацијата Мармара и посебно нејзиниот претседател д-р Акан Сувер, кои успееја и во вакви услови на глобална пандемија да го организираат по 23-ти пат Евроазискиот економски самит.

За разлика од сите мои досегашни учества, кога се обраќав како претседател на држава, овој пат би се произнел по денешната тема, пред се, од академски аспект. Односно, од аспект на политичката наука и политичката филозофија да го искажам мојот личен став.

Прво и основно е дека најголем губитник од пандемијата, предизвикана од Ковид-19, на планетарно ниво е демократијата. Тоа го потврдува и последниот извештај на Фридом хаус објавен пред неколку дена. Во него се наведува дека кризата на демократијата, која во последните 14 години почна да се продлабочува, поради пандемијата ќе продолжи да се влошува. Условите за демократија се влошени во 80 земји од светот.

Тоа најмногу се однесува на злоупотребата на власта, заштитата на ранливите групи, транспарентноста во борбата против корупцијата, слободата на медиумите и изразувањето и на кредибилните избори.

Од аспект на демократијата значи панденијата нема да предизвика „нова реалност“, затоа што се ќе остане исто, но многу полошо од она што беше претходно. Демократијата ќе продолжи да се влошува а недемократските тенденции ќе се зголемуваат, затоа што многу од владите во светот нема да се откажат од многу, пред се авторитарни, надлежности и мерки за контрола, надзор и дисциплинирање на населението, кои ги стекнуваат за време на пандемијата.

Од аспект на економијата, веќе ви се познати ставовите од Светскиот економски форум во Давос. Светот се наоѓа на историска раскрсница. Ако се продолжи со досегашната поларизација, со се побројни конфликти и проблеми, тоа ќе го одведе човештвото во состојба на перманентна глобална криза. Во најлош случај се движиме кон хаос.

За време на стопиран економски раст, несфатливо е колку малку луѓе разбираат во каква криза е човештвото. Доколку во следните неколку децении не се средиме, ќе им оставиме на нашите деца и внуци застрашувачка иднина, ќе заклучи Клаус Шваб, оснивачот на Светскиот економски форум во Давос.

За иднината на светскиот поредок се произнесе Хенри Кисинџер во авторскиот текст објавен на 3 април 2020, во Вол Стрит Џурнал “Пандемијата на Коронавирус засекогаш ќе го смени светскиот поредок”. Според него, коронавирусот предизвика колапс на светската економија, односно глобализацијата. Кисинџер бара да се заштитат принципите на светскиот либерален поредок, истакнувајќи дека САД треба да инсистираат на безбедност, ред, економска благосостојба и правда… Демократиите во светот треба да ги бранат и да ги одржуваат своите просветителски вредности.

Кога секој од нас ќе се соочи со вакви оценки и официјални ставови на релевантни личности и институции, логично е да се запраша: зарем се е толку црно, мрачно, бесперспективно и песимистично. Зарем не постои некој зрак на надеж и оптимизам за нашата сегашност и иднина.

Доколку севкупнава состојба со пандемијава предизвикана од ковид-19 ја согледаме од филозофски аспект, особено од аспект на политичката филозофија, ќе се соочиме со еден парадокс. Парадокс кој ни дава сосем поинаква претстава за состојбите во светот во 2020 година, спротивен на се она што досега е кажано и презентирано од политичарите, медиумите, невладините и хуманитарните организации, според кои ковид-19 е виновен за сѐ и е причина за сите неволји што не снајдоа.

Парадоксот се состои во тоа што ковид-19 е нешто најдобро што можело да му се случи на човештвото во овој момент. Ковид-19 е просветлување и освестување, речиси последното предупредување од страна на природата и планетата Земја, дека ако продолжиме со досегашниот начин на работа и живот одиме во бездна, односно амбис.

Ковид-19 не научи дека ништо од она што е врвно достигнување на севкупната човекова цивилизација, значи врвната наука и сите технолошки достигнувања, не можат да бидат гаранција за вечен прогрес и напредок на сегашноста но и иднината. Не можат да ни го обезбедат тоа затоа што се е поставено на погрешен начин. Или народски кажано, кога ќе влезете во погрешен автобус сите следни станици ќе ви бидат погрешни и речиси е невозможно да стигнете до таму каде што се упатиле или каде што сакате да стигнете.

Со ковит-19 многу повеќе дознавме за себе, за своите, за денешниот свет, но и за светот што не очекува после пандемијата. Многу повеќе од тоа што ни го дадоа најголемите умови, мудри луѓе и филозофи кои ги имаме денес.

Ковит-19 во 2020 година како наеднаш да ја подигна завесата на светската сцена и како силен рефлектор ги направи видливи и јавни сите светски настани и акции кои најмоќните во светот се навикнати да ги прават и водат зад завесата, односно зад затворени врати, далеку од очите на јавноста. И сето тоа да го прават неказнети веќе неколку децении, па и векови.

Целиот наш „забеган свет“, како што еднаш го нарече Ентони Гиденс, застана. Или како тоа мошне сликовито го објасни Вејд Дејвис на страниците на списанието Ролинг стоун: „цивилизација е падната на колена од страна на микроскопски паразит 10.000 пати помал од зрно сол“. За момент застана протокот на стока, луѓе, капитал… Вообичаениот начин на живот и работа е прекинат. Се укинаа многу „индивидуални слободи“, се воведоа забрани за масовни собири и меѓународни настани, Одењето во ресторани, кафеани, барови, пабови, театри, спортски настани…стана невозможно или општествено инкриминирано дело подлежно на санкции. Патувањата станаа речиси неможни. Функционирањето на општеството се сведе на минимум.

Само еден „субјект“ патуваше без речиси никакви проблеми и стигнуваше до најодалечените точки на светот. Не правеше никаква разлика и не ги делеше луѓето по ниеден основ и како да сакаше да промовира слобода, еднаквост и братство кон сите. До крај остана принципиелен и коректен, не завземајќи ничија страна и подеднакво го инфицира секого, без оглед на сите наши поделби што сме ги создале ние како човечки суштества.

Она што ни дава основа за барем некаков оптимизам е што ширум светот, за време на пандемијата, речиси двојно се зголеми читањето како резултат на карантинот и заклучувањето. Сета досегашна историја пак не учи дека светот кој повеќе чита а помалку е опседнат со „леб и игри“ (или со денешен јазик – селебрити ликови и фрикови) независно од вирусот, е многу поздрав и понормален свет. За време на карантинот можеше на пример, покрај другото, да се прочитат и препрочитаат како задолжителна лектира повеќе книги кои опишуваат, предвидуваат и предупредуваат.

Од многуте длабокоумни книги дознавме многу повеќе отколку од сите владини и невладини прес конференци, официјалните изјави на државници или пак меѓународни институции. На пример дознавме дека животот го сака богатството на бескрајната различност а не сиромаштијата на едноличност и униформност што на секој начин се сака да се наметне. Оние освестените поединци кои ковит-19 ги просветли можеа, од денешен аспект, да ја препрочитаат книгата „Судир на цивилизациите“ во која Самуел Хантингтон тврди: Концептот на универзалната цивилизација помага за оправдување на западната културна доминација над другите општества и потребата тие општества да ја имитираат западната практика и институции. Универзализмот е идеологија на Западот за соочување со другите култури. Како што сметаше Хантингтон, секој што е надвор од Западот ја третираше идејата за „еден свет“ како закана.

Оваа либерална илузија за универзална цивилизација после пандемијата очигледно не ќе може да продолжи. Според Алистер Круг, ова нема да биде можно не само поради еродирањето на моќта на земјата стожер, туку и поради младата генерација на американски освестени либерали кои галамџиски тврдат дека не само што старата либерална парадигма е илузорна, туку таа никогаш не ни била ништо повеќе од параван за прикривањето на репресијата – било да е таа семејна, колонијална, расистичка или империјална – што е морална флека, дамка, која само покајувањето може да ја избрише.

Доколку оваа стара либерална илузија за универзална цивилизација веќе не е можна, тогаш каков светски поредок не очекува по пандемијата. Имајќи предвид дека самиот Кисинџер многупати има потенцирано дека балансот на сили никогаш не бил прифатлив за САД.

Повторното читање на неколку монументални, дела како на пример „Опаѓањето и пропаста на римското царство“ од Едвард Гибон, „Мукадима“ од Ибн Халдун., „Растот и падот на големите сили“ од Пол Кенеди и многу други слични книги навестуваат што може да не очекува.

Веројатно некој од советниците на францускиот претседател читал ваква литература и влијаел на говорот на Макрон пред амбасадорскиот совет минатата година. На тој состанок, според она што беше објавено во медиумите, Макрон рекол дека Кина, Русија и Индија не се само економски ривали, туку „автентични држави-цивилизации“ кои не само што го промениле светскиот поредок и превзеле клучна улога во економскиот поредок, туку исто така го преобликувале и политичкиот поредок и политичкото размислување кое произлегува од тоа преобликување и тоа со многу повеќе инспирација одколку што поседува ЕУ.

Макрон предупредил дека цивилизациите исчезнуваат, исто како што исчезнуваат и државите и дека Европа би можела набргу да исчезне доколку новиот свет се формира околу два големи пола – Кина и САД- каде Европа бидејќи не успеала да се оформи како независен геополитички пол би и преостанало само еден избор, да се определи за еден од овие полови. Според Макрон, одговорот треба да се бара во афирмацијата на европската цивилизација и нејзиниот суверенитет.

Затоа мисијата на Франција би била нејзина историска судбина, да ја поведе Европа во цивилизациска обнова, создавајќи колективен наратив и колективна имагинација.

Имајќи ги предвид ваквите ставови на Макрон, но и изјавата на Трамп дека Европа е непријател на Америка, на исто ниво како и Кина, по пандемијата а особено по претседателските избори во САД не очекува не „нова реалност“ туку „нова неизвесност“. Не очекуваат нови планетарни актери кои ќе бидат пред се државите-цивилизации кои веќе ја покажуваат својата самодоверба и можност рамноправно да се натпреваруваат во сите области. Светот не е веќе „еден и единствен“, се помалку е „либерален“ а многу повеќе е мултиполарен.

На многу држави ќе им биде премногу тешко да закрепнат од пандемијата. Затоа ќе се зголемува бројот на слаби, неуспешни и пропаднати држави. Светот и онака по ковид-19 ќе биде се помалку отворен, помалку просперитетен и помалку слободен. Контурите на тој нов свет веќе се оцртуваат, но неговото раѓање веројатно ќе биде долг, мачен и крвав процес со огромна духовна конфузија.

Древните филозофи, особено Платон, не учат дека во такви кризни времиња најважно од се за една заедница е солидарноста и пријателството меѓу самите луѓе но и со природата. Платон на повеќе места подучува дека човековата душа го поседува она што тој го нарекува thimos, нешто што на луѓето им дава способност за индигнација пред неправдата и пред стравот од губење на животот. Таа храбра емоција, односно екстаза, може да ја поттикне желбата за преживување и мобилизација која може да ја спаси заедницата. Да се надеваме дека кај многумина од нас, покрај се што ни се случи во 2020 година, созрева свеста за сопствениот thimos, кој со тоа би прераснал во наш сеопшт цивилизациски thimos.

Благодарам!