Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со Апостолскиот нунциј за Република Македонија, Монсињор Анселмо Гвидо Пекорари, и Апостолскиот Егзарх и Бискуп, Монсињор Киро Стојанов, во Резиденцијата на Бискупот на Католичката Црква во Скопје.
Средбата беше на барање на Апостолскиот нунциј, а по насока на Неговата Светост Папата Франциск, за време на посетата на Апостолскиот нунциј на Република Македонија да оствари средба со Претседателот Иванов и уште еднаш да ја пренесе лично благодарноста на Папата Франциск до неговиот домаќин на неговата голема апостолска посета на Македонија.
Апостолскиот нунциј нагласи дека писмото покана упатено од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, до Неговата Светост и средбата која Апостолскиот нунциј ја имаше со Претседателот Иванов во август 2018 година биле пресудни за донесување на одлука за посета на Папата на Македонија. Воедно, потенцираше дека изборот на датумот за посета, 7 мај 2019 година, бил согласно желбата на Папата за да може Претседателот Иванов да го пречека во Република Македонија, пред завршувањето на неговиот мандат на 12 мај истата година.
Поранешниот претседател Иванов изрази посебно задоволство што Папата Франциск ја прифати неговата покана за посета и неговиот совет да дојде во време кога во Македонија најпотребно е обединување. Дополни дека политичарите дотогаш не успеваа да го постигнат тоа, и, затоа, посетата на Папата донесе позитивна порака и инспирација за обединување. Искажа благодарност дека таа посета ќе остане запишана во историјата, како што во Библијата е запишана историската посета на Апостол Павле на Македонија (Дела Апостолски 16:9). На повикот („Дојдете и помогнете ни“), по 2.000 години повторно нé посети Папа.
Апостолскиот нунциј нагласи дека историски односите меѓу црквата во Македонија и во Рим биле отсекогаш многу добри, а потсети дека самата посета на Папата е и заслуга на скопјанката Света Мајка Тереза и рече дека неа сите ја признаваат, прифаќаат, и дека таа сите нé обединува. Информираше дека Светиот Отец во неа препозна нешто што ги соединува сите пет верски заедници. Претседателот Иванов посочи дека Мајка Тереза тоа го живеела во текот на целиот свој живот, а тоа што го научила во Скопје го практикувала и промовирала во својата мисија – почитта кон другите.
Апостолскиот нунциј се заблагодари до Претседателот Иванов и за поставувањето на плочата во црквата Санта Марија Маџоре на која се истакнува благодарноста на македонскиот народ кон сесловенските светители и просветители – светите браќа Кирил и Методиј. На крајот на средбата ги пренесе импресиите на Неговата Светост за говорот на Претседателот Иванов кој посебно го воодушевил Папата Франциск заради тоа што во него била истакната важноста на почитта пред толерантноста која треба да ја имаме едни кон други.
Претседателот Иванов се заблагодари за средбата и искажа подготвеност за понатамошна соработка со Ватикан и со Римокатоличката црква, како и со нејзината заедница во Македонија.