Поранешниот претседател Иванов денес оствари средба со основачот на проектот „Рoдум од Македонија“ (“Birthright Macedonia“), г. Питер Далас. Средбата беше на барање на г. Далас, а се освари со цел информирање за актуелните и следни иницијативи и активности во рамките на проектот Родум од Македонија.
Имено, проектот Родум од Македонија веќе неколку години се спроведува со поддршка на Обединета македонска дијаспора (ОМД), а им овозможува на неколкумина студенти од македонската дијаспора да престојуваат во Македонија и да се поврзат со своите корени, традиција и култура, во летниот период и вообичаено во траење до три недели. Младите со потекло од Македонија, кои се родени и живеат во странство, имаат прилика по прв пат да ја посетат земјата од каде потекнуваат, а за да поблиску се запознаат со секојдневието и културата на Македонците во Македонија тие живеат во семејства домаќини, кои им го олеснуваат, но и збогатуваат нивниот престој и секојднение. Учесниците во оваа програма имаат можност да посетат државни институции, да волонтираат зависно од нивното образование, да посетат многу историски, култутни и верски споменици. Инаку, проектот е осмислен и развиен од г. Питер Далас, член на Советот на ОМД кој е роден во САД, а има потекло од Гевгелија и Егејска Македонија.
Претседателот Иванов ја искажа својата поддршка за овој проект и истакна дека го препознава како еден од најуспешните за поврзувањето на вторите, третите генерации на Македонци родени во светот со Македонија, а својата љубов кон неа и приврзаност ја развиваат од своите родители или баби и дедовци. Преку ваквата програма им се овозможува лично да ја запознаат Македонија, нејзините убавини и природни и историски богатства, и секако, да ги почитуваат и да станат горди и тие на своите корени.
Средбата помина многу добро, во работна атмосфера, имајќи предвид дека г. Далас ги сподели своите размислувања за натамошни и идни проекти во рамките на програмата „Родум од Македонија“, кои покрај младите Македонци од странство, би ги опфаќале и повозрасните генерации, можностите за поддршка на нивни бизнис инвестиции во Македонија, интересни иницијативи и програми за пензионери, како и можност за отворање на потпроект кој би бил во насока на поврзување на младите со потелко од Македонија преку спорт и спортски аткивности.
Воедно, на средбата беше потврдена и соработката во рамките на Школата за млади лидери која се реализираше на иницијатива и под покровителство на Претседателот Иванов во текот на неговите два мандати, а која се планира да продолжи и надоградува и понатаму. Во таа насока, беше потврдена добрата досегашна соработка, а беше и поддржана секоја идна соработка, на особено задоволство на двете страни.