Поранешниот Претседател Иванов учествуваше на онлајн конференцијата во чест на поранешниот советник, соработник и пријател, проф. д-р Димитар Мирчев, универзитетски професор, дипломат и прв Амбасадор на Република Македонија во Република Словенија, интелектуалец кој работеше со голем ентузијазам на европската интеграција на Република Македонија.

Конференцијата „Идентитетот и европската интеграција во чест на Димитар Мирчев“ се организираше од страна на Филозофскиот факултет при УКИМ и Европското движење Република Македонија чиј основач е проф. д-р Мирчев. На конференцијата зедоа учество Деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, Раководителот на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет, проф. д-р Константин Миноски, Амбасадорот на Р. Словенија во Р. Македонија, Н.Е. г. Милан Јазбец, кој се обрати со видео порака, потоа Претседателот на Европското движење во Република Македонија, како и други претставници од Филозофскиот факултет, Европското движење во Република Македонија и од други високообразовни институции и организации во земјата.

Во своето излагање, Претседателот Иванов рече дека Мирчев се вратил од Амбасадор во Словенија во земјава и го препознал моментот да се смени парадигмата, односно дека доаѓа со мотото за либерализација на економијата, плурализација на политиката, европеизација на надворешната политика. Истакна дека Мирчев сета инспирација ја користеше од Словенија и моделот „Европа здај“. Понатаму, нагласи дека додека другите се прилагодуваа на европските стандарди и принципи, ние моравме да се докажуваме дека сме Македонци, дека имаме наш идентитет, наша држава и се оддалечивме од тоа што беше општ тренд во ЕУ. Во однос на тоа што е европски идентитет, претседателот Иванов рече дека самата Унија е поставена така да секоја членка го сочува нејзиниот национален идентитет, но прашање е што претставува европскиот идентитет. Идентитетот се сведува на слобода, демократија, владеење на правото. Кога ќе го исполните тоа поглавје, за правда и внатрешни работи, вие станувате дел од европскиот идентитет. Претседателот Иванов посочи дека според него нашата академска заедница била неажурна на тој план и не успеала да ја убеди нашата јавност дека прашањата за идентитетот се на едно друго повисоко ниво, н не како што е на Балканот, каде се уште се опстојува на прашања за идентитет кои во ЕУ се одамна совладани и содржани во нејзините договори. За својот долгогодишен пријател, претседателот Иванов рече, Мирчев ги истражуваше балканските стереотипи и балканските комплекси, а вој контекст спомена дека со влегување на членките од Балканот, ЕУ се балканизира и дека блокадите меѓу балканските држави ќе продолжат на патот кон ЕУ.

Проф. д-р Димитар Мирчев, македонски универзитетски професор и редовен член на Европската академија за науки и уметности, професор Емеритус по политички науки, редовен член на Европската академија на науки и уметности во Оделот за општествени науки, право и економија, почина на денешен ден пред четири години. Мирчев е поранешен и прв амбасадор на Република Македонија во Република Словенија, а во текот на својот живот извршуваше и важни функции во политичкиот живот. Беше основач на Младата демократска странка, на Македонскиот совет на Европското движење и еден од обновувачите и член на Либералната партија на Македонија и основоположник и прв претседател на Македонското политолошко друштво. Проф. д-р Димитар Мирчев остави богат опус на трудови. Објавени се над 200 научни трудови, универзитетски учебници, монографии, есеи и истражувачки извештаи, во земјата и во странство, на англиски, словенечки, хрватски, српски, меѓу кои и неговата Тетралогија „Македониум“.

Проф. д-р Димитар Мирчев беше советник на Претседателот Иванов за време на неговиот мандат, а беше и именуван член на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Македонија од 2010-2016 година, како претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Онлајн конференцијата беше пренесувана во живо на Фејсбук профилот на Филозофски факултет, односно на следниот линк :

– Конференција „Идентитетот и европската интеграција во чест на Димитар Мирчев“