По повод првата годишната од историската Апостолска посета на Папата Франциск на Република Македонија, Католичката црква на 7 мај 2020 година организираше онлајн видео конференција.

Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше во видео конференцијата при што искажа задоволство што Папата Франциск ја прифати неговата покана и ја оствари Апостолската посета на Македонија на негово посебно задоволство поради можноста да биде негов домаќин. Особено се заблагодари за пријателскиот и срдечен разговор кој го имаа за време на билатералната средба во претседателската вила и за пораките кои беа упатени за време на обраќањето. Иванов искажа благодарност и за признанието кое беше оддадено на македонската дежава од страна на Ватикан за одличната организација на целокупната посета. Видео конференцијата беше организирана од Апостолскиот егзарх и скопскиот бискуп, монсињор д-р Киро Стојанов, и Католичката црква во Република Македонија.

На видео конференцијата свои обраќања имаа и Апостолскиот нунциј за Република Македонија, Анселмо Гвидо Пекорари, кардиналот Винко Пуљиќ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, претставници на државната власт и истакнати личности од земјата и регионот, а беа воспоставени линкови со Скопје, Сараево, Софија, Белград, Загреб и други градови од земјата и од регионот.

Целта на оваа видео конференција беше да се оживеат историските моменти од Апостолската посета на нашата земја. Учесниците имаа можност да ги изнесат своите впечатоци и што беше она што никогаш нема да го заборават, како и што е она што трајно ќе остане запаметено во Црквата и во општеството.

 

Видео конференцијата беше пренесувана преку Youtube каналот Radio Marija MK:

– First anniversary of the Apostolic visit of His Holyness Pope Francis to the R.N.Macedonia