ОПСТАНУВАЊЕ НА ДЕМОКРАТИЈАТА | SURVIVAL OF DEMOCRACY
Секоја година во јануари се објавуваат извештаите за претходната година. Исто е и со извештаите и глобалните индекси за слободата и демократијата во светот.
Како најрелевантните и највлијателни подготвувачи на ваквите извештаи и глобални индекси за демократијата се сметаат годишните извештаи на Фридом Хаус, Демократскиот индекс на Економист Интелиџенс Јунит, В-Дем на Универзитетот во Гетеборг, Институтот за демократија и изборна помош (ИДЕА) со седиште во Стокхолм… Нивните индекси и годишни извештаи имаат значаен придонес во анализата на состојбата на демократијата во светот.
Општ заклучок на сите годишни извештаи и демократски индекси за 2022 е дека светот станува се помалку демократски. Демократијата секаде се соочува со опаѓање, а автократијата е во пораст. На глобално ниво бројот на земјите кои се движат кон авторитаризам, во последните шест години е двојно поголем од бројот на земји кои се движат кон демократија. Се влошуваат граѓанските слободи и владеењето на правото, а авторитарните влади стануваат се повеќе репресивни.
Според демократскиот индекс на Економист Интелеџенс Јунит за 2022, само 8% од светското население живее во таканаречена „целосна демократија“, односно неa ја има во 24 земји (во нив од 2017 не спаѓаат САД), 37,3% живее во дефектни или демократии со недостатоци, 17,9% во хибридни режими и 36,9% во авторитарни режими.
Според извештајот на Фридом Хаус за 2022, само 20% од светското население има пристап до политички слободи и права
Може да се заклучи дека постои сериозна ерозија на довербата во демократските институции. Така на пример во најстарата современа демократија САД, според истражувањето на агенцијата Галуп, само 27% Американци имаат висок степен на доврба во 14 главни институции на САД, трите гранки на власта забележуваат натамошен пад на довербата во однос на 2021 година и рекорден пад во рамките на последните четири децении. Довербата во претседателот на САД е 23% што е за 15% помалку од 2021 година. Довербата во Врховниот суд е 25% додека само 7% доверба во работата на американскиот Конгрес.
Слична е и состојбата со ЕУ каде спроведеното истражување на 200.000 лица за периодот од 2020 до 2022 укажува опаѓање на довербата во ЕУ и националните институции.
Во извештаите се наведуваат повеќе причини за продолжувањето на трендот на опаѓањето на довербата во демократијата и намалување на бројот на демократии во светот. Тренд кој трае повеќе од 15 години и веќе се нарекува демократска рецесија. Како посебни предизвици се спомнуваат последиците од глобалната економска рецесија која започна кон крајот на 2007година и веќе најавената нова глобална економска рецесија, последиците од пандемијата предизвикана од Ковид-19, климатските промени, војната во Украина..
Светот се соочува со повеќе кризи истовремено кои предизвикуваат политкриза, почнувајќи од порастот на трошоците за живот до ризикот од нуклеарен конфликт. Политкризата доведува до опаѓање на демократските стандарди во светот и ерозија на демокраијата. Високата инфлација, економските проблеми, кризите во снабдување со енергија, кризата со храна, опаѓањето на животниот стандард, двојни стандарди во однос на миграцијата и бегалците.
На глобално ниво демократијата се соочува со различни закани, а се поактуелен станува проблемот со легитимноста на изборните резултати, ограничувањето на слободите и правата на интернет, тврдокорната корупција, растот на екстремно десни политички партии. Во повеќе земји постои голема политичка поларизација, дисфункционалност на институциите и загрозување на граѓанските слободи и права.
Како најважни актери за јакнење на автократските системи и ерозија на демократските норми се потенцираат политичките и економските елити кои сакаат да го заштитат својот клиенталистички и корумпиран систем.
Оние на кои им се заканува сиромаштија, глад, социјална исклученост, а не гледаат напредок преку демократски процес, често се заслепени од популистички алтернативи и тоа не само во земјите во развој, туку и во најразвиените демократии.
Пандемијата предизвикана од Ковид-19 донесе ограничувања на политичките и граѓанските права во многу земји. Ваквите мерки во повеќе земји се користат за зголемена репресија и до софистициран дигитален надзор над населението.
Политиката на страв доведе до поларизација, дискриминација, маргинализација и ксенофобија. Институционалната слабост и опаѓање на довербата во општествените конвенции, контрола и рамнотежа се широко распространети. Самиот концепт за вистината е на удар.
Се помал број на луѓе веруваат дека демократијата може да одговори на вакви кризи и предизвици.
Загрижувачки податок е фактот за отсуство на млади луѓе од демократските институции. Иако 50% од светската популација се млади до 30 години, само 2,6% членови на парламентите се од ова старосна група
Жените иако се 50% од населението застапени се со 26,4 % во парламентите.
Демократската јавност бара промени во политиката кои ќе им дадат надеж за подобра иднина. Доколку тоа не се исполни, нивните барања можат да прераснат во притисок за промена на режимот и приклонување кон популизам и авторитаризам.
Центарот за иднината на демократијата при Универзитетот во Кембриџ во нивната студија истакнуваат дека довербата во демократијата се намалува зашто демократските институции не успеале да решат некои од големите кризи на нашето време, оценувајќи дека подемот и растот на популизмот повеќе е симптом отколку причина на „демократската рецесија“.
Популизмот е закана не за демократијата сама по себе, туку за доминантната либерална варијанта на демократијата. Популизмот ги прифаќа принципите на народниот суверенитет и демократијата сфатена како директен начин како практикување на мнозинска власт. Популизмот е скептичен во однос на конституционизмот, бидејќи формалните, ограничени институции и процедури го попречуваат мнозинството да ја оствари својата волја. Затоа се против слободата на печатот, се за слабеење на уставните судови, концентрација на моќта во рацете на извршната власт и маргинализирање на групи граѓани врз основа на етничко, религиозно или национално потекло и ја поткопуваат либералната демократија од внатре.
Популизмот всушност претставува нелиберален демократски одговор на недемократскиот либерализам, затоа е помалку напад на демократијата отколку корекција на нејзиниот дефицит. Популизмот ја разбира елитата како безнадежно корумпирана.
Сепак популизмот е непријател на плурализмот а со тоа и на модерната демократија.
Популистичките лидери ги напаѓаат „непријателите на народот“ со моралистички термини како корумпирани, себични, оддадени на заговори против обичните граѓани. Популизмот ги втурнува демократските општества во бескрајна серија на морализирани конфликти со нула сума, ги загрозува правата на малцинствата, им овозможува на надмоќни лидери да ги уништат контролните механизми кои го блокираат патот кон автократија.
Привлечноста на популизмот е поради неговиот племенски манихески поглед и постојаните конфликти што ги носи и е длабоко вкоренет во трајната нецелосност на животот во либералните општества. Оваа ранливост помага да се објасни зошто за само 30 години промотерите на либералната демократија преминаа од триумфализам во очај.
Од тоа како ќе одговорат на кризите европските земји ќе се дефинира судбината на демократијата во следните децении.
Во 1900 година имало само 11 демократии,
Во 1920 биле 20 демократии,
Во 1974 биле 29
До 1993 станале 77, по прв пат мнозинство од вкупно држави на земјата
До 2005 биле 89
Во 2020 паднале на 82
Во втората деценија на 21 век една од 6 демократии доживеала неуспех
Во академските кругови постои дебата во која се согледува севкупноста на демократијата како историски и општествен феномен и се потенцира фактот дека периодот во кој моментално живее човештвото, односно дека епохата на доминантниот демократски наратив, е минлив. Оваа идеја ја согледува демократијата како историска аномалија која настанала и се развила во својот сегашен облик благодарејќи на збирот на посебни услови и околности, но нејзиното натамошно постоење не е воопшто загарантирано.
Демократијата како систем на политичко уредување на државите, во текот на пет илјади години, се јавува во исклучително краток интервал од 100 до 200 години, додека во другиот временски период доминираат политички системи засновани врз принципот на владеење на еден или неколкумина. Доволно е да се согледа историскиот контекст на развојот на човековата цивилизација за да се воочи овој факт. Постои можност дека едноставно во човековата природа е стремежот кон остро дефинирани хиерархии на власта отколку во демократски системи.
Прашањето за отпорноста и слабоста на демократските системи е тема во академските и медиумските кругови веќе неколку децении, но како проаѓа време се стекнува впечаток дека некогаш виталниот систем станува неспособен да ги поднесе предизвиците, кои порано со леснотија ги совладувал.
Роберт Михелс уште во 1911 предупредуваше дека демократијата секогаш завршува како некоја олигархија или тиранија на хетерогено малцинство. Олигархијата или тиранијата на моќното малцинство преку изборите симулира демократија за да се здобие со демократска легитимација. Ова е се почест случај во денешно време.
Листата на закани за демократијата во светот постојано се зголемува. Како најсериозни се наведуваат:
- Авторитаризмот
- Популизам
- Корупција
- Нееднаквост и сиромаштија
- Ерозија на слободата и независноста на медиумите
- Апатијата и цинизмот кај граѓаните
- Поларизацијата и социјалните поделби
- Слабеење на владеењето на правото
- Дезинформации и онлајн манипулации
- Закани за цивилното општество и слободата на здружување
- Необразованост и политичкото незнаење
Од последниот извештај на Оксфам може да се прочитаат фрапантни податоци.
- Од 2020, значи од почетокот на пандемијата со Ковид-19, најбогатите 1% присвоил речиси 2/3 од своето ново богатство – двојно повеќе пари од 99% од светската популација.
- Богатството на милјардерите се зголемува за 2.7 милијарди дневно, дури кога инфлацијата ги надминува платите на најмалку 1.7 милијарди работници.
- Прехранбените и енергетските компании го имаат двојно зголемено својот профит во 2022, исплаќајќи 257 милијарди долари на богатите акционери, додека 800 милиони луѓе секоја вечер легнуваат да спијат гладни.
- Само 4 центи од секој долар од даночните приходи доаѓа од данок на богатство, половина од светските милијардери живее во земји во кои нема данок на наследство на паритер кои ги даваат на своите деца.
- Данок од 5% на светските мултимилионери и милијардери може да собере 1,7 трилиони долари годишно, доволно да се извлечат од сиромаштија 2 милијарди луѓе и да се финансира глобален план за искоренување на гладот.
Екстремен раст на социјалната нееднаквост настанал за време на пандемијата. 1% од најбогатите извлекол 63% од своето ново богатство, што е повеќе од 26 илјади милијарди од 2020 до 2022. Горните 9% под нив добиле 27% од своето ново богатство, или 11 илјади милијарди, оставајќи само 10%, или околу 5 илјади милијарди за другите 90% или 7,2 милијарди луѓе.
Најголем дел од владите во светот, или 95%, не ги зголемило даноците на богатите, наместо тоа некои дури ги намалиле даноците на богатите луѓе и корпорациите
Демократијата е динамичен систем кој се менува со текот на времето и во зависност од контекстот. Со тоа во предвид, иднината на демократијата зависи од многу фактори, вклучувајќи ги и различните кризи со кои светот се соочува.
Некои можни сценарија за иднината на демократијата вклучуваат:
- Напори за зголемување на учеството и вклучувањето на граѓаните – Демократските системи се засновани врз претпоставката дека сите граѓани имаат еднаква можност да учествуваат во процесот на одлучување. Меѓутоа, во многу земји, посебно во развиените демократии, постои проблем со намалено учество на граѓаните во изборите и другите форми на учество. Затоа, еден можен пат за иднината на демократијата е повеќе фокус на учеството на граѓаните и зголемување на нивната активност.
- Борба против авторитаризмот – Светот се соочува со авторитарни режими кои не почитуваат демократски принципи. Борбата против авторитаризмот е клучен фактор за заштита на демократијата. Затоа, меѓународните институции и демократските земји треба да продолжат со активните напори за поддршка на демократските сили во земјите каде што авторитаризмот е во пораст.
- Инклузивни демократски процеси – Не е секогаш доволно да има демократски процеси, тие мора да бидат инклузивни и да се вклучуваат различни заедници. Ова вклучува обезбедување на еднаква пристапност до информации, еднакви можности за учество, како и заштита на правата на малцинствата и заштита на изборите од злоупотреби.
- Кризите, како што се епидемиите, катастрофите, економските кризи, има значаен удар врз демократските системи. Во некои случаи, владите можат да ги злоупотребуваат кризите за да ја подобрат својата политичка моќ, или да ги ограничат правата на граѓаните во името на безбедноста. Затоа, кризите бараат од демократските лидери да бидат одговорни и да употребуваат демократски процеси за управување со нив.
- Технолошки предизвици – Технолошките напредоци донесуваат нови можности и предизвици за демократијата. На една страна, технологијата може да обезбеди нови начини за учество и вклучување на граѓаните во демократските процеси. Сепак, технолошките напредоци можат и да бидат користени за манипулација на информации, за нарушување на приватноста и за злоупотреби на политичката моќ.
- Интернационална соработка – Конечно, иднината на демократијата зависи и од интернационалната соработка меѓу демократските земји и меѓународните институции. Демократските земји треба да работат заедно за поддршка на демократијата во светот и за борба против авторитаризмот и нарушување на правата на човекот. Ова вклучува поддршка за демократските сили во земјите каде што демократијата е на напад, како и заштита на демократските институции и процеси.
Може да се каже дека иднината на демократијата зависи од многу фактори и единствени решенија не постојат. Затоа, потребно е да се фокусираме на промоција на инклузивни и одговорни демократски процеси, заштита на правата на граѓаните и борба против авторитаризмот, како и на промовирање на меѓународната соработка меѓу демократските земји. Овие напори треба да се вметнат во широкиот контекст на социјална, економска и еколошка одржливост, бидејќи демократијата не може да се зацврсти во контекст на социјална и економска нерамноправност и еколошки кризи.
Важно е да се има во предвид дека демократијата не е постојана и статична состојба, туку постојано е во движење и процес на промена и усовршување. Така што, важно е да го проценуваме и да го развиваме демократскиот систем, во согласност со потребите и предизвиците на нашето време, за да можеме да го заштитиме и усовршиме како држави и како светска заедница.
д-р Ѓорге Иванов