Од сето она што можеме да го слушнеме досега, особено од политичари и лекари, точно е дека станува збор за нов вид на вирус и дека точниот датум кога ќе избие епидемијата не можеше точно да се знае. Но, не може да се негира дека, компетентните од оваа област, одамна предупредуваа дека избивањето на ваква пандемија може да се случи речиси во секој момент.
Еден од најгледаните филмови во првите месеци на 2020 година, секако е филмот на Стивен Соденберг, Зараза (Contagion). Иако премиерно беше прикажан во јануари 2011 година и тогаш не привлече некое поголемо внимание, денес филмот повеќе делува како документарец отколку како фикција.
Сценаристот на филмот Скот Бернс неодамна изјави дека поминал неколку месеци истражувајќи ги заразните болести, а филмската екипа се консултирала и со американските стручњаци од Центарот за контрола и превенција на заразните болести. Според Скот, сите стручњаци со кои разговарал, уште пред повеќе од една деценија, тврделе дека не е прашање дали ќе има нова епидемија, туку кога таа ќе се случи. Затоа филмот точно ја предвиди пандемијата, но и нешто друго. Предвиде дека епидемијата ќе предизвика бран на недоверба, паника, себичност и збунетост. Според Скот, тој предвидел дека светот нема да знае како да реагира и дека заразата ќе се шири побрзо од што може да се очекува. Предвидел дека оние со силни имуни системи ќе ги занемарат оние што се со слаб таков систем. Како што самиот вели, толку многу точно се предвидел што некои фанови го обвиниле дека е во Илуминатите.
Како што се предвидувањата во филмовите, исто е и со книгите.
За време на карантинот можеше да се прочитаат како задолжителна лектира неколку книги кои опишуваат, предвидуваат и предупредуваат.
Да ги спомнеме само романите „Смртта во Венеција” од Томас Ман, „Декамерон” од Џовани Бокачо, „Љубов во време на колера“ од Габриел Гарсија Маркес и особено „Чума” од Албер Ками и „Беснило” од Борислав Пекиќ.
Иако, не можат да се прават историски паралели со некогашните епидемии, или како што велеше Токвил, „старите слики во новите рамки секогаш изгледаат полошо”, може нешто да се научи за она што ни следува.
Како за пример, да го земеме последниот пасус од романот „Беснило“ на Пекиќ: „Бидејќи го знам, како и Ками, она што веселата толпа не го знаеше, и што може да се најде во книгите – дека бацилот на чумата никогаш не умира и никогаш не исчезнува, дека може десетици години да спие, во мебелот и алиштата, трпеливо да чека по собите, визбите, сандаците, марамчињата и старите хартии, и дека можеби ќе дојде денот кога, на несреќа на луѓето и за нивна поука, чумата повторно ќе ги разбуди своите стаорци и ќе ги испрати да липсаат во некој среќен град.”
Прашањето кое само се наметнува: што преземале надлежните институции и меѓународни организации кога веќе знаеле дека ќе се случи ваква пандемија. Зарем SARS, MERS, ебола и другите епидемии не беа доволно предупредување што може да ни се случи?
Пандемиите во основа се предвидливи затоа што се редовна појава во човековата историја. Вирусите се дел од природата (или барем до неодамна беше така), како што и пандемиите се (или беа) природни појави. Против нив не можете да се спротивставите индивидуално, туку единствено како општество кое е способно ефикасно да ги мобилизира своите ресурси.
Во 2004 година, американскиот национален разузнавачки совет го има издадено документот Мапирање на глобалната иднина. Проект 2020. Во него е наведено: „Процесот на глобализацијата, без оглед на тоа колку е моќен, може значително да се забави или дури да се запре (стопира). Освен големиот глобален конфликт, кој го сметаме за невозможен, уште еден голем настан, кој, според наше мислење, би можел да ја стопира глобализацијата, би била пандемија… Таквата пандемија во мегалополисите на светот во развој со слаби здравствени системи – во супсахарска Африка, Кина, Индија, Бангладеш или Пакистан – ќе има катастрофални последици и ќе може брзо да се прошири по светот. Глобализацијата ќе биде во опасност”.
Во авторскиот текст објавен на 3 април 2020 година во Вол Стрит Џурнал „Пандемијата на Корона вирусот засекогаш ќе го смени светскиот поредок”, Хенри Кисинџер ги потврдува предвидувањата од спомнатиот документ од 2004 година. Според него, корона вирусот предизвика колапс на светската економија, односно глобализацијата. Кисинџер бара да се заштитат принципите на светскиот либерален поредок, истакнувајќи дека САД треба да инсистираат на безбедност, ред, економска благосостојба и правда… Демократиите во светот треба да ги бранат и да ги одржуваат своите просветителски вредности.
Добрите познавачи на актуелните состојби во меѓународните односи веднаш ги сфатија пораките од Кисинџер и на директен или индиректен начин веднаш му одговорија. Во многу нивни текстови, анализи, предвидувања, укажаа дека многу добро се знае што е средство а што е цел во време на оваа пандемија.
Така на пример, еден од подобро упатените во актуелните состојби, бразилскиот новинар и аналитичар Пепе Ескобар, веднаш ќе му одговори на Кисинџер. Укажувајќи дека е предвидлив стравот на Кисинџер и прашањата се апсолутно легитимни: дали политичката и социјалната катаклизма на глобалната економска криза е веројатно поголема катастрофа од самиот „Ковид-19”.
Но, еден од ретките кој ја прочита скриената порака и поголемиот страв на Кисинџер и глобалната елита е секако поранешниот британски дипломат Алистер Крук. Тој без воопшто да го спомнува Кисинџер, најдиректно му одговара: „Западната економија веќе беше во „критична состојба“ како резултат на глобалната финансиска криза во 2008 година и предизвика каскада во други сектори, како на пример во пазарите во развој… Пропустите и слабоста на „Отвореното општество“ се изложени: oтворени граници, отворени воздушни линии, отворен офшор трошок за работна сила, отворен извоз на кредити во долари и слободна трговија, кои го подготвија Западот за колапс“.
Крук е директен и премногу жесток во однос на барањето на Кисинџер за бранење и одржување на просветителските вредности: „Просветителскиот модел се откри како големо „преправање“, прикривајќи ја својата грда, предаторска, темна основа. Но овде, постои проблем. Изложеноста на недостатоците на Ковид-19 на Отвореното општество бара подеднакво одговор на прашањето што – и каде – е алтернативата? Па, одговорот е едноставен во економска смисла: „Ние се вратиме на основните работи: Знаете – сè што е старо е повторно ново “.
Според Крук, иднината по пандемијата станува предвидлива: „Веројатно ќе видиме враќање на тврдите граници; поголема контрола на имиграцијата; поголема самодоволност во смисла на домашно произведени компоненти (т.е. помалку од надвор); поголем акцент на самоодржливо земјоделство; помала зависност од извозните пазари; поголемо потпирање на тарифите; и враќање во реалната економија… Ова значи дека нема да биде можно Западот едноставно да излезе од кризата Ковид-19, во некоја „на чекање“ алтернативна парадигма (колку и да го налага тоа ситуацијата). Светот се соочува со изгледи за длабока промена: враќање на природната – што би се рекло самодоволна – економија. Таа промена е спротивна на глобализацијата… На крајот, оваа зараза го изложува – над економските слабости – неуспехот на Просветителскиот проект… Политички општествата на напредната западна современост се олигархии маскирани во либерални демократии“.
Што може да се заклучи и кои поуки можат да се научат од пандемијата предизвикана од Ковид-19.
Живееме во време кога сме сведоци на крајот на една утопија, залезот на модернистичкиот и просветителскиот проект. Залезот на културата на модерниот Запад. Тема за која пишувале мноштво заборавени и оспорувани автори. Просветителството за многумина од нив е појдовна точка во долгиот пад на западната мисла, практика и имагинација. Ковид-19 е само еден моќен катализатор на веќе отпочнати процеси, особено на она што претставува крај на илузијата дека можеме да ја контролираме Природата, дека можеме да управуваме со неа. Сега сите се шокирани од (за нив неочекуваната) освета на Природата. Вирусот всушност само ги продлабочува и засилува веќе постојните трендови. Присуствуваме на рушење на еден свет, кој со своето рушење ни ги открива новите или пак одамна заборавените светови. Оние кои му претходеле на овој свет и оние кои допрва ќе дојдат. Како што вели Крук, носталгијата за минатото се преобразува во плодотворна носталгија за иднината. Оние кои останаа без надеж, без работа, без средства лесно би можеле да се свртат против оние кои подобро проаѓаат или профитираат од Ковид-19. Кога таквите луѓе стануваат очајни, незадоволни и бесни почнуваат процеси на дезинтеграција, односно распаѓање на општествата. Тоа е веќе позната психологија која функционира во периодите на промена на епохите. Или како што забележал колумбискиот филозоф и интелектуалец Николас Гомез Давила: „Модерниот свет нема да биде казнет. Тој сам по себе е казна”. Затоа, колку и да сака глобалната елита и нејзиниот портпарол Кисинџер, да го сочуваат таквиот свет (и глобализацијата), тоа веројатно нема да биде можно. Тие би преземале и би промениле се, за се да остане исто. Нивниот свет кој долго време ја занемаруваше комплексноста на природата и силите на светот околу нас, сега потресен од Ковид-19 распукува и се распрснува по сите рабови, менувајќи ја доминантната парадигма. Една епоха умира за да може да се роди нова.
Објавениот текст може да се погледне на следниот линк: https://kasam.org/a-pandemic-could-stop-globalization/