Кабинетот на поранешниот претседател Иванов информира дека по 13-ти пат ќе се одржи традиционалната Школа за млади лидери на Претседателот Иванов во периодот 16-30 септември 2022 година. Денес е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, која оваа година ќе биде на тема „Морално лидерство“.

 

 



 

Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, заедно со „Иванов школа за лидери – Алумни асоцијација“ (ИСЛАА) и Фондацијата „Алијанса на цивилизациите“, го објавува следниот

 

КОНКУРС
за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019,
16-30 септември 2022 година
 
 

13. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ

„Морално лидерство“

Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, традиционално се одржува од 2010 година. Во досегашните 12 обуки учествуваа околу 480 млади луѓе од целиот свет со различен академски и професионален фокус. Пред дванаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа над 240 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници, примарно во нашата земја, но и да го поттикне и развие нивниот капацитет за справување со глобалните предизвици, меѓународната конкуренција и културните и религиски различности.

Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира во периодот 16-30 септември 2022 година. До 23 септември 2022 година, предавањата ќе се одржуваат онлајн за време на првиот викенд и за време на одредени работни денови во тој период после 18:00 часот. Од 24-30 септември 2022 година, активностите на Школата продолжуваат со целодневна програма во хотел „Инекс Олгица“ во Охрид.

Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство кои ќе споделат искуства и знаења кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат, и интерактивно да се вклучат на предавањата.

Предавањата ќе се одвиваат на македонски и англиски јазик.

Бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат следниве услови:

  • Одлично познавање и активно користење на англиски јазик;
  • Просек од високо образование, еднаков или поголем од 8,5 (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство) ќе се смета за предност;
  • Работно искуство од една до пет години, како и магистратура од соодветната област, ќе се смета за предност.

Потребни документи за aпликација (електронска копија):

  • Биографија,
  • Уверение за положени испити/Диплома, и
  • Две препораки од вашата организација, компанија или факултет, и
  • Есеј на општата тема на 13-тата Школа за млади лидери, „Морално лидерство“ (свое толкување и размислувања за темата, до 800 зборови, на англиски)

Критериумите за селекција на учесниците во Школата за млади лидери се засновани, пред сè, врз академските и професионалните достигнувања на апликантите.

Вашата апликација можете да ја поднесете најдоцна до 20. јули 2022 година, на следниот линк: https://www.youngleaders.com.mk/apply/.

По вашата апликација, постои можност да бидете повикани на интервју (онлајн).

Во случај на технички проблеми при аплицирањето и дополнителни прашања,  можете да се обратите и на следната е-пошта: contact@gjorgeivanov.mk.

Ви благодариме за времето и вниманието.

 



Конкурс за учество на 13та Школа за млади лидери на Претседателот Иванов



 

Кабинетот на поранешниот претседател Иванов ги повикува сите заинтересирани да се пријават на конкурсот.