Поранешниот Претседател д-р Ѓорге Иванов учествуваше на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија организирана во соработка со Паневропската унија на Австрија. Конференцијата која се одржува во периодот од 26-28 јануари 2024 година е на темата „Следното големо проширување на Европа – придонес за мирот или предизвик за стабилноста на Европа?“ и „Главните предизвици на Европската унија: економија, демографија, енергија, миграции“.
Претседателот Иванов во обраќањето на свеченото отворање, на кое се обратиja Претседателот на Меѓународната Паневропска унија, Ален Тереноар, и Претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, зборуваше за одличната соработка со оваа организација од осамостојувањето на Македонија. Изрази огромна благодарност за неуморниот ангажман на д-р Ото фон Хабсбург кој нашата држава го имаше за искрен пријател и поддржувач низ европските престолнини, за што Претседателот Иванов му додели во 2011 година „Орден за заслуги на Република Македонија“.
Според претседателот Иванов, зборувајќи за главните предизвици со кои се соочува Европската унија и светот воопшто, нагласи дека следните 10 години ќе бидат решавачки за тоа дали во светот ќе доминира авторитаризмот или демократијата; дали ќе доминираат луѓето или вештачката интелигенција; дали ќе доминира нихилизмот или вредностите; дали ќе се соочуваме со сиромаштија и страдања или можеби ќе бидеме сведоци на најголемата револуција на човештвото: да се стави крај на болестите, екстремната сиромаштија и војните.
Иванов потенцираше дека во пресрет на претстојните избори за Европскиот парламент во јуни оваа година, се изготвуваат и објавуваат сериозни анализи за состојбите во самата ЕУ и дека во секоја од нив е неспорен фактот дека ЕУ е во состојба на криза. Но, според него, сега станува збор за тоа дека ЕУ се наоѓа во „поликриза“ што сугерира дека многу кризи се случуваат повеќе или помалку истовремено, додека шокот од нивната кумулативна интеракција е посилен од нивниот едноставен збир. Претседателот Иванов смета дека петте најголеми кризи кои ја потресоа Европа во последните 15 години – глобалната финансиска криза, миграциска криза, климатска криза, пандемијата на Ковид 19, војната во Украина – имаат неколку заеднички карактеристики: тие се почувствуваа насекаде низ Европа и се согледуваат како егзистенцијална закана; тие драматично влијаеле и досега врз одлуките на националните влади; и тие сѐ уште траат. Но, тие не се секаде исти – предизвикаа различни стравови и реакции и ја распарчија Европа, но и – парадоксално – ја одржаа ЕУ заедно. Исто така, ЕУ наспроти наведените пет кризи има дополнително свои проблеми и предизвици. Тука се, пред сѐ, односите со Кина, недостатокот од енергетски ресурси од Русија, тука се и војните на Блискиот Исток кои го попречуваат доставувањето на храна, енергија и други стоки во Европа.
Актуелните политички, економски и климатски трендови во светот и прогнозите на експертите покажуваат, според претседателот Иванов, дека 2024 година би можела да биде година на тешки глобални текови и недостиг на храна, енергија и други стоки, а пак ЕУ за да се заштити од наведените кризи и предизвици мора да дејствува и да биде активна. Но, поради недостатокот од единство и согласност во раководењето, таа е доведена до недоследно и ненавремено носење одлуки и сѐ поголема ранливост од наведениве притисоци. Иванов посочи дека кога имате низа погрешни и ненавремени потези, тркалото почнува да се врти и повеќе не може да се запре, а ескалациите се претвораат во инциденти, инцидентите во кризи, кризите во војни…
На крајот, претседателот Иванов праша каде е тука темата за проширувањето на ЕУ и Западниот Балкан, бидејќи очигледно дека во оваа изборна година со актуелниве и идните можни војни, Западниот Балкан ќе остане само со ветувања. Иако, ветувањата, кои како до сега ќе останат неисполнети, порача дека не смееме да се откажуваме од оптимизмот и покрај сите негативни работи што постојано се случуваат и дека треба да веруваме во добрината и креативните способности на луѓето. Порача дека треба да се соочиме со вистината, затоа што таа ослободува, дека искреноста е само второ име на храброста, а слободата е храброст да се биде искрен.