Ваши екселенции, почитуван претседателе Ѓул, почитуван д-р Акан Сувер,
Уште еднаш морам да искажам сочувство за сите човечки жртви во природната катастрофа, катастрофалниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија. Овие природни катастрофи не потсетуваат што е она што е највредно, односно дека највредно нешто е токму човечкиот живот. Во такви катастрофи се потсетуваме колку ни е неопходна хуманоста и солидарноста. Ние во Македонија тоа го почувствувавме по катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, кога Скопје стана град на светската солидарност. Затоа чувствуваме потреба секојпат да повикуваме да бидеме солидарни. Но, овие природни катастрофи не потсетуваат дека жртви има и во војни, многу побрутални и свирепи убиства и загуби на човечки живот. Затоа како што пишува и во свети книги „Време е за сè: време за раѓање и време за умирање, време за садење и време за кршење на садовите.” Значи има време кога се гради и има време кога се руши, има време кога се војува, но, има и време кога треба мир.
Ова е време кога ни треба мир. Изминатата година се изнаслушавме сè за војната во Украина, за сите аспекти на војната, за улогата на Русија, на Украина, на другите земји. Но, конечно сега е време да зборуваме за крајот на војната и како што кажаа претходните соговорници да зборуваме за мир. Но, како да се постигне мир? Секој генерал и воен аналитичар ќе ви каже дека има четири основни сценарија да заврши секоја војна. Никоја војна не трае вечно и кога тогаш таа завршува. Првото сценарио е да победи едната страна, второто сценарио е да победи втората страна, третото сценарио е после долги преговори да се постигне примирје, и да се постигне мировен договор, и четвртото сценарио е да се замрзне конфликтот.
Затоа, сега е време за реална проценка како ќе заврши оваа војна. Затоа што од погрешните проценки имаме многу повеќе постконфликтни тешки ситуации отколку пред војните. Знаеме дека многу замрзнати конфликти и до ден денес не се одмрзнати, многу фрустрации од победата на едната страна предизвикувала нова војна од втората страна. Многу мировни договори не се почитувале. И затоа е толку неопходна проценката како ќе заврши оваа војна. Има една мудрост која вели дека „погрешна проценка е како погрешен автобус“. Кога ќе се качите на погрешен автобус сите станици ви се погрешни.
Но, да се зборува за мир, треба да се потсетиме на тие што го промовирале мирот. Еден од тие великани е Мустафа Кемал Ататурк кој бил сведок на распадот на една империја, на окупирање на територијата и желба на освојувачи да грабаат од таа територија на модерна Турција, да ја окупираат, да ја распарчат. Водел битки, војни и бил сведок на жртвите на војната. За после војната да изгради нова република во која ќе има мир дома, за да има мир во светот. Ги повикал балканските лидери и во 1934 го создале Балкански пакт за да донесе мир. Замислете, кога во Европа се раѓа и расте нацизмот и фашизмот Ататурк промовира мир. Еден од неговите најголеми непријатели за време на распаѓањето на Отоманската империја, кој му го зазел и неговиот роден град, грчкиот генерал а подоцна повеќе пати премиер на Грција Елифтериос Ванизелос ќе ја сфати пораката на Ататурк. И замислете, тој истиот Венизелос во 1934 година ќе го предложи Ататурк за Нобелова награда за мир. Можете ли само да замислете која е таа величина за да добиете признание од својот непријател, да ве предложи за Нобелова награда за мир. Вообичаено, наградата не ја добил Ататурк, ја добил некој дипломат кој денес сме го заборавиле.
Но, делото на Ататурк останува да биде инспирација за сите лидери посветени на мирот. Еден од таквите лидери кој ја носи пораката за мир е и американскиот претседател Џон Ф. Кенеди кој пред да биде убиен на 10 јуни 1963 година на Американскиот универзитет во Вашингтон во неговиот познат говор „Стратегија на мирот“ ќе каже: „Мораме да направиме се она што е во нашата моќ да изградиме свет на мир во кој слабите ќе бидат безбедни, а силните праведни. Не сме беспомошни пред таа задача, ниту пак таа цел е осудена на неуспех. Со самодоверба и без страв мораме да работиме на стратегијата на мирот“. Таа стратегија на мир ни е неопходна и денес.
Но, еден од најголемите учители на човековата цивилизација Аристотел, ни оставил безвременска порака која вели: „ Она што треба за војна, исто треба и за мир“. Четирите основни човечки доблести храброст, умереност, мудрост и праведност се потребни и за војна и за мир.
Нам сега ни требаат лидери кои се храбри, кои се праведни, кои се умерени и кои се мудри. Таков еден лидер го гледаме и во кинескиот претседател Си Џи Пинг кој понуди програма за мир во 12 точки, која за жал веднаш беше отфрлена. Зошто е отфрлена програма која бара мир? Затоа што некому очигледно мирот не му е неопходен сега. А на кој не му треба мир? Па на секој што профитира и се збогатува за време на војна. На нив не им треба мир. Им треба да се продава нивното оружје, да се продаваат нивните нови изуми. Замислете, сега ова е прва војна во која се користи вештачка интелигенција, софистицирани оружја, сателити… се користи се што е ново и креација и иновација на човековиот ум. Очигледно на некој му одговара војната да трае.
Но, еден ден ова мора да заврши, затоа што војната отвори многу прашања кои мислевме дека се заборавени, многу прашања за кои допрва треба да бараме одговор. Војната повторно ја актуелизира една мисла на италијанскиот филозоф Антонијо Грамши, кој меѓу двете светски војни е во затвор и ги пишува неговите затворски белешки, и во нив вели: „Сега е време кога старото умира, а новото не се раѓа. Тоа е време на морбидни симптоми“, или некој ќе каже тоа е време на монструми. Тоа ни се случува денес, еден стар свет умира, а новиот не може да се роди. Затоа универзитетот Кембриџ беше шокиран кога направи истражување пред неколку месеци во 137 земји. Испитани се шест и пол милијарди луѓе. Од тие шест и пол милијарди луѓе, две третини од човештвото не се согласува со санкциите што ги воведуваат западните земји. Глобалниот југ се спротивставува на она што го прави Западот. Западот е шокиран кога дознава дека нема поддршка од две третини од човештвото .
Тоа укажува дека се менува парадигмата, се менува погледот на светот, се случуваат толку драматични промени што можеме деновиве да ги следиме. На пример, Кина успеа со својата дипломатија повторно да се воспостават дипломатските односи меѓу Иран и Саудиска Арабија. Замислете, нешто што беше до неодамна речиси невозможно сега е остварено. Се повеќе примери укажуваат дека хегемонот на глобалните меѓународни односи веќе нема моќ. Се јавуваат други актери кои нудат решенија на прашања кои до сега немале одговор. Тоа е тектонско поместување на односите како на Блискиот Исток така и на повеќе места во светот .
Во меѓувреме, очекувајќи да банкротираат банките во Русија, банкротираат банките во Америка и Европа. Она што го очекувавме да се случи на страните во конфликтот, се случува на страните кои се „надвор“ од конфликтот. Ова нè принудува да размислуваме каков свет ни доаѓа, каков свет се раѓа. Доаѓа свет за кој Хенрих Кисинџер, кој инаку оваа година полни 100 години, вели дека епохата на просветителството завршува. Сè што беше продукт на западната цивилизација и човековиот ум завршува. Вештачката интелигенција ја презема улогата на она што го правело 500 години просветителството, човековиот ум и науката.
Младите веќе масовно ги користат чет ботовите, а веќе веројатно и на секои следни избори говорите ќе ги пишуваат чет ботовите. Вештачката интелигенција ќе пишува говори на политичари, ќе пишува текстови на мировни договори, ќе пишува и ќе наоѓа решение за се што досега човековиот ум не го решил. Можеби токму поради ова, Хенрих Кисинџер ќе се осмели после 70 години да го објави својот дипломски труд на Харвард. Седумдесет години го чувал својот труд во фиока, затоа што во него се повикува на некои неомилени филозофи и историчари на почеток на 20 век. Се повикува на Арнолд Тојнби, се повикува на Освалд Шпенглер и на Емануел Кант.
Тојнби проучувајќи ги сите 21 цивилизации кои постоеле досега на нашата планета, укажал дека многу цивилизации не биле уништени од други цивилизации, туку повеќе цивилизации сами себе се уништиле. Шпенглер кажува дека она што се случува во природата, се случува и во човековиот живот и човековите креации, односно цивилизации. Следејќи ја трагата на арапскиот филозоф Ибн Калдун вели дека сè што се раѓа, се развива, расте, старее за да на крајот умре, за повторно да се роди, повторно да расте, повторно да се развива, да старее и повторно да умре. Првиот том на неговата книга „Падот на Западот“ ја пишува од 1911 до 1914, а вториот том во 1922. Шпенглер вели дека ќе дојде до голема војна во Европа и таа дојде. Уште тогаш укажуваше дека Западот ја губи својата моќ затоа што влегува во фаза на стареење.
Сведоци сме на создавање на нови центри на моќ, односно, оној свет кој беше свет на победниците од Втората светска војна дефинитивно доаѓа до својот крај, затоа што се создаваат нови актери на меѓународната сцена кои го привлекуваат најголемиот дел од човештвото, особено глобалниот југ. На глобалниот југ му одговара полицентричен, мултиполарен свет, му одговара свет во кој нема да биде експлоатиран, омаловажуван и малтретиран, туку ќе биде партнер со оние кои им посакуваат благосостојба, мир, просперитет и успех на сите луѓе на планетава. Периодот на себичност, агресивност, алчност, грабливост, веќе не е на цена кај мнозинството луѓе од планетава. Индија, Кина, Иран.., целиот БРИКС, замислете колку население собираат и нудат решенија кои за сега не се прифатени од Западот. Но, ќе дојде ден кога ќе се соочиме со фактот дека мора да бидат земени предвид, а големите сили, или хегемонот кој до сега постоеше, ќе мора да ги признае и да ја дели моќта со нив.
Така што, војната во Украина отвора толку многу прашања на кои допрва ќе добиваме одговори, ако не од политичарите и дипломатите, тогаш од вештачката интелигенција.
Затоа, кој ќе успее во натпреварот за вештачката интелигенција, ќе го владее светот. Но, едно мора да се знае, вештачката интелигенција е како огнот „таа е добар слуга, но лош господар“. Барајќи просперитет и успех да не влеземе во свет во кој ќе бидеме нови робови.