На почетокот би сакал да им оддадам признание на Филозофскиот факултет, кои на денот кога почина нашиот пријател, нашиот колега, проф. д-р Димитар Мирчев, ја организираат оваа онлајн конференција. Конференција на која се потсетуваме на професорот, на неговото творештво но и на неговата улога на вистински ангажиран интелектуалец. Настан кој ја потврдува старата мудрост дека „човек не умира кога ќе го погребаат, туку кога ќе го заборават“. Ова, исто така, е повод да им ја честитаме 100 годишнината од постоењето на Филозофскиот факултет.
Темата што ја отворате, за идентитетот и европската интеграција, речиси е целосно поврзана со творештвото и свкупниот ангажман на професорот Мирчев. Имав можност да го познавам речиси 30 години. Заедно со проф. Милосавлевски и неколкумина други колеги можеби бевме „виновни“ што, кон крајот на осумдесетите и почетокот на девеесетите години од минатиот век, го вративме професорот Мирчев во Македонија.
Тој дојде полн со ентузијазам и огромна творечка енергија, сфаќајќи дека тогаш, во 90-тата година, е вистински моментот да се смени парадигмата во Македонија. Дојде со тоа што му е мото на целото негово творештво, односно либерализација на економијата, плурализација на политиката и европеизација на надворешната политика. Кон крајот на неговиот живот тоа беше дефинирано како „Европеизам, Либерализам, Македонизам“, што е всушност и наслов на неговата последна книга, која е дел од неговата тетралогија.
Така што, веднаш откако се врати, заедно со проф. Милосавлевски и нивни некогашни соработници, работевме заедно за да го обновивме списанието „Дијалог“. За помладите колеги да ги потсетам дека тоа списание е укинато во есента 1972 година, затоа што се бавел со теми кои не ѝ одговарале на тогашната комунистичка партија, односно Сојузот на комунистите на Македонија. Судбината сакала ова списание за општествена критика и теорија да се обнови токму на 20 годишнината од неговото укинување. Имено првиот број на новиот „Дијалог“ излезе во септември 1992 година и заедно со професорот Мирчев бевме членови на неговата редакција.
Потоа, тој се вклучи во она што беше длабоко инспириран од Словенија, односно јасна определба за Европа. Сите негови идеи и иницијативи доаѓаа од неговиот престој, живот и работа во Словенија и моделот познат под паролата „Evropa Zdaj“ (на македонски: Европа сега, или Европа веднаш)“. Тој беше всушност на изворот на сите нови идеи и иницијативи кои доаѓаа во тогашна Југославија. Пазарно стопанство, демократска држава, цивилно општество. Словенечките интелектуалци веќе имаа развиена теорија, теорија која беше во состојба да го интерпретира тоа што се случуваше тогаш во Словенија и во Југославија и да му даде некое политичко значење. Тоа беше всушност трансформација на словенечкото општество во едно современо функционално европско општество, кое нуди решенија на сите пројавени предизвици. Интелектуалната елита во Словенија го почуствува тој момент да се поврзи со пројавениот спонтанитет, односно масовното движење. Тоа влијание ќе се почуствува во сите сфери, особено ќе дојде до израз во активностите на младата генерација чиј промотор и гласило беше весникот „Младина“, во елитната култура преку НСК. Во тие состојби, активности, дебати учествувал и професорот Мирчев. Словенија успеа, она што се случуваше во Србија и во Хрватска, со концептот на Милошевиќ и Туѓман, да го надмине со мобилизирање на целото словенечко општеството со паролата „Европа здај“. Треба да се спомне дека и во Словенија имаше поинакви обиди, особено со тематскиот број на „Нова ревија“, број 57 од 1987 година, посветен на „Прилози кон словенечката национална програма“.
Тоа што се случуваше во Словенија во Македонија беше подржано од младинскиот и студентскиот печат, „Млад Борец“ и „Студентски збор“, младинската организација, театарот, рок сцената, МРТВ, Сето тоа почна да биде препознатливо и под паролата „Европа ’92“. Професорот Мирчев во тие нови актери ја согледуваше можноста за промена на парадигмата во Македонија и затоа учествуваше во основањето на Младата демократска странка и беше основач и прв претседател на Европското движење на Македонија. Што потоа се случуваше е опишано во неговите книги, неговите колумни, интервјуа. Неговото последно интервју, исто така има голема симболика. Тоа е објавено неколку дена пред неговата смрт во словенечка „Младина“. Весникот кој покрена најголем број на идеи и иницијативи со кој беше творечки преокупиран професорот Мирчев.
Професорот Мирчев и неговото дело, некако судбински се поврзани со неговиот дедо Димитар Мирчев кој бил роден во Прилеп, бил голем интелектуалец, професор, револуционер, автор на неколку учебници и неколкупати бил осудуван и прогонуван за време на Отоманската империја. Студирал право на Белградскиот универзитет а дипломирал словенска филологија на Софискиот универзитет кога станал и член на Младата македонска книжевна дружина . Потоа бил професор во Солунската машка гимназија. Избран е за член на Централниот комитет на ВМОРО а потоа и за секретар на Солунскиот конгрес на ВМОРО во 1903 година кога се носи одлуката да се подигне Илинденското востание. Во април 1903 е уапсен и осуден на 101 година затвор и е испратен на робија на островото Лезбос. Во 1904 е амнестиран и оди да предава во Трново. Од 1909 до 1910 е директор на Битолската гимназија. Во 1912 е уапсен и пратен на робија во Измит, денешна Турција. За време на Балканските војни е активно вклучен во создавањето на револуционерните комитети во Бугарија. Од 1914 до 1923 е професор во Државната машка гимназија во Сливен каде многу години подоцна, односно во 1942 година ќе се роди неговиот внук, нашиот професор Димитар Мирчев.
Така што, голем дел од животот на проф. Мирчев можете да го согледате и кај неговиот дедо Димитар Мирчев. Затоа, професорот Мирчев имаше посебен однос кон протераните од Македонија. Од тука потекнуваше и неговиот близок однос и почит кон првиот Претседател на Република Македонија, господинот Киро Глигоров. Му се стави на располагање, да му помогне со сето свое знаење и искуство, со сите негови контакти и пријателства, за европеизација на Македонија. Учествуваше во мисии за меѓународното промовирање и признавање на Република Македонија. Беше член на Уставната комисија на Собранието и на работната група за подготовката на Уставот на Република Македонија. А ќе остане и забележан во историјата како прв македонски амбасадор на независна Македонија. За неговиот академски ангажман се е напишано во неговата богата биографија.
Но, да се вратиме на темата „Идентитетот и европската интеграција“. За разлика од Словенија, кај нас настаните по распадот на Југославијам отидоа во друга насока, со друг тек. Со што се се соочи Македонија во својот пат кон европеизацијата опишано е во тетралогијата на Димитар Мирчев, особено во брилијантна студија „Балкански меѓуетникум“. Додека другите се прилагодуваа на европски стандарди и принципи, ние моравме да докажуваме дека сме Македонци, дека имаме наш посебен идентитет, наш јазик, наша историја, имаме наша држава. Тие прашања, оспорувања, негирања кои доаѓаа пред се од нашите соседи, потрошија огромна енергија од пројавениот ентузијазам од осамостојувањето, потрошија огромно време оддалечувајќи не од тоа што беше општ тренд во Европа.
Имено, во преамбулата на Договорот за Европската унија донесен во Мастрих 1992 година се напушта поимот европски идентитет кој се градеше уште од педесетите години на 20 век. Европа, според овој договор, повеќе не ја поврзува заедничката историја и цивилизација туку приврзаноста на државите членки на ЕУ кон принципите на слобода, демократија, почитување на човековите права и основни слободи и владеењето на правото (член 6, став 1). Се напушта дотогашното сфаќање на нацијата како историски, духовен и културен феномен и се прифаќа граѓанското сфаќање на нацијата кое се засновува само врз демократијата, владеењето на правото и човековите права. Во ставот 3 на членот 6 од овој договор, Унијата се обврзува да го почитува националниот идентитет на своите држави членки, што се потврдува и со користењето на 24 службени јазици на кои се објавуваат сите службени акти на Унијата..
Во преамбулата на Договорот за ЕУ од Лисабон, (потпишан во 2007 а стапи на сила во 2009 година) се повторува истото: Шефовите на држави или влади на 27 држави членки „инспирирани од културното, религиознои хуманистичко наследство на Европа, од кои се развиле универзалните вредности на неприкосновените и неотуѓиви права на човекот, слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото, потсетувајќи се на историското значење на запирањето на поделбите на европскиот континент и потребата да се создадат цврсти основи за градење на иднината на Европа, ја потврдуваат својата приврзаност кон принципите на слобода, демократија, почитување на човековите права и основни слободи и владеење на правото“.
Може да се заклучи дека европскиот идентитет, според творците на ЕУ, мора да да се јави како колективен идентитет со кој се надминуваат силите на национализмот и расизмот, без да се западне во чист конзумеризам или анонимен институционализам.
Значи, од договорот во Мастрихт до договорот во Лисабон, ЕУ се откажува од сето тоа што ние на Балканот го сметаме за идентитет, односно мноштвото негови димензии: филозофски, психолошки, географски, културни, историско-политички…,. Идентитетот се сведува на почитување на принципите на слобода, демократија, почитување на човековите права и основни слободи и владеење на правото. Односно, сакате да бидете членка на ЕУ, тогаш исполнете ги прво, пред сѐ, поглавјата 23 и 24, или Justice and Home Affairs. Кога почнувате да го исполнувате тоа, постепено со исполнувањето и на другите поглавја, станувате дел од ЕУ, тогаш вие станувате дел и од европскиот идентитет.
Нашата академска заедница беше многу мрзелива на тој план и не успеа да ја убеди нашата јавност дека денес прашањето за идентитетот е на едно друго ниво, не е на она што вие вулгарно го нарекувате „антиквизација“… Тоа се заблуди што ги наметнаа тие што се содржани во книгата на професор Мирчев „Балкански меѓуетникум“.
За жал, господинот Рајнхард Прибе со неговиот извештај од 2015 година нѐ потсети зошто во Македонија тоа не се остварува. Значи, во Македонија имаме застој во остварувањето на демократијата, слободата, почитување на човековите права и основни слободи и владеењето на правото, односно остварувањето на европскиот идентитет, поради една институција која веќе 30 години ја држи Република Македонија во заложништво, а таа се вика УДБА. Без разлика какво и е името, дали е УБК, дали сега АНБ, методите и начинот на дејствување останува речиси исти. Значи, наследената концентрацијата на моќ од времето на социјализмот и нејзиното упорно противење да се реформира или европеизира не одалечува од ЕУ.
Словенија имаше храброст да расчисти со таквото свое минато и со пресуда на Врховниот суд на Република Словенија од 2002 година, УДБА ја прогласи за злосторничка организација. Но на тоа претходеше, во 1995 година, објавувањето на книгата на Едо Равникар „УДБОМАФИЈА – прирачник за разбирањето на транзицијата“ (која за жал сеуште никој не се охрабри да ја преведе на македонски јазик), но и објавување на интернет список на сите 14.000 кодоши на УДБА во Словенија и нивни соработници од другите републики, или околу еден милион имиња.
Наведеново можеме да го илустрираме и преку случајот со професорот Мирчев. Како што наведува во една од своите колумни во Дневник, но и во нашите приватни разговори, тој имал можност кон крајот на 80-тите во Љубљана да си го погледа своето досие, кое МВР Скопје го доставила до Словенија. Со тоа доставување на досието требало да се оправда одлуката на ЦК СКМ да го оневозможи изборот на професорот Мирчев за директор на Југословенскиот центар за теорија и практика на самоуправувањето „Едвард Кардељ“. Во досието на „класниот и идеолошкиот непријател“ Димитар Мирчев, како што пишува професорот Мирчев, некои негови добри другари и пријатели пишувале белешки за неговата неподобност, антидржавни ставови и сл. Верувале или не, можете слободно да проверите, до ден денес досието на професорот Мирчев не е доставено во Архивот на Македонија. Што ни кажува тоа? Одговорот ни го дава професорот Мирчев во спомнатата колумна: „Зарем денес полицијата и тајните служби не регрутираат информатори, доушници, кодоши? На која законска основа? Доброволно? Со почитување на човековите права? Според стандардите на Европската Унија? Да не е тоа „мало морген“?
Професорот Димитар Мирчев точно ја лоцира и ја дијагностицира сета актуелна состојба во Македонија, без тоа да ни го каже Прибе. Во една од неговите книги тоа го именува како „коридорите на моќтта“. Затоа да не се занимаваме со дневна политика, сепак ова е една академска дебата. Без академска и политичка коректност, треба да ја признаеме нашата немоќ. Немоќ барем на академско ниво, со научна методологија, да ги разобличиме овие тајни, зад кулисни, зад затворени врати коридори на моќта во Македонија. Нивните мрежи се во политиката, економијата, науката, правосудството, медиумите, невладиниот сектор.. Да не се залажуваме и обвинуваме други за нашата актуелна состојба со евроинтеграциите. Домашната задача требаше да си ја исполниме многу одамна пред да почнат преговорите за полноправно членство во ЕУ.
Ние треба на некој начин повторно да го осознаеме ова што е напишано во книгите на професорот Мирчев. И жално е што наши интелектуалци, наши политичари, наши новинари, не ја прочитале особено книгата на проф. Димитар Мирчев „Балкански меѓуетникум“, за да сфатат чии агенди остваруваат, чии платформи промовираат во Македонија, и каде Македонија ја троши својата енергија и сила, наместо да се посвети да ги прифати принципите кои се бараат од нас и се содржани во европските интеграции.
Можеби и попречувањето на европските интеграции на Македонија е таа да не може да биде дел од европскиот идентитет, со гаранции за сопствениот идентитет и просперитет.