Претседателот Иванов денес имаше поздравно обраќање на Свечениот и научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година“, организиран од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

На свеченото отворање на научниот собир, покрај претседателот Ѓорге Иванов, се обратија актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, како и Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров, и Владо Поповски, советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски. Поздравно обраќање имаше и претседателот на МАНУ, акад. Љупчо Коцарев, кој беше и модератор на сесијата на свеченото отворање.

Во својот говор претседателот Иванов ја поздрави иницијативата и се заблагодари за ангажманот за организација на денешниот настан на академик Коцарев, како претседател на највисоката научна институција во Република Македонија. Иванов зборуваше за процесот на обезличување на Македонија, за грчкиот договор од Преспа и договорот со Бугарија, односно дека почетокот на тој процес е со Охридскиот договор, во кој македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет. Зборуваше и дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Нагласи дека постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Упати критика за актуелната власт, посочувајќи дека неговите предупредувања се оствариле, дека таа се пазари со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Потенцираше дека е невиден преседан заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите и дека никој нема право, слобода и не е повикан да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината, што не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците.

Потсети дека во целиот период на премрежја, предизвици и искушенија, една работа остана непроменета, а тоа беше волјата на народот, која на 30 септември 2018 година беше изразена со бојкот на референдумот, со што тивкото мнозинство донесе гласна одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име, ниту право да тргува со идентитетот. Нашите граѓани мораат да се соочат и со неоспорната вистина дека живееме во тешко и турбулентно, изразито стресно и опаснo, и можеби најопасно од Втората светска војна, нагласи претседателот Иванов. Повика на целосна мобилизација на сите интелектуални сили, кои ќе се соочат со предизвиците на новото време кои се сè потешки и покомплексни.

Според претседателот Иванов, во таква состојба на духот на времето во кое живееме, Македонија како да е заробена во својот провинцијализам, во нарцисоидната егоцентричност на својата елита. Како да сме опседнати од бесмислените политички кавги без суштина и примитивизам каков што до сега не е виден кај нас. Нагласи дека Македонија доживеа својата 30 годишнина од независноста, која ни проаѓа без радост и среќа, да ја дочека како земја од групата на хибридни режими која се стреми кон автократија, делумно слободна и на 111 место според корупцијата во светот. Дополни дека членството во НАТО, чија иднина станува сè понеизвесна, не може да ја сокрие грдата слика за нас.

На крајот, поранешниот претседател Иванов истакна дека денес на Република Македонија повеќе од кога и да е ѝ се потребни луѓе, кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци, кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината, односно луѓе и народ кои конечно ќе се домакедончат.

– Линк до видео со говорот на Претседателот Иванов:

– Линк до текстот на говорот на Претседателот Иванов: