Поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше како предавач на викенд сесијата на Школата за млади политики „Мајка Тереза“ што се одржа во периодот 12-14 март 2021 година во Охрид.

Школата за јавни политики „Мајка Тереза“ започнува со програма од 2011 година и оттогаш во рамките на Школата се организирани семинари, програми, конференции, дебати и др. Проектните активности и програмите на Школата ги предводи Центарот за истражувања и креирање политики – ЦИКП (Center for Research and Policy Making – CRPM). Целта на Школата е да го поттикне развојот на одговорно и етичко (рако)водство прифаќајќи ги принципите на Мајка Тереза за пораст на социјалната правда, да им овозможи прилики на политичките и граѓанските водачи од целокупниот јавен живот заедно да дискутираат за моменталните политички, општествени и економски прашања, да охрабри и поттикне на транспарентност во процесот на креирање јавни политики и да поттикне јавен дијалог и медиумска дебата и слободна размена на идеи. Школата е дел од мрежа на 21 политички студии организирани во соработка на Советот на Европа.

Темата на оваа прва сесија на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“ во 2021 година беше „Предизвиците на креирањето на јавни политики во време на Ковид 19“, а покрај предавачите и учесниците во дискусијата, онлајн учество зедоа и претставници на алумни и учесници на Школата од 2020/2021 генерација.

Претседателот Иванов се обрати на сесијата на Школата за млади политики „Мајка Тереза“ на 13 март 2021 година (сабота) која се одржа во Охрид. Дел од предавачите беа физички присутни, со почитување на Ковид19 протоколите и мерките за превенција, а дел од предавачите и учесниците се вклучија онлајн. Темата на која се обрати Претседателот Иванов беше „Светската политика во време на Ковид19“. Претседателот Иванов даде свој осврт на случувањата во глобалната политика во време на криза, особено во време на актуелната криза предизвикана од пандемијата на корона вирусот.

Воедно, во рамките на соработката и координацијата за оваа активност, Претседателот Иванов и проф. д-р Жидас Даскаловски, Директор на Центарот за истражувања и креирање политики, ги разгледуваа можностите за идна соработка помеѓу Школата за млади лидери на Претседателот Иванов и Школата за јавни политики „Мајка Тереза“.