Поради глобалната пандемија на Ковид-19 и почитување на превентивните протоколи, 23. Евроазиски економски Самит на Фондацијата Мармара од Истанбул, Република Турција, првично планиран за април оваа година, се организираше сега, во октомври, по прв пат на онлајн платформа со видео стриминг.
Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, за време на своите мандати, редовно учествуваше на сите Евроазиски економски самити во Истанбул, а со задоволство го потврди учеството и оваа година. Обраќањето на Претседателот Иванов беше во сесијата во која учествуваа многу поранешни претседатели, премиери, министри, на тема „Современи разумни луѓе“, односно „Нов баланс на моќта во глобализацијата и почитта и управувањето“ и „Нов светски поредок после корона вирусот“. Покрај Претседателот Иванов, во оваа сесија, свои излагања имаа и поранешните претседатели на Турција – Ѓул, Албанија – Нишани, Австрија – Фишер, Босна и Херцеговина – Иваниќ, Бугарија – Стојанов, Хрватска – Месиќ и Јосиповиќ, Латвија – Затлерс, Словенија – Тирк, Црна Гора – Вујановиќ, Романија – Контантинеску и др.
Поранешниот претседател Иванов на почетокот на своето обраќање нагласи дека по прв пат на Евроазискиот економски самит ќе се обрати од академски аспект. Тој рече дека, „доколку севкупната состојба со пандемијата предизвикана од Ковид-19 ја согледаме од филозофски аспект, особено од аспект на политичката филозофија, ќе се соочиме со еден парадокс. Парадокс кој ни дава сосем поинаква претстава за состојбите во светот во 2020 година, спротивен на сѐ она што досега е кажано и презентирано од политичарите, медиумите, невладините и хуманитарните организации, според кои Ковид-19 е виновен за сѐ и е причина за сите неволји што нѐ снајдоа… Ковид-19 нѐ научи дека ништо од она што е врвно достигнување на севкупната човекова цивилизација, значи врвната наука и сите технолошки достигнувања, не можат да бидат гаранција за вечен прогрес и напредок на сегашноста, но и иднината… Ковид-19 во 2020 година како наеднаш да ја подигна завесата на светската сцена и како силен рефлектор ги направи видливи и јавни сите светски настани и акции кои најмоќните во светот се навикнати да ги прават и водат зад завесата, односно зад затворени врати, далеку од очите на јавноста. И сето тоа да го прават неказнети веќе неколку децении, па и векови.“
На крајот, во своето обраќање претседателот Иванов истакна: „Древните филозофи, особено Платон, нѐ учат дека во такви кризни времиња најважно од сѐ за една заедница е солидарноста и пријателството меѓу самите луѓе, но и со природата. Платон на повеќе места подучува дека човековата душа го поседува она што тој го нарекува thimos, нешто што на луѓето им дава способност за индигнација пред неправдата и пред стравот од губење на животот. Таа храбра емоција, односно екстаза, може да ја поттикне желбата за преживување и мобилизација која може да ја спаси заедницата. Да се надеваме дека кај многумина од нас, покрај сѐ што ни се случи во 2020 година, созрева свеста за сопствениот thimos, кој со тоа би прераснал во наш сеопшт цивилизациски thimos.“
https://marmaragrubuvakfi.web.tv/video/20201008-125030__txmsmy2oqma (почеток на обраќањето на Претседателот Иванов во 2:33:00)