Денес, Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на онлајн настанот на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели (World Business Angels Investment Forum – WBAF) по повод свеченото отворање на новата Бизнис школа на форумот (WBAF Business School).
На свеченото отворање на Бизнис школата на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, покрај Претседателот Иванов, присуствува и се обратија и двајцата поранешни претседатели на Република Хрватска 2015-2020, Колинда Грабар Китаровиќ, и 2010-2015, Иво Јосиповиќ, поранешниот заменик Премиер и Министер за образование на Португалија, Антонио Сантос, како и косовскиот Министер за финансии, Хикмет Бајрами. Воведни обраќања имаа г. Бајбарс Алтунташ, Извршен Претседавач на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, партнер на Глобалното партнерство за финансиска инклузија Г20, и д-р Пол Доани, Ректор на Бизнис школата на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
Претседателот Иванов во своето обраќање на свеченото отворање на WBAF Бизнис школата, на тема „Улогата на бизнис едукацијата во деловната етика“, ја истакна зголемената потреба за изучување на деловната етика, како и за најдоминантните теории и доктрини во економијата и нејзините последици. Тој истакна дека прашањето за односот меѓу бизнисот и етиката може да се постави и како дилема за тоа дали богатството неизбежно подразбира и сомнеж, недоверба и завист кон неговото потекло, начинот на кое е стекнато и акумулирано. Претседателот Иванов нагласи дека сѐ подоминантно станува мислењето дека бизнисот без морални критериуми не може да даде трајни, стабилни и значајни бизнис резултати, ниту пак може некоја заедница да ја направи среќна и просперитетна.
Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели во 2018 година ја прогласи Школата за млади лидери на Претседателот Иванов за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година. Од оваа година Претседателот Иванов ќе ја претставува Република Македонија на Големото Собрание на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, што обезбедува за Македонија широк спектар на можности за нови почетни компании, нови бизниси, бизнис контакти и вмрежувања и ги отвора вратите за економски развој. Имајќи ги предвид двата мандати на позицијата Претседател на Република Македонија и неговото професорско искуство, д-р Ѓорге Иванов ќе предава и на Бизнис школата на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели за Деловна дипломатија и за меѓународно претприемништво. Претседателот Иванов, исто така, ќе биде и член на одборот на Дипломатијата во акција за претприемници.
Бизнис школата на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели e виртуелна школа која нуди онлајн образование, обезбедува хибридно учење во повеќејазично и мултикултурно опкружување, дава поддршка од стратешки советодавен одбор, организира средби за размени на берза и студиски патувања, дава поддршка за корпоративно управување и поддршка на мали и средни претпријатија, како и квалификација и сертификација заснована на знаење.
Бизнис школата е основана од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели како одговор на зголемената потреба за квалификувани инвеститори, квалификувани претприемачи и квалификувани компании во светската економија. Обезбедува едукација и обука за поединци како што се инвеститори и претприемачи и преку своите програми за развој придонесува за деловна трансформација и на приватни и на јавни субјекти. Сите програми за развој и развој на бизнисот, курсеви за квалификација и сертификација, семинари, мастер програми и сесии за обука, како и нејзините веб-работилници и тркалезни маси се прилагодени на специфичните барања на индивидуалните професионалци и тимовите на корпоративните менаџери. Мисијата на WBAF Бизнис школата е да придонесе за развој на вештини и експертиза, да помогне во деловната трансформација на приватните и јавните субјекти и да го поттикне креативното размислување што доведува до иновации и евентуален успех во постојано менување на пазарното опкружување на 21 век.