Дел од предавањето на Претседателот Иванов на Универзитетот во Вроцлав на тема: „Мостови на пријателство и соработка: Македонија – Полска“, 4 декември 2018 година
– https://gjorgeivanov.mk/…/2011-07-19-10-40-39/5415.html
– Macedonia, Macedończycy, język macedoński. Dziękuję, Polsko!
…И како што полската држава ги згрижи децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, така полската наука покажа грижлив интерес за нивниот мајчин јазик – македонскиот. Не случајно во 1973-та, пред 45 години, токму вашиот престижен универзитет му додели почесен докторат на академик Блаже Конески, што е прва таква титула за Македонец во Полска. (Sokołowski, 2001).
Инаку, само три дена нè делат од денот кога пред 25 години, во 1993-та почина Блаже Конески. Затоа, моето обраќање ќе го започнам со крајот на неговиот живот. Непосредно пред неговата смрт изнемоштениот Конески ја повикал неговата колешка, познатиот полско-македонски славист Зузана Тополињска и ѝ го диктирал она што ќе биде негово последно објавено сведоштво. (Конески, 1993). Во тоа мошне кратко, но длабоко послание до неговата, но и до идните генерации, тој за последен пат се осврнал на прашањето што го прогонувало речиси целиот негов живот.
Како лингвист и книжевник кој се посветил на развојот на македонскиот литературен јазик, тој бил свесен дека три нешта фрлале сенка врз неговото животно дело. Прво, македонскиот јазик го зборуваат едвај два милиона луѓе. Второ, целосната кодификација на македонскиот литературен јазик е завршена дури во 1945-та, по формирањето на македонската држава. Трето, македонскиот јазик бил и сè уште е оспоруван.
Соочен со овие три факти, Конески имал храброст јавно да постави едно многу тешко прашање: Која е смислата да се пишува, да се твори на мал јазик?
Ова прашање значело преиспитување на целото негово научно и книжевно творештво и, воопшто, смислата на неговиот живот.
Колку и да е мал, македонскиот јазик има своја големина.
Тоа е јазикот што просторно е најблиску до изворот на првиот пишан јазик на словенските земји – старословенскиот. Знаеме дека во 855 година, врз основа на говорот на словенските племиња Сагудати, Другувити, Велегезити и Ринхини кои биле населени во Македонија, Св. Константин ‒ Кирил и Методиј составиле нова азбука – глаголица. Со помош на глаголицата, тие не ја превеле, туку ја препеале Библијата на старословенски. А, препевот е секогаш многу потежок од преводот. Тоа зборува и за богатството на јазикот и за нивната генијалност.
Со помош на тој пишан јазик, Св. Кирил и Методиј и нивните ученици меѓу кои и Св. Климент и Наум Охридски го растерале духовниот мрак и маглата на незнаењето и го ослободиле огромниот духовен, интелектуален, културен и креативен потенцијал на словенските народи. И затоа, еден од големите синови на словенството, Карол Војтила, папата Јован Павле II во 1980 година, во своето апостолско послание Egrigae Virtutis ги прогласи Св. Кирил и Методиј за копокровители и патрони на Европа.
Но, славистот Реџиналд де Бреј ќе напише: „Заради иронијата на историјата, народот чии предци им го дадоа на Словените нивниот прв литературен јазик беа последни на кои им се призна нивниот модерен јазик како словенски и различен од соседните српски и бугарски”. (De Bray, 1980).
Зошто е тоа така? Макс Вејнрих духовито забележал дека „јазикот е дијалект со армија зад себе.” Во долгите векови на туѓа политичка и духовна власт, нашиот јазик бил систематски потиснуван и забрануван. Само во текот на 19 и првата половина на 20 век стотици словенски натписи биле избришани, илјадници словенски ракописи биле уништени, стотици илјади Македонци биле принудно преименувани, а нивните идентитети насилно менувани. Вклучително и идентитетот на Конески, чие презиме го менувале те во Коневиќ, те во Конев, во зависност од тоа која соседна држава владеела со неговата татковина Македонија. Соочен со таквата сосотојба, Конески во 1939 година ги запишал познатите стихови: „рика во мене маката / дека сум роден во смачкано племе”, односно, во обесправен народ.
Но, сето тоа се промени со крајот од Втората светска војна. Kористејќи го сувереното право на самоопределување, македонскиот народ на 2 август 1944 година ја создаде современата македонска држава. Еден од првите документи на македонската република е и решението „за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава”.
За спроведување на тоа решение била формирана Комисија за јазик и правопис. Како нејзин член, Конески бил свесен дека прашањето за јазикот е едно од најважните при разрешувањето на македонското прашање. Како и Крсте Петков Мисирков, тој многу добро знаел дека афирмацијата на македонскиот литературен јазик е услов за заокружување на националната консолидација на Македонците.
Затоа, целиот свој живот го посветил на една цел. А тоа е да му помогне на својот народ да го развие и афирмира својот литературен македонски јазик.
Конески бил еден од најактивните учесници во кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Тој имал централна улога во донесувањето на клучните документи на македонската наука за јазикот – азбуката, правописот, граматиката, речникот, историската фонологија, историјата на јазикот (Видоески, 1986, 2013). Како лингвист, поет и преведувач, тој го насочи вниманието на светската лингвистичка и книжевна јавност кон македонскиот јазик. Како еден од основачите на најважните академски институции и списанија, тој придонесе кон процутот на македонистиката.
Со сè што правеше, Конески и неговата генерација за многу кратко време го издигнаа македонскиот јазик во современ европски јазик со светла иднина.
Но, таквиот успех ги разбудил старите балкански сеништа на негирањето. Македонскиот јазик и денес сè уште се соочува со бројни оспорувачи кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат еден вид симболична опресија врз македонскиот идентитет.
И самиот Конески на своја кожа ја почувствувал ваквата состојба. Ќе ви дадам само една илустрација.
Во 1968 година, пред 50 години, Конески станал почесен доктор на Чикашкиот универзитет. Но, американскиот славист и македонист, проф. Виктор Фридман откри дека околу тој докторат се водела вистинска политичка драма (Фридман, 2011).
Имено, уште во 1964-та година, полско-американскиот славист и шеф на Катедрата за словенски јазици на Чикашкиот универзитет, проф. Едвард Станкиевич предложил Конески да биде прогласен за почесен доктор на тој универзитет. Предлогот набргу се нашол на агендата на надлежната Комисија за почесни признанија која сериозно го разгледувала. Но, некои од членовите на Комисијата се плашеле од реакциите на Грците. Сметале дека таквата награда може да биде сфатена како непријателски чин од страна на Грците кои го негирале постоењето на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и, воопшто, македонскиот народ. Па така, одлуката за почесниот докторат на Конески била одложена сè до 1968 година. Тоа бил можеби единствен забележан случај на одложување на одлука за доделување на почесен докторат на Универзитетот во Чикаго. И тоа поради големиот страв од еден мал јазик.
А стравот до некаде бил и оправдан, бидејќи веднаш по церемонијата до претседателот на Универзитетот започнале да пристигнуваат протестни писма во кои се изразувало незадоволство поради признавањето на „непостоечки јазик” на еден „непостоечки народ.” (Фридман, 2011).
Од тој инцидент мина рамно половина век. Но, тој страв, за жал, сè уште е присутен, и не само во Америка. Ако на веб-страниците на институциите на Европската Унија ги побарате документите што се однесуваат на нашиот регион, ќе забележите една чудна работа. Повеќето документи се преведени на официјалните јазици на државите од нашиот регион. Но, само во нашиот случај наместо македонски јазик, пишува „јазик на Поранешната Југословенска Република Македонија.” Колку што знам, таков јазик во славистиката не постои.