По повод големиот државен и историски празник – Илинден, Претседателот Иванов упати честитка до сите граѓани на Република Македонија, потсетувајќи на трите големи Илиндени кои го втемелија патот кон слободна, суверена и независна држава.


Почитувани сограѓани,

Почитувани потомци на сите наши знајни и незнајни херои кои своите животи ги поклонија за нашата татковина Македонија,

По многувековното ропство, на ден Илинден 1903-та, во херојско Крушево, нашите херои го кренаа бајракот на слободата и правдата.

На вториот Илинден, во 1944 година, старите илинденци и младите борци од Народноослободителната и антифашистичката борба конечно го исполнија вековниот сон на македонскиот народ – сонот да биде слободен народ во слободна држава.

На третиот Илинден, на 8-ми септември 1991 година, македонските граѓани ја повратија сувереноста и ја потврдија независноста на Република Македонија.

Затоа, оној што бара да ни се придружи во славењето на првиот Илинден, треба да знае дека со тоа неминовно го слави и вториот и третиот македонски Илинден.

За многу години Илинден!
Да ни се вечни слободата, независноста и сувереноста!
Да живее Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов