Претседателот Иванов упати честитка до христијанските верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар:
„Честитајќи им го Денот на Раѓањето Христово – Божиќ на сите граѓани кои го прославуваат според Грегоријанскиот календар, посакувам да продолжиме да ја пренесуваме Божиќната порака за вистината за верата која ја живееме.
Празнувањето на Божиќ за милиони Христијани во светот претставува отворање на нова надеж, за новата година и за иднината. Овој голем празник на мирот, дарувањето и помагањето, нè учи да живееме во заедништво, да ги следиме моралните закони во нас и да делуваме во согласност со начелата на вистината и хуманизмот, како и да ги истакнуваме нештата кои нѐ обединуваат и сплотуваат.
И овој Божиќ, нека светлината и топлината ги исполнат вашите домови и вашите срца, нека донесат лична и семејна среќа, радост и многу здравје.
Мир Божји – Христос се роди! Вистина се роди!“
Претседателот Иванов упати и писмо честитка до Бискуп скопски и Епарх струмичко-скопски во Македонија, монсињор Киро Стојанов, во кое им го честиташе големиот празник на Христовото раѓање – Божиќ на сите припадници на католичката заедница и до целиот пасторален персонал на Католичката црква во Република Македонија.