Претседателот Иванов упати честитка до граѓаните на Република Македонија по повод 11-ти Октомври, Денот на народното востание:

„Почитувани граѓани на Република Македонија,
Најтешкиот пат го започнаа нашите храбри борци и херои кога на 11-ти Октомври 1941 година се впуштија во борба против фашистичкиот окупатор, а потоа ни ја донесоа слободата и остварувањето на сонот за формирање на македонска држава.
Но, никој нема да ја чува Македонија ако не ја чуваме ние!
Никој нема да ја гради Македонија ако не ја градиме ние!
И, никој нема да ја почитува Македонија ако не ја почитуваме ние!
Предизвици сме имале и пак ќе имаме, но не треба да дозволиме да нè занесува секој ветар на лагите, заблудите и лукавството. Мора да бидеме свесни за вистината. Да ги отфрлиме лажните претстави за Македонија создавани за туѓи потреби и туѓи интереси.
Денес, кога го празнуваме денот на народното востание, свесни за актуелните случувања, да бидеме уште повеќе благодарни на нашите херои кои еднаш нè ослободија, а вториот пат нè задолжија – да го чуваме, градиме и почитуваме тоа што тие ни го оставија.
Нека ни е за многу години Денот на народното востание, 11-ти Октомври!
Да живее Република Македонија!“