Честитка од Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, по повод 2ри Август, Илинден:
Да се биде Македонец не е само право. Тоа е и обврска. Обврска да се чува наследство за кое нашите предци се избориле со пркос и непокор. Да се чува континуитетот на нашата определба, бидејќи како Македонци ние не можеме да бидеме нешто поразлично од нашите предци. Да не им го одземаме на нашите деца, внуци и правнуци она што ни го оставиле нашите татковци, дедовци, прадедовци.
Многупати се обидувале и сега повторно се обидуваат да ни накалемат некаков туѓ идентитет. Ниту успеале, ниту сега ќе успеат бидејќи нашето постоење не зависи од нив туку од самите нас.
Овој светол ден не потсетува дека не смееме да ја губиме вербата во себе. Да го чуваме и негуваме нашиот многувековен идеал на непокорот.
За многу години Илинден!
Да живее Република Македонија!