По повод празникот Денот на Св. Климент Охридски, Претседателот Иванов упати честитка до граѓаните на Република Македонија:

„Почитувани сограѓани,
Денес, му оддаваме почит и внимание на најискусниот и најпросветениот ученик на Светите браќа Кирил и Методиј – нашиот голем народен светител и просветител – Свети Климент Охридски, кој бил и првиот оригинален словенски писател, поет и беседник.
Преку Охридската книжевна школа Климент придонел за просветно, духовно и морално издигнување на словенските народи. Климентовите 3500 ученици станале учители на Словенството.
Како проповедник и педагог, Климент кај народот ја утврдил верата и ги развил навиките на срцето. Ги охрабрувал луѓето да се воздржуваат од секаква злоба, гнев, клевета и користољубие и, наместо тоа, да се престигнуваат во добрина, милосрдие и гостопримство.
Затоа, да се потсетиме на пораките на Св. Климент и на сето она што тој ги учел нашите претци. Тој вели: „Со љубов еден кон друг да се натпреваруваме, со милостина и чистота умот свој просветлувајќи го, да го впериме угоре”.
Затоа денес сме благодарни за делата на Св. Климент Охридски, за неговите слова, поуки и житија. А, вистинската благодарност не се искажува само преку спомнување на неговото име, туку преку почитување и применување на неговите слова и поуки.
Честит нека ни е празникот!
За многу години!“

 

Линк до постот на ФБ