Во рамките на Дипломатскиот форум во Анталија кој се одржа во периодот 10-13.03.2022 година, поранешниот Претседател Иванов учествуваше на панел дискусија на тема „Ревитализација на мултилатерализмот: ОН и подалеку“.

Учесници на панел дискусијата, покрај Претседателот Иванов беа и Министерот за меѓународни односи и соработка на Јужна Африка, Н.Е. г-ѓа Грејс Наледи Мандиса Пандор, Претставникот на ОН за меѓународни дискусии во Женева, г-ѓа Ајше Цихан Султаноглу, и Претседателот на 75-та сесија на Генералното собрание на ОН и поранешен министер и амбасадор на Р. Турција, г. Волкан Бозкир.

Првото прашање од модераторот на панелот, г. Али Аслан, новинар и уредник на TRT World, беше општо за темата на панелот, за ревитализација на мултилатерализмот, погледнато преку призмата на ОН и какви се размислувањата на панелистите за иднината на ОН. Модераторот го спомна обраќањето на Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој детално зборуваше за ОН во своето обраќање на отворањето на форумот, со критика за нивната нефункционалност и неефикасност во време на вакви големи глобални кризи, цитирајќи го неговиот став дека светот е поголем од само пет, мислејќи на постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, изразувајќи ги фрустрациите од сегашната поставеност на ОН.

Претседателот Иванов го даде следниот одговор:

 „Како што спомнавте, кризата во Украина ја враќа улогата на Обединетите нации и Советот за безбедност повторно на сцена, како и нивната улога и поставеност во 21-виот век.
Мора да се потсетиме дека ваквите ОН се резултат на победниците од Втората светска војна. Така е создаден и Советот за безбедност на ОН. Победниците од Втората светска војна дадоа свој печат на ОН и Советот за безбедност. Мора да знаеме дека тоа е генерација на храбри лидери, кои ја преживеаја Втората светска војна, кои ги видоа сите ужаси на војната. Видоа сѐ што носи насилно решавање на спорови меѓу земјите.
Токму затоа, ОН беа создадени да даваат решенија за мирно решавање на конфликтите меѓу државите. Поставија, пред сѐ, приоритет на почитување на човековите права, успешно ја донесоа Повелба на ОН, ја донесоа и Универзалната декларација за човековите права.
ОН беа функционални во еден модел на студената војна, кога имавме две големи сили кои воспоставија баланс на страв, balance of fear.
Но, денес, во 21-ви век гледаме дека ОН ја губат моќта да воспостават мир.
Во академската заедница веќе има нервозни реакции, затоа што претходно е предупредувано дека ќе дојде до ова што се случува сега во Украина.
Дилемата сега е дали ОН ќе останат такви како што се, второ, дали ќе излезат од ваквиот модел на функционирање и, како трето, дали тие ќе ги користат сите придобивки на технолошкиот развој и ќе вклучат нови начини на носење одлуки, вклучувајќи сѐ што е највисок дострел на човековата цивилизација.
Ако остане статус-кво состојбата, треба да очекуваме по конфликтот во Украина, долги, мачни и тешки преговори, во кои ќе се користат сите дипломатски механизми, сите дипломатски искуства и вештини. Имајќи го досегашното искуство, тоа ќе заврши во уште еден нов замрзнат конфликт. Затоа што руските барање се веќе јасни. Да се промени Уставот на Украина во кој ќе се гарантира неутралноста на Украина, да се признае Крим како руска територија, и двете нови републики да се прогласат за независни. Не верувам дека во Украина некој би го прифатил во овој момент тоа. Но, тоа е позиција, и за тоа треба дипломатски да се дојде до решение. Затоа велам, тоа ќе бидат долги и мачни преговори ако се користи досегашното искуство.
Вториот модел, да се напушти досегашниот, ваквиот модел на решавање и носење одлуки, е голема неизвесност. Затоа што реформите на Советот за безбедност се неуспешни, бидејќи пред сѐ, се блокирани од другите меѓународни организации, Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд, кои имаат интерес од ваквата поставеност на Советот на безбедност.
Во академските кругови има една вест која ја има и во медиумите, дека две членки на Советот за безбедност, постојани членки на СБ, бараат правна аргументација дали Русија е легално и легитимно претставена во СБ денес, бидејќи тоа беше место на Советскиот Сојуз. Со отворање на тоа прашање, дали е легално присуството на Русија во СБ на местото кое припаѓаше на Советскиот сојуз, се отвора пандорина кутија. Знаејќи дека Русија ги напушта веќе меѓународните организации, може да се случи да го напушти и СБ.
Имајќи ги позициите на Кина и нејзиното искуство со иницијативата „Еден појас еден пат“, која спроведува нов начин на функционирање на односи со други држави. Затоа што Кина вели, ние бараме партнерство, а не сојузи, ние бараме дијалог без конфронтации. Тоа укажува дека и Кина ќе ѝ се придружи на Русија и ќе излезе од Советот на безбедност. Ова е хипотетичка состојба, но доколку Русија и Кина излезат од Советот на безбедност, тогаш влегуваме во таква голема неизвесност во која светот веќе ќе нема решение.
Третата дилема, да се користат сите нови технологии и дострели на човековата цивилизација, да се прилагодат ОН на 21-виот век, е објаснета во еден текст на Хенри Кисинџер, Крајот на просветителството, или неговата последна книга, Ерата на вештачката интелигенција која е во ко-авторство со други двајца автори (Ерик Шмид и Даниел Хутенлохер). Тој вели, дали не е време да се користи вештачката интелигенција, да нуди решенија за кои дипломатите сеуште немаат начин како да дојдат до тие решенија. Дали вештачката интелигенција која брзо учи од сите примери на решавање на конфликти во меѓународните односи може да се искористи во иднина?
Сите овие дилеми укажуваат на тоа дека ОН се подложни на природните закони, односно биолошки закони. ОН се човекова креација, создадени од човечки суштества. Како што човекот е млад, така и организацијата која е млада, е полна со ентузијазам, енергија и потенцијал. Како старее, таа се соочува со тромост, немоќ, помала ефикасност, многу комплицирани односи, и како секој стар организам, ја нема животната сила.
Затоа беше спомнато и на отворањето на овој форум, дека сѐ повеќе ваквите форуми личат на ОН. Но, Генералното собрание на ОН, за жал, е форум на монолог, нема дијалог. Секој ги изнесува ставовите на својата држава. Но, суштината на собранијата, парламентите е да се дебатира, да има дијалог. Затоа што преку дијалог се доаѓа до решение, не со монолози. Тоа укажува дека ОН како и секоја друга организација се најефикасни во кризни ситуации. Се чека да настане криза, па потоа да бараме решенија за кризата.
Да го дообјаснам ова што го тврдам. Инспирација ни се вечни вистини кои ни се потврдиле низ вековите. Значи, повторно треба да се повикаме на Аристотел за да ја објасниме ситуацијата во Украина. Тој вели, тоа што треба за војна, треба и за мир. Значи, да го парафразирам, Аристотел кој вели, основните човекови доблести, храброст, праведност, разумност и умереност се неопходни и во војна и во мир.
Нека извинат, но генералниот секретар на ОН не пројави храброст. Тој требаше, истиот ден кога стана воениот конфликт да биде во Киев, заедно со претседателот на Генералното собрание, а утредента да бидат во Москва. Тоа е тој концепт на превентивна дипломатија. Да се обидеме со нашиот авторитет, со организацијата која ја претставуваме, да дејствуваме за настаните да не навлезат во тоа што денес се случува во Украина.“

 

Второто прашање од модераторот беше за позициите на панелистите во однос на острите, но реални критики за ОН. Зошто да имаме таква институција чија што неефикасност го поткопува нејзиниот кредибилитет? Дали треба самата да се укине, да се реформира, затоа што станува нарушување на вредностите кои треба да ги промовира и имплементира, поставени во нејзината Преамбула.

Одговорот на Претседателот Иванов на второто прашање беше следниот:

„Лесно е денес да ги критикуваме ОН. Лесно е да се биде критичен кон ОН. Но, ОН се такви како што сме и ние, државите членки кои ги создале ОН.
Но, суштината е дали ние сме свесни што нѐ очекува. Додека во Студената војна секој имаше свој брод и ОН ги предводеа сите тие бродови кон мир, прогрес и просперитет, сега сите ние во суштина сме на еден брод. Иако секој има своја кабина на тој брод, но дали се ОН тие што го држат правецот на нашата цивилизација. Тоа е дилемата. Кој го има кормилото на човековата цивилизација? Кон што одиме? Затоа што глобалните закани бараат глобални одговори.
Првпат како човекова цивилизација се соочуваме со исчезнување на нашата планета ако продолжат ваквите климатски промени, конфликти, војни. Влегуваме во авто-деструкција. И затоа овде ни недостасува поддршката од ОН.
Хипотетички кажано, дали денешната генерација може да донесе документ како што е Универзалната декларација за човекови права? Јас не верувам.
Ние имаме многу негативна енергија во нас и не верувам дека ќе имаме сила да се обединиме и да одредиме нова визија за нашата иднина.
Дали ќе имаме сила да донесеме, на пример, нова Мagna Carta Libertatum? Заштита од вештачката интелигенција која ни ги контролира нашите животи?
Интернетот, дигитализацијата, требаше да му дадат на човештвото многу поголема слобода. Но, ако ја читате книгата на професорката Шошана Зубов од Харвард, Контролен капитализам, ќе видите дека секој современ тек, секоја нова технологија, секоја дигитална услуга, нѐ прави да влегуваме во доброволно ропство. Стануваме робови на технологијата и машините.
Затоа кажувам, прашувам, дали е тоа добро, како што размислува Кисинџер, да се вклучи вештачката интелигенција во изнаоѓањето на можни решенија. Но, тогаш кој ќе ја контролира и кој ќе и дава примери од кои ќе учи вештачката интелигенција. Тоа е предизвикот сега. И тоа мора да се стави на дневен ред.
Сега ние страдаме од човековите фрустрации, конфликти, незадоволства, кои се резултат уште од распадот на империите. Уште се распаѓаат империите што Лигата на народите требала да ги смири. Сите овие последици, конфликти се од стариот свет. Но, кога ќе ни дојде новиот свет, со заканите од новите технологии, дали како човештво ќе успееме да се обединиме и да донесеме што вели амбасадорот, нов устав. Заштита од новите закани.“

 

После прашањата од публиката и дискусијата која беше иницирана од истите, следеше покана од модераторот за завршни зборови од панелистите. Претседателот Иванов се заблагодари на организаторот, учесниците на панелот и публиката и го заврши учеството на панелот со следните зборови:  

„Живееме во време со голема неизвесност. Нѐ очекуваат големи предизвици. Човештвото секојпат наоѓа решение во кризни ситуации. Да се надеваме дека кризите кои ги имаме ќе придонесат за решенија кои ќе бидат од корист за сите, не само за една група земји како што беше случај досега.
Светот станува сѐ покомплексен и посложен, но станува и многу сѐ повеќе меѓусебно зависен, бидејќи е поврзан. И затоа, помагајќи си себеси, им помагаме на сите. Една стара мудрост вели дека никој нема да стигне кај што тргнал ако не стигнат сите.“

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ