Кабинетот на поранешниот претседател Иванов информира дека по 15-ти пат ќе се одржи традиционалната Школа за млади лидери на Претседателот Иванов во периодот 1-13 октомври 2024 година. Денес е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, која оваа година ќе биде на тема „Лидерство за мир“.

Кабинетот на поранешниот претседател Иванов ги повикува сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсот.

 



 

Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, заедно со „Иванов школа за лидери – Алумни асоцијација“ (ИСЛАА) и Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите, го објавува следниот

 

КОНКУРС
за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019,
1-13 октомври 2024 година
 
 

15. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ

„Лидерство за мир“

Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, традиционално се одржува од 2010 година. Вкупно, во досегашните 14 обуки, учествуваа околу 550 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред четиринаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа околу 350 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со глобалните предизвици, меѓународната конкуренција и културните и религиски различности.


Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Школата опфаќа интерактивни предавања од реномирани предавачи и говорници од земјата и од странство, панел дискусии, работилници и тимска работа на проектна задача. Програмата е прилагодена да одговара на потребите на младите генерации и да обработува теми кои се од особен интерес за нив. Оваа година програмата на школата треба да одговори на прашањата како образованието и лидерството можат да бидат трансформатори и катализатори за позитивни промени и иновации. Со планираните активности во програмата сакаме да ги поттикнеме и охрабриме младите учесници да размислуваат аналитички и да дејствуваат како лидери. Да иницираат промени и да ги предводат, да стекнат самодоверба, да ги развиваат своите вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, да одговараат подготвено и да иницираат решенија за предизвиците со кои се соочуваат и да вложуваат во својот професионален и личен напредок.

Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира во периодот 1-13 октомври 2024 година.

Во првиот дел, од 1-4 октомври 2024 година, предавањата ќе се одржуваат онлајн, со активности предвидени по 18:00 часот.

Вториот дел, од 5-13 октомври 2024 година, ќе биде со целодневна програма и ќе се одржи во хотел „Инекс Олгица“ во Охрид.

Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство, фокусирани на искуствата и знаењата кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат  аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат, со нивно интерактивно вклучување на предавањата.

Програмата се одвива на англиски јазик.


Бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат следниве услови:

  • Одлично познавање и активно користење на англиски јазик;
  • Просек од високо образование, еднаков или поголем од 8,5 (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство) ќе се смета за предност;
  • Магистратура или докторат и работно искуство ќе се сметаат за предност.

Потребни документи за aпликација (електронска копија):

  • Биографија,
  • Уверение за положени испити/Диплома, и
  • Две препораки од вашата организација, компанија или факултет, и
  • Есеј на општата тема на 15-тата Школа за млади лидери, „Лидерство за мир“ (свое толкување и размислувања за темата, до 800 зборови, на англиски)

Критериумите за селекција на учесниците во Школата за млади лидери се засновани, пред сè, врз академските и професионалните достигнувања на апликантите.


Вашата апликација можете да ја поднесете најдоцна до 30. јуни 2024 година, на следните линкови:

По вашата апликација, постои можност да бидете повикани на интервју (онлајн за учесниците од странство).

Во случај на технички проблеми при аплицирањето и дополнителни прашања, можете да се обратите на следните е-пошти: contact@gjorgeivanov.mk, info@youngleaders.com.mk.


Ви благодариме за времето и вниманието.

 



Конкурс за учество на 15та Школа за млади лидери на Претседателот Иванов



 

Линк до објавата на ФБ на Претседателот Иванов

Линк до објавата на ФБ на Школата за млади лидери