Кабинетот на поранешниот претседател Иванов информира дека по 16-ти пат ќе се одржи традиционалната Школа за млади лидери на Претседателот Иванов во периодот прва половина на ноември 2025 година. Денес е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, која оваа година ќе биде на тема „Младинска агенда за одржлив свет“.
Кабинетот на поранешниот претседател Иванов ги повикува сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсот.
Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, заедно со „Иванов школа за лидери – Алумни асоцијација“ (ИСЛАА) и Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите, го објавува следниот
КОНКУРС
за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019,
прва половина на ноември 2025 година
16. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ
„Младинска агенда за одржлив свет“
Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, традиционално се одржува од 2010 година. Вкупно, во досегашните 15 обуки, учествуваа речиси 600 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред петнаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа околу 400 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со глобалните предизвици, меѓународната конкуренција и културните и религиски различности.
Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Школата опфаќа интерактивни предавања од реномирани предавачи и говорници од земјата и од странство, панел дискусии, работилници и тимска работа на проектна задача. Програмата е прилагодена да одговара на потребите на младите генерации и да обработува теми кои се од особен интерес за нив. Оваа година програмата на школата треба да одговори на прашањата како образованието и лидерството можат да бидат трансформатори и катализатори за позитивни промени и иновации. Со планираните активности во програмата сакаме да ги поттикнеме и охрабриме младите учесници да размислуваат аналитички и да дејствуваат како лидери. Да иницираат промени и да ги предводат, да стекнат самодоверба, да ги развиваат своите вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, да одговараат подготвено и да иницираат решенија за предизвиците со кои се соочуваат и да вложуваат во својот професионален и личен напредок.
Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира во периодот прва половина на ноември 2025 година.
Во првиот дел, 5 денови, предавањата ќе се одржуваат онлајн, со активности предвидени по 17:00 часот.
Во вториот дел, 7 денови, програмата ќе биде со целодневна програма и ќе се одржи во хотел „Инекс Олгица“ во Охрид.
Програмата се одвива на англиски јазик.
Бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат следниве услови:
- Одлично познавање и активно користење на англиски јазик;
- Просек од високо образование, еднаков или поголем од 8,5 (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство) ќе се смета за предност;
- Магистратура или докторат и работно искуство ќе се сметаат за предност.
Потребни документи за aпликација (електронска копија):
- Биографија,
- Уверение за положени испити/Диплома, и
- Две препораки од вашата организација, компанија или факултет, и
- Есеј на општата тема на 16-тата Школа за млади лидери, „Младинска агенда за одржлив свет“ (свое толкување и размислувања за темата, до 800 зборови, на англиски јазик)
Вашата апликација можете да ја поднесете најдоцна до 30. јуни 2025 година, на следниот линк: https://www.youngleaders.com.mk/apply/
По вашата апликација, доколку ги исполнувате условите, ќе бидете повикани на интервју (онлајн за кандидатите кои аплицираат од странство).
Критериумите за селекција на учесниците во Школата за млади лидери се засновани, пред сè, врз академските и професионалните достигнувања на кандидатите, како и врз основа на нивниот настап за време на интервјуто.
Во случај на технички проблеми при аплицирањето и дополнителни прашања, можете да се обратите на следните е-пошти: info@gjorgeivanov.mk или info@youngleaders.com.mk.
Станете дел од новата генерација лидери!
Аплицирајте сега и стекнете незаборавно меѓународно искуство.
Ви благодариме за одвоеното време и интерес – со нетрпение ја очекуваме вашата апликација!
Конкурс за учество на 16та Школа за млади лидери на Претседателот Иванов