Кабинетот на поранешниот претседател Иванов информира дека по 17-ти пат ќе се одржи традиционалната Школа за млади лидери на Претседателот Иванов во периодот октомври-ноември 2026 година . Денес е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, која оваа година ќе биде на тема „Нов свет. Ново лидерство. Нов прагматизам.“.
Кабинетот на поранешниот претседател Иванов ги повикува сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсот.
Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, заедно со „Иванов школа за лидери – Алумни асоцијација“ (ИСЛАА) и Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите, го објавува следниот
КОНКУРС
за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019,
октомври-ноември 2026 година
17. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ
„Нов свет. Ново лидерство. Нов прагматизам.“

Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, традиционално се одржува од 2010 година. Вкупно, во досегашните 16 обуки, учествуваа 625 млади луѓе од целата земја и од 40 земји од целиот свет, со различен академски и професионален фокус. Пред шеснаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа околу 450 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со глобалните предизвици, меѓународната конкуренција и културните и религиски различности.
Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Школата опфаќа интерактивни предавања од реномирани предавачи и говорници од земјата и од странство, панел дискусии, работилници и тимска работа на проектна задача. Програмата е прилагодена да одговара на потребите на младите генерации и да обработува теми кои се од особен интерес за нив. Оваа година програмата на школата треба да одговори на прашањата како образованието и лидерството можат да бидат трансформатори и катализатори за позитивни промени и иновации. Со планираните активности во програмата сакаме да ги поттикнеме и охрабриме младите учесници да размислуваат аналитички и да дејствуваат како лидери. Да иницираат промени и да ги предводат, да стекнат самодоверба, да ги развиваат своите вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, да одговараат подготвено и да иницираат решенија за предизвиците со кои се соочуваат и да вложуваат во својот професионален и личен напредок.
Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира во три делови:
- првиот дел, менторска програма, ќе биде во текот на месец октомври 2026 година и ќе се одржува онлајн со до два термини неделно во директен договор со менторот. Менторите се поранешни учесници на школата и дел од мрежата на алумнисти ИСЛАА.
- вториот дел се онлајн предавања што ќе се реализираат од 26 до 30 октомври 2026 година, во термини по 17:00 часот.
- третиот дел ќе биде од 1-8 ноември 2026 година со целодневна програма и ќе се одржи во хотел „Инекс Олгица“ во Охрид, Република Македонија.
Програмата се одвива на англиски јазик.
Бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат следниве услови:
- Одлично познавање и активно користење на англиски јазик;
- Просек од високо образование, еднаков или поголем од 8,5 (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство) ќе се смета за предност;
- Магистратура или докторат и работно искуство ќе се сметаат за предност.
Потребни документи за aпликација (електронска копија):
- Биографија,
- Уверение за положени испити/Диплома, и
- Две препораки од вашата организација, компанија или факултет, и
- Есеј на општата тема на 17-тата Школа за млади лидери, „Нов свет. Ново лидерство. Нов прагматизам.“ (свое толкување и размислувања за темата, до 800 зборови, на англиски јазик)
Вашата апликација можете да ја поднесете најдоцна до 30. јуни 2026 година, на следниот линк: https://www.youngleaders.com.mk/apply/
По вашата апликација, доколку ги исполнувате условите, ќе бидете повикани на интервју (онлајн за кандидатите кои аплицираат од странство).
Критериумите за селекција на учесниците во Школата за млади лидери се засновани, пред сè, врз академските и професионалните достигнувања на кандидатите, како и врз основа на нивниот настап за време на интервјуто.
Во случај на технички проблеми при аплицирањето и дополнителни прашања, можете да се обратите на следните е-пошти: info@gjorgeivanov.mk или info@youngleaders.com.mk.
Станете дел од новата генерација лидери!
Аплицирајте сега и стекнете незаборавно меѓународно искуство.
Ви благодариме за одвоеното време и интерес – со нетрпение ја очекуваме вашата апликација!
Конкурс за учество на 17та Школа за млади лидери на Претседателот Иванов
Линк до објавата на ФБ на Претседателот Иванов
Линк до објавата на ФБ на Школата за млади лидери

