Вчера, поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на меѓународната конференција на тема „Европската иднина на Западен Балкан: политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици“, во организација на Паневропската унија на Македонија, во соработка со Паневропската унија на Австрија, Фондацијата „Ото фон Хабсбург“ и Институтот на регионите на Европа – Салцбург.
Претседателот Иванов се обрати во рамки на панел-дискусијата на тема „Односите меѓу Западен Балкан и Европската Унија во променлив политички, безбедносен и економски контекст“. Модератор на панелот беше амбасадорот Кире Илиоски, претставник на Паневропската унија на Македонија, а на панелот, покрај претседателот Иванов, свои излагања имаа и Љубомир Кекеновски, професор на Економскиот факултет во Скопје, Даниел Браун, директор на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Марјан Ѓорчев, почесен претседател на Паневропската унија на Македонија, Емил Димитриев, поранешен претседател на Владата на Република Македонија, како и Ветон Латифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Во текот на панел дискусијата беа отворени прашања поврзани со европската перспектива на регионот, предизвиците во процесот на интеграција, како и потребата од продлабочување на регионалната соработка и зајакнување на институционалната и економската отпорност во услови на динамични глобални промени.







