Денес, претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, присуствуваше на генералната аудиенција на Папата Франциск која се одржа на плоштадот Св. Петар во Ватикан.
Повод за посетата на Ватикан и присуството на аудиенцијата е врачувањето на признанието ,,Морален лидер на денешнината’’ на Неговата Светост Папата Франциск од страна на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов.
Минатата година, за време на 13. Школа за млади лидери на претседателот Иванов која се одржа во периодот 16-30.09.2022 година на тема „Морално лидерство“, Школата за млади лидери одлучи да му додели признание на Неговата Светост, Папата Франциск, за морален лидер на денешнината.
По завршувањето на 13. Школа за млади лидери, на иницијатива на Католичката црква во Република Македонија се договори присуство на генералната аудиенција на Папата Франциск на 29 март 2023 година и врачување на признанието лично од претседателот Иванов на Неговата Светост.
Папата Франциск му се заблагодари на Претседателот Иванов за признанието и истакна дека се уште му се свежи импресиите и срдечниот прием при посетата на Македонија на која домаќин беше Претседателот Иванов. Воедно, Папата Франциск упати поздрави до Македонија и македонскиот народ.

Во придружба на Претседателот Иванов и неговиот Кабинет, Бискупот Киро Стојанов од Католичката црква во Република Македонија, присуствуваа и претставници на Алумни Асоцијацијата на Школата ИСЛАА, како и пријатели и поддржувачи на Школата за млади лидери.