Денес, во својот Кабинет, поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари средба со Претседателот на македонското друштво „Илинден” – Тирана, г. Никола Ѓурѓај. На средбата г. Ѓурѓај му ја врачи на претседателот Иванов почесната награда „Илинден” од македонското здружение во Тирана. Наградата „Илинден” е воведена по повод јубилејот 10 години постоење на друштвото. Се доделува на личности кои дале посебен придонес за животот, историјата, културата и зачувувањето на автентичните традиции на Македонците во Република Албанија.
Господинот Ѓурѓај истакна дека му претставува огромна чест повторно да се сретне со д-р Ѓорге Иванов, поранешен Претседател на Република Македонија, и лично да му го предаде почесното признание, со желби за добро здравје и успешно продолжување на неговата мисија.
Претседателот Иванов искажа посебна благодарност за наградата и ги поздрави сите заложби, посветеноста и ангажманот на здружението Илинден во насока на унапредување на позицијата и правата на македонската заедница во Албанија, Никола Ѓурѓај искажа благодарност за односот и заземањето на Претседателот Иванов за Македонците во Албанија за време на неговите два мандати, за што и со посебно задоволство ја врачи наградата и изрази надеж дека таа соработка и релации ќе продолжат и во иднина со Иванов како поранешен претседател, кој има добри релации со поранешните претседатели на Република Албанија, и дека секоја негова заложба за македонската заедница во Албанија е добредојдена и високо ценета.
Во текот на срдечниот разговор искажан соговорниците го искажаа и заедничкиот став за унапредување на соработката меѓу македонското друштво „Илинден” – Тирана и поранешниот Претседател Иванов, а во таа насока, беше потврдена и идната соработка во рамки на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов.