ПОРАНЕШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Д-Р ЃОРГЕ ИВАНОВ

Школа за млади лидери

Вчера заврши 11. Школа за млади лидери на поранешниот Претседател Иванов, која по прв пат се организираше онлајн. Школата се одржа во периодот од 5-20 декември 2020 година на темата „Лидерството во услови на глобални кризи“.

11. Школа за млади лидери имаше четириесет учесници од Република Македонија и од странство, кои имаа прилика да слушаат предавања од петнаесет предавачи, исто така, од земјата и од странство.

На свеченото отворање на Школата на 5 декември, покрај претседателот Иванов, своја порака до учесниците испратија Премиерот на Република Словенија, Јанез Јанша, и поранешниот Претседател на Чешка Република 2003-2013, Вацлав Клаус, а свое предавање одржа и проф. д-р Исмаил Серагелдин, ко-претседавач на Меѓународниот центар Низами Ганџави и основачки директор на новата Александриска библиотека.

Потоа, следеа предавањата на Сани Шенер, Главен извршен директор и Претседател на Бордот на директори на ТАВ Аеродроми; Макс Сонг, специјалист за податоци и градење на инвестициски можности и Главен извршен директор на Карбонбејз; Данит Гал од Центарот за иднина на разузнавањето Леверхулм на Универзитетот Кембриџ; Кордел Картер, Извршен директор на програмата Сократ на Институтот Аспен; Рза Алијев, Менаџер за развојни политики и имплементација, Бритиш Петролеум; г-ѓа Симона Чаминска, Национален координатор на Глобалната недела на претприемништвото; Данела Арсовска, Претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија; Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија. Учесниците на Школата имаа можност да проследат и две онлајн обуки и активности кои беа организирани од Зоран Костовски, директор на компанијата за деловна едукација, за менаџмент консалтинг, образование и обуки „Мотива“.

Вчера, 20 декември 2020 година, на последниот ден на Школата за млади лидери, Амани Бен Лакдар од компанијата за виртуелна едукација Солија ги презентираше можностите и предностите на виртуелното образование и обука, по што следеше презентацијата и панел дискусија организирана од ИСЛАА – Алумни Асоцијацијата на Иванов Школа за млади лидери, односно претседателката на ИСЛАА, Катерина Климовска, придружувана од неколку поранешни учесници на школата.

Исто така, вчера пред учесниците се обрати и Бајбарс Алтунташ, Извршен директор на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, партнер организација на Глобалното партнерство за финансиска инклузија Г20, кој зборуваше за ефектите на пандемијата врз стартап и бизнис компаниите. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година токму од страна на овој престижен форум.

На крајот на Школата за млади лидери се обрати претседателот Иванов, кој заблагодарувајќи се до сите учесници, предавачи, ко-организатори на Школата и гости, го истакна задоволството од сите кои дадоа придонес за реализација за првата онлајн Школа за млади лидери. На младите учесници им даде совети како да напредуваат на професионален, но и на личен план. Им посака на сите учесници да ја почувствуваат моќта на успехот, да знаат да се носат со неа, да ја трошат и посветуваат својата енергија на позитивни мисли и да се опкружуваат со иновативни и креативни успешни луѓе. Барајте го невозможното, работете сонот да ви стане јаве, им порача претседателот Иванов на младите лидери.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Во текот на досегашните 11 обуки, учествуваа околу 440 млади луѓе од целата земја и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред единаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа 220 реномирани предавачи од Република Македонија и од странство.

- Заврши 11. Школа за млади лидери на претседателот Иванов, 5-20 декември 2020 година

Школата за млади лидери на Претседателот Иванов успешно го заврши и седмиот ден од онлајн обуката на младите учесници.

Денес, на општата тема на 11. Школа за млади лидери „Лидерство во услови на глобални кризи“, пред учесниците одржа предавање Cordell Carter, Executive Director of Socrates Program at Aspen Institute.

Господинот Картер во своето предавање “Becoming an Inclusive Republic”, се осврна на Декларацијата за независност на САД и од историска перспектива го постави прашањето за значењето на “We”. Главните прашања кои ги посочи беа: “Who are We?”, “Evolution of We”, Inclusion Act, Voting Act и прашањето “What from here? How to become an Inclusive Republic”.

Во таа насока, ги елаборираше секој од наведените сегменти во процесот на разбирањето и значењето на “We”, односно „Ние“, во контекст на времето на донесување на основачките документи на САД, но го анализираше нивното значење и поимање и од денешна современа перспектива. Притоа, ја објасни промената на „Ние” низ текот на времето и остварувањето на човековите права и слободи во едно демократско општество. Затоа е потребно многу труд и лидерство за остварување на таква висока, но достижна цел на инклузивна република, посочи Картер пред учесниците на Школата за млади лидери.

Неговото предавање предизвика голем интерес кај учесниците, кои со нивните прашања предизвикаа плодна и конструктивна дискусија на оваа тема.

- УСПЕШЕН ДЕН 7 – 11. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ

Школата за млади лидери на Претседателот Иванов успешно го заврши и шестиот ден од онлајн обуката на младите учесници.

Денес, на општата тема на 11. Школа за млади лидери „Лидерство во услови на глобални кризи“, а во насока на предизвиците на новите технологии и вештачката интелигенција, со учесниците разговараше Danit Gal, Associate Fellow, the Leverhulme Centre for the Future of Intelligence at the University of Cambridge.

Данит Гал одговараше на прашањата на учесниците кои беа на тема вештачката интелигенција, можноста и обидите за регулација на оваа област, етичноста и рамноправноста кај алгоритмите, за темната мрежа/интернет, ранливоста на човештвото на вештачката интелигенција, но и подигање на свесноста на човештвото за зависноста од вештачката интелигенција. Двојната употреба на вештачката интелигенција е реалност и треба да бидеме свесни колку таа се користи за напредок и позитивни работи, исто така е и злоупотребувана. Данит Гал смета дека како напредува технологијата и вештачката интелигенција, човештвото треба да станува свесно дека еволуцијата оди чекор понапред од нас, и дека ние сме инфериорни кон вештачката интелигенција, и колку побрзо го прифатиме тој факт, толку побрзо ќе се прилагодуваме на новата реалност. Гал посочи дека најважно е да се работи на етички алгоритми, рационални алгоритми кои мора редовно да се коригираат и надградуваат да одговараат на потребите на луѓето. Ито така, нагласи дека колку поспособна станува вештачката интелигенција, толку поспособни оператори мора да има. Значи, да инвестираме во нашето разбирање, знаење и ракување со технологијата.

- УСПЕШЕН ДЕН 6 – 11. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ

Учесниците на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов следеа уште една успешна онлајн обука, овој пат организирана од „Мотива“, компанија за деловна едукација, за менаџмент консалтинг, образование и обука. Обуката која синоќа ја следеа младите учесници беше втора по ред, а ја одржа тимот на „Мотива“, преводен од Извршниот директор Зоран Костовски.

Мотива веќе 11 години ја поддржува Школата за млади лидери на Претседателот Иванов и редовно секоја година држи обуки за учесниците, но оваа година по прв пат беше во онлајн издание. Обуките на „Мотива“ за младите учесници беа организирани два пати во текот на работните денови. Првата обука беше одржана минатата недела, на 10 декември, а втората, вчера, 14 декември.

Зоран Костовски пред младите учесници зборуваше за тоа што го прави лидерот вистински и успешен. Споделувајќи позитивни примери и објаснувајќи ги карактеристики на лидерство, тој ги пренесе и ги презентираше алатките и вештините со кои треба да се служат младите за да постигнуваат успеси во својата кариера и во својот живот и околина, потоа, за остварувањето на нивниот сон, за упорноста, мотивацијата и за проценка на исплатливоста на нивните лични инвестиции.

Костовски ги презентираше стиловите на лидерството, како да се оформува стилот на лидерство и како да се подобрува и адаптира. Зборуваше за меките вештини кои треба да ги поседува лидерот, како тој треба да ја зголемува својата мрежа на контакти, како да биде секогаш навремено информиран за актуелностите, како да ја гради и зголемува довербата кај луѓето со кои соработува.

Мотива организираше и неколку вежби и задачи на кои требаше да одговорат учесниците, а додели и неколку виртуелни награди за најдобрите.

- УСПЕШЕН ДЕН 5 – 11. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ

Успешно заврши и четвртиот ден со онлајн предавањата на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов.

„Лидерство во услови на глобални кризи“ како општа тема на школата беше обработена и во предавањата на денешните две предавачки, г-а Рашела Мизхрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија, и г-а Данела Арсовска, Претседател на Сојузот на Стопански комори.

Спомнувајќи ги претходните нејзини учества како предавач на Школата на Претседателот Иванов, Рашела Мизрахи во своето предавање „Лидерот е лав“ зборуваше за особеностите на вистинскиот лидер препознаени низ карактеристиките на лавот, посочувајќи ја храброста како најзначајна особина која мора да ја поседува лидерот. Таа ги набројуваше оние особености кои ги препознава кај вистинските лидери, како и кај лавот, од онаа анималистичка перспектива на човекот, низ примери од секојдневниот живот и нејзини лични примери. Пожртвуваноста, довербата во тимот, комуникацијата, емпатијата, дисциплината, интегритетот, подготвеноста, внимателното слушање и забележување на сите, рамноправноста со соработниците, успешноста како тим, не како индивидуалец, одржувањето на својата визија и перцепција, скромноста, се одлики на вистинскиот лидер. Интересна беше паралелата која ја истакна со хормоните допамин, серотонин, окситоцин, за среќата, храброста, гордоста, емпатијата и лојалноста. За во политиката Мизрахи нагласи дека она што треба најмногу да ги одликува вистинските лидери е одговорноста, скромноста, запазувањето на детали и слушањето и разбирањето на добронамерните коментари, прашања и критики.

Надоврзувајќи се на претходното предавање, Данела Арсовска од своја перспектива зборуваше за лидерството низ призмата на областа во која таа е професионално ангажирана, но и низ примерите од нејзината професионална кариера. Таа истакна дека лидер не се раѓа, туку се создава. Дека сите имаат потенцијал, но надградувањето и работењето се тие кои проектираат успех. Нагласи дека Школата за млади лидери е добар пример како може да им се помогне на младите учесници, да го насочат и развиваат нивниот потенцијал, не само во нивната кариера, туку и лично. Според Арсовска, најважната и најценета карактеристика на лидерството е интегритетот на лидерот. Таа зборуваше и за лидерите како добри менаџери, кои имаат потенцијал и можност да научат, но и успешно да делегираат. Успехот може да се постигне ако лидерот е опкружен со добри, мудри и најспособни луѓе, дека неговиот успех не може да биде индивидуален, туку тимски. Лидерот треба да биде отворен за комуникација, да поседува храброст, да има почит, да има харизма, а најмногу од се да има визија. Лидерството не може да биде успешно ако лидерот нема или има само малку следбеници. Лидерот продуцира резултати, се адаптира брзо, ризикува но со проценка, користи легитимни тактики. Смета дека во земјава она што најмногу недостасува е меритократија и дека треба да се подигне јавната свест за ова прашање. За да се успее како лидер, поединецот не треба да посегнува по манипулации и лаги кои даваат краткотрајни инстант резултати. Смета дека лидерот се докажува токму во кризни ситуации и тогаш се препознава вистинскиот лидер.

Според дискусијата и бројот на прашањата од учесниците, оваа сесијата помина одлично, на општо задоволство на сите страни, организаторите, предавачите и, најважно, самите млади учесници.

- УСПЕШЕН ДЕН 4 – 11. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ

Школата за млади лидери на Претседателот Иванов успешно го заврши и петтиот ден од онлајн обуката на младите учесници.

На општата тема на 11. Школа за млади лидери „Лидерство во услови на глобални кризи“, денес, предавања одржаа Max Song, Founder аnd CEO of Carbonbase, Venture Partner at Pacific Century Group, и Rza Aliyev, Policy Development & Implementation Manager, British Petroleum.

Двајцата предавачи како најголема криза со која се соочува човештвото ги издвоија климатските промени. Тие зборуваа што се презема досега, но и што сеуште треба да се иницира и да се презема не само од лидерите, туку и од секој еден поединечно, за да се намалат ефектите на климатските промени.

Макс Сонг во предавањето пред младите учесници зборуваше за пазарите на јаглерод, за актуелните промени и активности во таа област, за блокчејн револуцијата, за вештачката интелигенција, за дигиталниот капитал, крипто валутите и др. Тој рече дека негова мисла водилка е дека сомнежот убива многу повеќе сонови отколку неуспехот и дека младите лидери треба да бидат упорни и одлучни за остварување на нивните сонови.

Рза Алијев се надоврза на претходното предавање и зборуваше за одржливоста, за Парискиот договор и за Целите за одржлив развој. Посочи позитивни примери на земји и компании кои имаат преземено многу повеќе во однос на главните и најголеми загадувачи во светот. Од свој личен пример зборуваше и за тоа што секој еден поединечно треба да преземе, која е нашата лична одговорност, како треба да напредуваме во животот, но и како секогаш да ги следиме нашите цели.

Двајцата предавачи дадоа и свое размислување како ќе се развива светот после пандемијата на Ковид19 и како треба да се искористи времето кое сите го поминуваме сеуште почитувајќи мерки и протоколи за заштита.

- УСПЕШЕН ДЕН 3– 11. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ

Долгогодишната партнерска организација на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов, Меѓународниот центар Низами Ганџави ги покани учесниците на овогодинешната школа да присуствуваат на онлајн настанот на доделување на Меѓународната награда Низами Ганџави за 2020 година.

Учесниците имаа можност да ги слушнат говорите на г-ѓа Ваира Вике-Фрајберга, Претседател на Летонија 1999-2007 и Ко-Претседавач на Меѓународниот центар Низами Ганџави; г-ѓа Кери Кенеди, Претседател на Фондацијата човекови права Роберт Ф. Кенеди; и д-р Исмаил Серагелдин, Ко-Претседавач на Меѓународниот центар Низами Ганџави, заменик-претседател на Светска банка 1992-2000 и основач и директор на Библиотеката Александрија.

Добитник на Меѓународната награда Низами Ганџави за 2020 година, како признание за неговата глобална борба против експлоатацијата на децата, е д-р Каилаш Сатајарти, добитникот на Нобеловата награда за мир. Тој во совето обраќање рече дека иднината на нашата планета зависи од тоа како ги третираме децата, дека тие се нашата иднина, а иднината не може да се одбива. Според него, треба да работиме на создавање синџир на благодарност и мрежа на одговорност врз основа на сочувство, благодарност, одговорност и толеранција.

Добитник на Меѓународната награда Низами Ганџави за 2020 година, како признание за неговите ангажмани за Одржливите развојни цели на глобално ниво, е д-р Џефри Сакс, универзитетски професор на Универзитетот Колумбија и специјален советник на Генералниот секретар на ОН. Д-р Џефри Сакс ја спомена потребата за прилагодување на политиките и институциите за да се создаде „политика на добро“ на глобално ниво. Тој ја окарактеризира 2020 година како година на одлучна соработка, во која е неопходна активна дипломатија за да се создаде пат на глобална соработка.

- Учесниците на 11. Школа за млади лидери присуствуваа на церемонијата на доделување на Наградата на Меѓународниот центар Низами Ганџави за 2020 година

Школата за млади лидери на Претседателот Иванов успешно го заврши и вториот ден, односно првиот викенд од онлајн обуката на младите учесници.

На темата „Лидерство во услови на глобални кризи“, денес, со свои интересни предавања пред учесниците настапија г. Сани Шенер, главен извршен директор и Претседател на „ТАВ Аеродроми“ и г-ѓа Симона Чаминска, Национален координатор на Глобалната недела на претприемништвото.

Во своето предавање, г. Сани Шенер искажа задоволство од можноста да биде пак предавач на Школата. Зборуваше за ТАВ Аеродроми за време на корона кризата, како влијае на нивната компанија, кои се критичните точки, кои се нивните активности за да ја амортизираат генералната загуба на компанијата. Посочи дека кризниот менаџмент е особено значаен, како превентивна медицина за бизнисот, Лидерот како менаџер мора да ја гледа широката слика, да има имформации и да знае се што се случува во компанијата, да ги знае сите сегменти, и цела комплексност на бизнисот. Се осврна на превенцијата, мерките, протоколите кои ги презема за заштита и безбедност на своите вработени и за патниците. За да станат вистински лидери, покрај факултетското образование, нагласи дека треба постојано да инвестираат и да го прошируваат своето знаење, да имаат знаења од што повеќе области. За да се биде на висока менаџерска позиција во компаниите, лидерот мора да знае буквално се. Да се биде глобална компанија, мора да имате глобални решенија. Да бидете глобален лидер, мора да имате глобални знаења. На крајот упати порака до младите лидери, работете вредно, трудете се многу, вложувајте во себе, своето образование, бидете фокусирани, бидете транспаренти...

Г-ѓа Чаминска зборувајќи како Национален координатор на Глобалната недела на претприемништвото, предаваше на темата Научените лекции од Глобалната недела на претприемништвото: Предизвиците на „новата нормалност“ и градењето на отпорни екосистеми. Таа нагласи дека иднината на Македонија е во соработката. Македонија треба да е дел од поголема унија за да успее.

Двајцата предавачи денес рекоа дека за успешно лидерство во криза најбитни се меките вештини и емпатијата.

- https://www.facebook.com/IvanovSchoolForYoungLeaders/posts/3569873056391805

- https://www.facebook.com/exmacedonianpresident

- https://www.facebook.com/IvanovSchoolForYoungLeaders

- https://www.facebook.com/islaa.mk

- https://www.facebook.com/FoundationAllianceofCivilizations

Денес, започна 11. Школа за млади лидери на поранешниот Претседател Иванов, која по прв пат се организира онлајн. Единаесеттата Школа за млади лидери ќе се одржи во текот на овој и следните два викенди во декември на темата „Лидерството во услови на глобални кризи“.

Оваа година, околу четириесет учесници и дваесетина предавачи од Македонија и од странство ќе бидат дел од 11-тата Школа за млади лидери која се одржува на платформата Zoom.

На свеченото отворање на Школата, покрај претседателот Иванов, своја порака до учесниците испратија Премиерот на Република Словенија, Јанез Јанша, и поранешниот Претседател на Чешка Република 2003-2013, Вацлав Клаус, а свое предавање одржа и проф. д-р Исмаил Серагелдин, основач и директор на новата Александриска библиотека во Александрија.

Претседателот Иванов во своето обраќање до учесниците порача дека лидери се тие што ја преземаат иницијатива и одговорност во време на кризи. Истакна дека покрај ковид кризата, светот се соочува со повеќе кризи како што се финансиска, здравствена, хуманитарна, еколошка, криза на ресурси и др. Сепак, нагласи дека во ковид кризата излезе на површина што е потребно да се биде глобален лидер. Се осврна и на успешното справување во Република Македонија со мигрантската криза како позитивен пример на менаџирање во криза. Исто така, ги нагласи особеностите на женското лидерство низ успешни примери.

Словенечкиот премиер Јанша поздравувајќи ги учесниците на Школата нагласи дека добрите лидери стануваат уште подобри кога и ако бидат предизвикани. „Можете да го издржите предизвикот само ако сте самоуверени. Оваа внатрешна сила не е можна без да се познавате себеси, вашите корени, вредности, таленти и можности. Предизвиците го обликуваат карактерот, а карактерот развива мудрост и идеи кои се неопходни за лидер”, рече премиерот Јанша. Тој нагласи дека лидери можат да бидат тие кои не се фиксирани на политичка позиција, но имаат визија, што повлекува дека се свесни за тоа што е императив и каде може да направат компромис.

Поранешниот чешки Претседател Клаус, се осврна на прекумерните активности на властите и злоупотребата на епидемијата на Ковид од страна на медиумите кои шират страв низ целиот свет, кое што резултира со хипотезата на социјална дистанца. Претседателот Клаус рече, „сметам дека тоа е опасен чекор кон забрзување на фрагментацијата и атомизацијата на човечкото општество, кон победата на експерто-кратијата во нашите земји и кон видливата и непобитна загуба на нашите слободи.“ Тој го спореди кажаното со тоа на што помладите генерации не се сеќаваат - комунизмот и отсуството на слободи во тој период – што им наметнува континуирана обврска на постарите генерации на лидери да даваат постојани предупредувања за тоа. „Постои силна коалиција на идеи и на интереси во денешниот свет и постои силна мотивација за злоупотреба на ковид пандемијата за реализација на нивниот план за креирање на „нов храбар свет“, објаснето во многу дистописки дела. Идните лидери треба да бидат подготвени за таков свет.“ За Македонија рече дека треба да го најде нејзиниот modus vivendi во Европа и посебно во или најмалку со ЕУ, што не е лесна задача. Претседателот Клаус потсети и на неговиот познат став, дека ЕУ изгледа подобро однадвор, отколку одвнатре.

Д-р Исмаил Серагелдин во предавањето за младите учесници се осврна на преобликувањето на светскиот поредок и низ теоретски и филозофски пристап го посочи незапирливиот технолошки развој и неговата улога во создавањето на новиот свет. Според него, вистинските лидери треба да ја избегнуваат стапицата на лажните вести и злоупотребата на информациите кои денеска ни се подостапни од кога и да е. Според него, вистинскиот лидер секогаш треба да ја зборува вистината. Поддржувајќи ја инцијативата на Претседателот Иванов и заблагодарувајќи се за повторната можност да ги сподели своите сознанија со овогодинешните млади лидери, д-р Серагелдин истакна дека од голема важност е да го разбереме минатото, да се насочиме кон сегашноста и да создадеме визија за иднината, следејќи ги сопствените вредности.

Меѓу предавачите годинава ќе бидат и Сани Шенер, главен извршен директор и Претседател на „ТАВ аеродроми“; Макс Сонг, специјалист за податоци и градење на инвестициски можности; Данит Гал од Леверхулм Центарот за иднина на разузнавањето на Универзитетот во Кембриџ; Кордел Картер, Извршен директор на програмата Сократ на Институтот Аспен; Рза Алијев, Менаџер за развој и имплементација на политики, Бритиш Петролеум; г-ѓа Симона Чаминска, Глобална недела на претприемништвото во Македонија; Данела Арсовска, Претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија; Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија; Амани Бен Лахдар од компанијата за виртуелна едукација Солија, а две онлајн активности на учесниците ќе бидат организирани од компанијата за деловна едукација, за менаџмент консалтинг, образование и обука „Мотива“.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Во текот на досегашните 10 обуки, учествуваа околу 400 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред десетте генерации учесници на Школата за млади лидери, свои предавања одржаа над 200 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел-дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини. ИСЛАА, заедно со фондацијата „Алијанса на цивилизациите“ се ко-организатори на 11. Школа за млади лидери на Претседателот Иванов.

11. ШКОЛА ЗА МЛАДИ ЛИДЕРИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ „Лидерството во услови на глобални кризи“

Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, традиционално се одржува од 2010 година. Вкупно, во досегашните 10 обуки, учествуваа околу 400 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред десетте генерации учесници на Школата за млади лидери, свои предавања одржаа над 200 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со глобалните предизвици, меѓународната конкуренција и културните и религиски различности.

Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира онлајн, на платформата Zoom, во месец декември, во три последователни викенди, и тоа, 5-6 декември, 12-13 декември и 19-20 декември 2020 година.

Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство, фокусирани на искуствата и знаењата кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат, и нивно интерактивно вклучување на предавањата.

Предавањата ќе се одвиваат на македонски и англиски јазик.

Бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија кои ги исполнуваат следниве услови:

- Одлично познавање и активно користење на англиски јазик;
- Просек од високо образование, еднаков или поголем од 8,5. (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство) ќе се смета за предност;
- Работно искуство од една до пет години, како и магистратура од соодветната област, ќе се смета за предност.

Потребни документи за aпликација (електронска копија):

- Кратко мотивациско писмо,
- Биографија,
- Уверение за положени испити/Диплома, и
- Две препораки од вашата организација, компанија или факултет.

Критериумите за селекција на учесниците во Школата за млади лидери се засновани, пред сè, врз академските и професионалните достигнувања на апликантите.


Вашата апликација можете да ја поднесете најдоцна до 26 ноември 2020 година, на следниот линк

Во случај на технички проблеми при аплицирањето и дополнителни прашања, можете да се обратите и на следната е-пошта:   contact@gjorgeivanov.mk


#Школазамладилидери #Школазамладилидери2020 #ИСЛАА #ФондацијаАлијансанацивилизации #младилидери #лидерство #лидер/ка #новипредизвици #вистинскилидери #новилидери #модернилидери #глобалнакриза #новипредизвици #бизнислидери #здравственилидери #глобалнилидери #политичкилидери #големичекори #иницијатива #инспирација #лидеривокриза #коронакриза


ПОРАНЕШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Д-Р ЃОРГЕ ИВАНОВ
бул. „Србија“ бр. 31А, А-212, 1000 Скопјe, Република Македонија

Доколку имате подетални прашања обратете се на следнава е-пошта Е-пошта: contact@gjorgeivanov.mk

Работно време:

Пон - Пет 08:00 до 16:00