ПОРАНЕШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Д-Р ЃОРГЕ ИВАНОВ

Активности

  2021 година  


Претседателот Иванов беше во дводневна посета на Анкара, Република Турција, во периодот 25-26 октомври 2021 година.

Посетата беше на покана на Универзитетот за економија и технологија ТОББ од Анкара, еден од најреномираните универзитети во Турција, каде Претседателот Иванов од 2009 година ја има титулата Почесен доктор на науки. Претседателот Иванов гостуваше во рамките на Сесиите на семинари за мир и дипломатија организирани од ТОББ Универзитетот и одржа предавање пред студентите на Катедрата за политички студии и меѓународни односи на тема „Турска надворешна политика на Балканот: поглед од регионот“. Исто така, покрај средбата со Ректорот на ТОББ Универзитетот, поранешниот Претседател Иванов се обрати и пред професорите на ТОББ Универзитетот на темата „Милет системот и Пакс Отомана: заборавени или ненаучени лекции од 16-ти и 17-ти век“.

За време на посетата на Анкара, Претседателот Иванов оствари средба со Министерот за надворешни работи на Република Турција, Н.Е. Мевлут Чавушоглу, на која беа потврдени добрите односи меѓу Република Македонија и Република Турција.

ПОЧИТУВАН МАКЕДОНСКИ НАРОДЕ,

На 11 октомври 1941 година, Македонија го избра патот на борба против најголемите зла во историјата на човештвото – фашизмот и нацизмот. Свесен дека вистинската слобода за Македонија не може да биде измолена и подарена, туку само со борба освоена, македонскиот народот заедно со сите чеда на Македонија ја започна Народноослободителната борба.

Во оваа борба, народот на Македонија се препороди и се почувствува слободен да си ја земе судбината во сопствените раце.

Затоа денес, 11 Октомври е повеќе од државен празник, тој е и отелотворување на идеалот за слобода и правда. На овој ден се слави пожртвуваноста и решителноста на македонскиот народ за слобода и за создавање на самостојна и независна држава.

На овој голем празник, уште еднаш, да го повториме заветот кој ни го оставија нашите предци и достојно и гордо да го чуваме!

Денес, кога македонскиот народ повторно е исправен пред надвиснатите предизвици, обидите за негово разнебитување и омаловажување, да се потсетиме на идејата на хероите која не учи дека само со единство, јасна цел и љубов кон татковината, можеме да бидеме господари над сопствената судбина и да ја одбереме самите ние својата иднина. А, таа е Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

- Во борба македонски народе

- Честит 11 октовмри 2021 година

Претседателот Иванов денес имаше поздравно обраќање на Свечениот и научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година“, организиран од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

На свеченото отворање на научниот собир, покрај претседателот Ѓорге Иванов, се обратија актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, како и Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров, и Владо Поповски, советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски. Поздравно обраќање имаше и претседателот на МАНУ, акад. Љупчо Коцарев, кој беше и модератор на сесијата на свеченото отворање.

Во својот говор претседателот Иванов ја поздрави иницијативата и се заблагодари за ангажманот за организација на денешниот настан на академик Коцарев, како претседател на највисоката научна институција во Република Македонија. Иванов зборуваше за процесот на обезличување на Македонија, за грчкиот договор од Преспа и договорот со Бугарија, односно дека почетокот на тој процес е со Охридскиот договор, во кој македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет. Зборуваше и дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Нагласи дека постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Упати критика за актуелната власт, посочувајќи дека неговите предупредувања се оствариле, дека таа се пазари со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Потенцираше дека е невиден преседан заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите и дека никој нема право, слобода и не е повикан да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината, што не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците.

Потсети дека во целиот период на премрежја, предизвици и искушенија, една работа остана непроменета, а тоа беше волјата на народот, која на 30 септември 2018 година беше изразена со бојкот на референдумот, со што тивкото мнозинство донесе гласна одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име, ниту право да тргува со идентитетот. Нашите граѓани мораат да се соочат и со неоспорната вистина дека живееме во тешко и турбулентно, изразито стресно и опаснo, и можеби најопасно од Втората светска војна, нагласи претседателот Иванов. Повика на целосна мобилизација на сите интелектуални сили, кои ќе се соочат со предизвиците на новото време кои се сè потешки и покомплексни.

Според претседателот Иванов, во таква состојба на духот на времето во кое живееме, Македонија како да е заробена во својот провинцијализам, во нарцисоидната егоцентричност на својата елита. Како да сме опседнати од бесмислените политички кавги без суштина и примитивизам каков што до сега не е виден кај нас. Нагласи дека Македонија доживеа својата 30 годишнина од независноста, која ни проаѓа без радост и среќа, да ја дочека како земја од групата на хибридни режими која се стреми кон автократија, делумно слободна и на 111 место според корупцијата во светот. Дополни дека членството во НАТО, чија иднина станува сè понеизвесна, не може да ја сокрие грдата слика за нас.

На крајот, поранешниот претседател Иванов истакна дека денес на Република Македонија повеќе од кога и да е ѝ се потребни луѓе, кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци, кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината, односно луѓе и народ кои конечно ќе се домакедончат.

- Линк до видео со говорот на Претседателот Иванов:

- Линк до текстот на говорот на Претседателот Иванов:

Поранешниот претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на 7. Меѓународен конгрес за Црното море во организација на Фондацијата „Црно море“ и нејзиниот Црноморскиот стратешки истражувачки центар (КАСАМ) што се одржа во периодот 19-20 септември 2021 година во Истанбул. Претседателот Иванов на конгресот учествуваше со поздравен говор (видео) на свеченото отворање на 19 септември, а покрај него, на дводневниот конгрес учествуваа над 60 говорници од 15 земји кои ги презентираа своите трудови на темата „Мир, безбедност и соработка“ во регионот на Црното море.

Претседателот Иванов во својот говор зборуваше за Црното море како стратешка раскрсница меѓу Европа и Азија и за неговата огромна геополитичка и гео-економска важност. Иванов истакна дека значењето на Црното море се препознава и по тоа дека преку него поминуваат енергетските патишта од Каспиското Море и Централна Азија до Европа. Според Иванов, Црното море е место каде се среќаваат четири големи сили: проширувањето на НАТО и ЕУ од Западот, Русија од север, кинеско финансиско влијание од исток и нестабилност од Блискиот исток од Југ. Огромните промени на глобално ниво не го изоставуваат без директни влијанија и регионот на Црното море. Во последно време, според претседателот Иванов, Црното Море станува поморски фронт меѓу Западот и Русија, што можеше да се види од воените поморски вежби ова лето, односно како се зголемува и проширува влијанието на Русија, така НАТО го истакнува своето присуство, развивајќи сеопфатна регионална стратегија.

Во говорот, Претседателот Иванов се осврна и на најзначајните и актуелни случувања во последно време, за најголемата поморска криза во поновата историја која беше предизвикана од откажувањето на Австралија на набавка на подморници од Франција, односно објавата на ново трилатерално безбедносно партнерство под акронимот AUUKUS на САД, Велика Британија и Австралија, преку кој Австралија ќе изгради флота на подморници на нуклеарен погон со американска и британска технологија. Ги посочи и реакциите на големите глобални играчи за оваа актуелна криза, како и последиците кои ги предизвикува ваквиот тек на настаните. Зборуваше и за иницијативата на челниците на ЕУ за формирање на брзо распоредлива армија на ЕУ, за проектот PESCO, како и за многу други актуелни настани кои ја менуваат идејата за стратешката автономија на Европа. Исто така, се осврна и на американскиот одбранбен план за 2022 кој предвидува доделување на голема воена помош за Украина што вклучува и два одбранбени системи IRON DOME, на инсталацијата на американскиот одбранбен систем од балистички проектили во Романија. Потоа, ги спомна и актуелните случувања во областа на енергетиката, односно покачувањето на цените на гасот, електричната енергија, кои пак влијаат и на цената на храната, односно како резултат на зголемената цена на енергенсите, светските цени на храната се околу 33% повисоки за само една година, што е потврдено и со извештај на ФАО. Претседателот Иванов, спомнувајќи само дел од насловите од неделата пред конгресот, истакна дека се потврдува тезата дека се менува парадигмата која беше доминантна во последните 30 години. Дека сите настани се дел од промените кои понатаму се рефлектираат на менувањето и преуредувањето на силите во светот, односно на создавањето на нова меѓународна парадигма.

Претседателот Иванов зборуваше и за тоа дека во овој период се одвива битка за влијание и превласт во регионот на Црното Море како никогаш досега во модерната историја. Покрај сите локални и регионални проблеми со геополитички и гео-економски консеквенции, Иванов спомна дека глобалната пандемија на Ковид-19 ги разоткри сите пропусти во глобалните коридори за снабдување, односно дека пандемијата беше силен потсетник дека ниеден развој не е чисто економски. Според него, колку што е значајно Црното Море, уште позначаен е и пристапот до него.

На крајот, претседателот Иванов нагласи дека мирот и просперитетот на регионот на Црното море, доколку се искористи сиот потенцијал како мотор за раст и центар на глобална трговија, произлегува од решенијата кои ефикасно го спојуваат економскиот развој, колективната безбедност и одговорната дипломатија, а дека тоа е она што сега е ургентно потребно на регионот на Црното море.

- Линк до кратко видео од 7. Меѓународен конгрес за Црното море:

- Линк до целиот говор на Претседателот Иванов:

Почитувани сограѓани,

Нека ни е честит Денот на независноста на Република Македонија!

Ова е ден за љубов кон нашата татковина Македонија.

Пред 30 години, единствени во намерата за да бидеме свои на своето, македонскиот народ на нашиот трет Илинден, храбро, решително и одговорно го оствари вековниот сон на нашите предци за слободна, независна и суверена Република Македонија.

Република Македонија не може да се гради врз други темели освен оние поставени со референдумот за независност од 8ми септември 1991.

Да се биде Македонец не е само право. Тоа е и обврска. Обврска да се чува наследството за кое нашите предци се избориле со пркос и непокор. Да се чува континуитетот на нашата определба, бидејќи како Македонци ние не можеме да бидеме нешто поразлично од нашите предци. Да не им го одземаме на нашите деца, внуци и правнуци она што ни го оставиле нашите татковци, дедовци, прадедовци.

Треба да знаеме кои сме за да знаеме што сакаме да бидеме. Треба да знаеме каде сме за да знаеме каде сакаме да бидеме. Треба да знаеме што имаме за да знаеме што сакаме да стекнеме.

Среќен 30ти роденден татковино! Си била и ќе бидеш Македонија!

Да ни е вечна и вековита Македонија! Да живее Република Македонија!

- Честитка по повод Денот на независноста на Република Македонија, 8-ми септември

„Ќе не има ли тогаш кога ќе не нема – ако не немаше токму тогаш кога требаше да не има?“

Гане Тодоровски

Историјата ќе суди за тие што го следеле патот, го исполнувале заветот и не се откажувале од светлината на Илинден, светлина која многумина се обидувале да ја попречат за да не стигне до идните поколенија.

За многу години Илинден!

Нека ни е вековита слободата, независноста и сувереноста!

Да живее Република Македонија!

- Последниот претседателски говор за Илинден на Мечкин Камен, 02.08.2018:

Претседателот Иванов оствари средба со амбасадорот на Француската република Сирил Бомгартнер на која му посака успешен мандат за време на својата мисија во Македонија.

Двајцата соговорници се согласија дека треба да продолжи соработката и унапредувањето на односите помеѓу двете земји. На средбата се разговараше и за актуeлните случувања како во нашата држава така и во регионот и пошироко.

Денес во Скопје, претседателот Иванов оствари средба со претседателот на Република Србија Алекснадар Вучиќ.

Двајцата соговорници и пријатели разменија мислења за актуелните случувања во регионот како и за актуелните глобални случувања во светот.

Поради глобалната пандемија на Ковид-19 и 24. Евроазиски економски Самит на Фондацијата Мармара од Истанбул, Република Турција, се организираше на онлајн платформа со видео стриминг.

Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, за време на своите мандати, редовно учествуваше на сите Евроазиски економски самити во Истанбул, а со задоволство го потврди учеството и оваа година. Обраќањето на Претседателот Иванов беше во сесијата во која учествуваа многу поранешни претседатели и премиери насловена „Современи разумни луѓе“ на темата „Глобално затоплување и климатски промени“. Покрај Претседателот Иванов, во оваа сесија, свое излагање имаше и Претседателот на фондацијата Мармара, д-р Акан Сувер, како домаќин и модератор на сесијата, а меѓу гостите говорници беа поранешните претседатели на Турција – Ѓул, Албанија – Нишани, Босна и Херцеговина – Иваниќ, Бугарија – Стојанов, Хрватска – Месиќ и Јосиповиќ, Црна Гора – Вујановиќ, Чешка – Клаус, Романија – Контантинеску, Молдова – Лукинши и др.

Поранешниот претседател Иванов во првиот дел на своето обраќање зборуваше за развивањето на концептот глобално затоплување и климатски промени и за меѓународниот одговор на овој проблем, односно одговорот преку климатските самити и конференции организирани преку системот на ОН и донесувањето на бројни договори, протоколи и спогодби од кои произлегуваа и обврски за државите потписнички. Претседателот Иванов истакна дека голем дел од таквите договори не беа успешни, бидејќи имаа декларативен карактер, но и поради тоа што некои од највисоко развиените индустриски држави не ги ратификуваа истите. Понатаму, тој потсети дека „Светската метеоролошка организација наведува дека нашата планета сега е за еден степен целзиусов потопла од периодот пред ширењето на индустријализацијата. Доколку досегашниот тренд продолжи, температурата до 2100 година ќе порасне за 3 до 5 степени. Затоа, доколку не се спроведува Спогодбата од Париз светот ќе доживее катастрофални промени, нивото на морето ќе порасне, температурата на водата во океаните ќе се зголеми, ќе страдаат насадите за храна, пред се оризот, пченката, пченицата. Земјите потписнички на спогодбата од Париз ветија дека ќе го ограничат растот на температурата до 1,5 степени. Научниците пак тврдат дека ќе биде неопходно задржување на растот под 1,5 степени.“ Воедно, се осврна и на фактот дека освен обврските за владите, за да ја сочуваме планетата, постојат обврски за сите поединци и нивна одговорност за овој глобален проблем.

Во вториот, академски дел од своето обраќање, претседателот Иванов зборуваше за „климатските промени кои се користат како изговор за една голема прераспределба на економските и природните ресурси во светот. Нешто за кое многу малку се зборува и истражува. Климатските самити и конференции на ОН всушност се најголемите економски самити кои се случуваат на крајот на 20 и почетокот на 21 век. На овие самити се врши една прикриена и перфидна експропријација на енергетските природни богатства како што се нафтата, природниот гас и јагленот од државите кои ги имаат во корист на државите кои ги немаат овие енергенси.“ Односно дека „станува збор за еден вид на нова економска политика на прелевање на заработката од природните богатства која се остварува на два начини. Првиот е преку воведувањето на различни даноци на емитувањето на СО2 а вториот преку создавање на големи пазари на хартии од вредност кои се дозволите за емитување на СО2. Со собраните пари од даноците за емитување на СО2 ќе се поттикнува промената на животните навики на населението да ја намали емисијата на СО2 или пак за развој на технолошки процеси кои немаат емисија на СО2.“

На крајот, Претседателот Иванов заврши со следните зборови: „Пораката од богатите и развиени земји во однос на ова нова климатска политика е јасна: Ние богатите во изминатите 150 години, користејќи евтини фосилни енергенси со нашите три индустриски револуции, доволно ја загадивме атмосферата и планетата, сега вие сиромашните не смеете тоа да го правите.“

- Линк до објавата на веб страната на Фондацијата Мармара

- Линк до видеото на 24. Евроазиски економски самит на Youtube каналот на Фондацијата Мармара (време на започнување на говорот на Претседателот Иванов во 04:51:10 часот)

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Заедно да придонесеме за новата реалност - претседателот Иванов на 18. Евроазиски економски самит во Истанбул

- Секој коридор што поврзува треба да биде нашиот пат до мирот - Обраќање на претседателот Иванов на 18. Евроазиски економски самит

- Медал за заслуги за Македонија за Акан Сувер и Исмаил Серагелдин и Повелба на Република Македонија за „Македонија 2025“

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

Ви посакуваме празникот да го поминете со топлина во домот, хармонија, благосостојба, духовен мир, радост, љубов и многу здравје.

За многу години Велигден!

Семејство Иванови

- ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

Почитувани,

По повод најголемиот христијански празник – Велигден, во мое лично име и во име на моето семејство, упатувам честитки до сите христијански верници кои гo прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар и до целата католичка заедница во Република Македонија.

Ви посакувам овој голем Христијански празник, празник над празниците, да го поминете заедно со своите најблиски во добро здравје, духовен мир, радост, хармонија, разбирање, благосостојба и надеж за подобро утре. Верата во Господ Бог да ни дава сила, смиреност и трпение да ги пребродиме овие тешки времиња, а милоста и благодатта Божја, и надежта која произлегува од нив, да ни даваат храброст да се избориме со сите искушенија. Да го славиме воскресението и победата на животот над смртта и да ја јакнеме нашата вера.

За многу години празникот! Христос воскресна! Навистина воскресна! д-р Ѓорге Иванов Претседател на Република Македонија 2009-2019

- ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

Претседателот Иванов на својот фејсбук профил упати честитка до Македонската фудбалска репрезентација по повод историската победа над репрезентацијата над германската репрезентација, во рамките на квалификациите за светското првенство во Катар:

„Честитки за МАКЕДОНСКИТЕ фудбалери.

Секогаш со срце за МАКЕДОНИЈА!

Браво!“

- Честитка од претседателот Иванов до Македонската фудбалска репрезентација на 31 март 2021 година

Поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше како предавач на викенд сесијата на Школата за млади политики „Мајка Тереза“ што се одржа во периодот 12-14 март 2021 година во Охрид.

Школата за јавни политики „Мајка Тереза“ започнува со програма од 2011 година и оттогаш во рамките на Школата се организирани семинари, програми, конференции, дебати и др. Проектните активности и програмите на Школата ги предводи Центарот за истражувања и креирање политики – ЦИКП (Center for Research and Policy Making – CRPM). Целта на Школата е да го поттикне развојот на одговорно и етичко (рако)водство прифаќајќи ги принципите на Мајка Тереза за пораст на социјалната правда, да им овозможи прилики на политичките и граѓанските водачи од целокупниот јавен живот заедно да дискутираат за моменталните политички, општествени и економски прашања, да охрабри и поттикне на транспарентност во процесот на креирање јавни политики и да поттикне јавен дијалог и медиумска дебата и слободна размена на идеи. Школата е дел од мрежа на 21 политички студии организирани во соработка на Советот на Европа.

Темата на оваа прва сесија на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“ во 2021 година беше „Предизвиците на креирањето на јавни политики во време на Ковид 19“, а покрај предавачите и учесниците во дискусијата, онлајн учество зедоа и претставници на алумни и учесници на Школата од 2020/2021 генерација.

Претседателот Иванов се обрати на сесијата на Школата за млади политики „Мајка Тереза“ на 13 март 2021 година (сабота) која се одржа во Охрид. Дел од предавачите беа физички присутни, со почитување на Ковид19 протоколите и мерките за превенција, а дел од предавачите и учесниците се вклучија онлајн. Темата на која се обрати Претседателот Иванов беше „Светската политика во време на Ковид19“. Претседателот Иванов даде свој осврт на случувањата во глобалната политика во време на криза, особено во време на актуелната криза предизвикана од пандемијата на корона вирусот.

Воедно, во рамките на соработката и координацијата за оваа активност, Претседателот Иванов и проф. д-р Жидас Даскаловски, Директор на Центарот за истражувања и креирање политики, ги разгледуваа можностите за идна соработка помеѓу Школата за млади лидери на Претседателот Иванов и Школата за јавни политики „Мајка Тереза“.

Претседателот Иванов на својот фејсбук профил упати честитка до Македонската одбојкарска репрезентација:

„Честитки за македонската одбојкарска репрезентација за нејзиниот пласман на европското првенство. На денешниот натпревар покажавте како се игра со срце за националниот дрес, за Македонија. Храбро, пожртвувано и со огромна желба за победа придонесовте за уште еден успех за македонскиот спорт и за уште една радост на македонскиот народ.“

- Честитка од претседателот Иванов до Македонската одбојкарска репрезентација за пласман на европското првенство на 16 јануари 2021 година

Претседателот Иванов со семејството упати честитка по повод големиот христијански празник Божиќ.

Среќни и од Бога благословени Бадник и Божик. Нека донесат многу здравје, среќа, радости, љубов бериќет и убавини во вашите домови.

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Семејство Иванови“

- Честитка од Иванови по повод големиот христијански празник Божиќ на 7 јануари 2021 година


  2020 година  


Претседателот Иванов со семејството упати честитка по повод Новата година.

„Среќна Нова 2021 година благословена со здравје, среќа, љубов и мир.

Семејство Иванови“

- Честитка од Иванови по повод Новата 2021-ва година на 31 декември 2020 година

Почитувани,

Ви упатувам честитки по повод големиот празник на Христовото раѓање – Божиќ, како еден од најсветлите и највозвишените денови во христијанството кој го симболизира новиот живот и кој значи нов почеток и нова надеж.

Бидете достојни верници, чесни луѓе, живејте во хармонија и мир и ширете радост, љубов и добрина.

Во овој празничен период различностите да нѐ зближуваат, а вредностите кои нè обединуваат да бидат силата со која се движиме, работиме, растеме и напредуваме.

Ви посакувам празничните денови да ги минете во пријатна атмосфера, во кругот на семејството, во топлината на својот дом и во здравје, исполнети со љубов, спокојство и позитивни мисли.

Да имаме љубов кон Бога и солидарност кон нашите ближни, да простуваме за да ни се прости, да бидеме милостиви заради милоста што веќе ни е укажана.

Нека ве следи добра мисла, радост и Божиќен дух. Честит Божиќ!

Денес, Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на онлајн настанот на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели (World Business Angels Investment Forum - WBAF) по повод свеченото отворање на новата Бизнис школа на форумот (WBAF Business School).

На свеченото отворање на Бизнис школата на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, покрај Претседателот Иванов, присуствува и се обратија и двајцата поранешни претседатели на Република Хрватска 2015-2020, Колинда Грабар Китаровиќ, и 2010-2015, Иво Јосиповиќ, поранешниот заменик Премиер и Министер за образование на Португалија, Антонио Сантос, како и косовскиот Министер за финансии, Хикмет Бајрами. Воведни обраќања имаа г. Бајбарс Алтунташ, Извршен Претседавач на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, партнер на Глобалното партнерство за финансиска инклузија Г20, и д-р Пол Доани, Ректор на Бизнис школата на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Претседателот Иванов во своето обраќање на свеченото отворање на WBAF Бизнис школата, на тема „Улогата на бизнис едукацијата во деловната етика“, ја истакна зголемената потреба за изучување на деловната етика, како и за најдоминантните теории и доктрини во економијата и нејзините последици. Тој истакна дека прашањето за односот меѓу бизнисот и етиката може да се постави и како дилема за тоа дали богатството неизбежно подразбира и сомнеж, недоверба и завист кон неговото потекло, начинот на кое е стекнато и акумулирано. Претседателот Иванов нагласи дека сѐ подоминантно станува мислењето дека бизнисот без морални критериуми не може да даде трајни, стабилни и значајни бизнис резултати, ниту пак може некоја заедница да ја направи среќна и просперитетна.

Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели во 2018 година ја прогласи Школата за млади лидери на Претседателот Иванов за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година. Од оваа година Претседателот Иванов ќе ја претставува Република Македонија на Големото Собрание на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, што обезбедува за Македонија широк спектар на можности за нови почетни компании, нови бизниси, бизнис контакти и вмрежувања и ги отвора вратите за економски развој. Имајќи ги предвид двата мандати на позицијата Претседател на Република Македонија и неговото професорско искуство, д-р Ѓорге Иванов ќе предава и на Бизнис школата на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели за Деловна дипломатија и за меѓународно претприемништво. Претседателот Иванов, исто така, ќе биде и член на одборот на Дипломатијата во акција за претприемници.

Бизнис школата на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели e виртуелна школа која нуди онлајн образование, обезбедува хибридно учење во повеќејазично и мултикултурно опкружување, дава поддршка од стратешки советодавен одбор, организира средби за размени на берза и студиски патувања, дава поддршка за корпоративно управување и поддршка на мали и средни претпријатија, како и квалификација и сертификација заснована на знаење.

Бизнис школата е основана од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели како одговор на зголемената потреба за квалификувани инвеститори, квалификувани претприемачи и квалификувани компании во светската економија. Обезбедува едукација и обука за поединци како што се инвеститори и претприемачи и преку своите програми за развој придонесува за деловна трансформација и на приватни и на јавни субјекти. Сите програми за развој и развој на бизнисот, курсеви за квалификација и сертификација, семинари, мастер програми и сесии за обука, како и нејзините веб-работилници и тркалезни маси се прилагодени на специфичните барања на индивидуалните професионалци и тимовите на корпоративните менаџери. Мисијата на WBAF Бизнис школата е да придонесе за развој на вештини и експертиза, да помогне во деловната трансформација на приватните и јавните субјекти и да го поттикне креативното размислување што доведува до иновации и евентуален успех во постојано менување на пазарното опкружување на 21 век.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- „Школата за млади лидери“ прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година

Поранешниот претседател Иванов денес упати писмено барање до Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за доставување на информација за состојбата, статусот на отворените предмети кои ги води ДКСК за него, предмет за потпишување укази за унапредување на генерали за време на изборен процес и предмет за зголемување на имотната состојба, за кои и покрај изминатите 20 месеци не е преземено ништо согласно законските утврдени рокови.

Ви го доставуваме текстот на писменото барање во целост:

До
Билјана Ивановска
Претседател на Државна комисија за спречување на корупција
ул. Даме Груев бр.1, 1000 Скопје

Од

Проф. д-р Ѓорге Иванов – Поранешен претседател на Република Македонија

Предмет:
Врска
- предмет број 12-1148/5
- предмет – зголемување на имотна состојба

Барање за доставување на информација за статус на нерешени предмети

Госпоѓо Ивановска,

Со ова барање и официјално ви се обраќам за информација за двата погоре наведени предмети за кои речиси 20 месеци не е ништо превземено, согласно со закон утврдени рокови.

За предмет број 12-1148/5 каде се испитува потпишување на Укази за унапредување на генерали за време на изборен процес повеќе од 12 месеци нема никакво дејствие.

На 17.09.2019 година беше поднесена тужба за поништување на вашата НЕЗАКОНИТА одлука 12-1148/5 од 02.05.2019 година.

Од 05.11.2019 година кога и со решение на Вишиот Управен суд УРПЖ.бр.4/2019 беше потврдена пресудата на Управниот суд УРП.бр. 39/2019 со која пак се ПОНИШТИ одлуката на Државна комисија за спречување на корупција 12-1148/5 од 02.05.2019 година по поднесената тужба од моја страна - предметот нема никаква разрешница.

Вие предметот сеуште не го затворате иако два надлежни суда донесоа решенија со кои вашата одлука е незаконита, поради што истата е поништена, не постои.

Барам одговор зошто не е постапено согласно судското решение и зошто предметот е сеуште отворен и покрај тоа што сите рокови предвидени со Закон се пробиени.

Дали чекате насоки за дејствување од некого, иако бевте официјално известени дека е постапено согласно надлежностите на претседателот на Република Македонија пропишани во Уставот и законите на Република Македонија?

Исто така, отворивте предмет, врз основа на добиени информации од медиум, за наводно зголемување на мојата, и на моето семејство, имотна состојба.

Поведени од вашиот личен, јавно искажан анимозитет кон мене, наместо да ја согледате реалната состојба наведена во законски рок доставениот Анкетен лист и сите пријавени промени во целиот мој десетгодишен мандат, како и доставениот Анкетен лист по завршување на мојот мандат, вие одлучивте да поведете лична медиумска кампања против мене и моето семејство од само за вас познати причини.

Наместо да постапувате согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси и согласно Деловникот за работа на ДКСК вашата крајна и единствена цел беше да ја нарушите мојата чест, достоинство и углед.

Јавно ве прашувам:

Зошто и по речиси 20 месеци од завршување на мојот мандат како претседател на Република Македонија сеуште немате завршница за предметот отворен за мојата и моето семејство имотна состојба, иако навремено ви беа доставени сите информации и податоци кои лесно беа проверливи?

Дали се точни информациите, кои ги имам неофицијално, дека релевантни институции од кои сте барале да ја испитуваат мојата имотна состојба, навремено и професионално ви ги доставиле нивните одговори?

Дали и покрај тоа, вие не сакате да донесете одлука пробивајќи ги сите законски утврдените рокови од само за вас познати причини?

Сакам јавно да ве известам дека ополномоштен адвокат од моја страна, согласно Законот за слободен пристап до информации, ќе бара увид во сите документи од предметот за мојата имотна состојба кои вешто ги криете за да се утврди колку и како се пробиени законските рокови.

Наведеново ми дава за право да се сомневам дека ја злоупотребувате вашата функција и вие ЛИЧНО го рушите угледот на членовите на ДКСК кои професионално и одговорно ја вршат и сакаат да ја извршуваат својата функција.

Со вашата неспособност, нестручно, неодговорно и спротивно на закон и деловник работење и однесување, само нанесувате штета на професионалниот и стручен тим на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Очекувам дека на ова мое барање лично ќе ми одговорите, а не како минатиот пат, одговорот да го добијам преку партиски гласноговорник, од партиска говорница, кој неуспешно се обидуваше да ја брани вашата неспособност во вршењето на една многу одговорна функција.

Проф. д-р Ѓорге Иванов

- СООПШТЕНИЕ од Кабинетот на поранешниот Претседател Иванов

Дел од предавањето на Претседателот Иванов на Универзитетот во Вроцлав на тема: „Мостови на пријателство и соработка: Македонија - Полска“, 4 декември 2018 година

- https://gjorgeivanov.mk/.../2011-07-19-10-40-39/5415.html

- Macedonia, Macedończycy, język macedoński. Dziękuję, Polsko!



…И како што полската држава ги згрижи децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, така полската наука покажа грижлив интерес за нивниот мајчин јазик – македонскиот. Не случајно во 1973-та, пред 45 години, токму вашиот престижен универзитет му додели почесен докторат на академик Блаже Конески, што е прва таква титула за Македонец во Полска. (Sokołowski, 2001).

Инаку, само три дена нè делат од денот кога пред 25 години, во 1993-та почина Блаже Конески. Затоа, моето обраќање ќе го започнам со крајот на неговиот живот. Непосредно пред неговата смрт изнемоштениот Конески ја повикал неговата колешка, познатиот полско-македонски славист Зузана Тополињска и ѝ го диктирал она што ќе биде негово последно објавено сведоштво. (Конески, 1993). Во тоа мошне кратко, но длабоко послание до неговата, но и до идните генерации, тој за последен пат се осврнал на прашањето што го прогонувало речиси целиот негов живот.

Како лингвист и книжевник кој се посветил на развојот на македонскиот литературен јазик, тој бил свесен дека три нешта фрлале сенка врз неговото животно дело. Прво, македонскиот јазик го зборуваат едвај два милиона луѓе. Второ, целосната кодификација на македонскиот литературен јазик е завршена дури во 1945-та, по формирањето на македонската држава. Трето, македонскиот јазик бил и сè уште е оспоруван.

Соочен со овие три факти, Конески имал храброст јавно да постави едно многу тешко прашање: Која е смислата да се пишува, да се твори на мал јазик?

Ова прашање значело преиспитување на целото негово научно и книжевно творештво и, воопшто, смислата на неговиот живот.

Колку и да е мал, македонскиот јазик има своја големина.

Тоа е јазикот што просторно е најблиску до изворот на првиот пишан јазик на словенските земји – старословенскиот. Знаеме дека во 855 година, врз основа на говорот на словенските племиња Сагудати, Другувити, Велегезити и Ринхини кои биле населени во Македонија, Св. Константин ‒ Кирил и Методиј составиле нова азбука – глаголица. Со помош на глаголицата, тие не ја превеле, туку ја препеале Библијата на старословенски. А, препевот е секогаш многу потежок од преводот. Тоа зборува и за богатството на јазикот и за нивната генијалност.

Со помош на тој пишан јазик, Св. Кирил и Методиј и нивните ученици меѓу кои и Св. Климент и Наум Охридски го растерале духовниот мрак и маглата на незнаењето и го ослободиле огромниот духовен, интелектуален, културен и креативен потенцијал на словенските народи. И затоа, еден од големите синови на словенството, Карол Војтила, папата Јован Павле II во 1980 година, во своето апостолско послание Egrigae Virtutis ги прогласи Св. Кирил и Методиј за копокровители и патрони на Европа.

Но, славистот Реџиналд де Бреј ќе напише: „Заради иронијата на историјата, народот чии предци им го дадоа на Словените нивниот прв литературен јазик беа последни на кои им се призна нивниот модерен јазик како словенски и различен од соседните српски и бугарски". (De Bray, 1980).

Зошто е тоа така? Макс Вејнрих духовито забележал дека „јазикот е дијалект со армија зад себе." Во долгите векови на туѓа политичка и духовна власт, нашиот јазик бил систематски потиснуван и забрануван. Само во текот на 19 и првата половина на 20 век стотици словенски натписи биле избришани, илјадници словенски ракописи биле уништени, стотици илјади Македонци биле принудно преименувани, а нивните идентитети насилно менувани. Вклучително и идентитетот на Конески, чие презиме го менувале те во Коневиќ, те во Конев, во зависност од тоа која соседна држава владеела со неговата татковина Македонија. Соочен со таквата сосотојба, Конески во 1939 година ги запишал познатите стихови: „рика во мене маката / дека сум роден во смачкано племе", односно, во обесправен народ.

Но, сето тоа се промени со крајот од Втората светска војна. Kористејќи го сувереното право на самоопределување, македонскиот народ на 2 август 1944 година ја создаде современата македонска држава. Еден од првите документи на македонската република е и решението „за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава".

За спроведување на тоа решение била формирана Комисија за јазик и правопис. Како нејзин член, Конески бил свесен дека прашањето за јазикот е едно од најважните при разрешувањето на македонското прашање. Како и Крсте Петков Мисирков, тој многу добро знаел дека афирмацијата на македонскиот литературен јазик е услов за заокружување на националната консолидација на Македонците.

Затоа, целиот свој живот го посветил на една цел. А тоа е да му помогне на својот народ да го развие и афирмира својот литературен македонски јазик.

Конески бил еден од најактивните учесници во кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Тој имал централна улога во донесувањето на клучните документи на македонската наука за јазикот – азбуката, правописот, граматиката, речникот, историската фонологија, историјата на јазикот (Видоески, 1986, 2013). Како лингвист, поет и преведувач, тој го насочи вниманието на светската лингвистичка и книжевна јавност кон македонскиот јазик. Како еден од основачите на најважните академски институции и списанија, тој придонесе кон процутот на македонистиката.

Со сè што правеше, Конески и неговата генерација за многу кратко време го издигнаа македонскиот јазик во современ европски јазик со светла иднина.

Но, таквиот успех ги разбудил старите балкански сеништа на негирањето. Македонскиот јазик и денес сè уште се соочува со бројни оспорувачи кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат еден вид симболична опресија врз македонскиот идентитет.

И самиот Конески на своја кожа ја почувствувал ваквата состојба. Ќе ви дадам само една илустрација.

Во 1968 година, пред 50 години, Конески станал почесен доктор на Чикашкиот универзитет. Но, американскиот славист и македонист, проф. Виктор Фридман откри дека околу тој докторат се водела вистинска политичка драма (Фридман, 2011).

Имено, уште во 1964-та година, полско-американскиот славист и шеф на Катедрата за словенски јазици на Чикашкиот универзитет, проф. Едвард Станкиевич предложил Конески да биде прогласен за почесен доктор на тој универзитет. Предлогот набргу се нашол на агендата на надлежната Комисија за почесни признанија која сериозно го разгледувала. Но, некои од членовите на Комисијата се плашеле од реакциите на Грците. Сметале дека таквата награда може да биде сфатена како непријателски чин од страна на Грците кои го негирале постоењето на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и, воопшто, македонскиот народ. Па така, одлуката за почесниот докторат на Конески била одложена сè до 1968 година. Тоа бил можеби единствен забележан случај на одложување на одлука за доделување на почесен докторат на Универзитетот во Чикаго. И тоа поради големиот страв од еден мал јазик.

А стравот до некаде бил и оправдан, бидејќи веднаш по церемонијата до претседателот на Универзитетот започнале да пристигнуваат протестни писма во кои се изразувало незадоволство поради признавањето на „непостоечки јазик" на еден „непостоечки народ." (Фридман, 2011).

Од тој инцидент мина рамно половина век. Но, тој страв, за жал, сè уште е присутен, и не само во Америка. Ако на веб-страниците на институциите на Европската Унија ги побарате документите што се однесуваат на нашиот регион, ќе забележите една чудна работа. Повеќето документи се преведени на официјалните јазици на државите од нашиот регион. Но, само во нашиот случај наместо македонски јазик, пишува „јазик на Поранешната Југословенска Република Македонија." Колку што знам, таков јазик во славистиката не постои.

- „Во спомен на Блаже Конески 1921-1993“

Нека ни е честит празникот Свети Климент Охридски!

Сите ние кои сме дел од Словенството како јазична заедница сме рамноправни Климентови наследници. И како наследници имаме споделени права, но и должности. Должности да се грижиме за она што ни е оставено, меѓусебно да го споделуваме и да го пренесуваме на идните поколенија. Нешто за што очигледно дека не се трудиме доволно.

Но што би рекол св. Климент за нашата генерација, за нашите општества, за нашиот свет? Во која мера успеавме да го зачуваме неговото богато јазично, просветно, духовно и морално наследство? И, најважно од сè, дали успеавме неговото наследство да им го пренесеме на младите, како што тој им го пренесувал?

Верувам дека св. Климент би се зачудил што во изминатиов век и половина се водеа жестоки академски и политички борби за негово присвојување и врамување во концептите од 19 и 20 век. Би се зачудил бидејќи тој живееше во свет и век без национални држави и без национални идеологии и идентитети, во свет на империи.

Св. Климент би нè упатил да прочитаме едно од неговите слова во кое се повикува на посланието до Галатјаните во кое апостолот Павле категорично тврди дека верата во Бога ги надминува идентитетските разлики. И дека независно од нашата етничка, јазична, културна, политичка, социјална или родова припадност, сите ние сме повикани да го запазиме златното правило: да постапуваме со другите онака како што сакаме и другите да постапуваат со нас. Особено во време на неволји и потреби, какви што сега имаме во Македонија.

Св. Климент би нè потсетил дека учествувал во мисијата на светите Кирил и Методиј во Моравија; дека бил ракоположен за свештеник во Рим; дека бил учител на словенските народи, но и дека бил почитуван и од византиските црковни великодостојници. И како што неговите физички мошти ги поврзуваат Македонија, Бугарија, Грција и Италија, така и неговото духовно и просветно дело ги поврзува сите словенски народи.

Една од неговите пораки е скриена во неговото име – Климент односно Clementia, што значи милост. Милост што ни е укажана како луѓе и милост што треба да им ја укажеме на другите луѓе, на нашите ближни, нашите соседи, па дури и на нашите непријатели.

А тоа ќе го направиме ако се вратиме на неговиот повик. А тоа е повик да си помагаме еден на друг... да стекнеме братољубие, љубов кон бедните, гостопримство, кроткост, воздржување, и во сè што правиме да се престигнуваме во добрина. А во време на неволји и предизвици со кои се соочуваме, почитувањето на Климентовиот повик ни е повеќе од неопходно.

Само така ќе ги обновиме навиките на срцето што ни се неопходни за да можеме сите заедно да бидеме достојни наследници на нашиот голем учител Климент Охридски.

Нека ни е за многу години празникот и нека ни е вечен споменот за Свети Климент Охридски!

Радувај се Македонијо.

Браво момци.

Денес, ја израдувавте Македонија, ја охрабривте Македонија и дадовте надеж на Македонија.

Вие успеавте да допрете до секој Македонец и да ја направите успешна и радосна Македонија.

Денес, испишавте историја.

Честитки до селекторот Ангеловски, честитки до капитенот Пандев и до целата фудбалска репрезентација на Македонија.

- Честитка од Претседателот Иванов по повод историскиот пласман на Македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство

На денешен ден пред 127 години, во Солун, беа шестмина. Меѓу народот беа познати како даскали, екими, или едноставно акллии - учени луѓе. Тие на денешен ден, по тогашниот календар, посадија едно стебло кое низ годините растеше и се разгрануваше.

Некогаш некои гранки на тоа стебло се потсушуваа, некои гранки соседите ги калемеа, други жестоко ги сечеа и сакатеа. Тоа стебло одолеа на многу непогоди, суши, студови и мразови. Беше на ветрометина, растеше на раскрсница. Секој недобронамерен патник, по некој белег и лузна му оставаше. Сепак не се даваше, жилавоста од коренот доаѓаше.

Веројатно со вакви зборови тој настан би го опишал книжарот Иван Хаџи Николов, а дијагнозата би ја дал д-р Христо Татарчев, така урокот би го раскажувале учителите Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.

Да, на денешен ден овие шестмина ја создадоа првата семакедонска организација. Организација која со тек на време си го менуваше името, но во сите нејзини имиња остануваа две придавки: „македонска“ и „револуционерна“.

Токму затоа преку денешниот ден, сега веќе државен празник, го славиме и му се поклонуваме на делото на тие шестмина прометеи.

Нека ни е честит денот на МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА!

Да живее МАКЕДОНИЈА!

- Честитка од Претседателот Иванов по повод Денот на македонската револуционерна борба на 23 октомври 2020 година

Почитувани граѓани на Република Македонија

Нека ни е честит Денот на народното востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор!

Нека 11-ти Октомври за навек сведочи како македонскиот народ се бореше за слободата и за остварување на сонот за формирање на македонска држава, за решителноста и пожртвуваноста за создавање самостојна, независна Република Македонија.

Нека овој голем празник, уште еднаш, нѐ потсети на заветот кој ни го оставија нашите предци, достојно и гордо да ја чуваме Македонија.

Да живее Република Македонија!

- Во борба Македонски народе

- Честитка од Претседателот Иванов по повод 11-ти Октомври 2020 година

Поради глобалната пандемија на Ковид-19 и почитување на превентивните протоколи, 23. Евроазиски економски Самит на Фондацијата Мармара од Истанбул, Република Турција, првично планиран за април оваа година, се организираше сега, во октомври, по прв пат на онлајн платформа со видео стриминг.

Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, за време на своите мандати, редовно учествуваше на сите Евроазиски економски самити во Истанбул, а со задоволство го потврди учеството и оваа година. Обраќањето на Претседателот Иванов беше во сесијата во која учествуваа многу поранешни претседатели, премиери, министри, на тема „Современи разумни луѓе“, односно „Нов баланс на моќта во глобализацијата и почитта и управувањето“ и „Нов светски поредок после корона вирусот“. Покрај Претседателот Иванов, во оваа сесија, свои излагања имаа и поранешните претседатели на Турција – Ѓул, Албанија – Нишани, Австрија – Фишер, Босна и Херцеговина – Иваниќ, Бугарија – Стојанов, Хрватска – Месиќ и Јосиповиќ, Латвија – Затлерс, Словенија – Тирк, Црна Гора – Вујановиќ, Романија – Контантинеску и др.

Поранешниот претседател Иванов на почетокот на своето обраќање нагласи дека по прв пат на Евроазискиот економски самит ќе се обрати од академски аспект. Тој рече дека, „доколку севкупната состојба со пандемијата предизвикана од Ковид-19 ја согледаме од филозофски аспект, особено од аспект на политичката филозофија, ќе се соочиме со еден парадокс. Парадокс кој ни дава сосем поинаква претстава за состојбите во светот во 2020 година, спротивен на сѐ она што досега е кажано и презентирано од политичарите, медиумите, невладините и хуманитарните организации, според кои Ковид-19 е виновен за сѐ и е причина за сите неволји што нѐ снајдоа... Ковид-19 нѐ научи дека ништо од она што е врвно достигнување на севкупната човекова цивилизација, значи врвната наука и сите технолошки достигнувања, не можат да бидат гаранција за вечен прогрес и напредок на сегашноста, но и иднината... Ковид-19 во 2020 година како наеднаш да ја подигна завесата на светската сцена и како силен рефлектор ги направи видливи и јавни сите светски настани и акции кои најмоќните во светот се навикнати да ги прават и водат зад завесата, односно зад затворени врати, далеку од очите на јавноста. И сето тоа да го прават неказнети веќе неколку децении, па и векови.“

На крајот, во своето обраќање претседателот Иванов истакна: „Древните филозофи, особено Платон, нѐ учат дека во такви кризни времиња најважно од сѐ за една заедница е солидарноста и пријателството меѓу самите луѓе, но и со природата. Платон на повеќе места подучува дека човековата душа го поседува она што тој го нарекува thimos, нешто што на луѓето им дава способност за индигнација пред неправдата и пред стравот од губење на животот. Таа храбра емоција, односно екстаза, може да ја поттикне желбата за преживување и мобилизација која може да ја спаси заедницата. Да се надеваме дека кај многумина од нас, покрај сѐ што ни се случи во 2020 година, созрева свеста за сопствениот thimos, кој со тоа би прераснал во наш сеопшт цивилизациски thimos.“

https://marmaragrubuvakfi.web.tv/video/20201008-125030__txmsmy2oqma (почеток на обраќањето на Претседателот Иванов во 2:33:00)

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:

- Заедно да придонесеме за новата реалност - претседателот Иванов на 18. Евроазиски економски самит во Истанбул

- Секој коридор што поврзува треба да биде нашиот пат до мирот - Обраќање на претседателот Иванов на 18. Евроазиски економски самит

- Медал за заслуги за Македонија за Акан Сувер и Исмаил Серагелдин и Повелба на Република Македонија за „Македонија 2025“

Претседателот Иванов, денес, во својот Кабинет, го прими Амбасадорот на Француската Република во Република Македонија, Неговата Екселенција г. Кристиан Тимоние, кој ја завршува својата мисија во Република Македонија.

Претседателот Иванов му се заблагодари на амбасадорот Тимоние за неговиот целокупен ангажман за време на неговиот мандат во Република Македонија, и упати посебна благодарност за неговата лична посветеност, пристап и соработка кои придонесоа за продлабочување на односите меѓу двете земји. Претседателот Иванов му посака на амбасадорот Тимоние успех во неговите следни ангажмани.

Амбасадорот Тимоние искажа голема благодарност за одличната соработка со Претседателот Иванов и поддршката која што ја добиваше од негова страна. Нагласи дека пријатните и квалитетни средби придонесуваа до одлична соработка во многу области. Информираше за неговите активности во текот на мандатот и ги издвои соработката за време на мигрантската криза, потоа, на полето на безбедноста и воената соработка, искажувајќи благодарност за заложбата на Претседателот Иванов за учество на Македонија во заеднички мисии. Истакна дека од Република Македонија си заминува со добри спомени.

Соговорниците споделија мислења за актуелните глобални случувања, како и за внатрешно-политичката состојба во државата.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:

- Новоименуваните амбасадори на Француската Република, на Република Словенија и на Кралството Белгија ги предадоа акредитивните писма

- Претседателот Иванов ја посети Француската алијанса во Битола и оствари средба со амбасадорот Тимоние

Почитувани сограѓани,

Нека ни е честит Денот на независноста на Република Македонија!

Секое големо достигнување, пред да се оствари, е само сон. Независна, суверена и слободна Македонија беше сонот на генерации и генерации наши претходници. Успеавме во 1991 година, кога сонот стана јаве.

Ова е ден за љубов кон нашата татковина Македонија.

РДа се биде Македонец не е само право. Тоа е и обврска. Обврска да се чува наследството за кое нашите предци се избориле со пркос и непокор. Да се чува континуитетот на нашата определба, бидејќи како Македонци ние не можеме да бидеме нешто поразлично од нашите предци. Да не им го одземаме на нашите деца, внуци и правнуци она што ни го оставиле нашите татковци, дедовци, прадедовци.

Треба да знаеме кои сме за да знаеме што сакаме да бидеме. Треба да знаеме каде сме за да знаеме каде сакаме да бидеме. Треба да знаеме што имаме за да знаеме што сакаме да стекнеме.

Среќен роденден татковино! Си била и ќе бидеш Македонија! Да ни е вечна и вековита Македонија! Да живее Република Македонија!

Честитка од Претседателот Иванов по повод Денот на независноста на Република Македонија на следниот линк :

- Честитка од Претседателот Иванов по повод Денот на независноста на Република Македонија

На 21-ви август 2020 година, Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели (The World Business Angels Investment Forum - WBAF) објави дека го назначува проф. д-р Ѓорге Иванов, четвртиот Претседател на Република Македонија во два мандати, од 2009 до 2019 година, за Висок комесар на Големото Собрание на најголемиот светски бизнис форум.

Претседателот Иванов ќе ја претставува Република Македонија на Големото Собрание на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели. Вклучувањето на Македонија во Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели обезбедува широк спектар на можности за нови почетни компании, нови бизниси, бизнис контакти и вмрежувања и ги отвора вратите за економски развој.

Имајќи го предвид двата мандати на позицијата Претседател на Република Македонија и неговото професорско искуство, д-р Ѓорге Иванов ќе предава и на Бизнис школата на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели за Деловна дипломатија за меѓународно претприемништво. Претседателот Иванов, исто така, ќе биде и член на одборот на Дипломатијата во акција за претприемници.

Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели смета дека лидерската позиција на проф. д-р Иванов ќе обезбеди широк спектар на можности за почетни компании, развој на деловни активности и бизниси со висок раст и ќе отвори врати за економски развој, не само за Република Македонија, туку и за другите земји во регионот.

Бајбарс Алтунтас, извршен претседател на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, истакна: „Како придружен партнер на Г-20 Глобални партнерства за финансиско вклучување (G20 Global Partnership for Financial Inclusion - GPFI), WBAF поддржува почетни компании, развива претприемачки екосистеми и им помага на компаниите да се поврзат со меѓународни компании и други релевантни институции. Ние сме уверени во нашиот придонес кон економскиот развој на земјите преку олеснување на врските со претприемачките екосистеми. Силно веруваме дека Македонија и регионот на Југоисточна Европа ќе имаат корист од напорите на проф. д-р Иванов да ја зајакне почетната економија на земјата преку претприемништво, иновации и инвестиции од бизнис ангели.“

Претседателот Иванов нагласи дека „вклучувањето на WBAF во економијата на Македонија и Југоисточна Европа е добар одговор на COVID-19. Во пост-пандемичното деловно опкружување, зголемувањето на деловните активности бара посебни вештини на претприемачите, кои се должни да обезбедат финансирање што е можно побрзо. WBAF ќе има инструментална улога во поврзувањето на македонските претприемачи со квалификувани инвеститори низ целиот свет.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- „Школата за млади лидери“ прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година

Републиката е на народот, бидејќи од него извира сувереноста и во него се слева сувереноста.

Република Македонија не е приватна сопственост, та некој да тргува со неа, со нејзините атрибути и вредности.

Република Македонија не е личен имот, та некој да ја распродава.

Република Македонија не е ничија земја, та секој да ја присвојува.

Република Македонија му припаѓа на народот кој ја создал.

Слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано.

Честит Илинден!

Вечна Македонија!

Честитка од Претседателот Иванов по повод Илинден на следниот линк :

- Честит Илинден

Поранешниот Претседател Иванов денес во својот Кабинет го прими Амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Неговата Екселенција д-р Милан Јазбец. Амбасадорот Јазбец на оваа позиција беше од септември 2016 година, кога ги предаде акредитивните писма на Претседателот Иванов.

Во текот на мандатот Претседателот Иванов и Амбасадорот Јазбец имаа многу прилики за соработка, заеднички активности и настани, кои беа во насока на јакнење и интензивирање на билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Република Словенија. Претседателот Иванов искажа благодарност за целокупниот ангажман на Амбасадорот Јазбец, нагласи дека му беше задоволство да соработуваат и му посака успеси на неговите следни позиции.

Амбасадорот Јазбец нагласи дека му беше задоволство да соработуваат со Претседателот Иванов како шеф на државата и сега како поранешен претседател. Нагласи дека нивните заеднички професионални ангажмани ги цени највисоко, но дека особено драга му беше честа од страна на Претседателот Иванов кој даде предговор на неговата последна книга поезија.

Соговорниците имаа прилика да се потсетат на заедничките ангажмани и активности, нагласувајќи дека пријателството секако продолжува и понатаму.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:

- Новоименуваните амбасадори на Француската Република, на Република Словенија и на Кралството Белгија ги предадоа акредитивните писма

Поранешниот Претседател Иванов учествуваше на онлајн конференцијата во чест на поранешниот советник, соработник и пријател, проф. д-р Димитар Мирчев, универзитетски професор, дипломат и прв Амбасадор на Република Македонија во Република Словенија, интелектуалец кој работеше со голем ентузијазам на европската интеграција на Република Македонија.

Конференцијата „Идентитетот и европската интеграција во чест на Димитар Мирчев“ се организираше од страна на Филозофскиот факултет при УКИМ и Европското движење Република Македонија чиј основач е проф. д-р Мирчев. На конференцијата зедоа учество Деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, Раководителот на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет, проф. д-р Константин Миноски, Амбасадорот на Р. Словенија во Р. Македонија, Н.Е. г. Милан Јазбец, кој се обрати со видео порака, потоа Претседателот на Европското движење во Република Македонија, како и други претставници од Филозофскиот факултет, Европското движење во Република Македонија и од други високообразовни институции и организации во земјата.

Во своето излагање, Претседателот Иванов рече дека Мирчев се вратил од Амбасадор во Словенија во земјава и го препознал моментот да се смени парадигмата, односно дека доаѓа со мотото за либерализација на економијата, плурализација на политиката, европеизација на надворешната политика. Истакна дека Мирчев сета инспирација ја користеше од Словенија и моделот „Европа здај“. Понатаму, нагласи дека додека другите се прилагодуваа на европските стандарди и принципи, ние моравме да се докажуваме дека сме Македонци, дека имаме наш идентитет, наша држава и се оддалечивме од тоа што беше општ тренд во ЕУ. Во однос на тоа што е европски идентитет, претседателот Иванов рече дека самата Унија е поставена така да секоја членка го сочува нејзиниот национален идентитет, но прашање е што претставува европскиот идентитет. Идентитетот се сведува на слобода, демократија, владеење на правото. Кога ќе го исполните тоа поглавје, за правда и внатрешни работи, вие станувате дел од европскиот идентитет. Претседателот Иванов посочи дека според него нашата академска заедница била неажурна на тој план и не успеала да ја убеди нашата јавност дека прашањата за идентитетот се на едно друго повисоко ниво, н не како што е на Балканот, каде се уште се опстојува на прашања за идентитет кои во ЕУ се одамна совладани и содржани во нејзините договори. За својот долгогодишен пријател, претседателот Иванов рече, Мирчев ги истражуваше балканските стереотипи и балканските комплекси, а вој контекст спомена дека со влегување на членките од Балканот, ЕУ се балканизира и дека блокадите меѓу балканските држави ќе продолжат на патот кон ЕУ.

Проф. д-р Димитар Мирчев, македонски универзитетски професор и редовен член на Европската академија за науки и уметности, професор Емеритус по политички науки, редовен член на Европската академија на науки и уметности во Оделот за општествени науки, право и економија, почина на денешен ден пред четири години. Мирчев е поранешен и прв амбасадор на Република Македонија во Република Словенија, а во текот на својот живот извршуваше и важни функции во политичкиот живот. Беше основач на Младата демократска странка, на Македонскиот совет на Европското движење и еден од обновувачите и член на Либералната партија на Македонија и основоположник и прв претседател на Македонското политолошко друштво. Проф. д-р Димитар Мирчев остави богат опус на трудови. Објавени се над 200 научни трудови, универзитетски учебници, монографии, есеи и истражувачки извештаи, во земјата и во странство, на англиски, словенечки, хрватски, српски, меѓу кои и неговата Тетралогија „Македониум“.

Проф. д-р Димитар Мирчев беше советник на Претседателот Иванов за време на неговиот мандат, а беше и именуван член на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Македонија од 2010-2016 година, како претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Онлајн конференцијата беше пренесувана во живо на Фејсбук профилот на Филозофски факултет, односно на следниот линк :

- Конференција „Идентитетот и европската интеграција во чест на Димитар Мирчев“

По повод првата годишната од историската Апостолска посета на Папата Франциск на Република Македонија, Католичката црква на 7 мај 2020 година организираше онлајн видео конференција.

Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше во видео конференцијата при што искажа задоволство што Папата Франциск ја прифати неговата покана и ја оствари Апостолската посета на Македонија на негово посебно задоволство поради можноста да биде негов домаќин. Особено се заблагодари за пријателскиот и срдечен разговор кој го имаа за време на билатералната средба во претседателската вила и за пораките кои беа упатени за време на обраќањето. Иванов искажа благодарност и за признанието кое беше оддадено на македонската дежава од страна на Ватикан за одличната организација на целокупната посета. Видео конференцијата беше организирана од Апостолскиот егзарх и скопскиот бискуп, монсињор д-р Киро Стојанов, и Католичката црква во Република Македонија.

На видео конференцијата свои обраќања имаа и Апостолскиот нунциј за Република Македонија, Анселмо Гвидо Пекорари, кардиналот Винко Пуљиќ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, претставници на државната власт и истакнати личности од земјата и регионот, а беа воспоставени линкови со Скопје, Сараево, Софија, Белград, Загреб и други градови од земјата и од регионот.

Целта на оваа видео конференција беше да се оживеат историските моменти од Апостолската посета на нашата земја. Учесниците имаа можност да ги изнесат своите впечатоци и што беше она што никогаш нема да го заборават, како и што е она што трајно ќе остане запаметено во Црквата и во општеството.

Видео конференцијата беше пренесувана преку Youtube каналот Radio Marija MK:

- First anniversary of the Apostolic visit of His Holyness Pope Francis to the R.N.Macedonia

Поранешниот Претседател Иванов денес донираше 2000 повеќенаменски заштитни маски за припадниците на Армијата на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи. Заштитните маски беа донирани на состанокот на заедничкиот оперативен штаб на МВР и Генерал Штаб на АРМ, формиран за креирање за оперативно планирање и спроведување на активности во услови на прогласена вонредна состојба предизвикана од појавата на корона вирусот – Ковид 19.

Имајќи ја предвид корона кризата, прогласената вонредна состојба и огромната можност за директна изложеност на корона вирусот на припадниците на АРМ и МВР, Претседателот Иванов одлучи од свои лични средства да обезбеди заштитни маски за нив, особено поради тоа што во моментот побарувачката за маските е многу голема, а понудата оскудна. На тој начин, Претседателот Иванов уште еднаш им се заблагодари на посветеноста на припадниците на АРМ и МВР кои се ангажирани за справување со корона кризата и за нивната пожртвуваност за обезбедување на заштита, одржување ред и чување на животот и здравјето на македонските граѓани, со цел превенција и справување со актуелната глобална пандемија од корона вирусот.

Припадниците на АРМ и МВР присутни на состанокот на кој се донираа заштитните маски изразија огромна благодарност до Претседателот Иванов за овој гест и за оваа несебична поддршка, поради тоа што, во моментот најпотребни им се токму заштитните маски за извршување на нивните одговорни задачи.

На покана на Македонската добротворна организација (MCWA) и клубот Сиднеј Македонија, поранешниот македонски претседател, Ѓорге Иванов, беше покровител и присуствуваше на неколку настани од добротворен и хуманитарнен карактер кои се одржаа изминатата недела во Австралија, каде што оствари средби и со македонската дијаспора.

На трите гала вечери одржани во Мелбурн, Сиднеј и Волонгонг, Иванов упати апел до македонската дијаспора за обединување и единство на сите Македонци во дијаспората како и за поддршка и помош на повозрасните лица од македонската заедница кои живеат во Австралија.

Грижата за постарите лица е грижа и за сите кои што ќе дојдеме во тоа доба, но и за тоа што тие ни го оставаат како наследство на нашите генерации, како што се мудроста и искуството стекнато со годините – посочи Иванов.

За актуелните случувања во Македонија, Иванов нагласи дека ја следи нивната загриженост во однос на истите, порачувајќи им дека сме издржале многу тешки периоди така што и ова ќе помине и ќе дојдат подобри времиња.

Во тој контекст посочи дека во неговите 10 години како Претседател останал на свечената заклетва и ги почитувал Уставот и законите на Република Македонија.

Работев за заштита на македонските национални интереси и направив се што е во моја надлежности и што дозволуваше оваа функција за нивна одбрана. Би сакал да порачам и дека секој треба да ја почитува волјата на народот која што беше искажана и на последниот неуспешен референдум од 2018-та година. Тоа дава за право да може да бидат во важност одлуките донесени на референдумот од 1991 година, каде граѓаните се изјаснија за независна и суверена Република Македонија – нагласи Иванов, додавајќи дека ова останува основа некоја следна генерација да се избори за враќање на нешто што насилно ни беше одземено.

Организаторите на овие настани му изразија благодарност на поранешниот македонски претседател за тоа што прифатил да биде покровител на настани од ваков хуманитарен карактер и како и за тоа што во текот на својот мандат постојано ги штител македонскиот национален идентитет, македонската култура и традиција.

За време на посетата во Мелбурн, Иванов го посети и училиштето финансирано од Австралиската влада, а во кое наставата се одвива на македонски и на англиски јазик. Имаше можност да разговара со наставниците и со учениците и да им честита за оваа инзворедна мисија која допринесува за зачувување и негување на македонскиот јазик.

Исто така, поранешниот претседател Иванов го посети седиштето на Македонската добротворна организација, како и пензионерите кои ги користат нивните услуги и имаше можност да разговара со секој од нив.

Во Сиднеј, Иванов со своето семејство ја посети болницата Сент Џорџ каде раководството и докторите им се заблагодарија на неговиот личен придонес како и придонесот на сопругата Маја Иванова за помошта во обезбедувањето на средствата со кои што се купени пет скенерот и скенерот за рано дијагностицирање на рак на дојка.

Иванов присуствуваше и на свечен прием што во негова чест беше организиран од страна на актуелниот и на поранешниот градоначалник на општината Бејсајд (поранешна Рокдејл) Џои Авада и Бил Саравиловски.

Иванов имаше можност да се сретне и со претставници на политички партии на федерално и на локално ниво, кои ги застапуваат интересите на македонската заедница во Австралија.

Тој оствари и повеќе средби со преставници на македонската бизнис и академска заедница.

Посетата на Иванов на Австралија заврши на 1 март со средба со Македонците во Сиднеј на настан организиран од страна на фудбалскиот клуб Сиднеј Македонија на стадионот Бенксктаун.

Поранешниот претседател на крајот на својата посета им се заблагодари на домаќините за прекрасниот и срдечен пречек и уште еднаш им порача дека секој нивен глас е битен и ако е обединет ќе стигне во Македонија и ќе мора да биде слушнат.

Да го сочуваме заветот на предците и нашите револуционери, да ја чуваме македонската држава, македонскиот идентитет и јазик, македонската култура и традиција. Бидете обединети и единствени, бидете што поуспешни за да биде и Македонија што поуспешна – заврши Иванов.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Обраќање по повод доделувањето признанија и одликувања на 9 македонски организации од дијаспората и 13 поединци – припадници на македонската дијаспора

- Обраќање по повод доделувањето Повелба на Република Македонија на здруженија од дијаспората

- Средба со г-ѓа Алана МекТиернан, пратеник во Долниот дом на Федералното собрание во Австралија

- Средба со пратеникот на Федералното собрание на Австралија, Лук Симкинс

Денес, во својот Кабинет, поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари средба со Претседателот на македонското друштво „Илинден” – Тирана, г. Никола Ѓурѓај. На средбата г. Ѓурѓај му ја врачи на претседателот Иванов почесната награда „Илинден” од македонското здружение во Тирана. Наградата „Илинден” е воведена по повод јубилејот 10 години постоење на друштвото. Се доделува на личности кои дале посебен придонес за животот, историјата, културата и зачувувањето на автентичните традиции на Македонците во Република Албанија.

Господинот Ѓурѓај истакна дека му претставува огромна чест повторно да се сретне со д-р Ѓорге Иванов, поранешен Претседател на Република Македонија, и лично да му го предаде почесното признание, со желби за добро здравје и успешно продолжување на неговата мисија.

Претседателот Иванов искажа посебна благодарност за наградата и ги поздрави сите заложби, посветеноста и ангажманот на здружението Илинден во насока на унапредување на позицијата и правата на македонската заедница во Албанија, Никола Ѓурѓај искажа благодарност за односот и заземањето на Претседателот Иванов за Македонците во Албанија за време на неговите два мандати, за што и со посебно задоволство ја врачи наградата и изрази надеж дека таа соработка и релации ќе продолжат и во иднина со Иванов како поранешен претседател, кој има добри релации со поранешните претседатели на Република Албанија, и дека секоја негова заложба за македонската заедница во Албанија е добредојдена и високо ценета.

Во текот на срдечниот разговор искажан соговорниците го искажаа и заедничкиот став за унапредување на соработката меѓу македонското друштво „Илинден” – Тирана и поранешниот Претседател Иванов, а во таа насока, беше потврдена и идната соработка во рамки на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Претседателот Иванов во посета на општина Пустец

На покана на Амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Неговата Екселенција, г. Џанг Ѕуо, претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, со своето семејство беше гостин на амбасадорот во неговата резиденцијата.

Претседателот Иванов го пренесе своето задоволство од одличните односи и соработка кои Република Македонија и Народна Република Кина ги имаа за време на неговите мандати, и кои во тој период беа дополнително интензивирани и збогатени. Информираше за повеќе активности и настани со претходните кинески амбасадори во земјата, но посебно се осврна на соработката со највисоките претставници на државната власт на Народна Република Кина. Истакна дека секоја негова посета на Народна Република Кина има посебно значење за него, особено средбите со Претседателот на Народна Република Кина.

Амбасадорот Џанг се заблагодари за честа да биде домаќин на Претседателот Иванов и неговото семејство и нагласи дека очекува одличната досегашна соработка на Претседателот Иванов и неговите претходници да продолжи и со него за време на неговиот мандат како кинески амбасадор во нашата земја.

Соговорниците разговараа и за можностите за идна соработка повторувајќи ја својата подготвеност и отвореност за продолжување на успешните проекти и заеднички активности, како и за иницирање и започнување со други опции на соработка.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес во својот Кабинет го прими д-р Акан Сувер, Генерален секретар на Мармара Фондацијата од Истанбул.

Целта на посетата на Република Македонија на д-р Сувер е лично да му ја врачи на Претседателот Иванов поканата за следниот 23-ти Евроазиски економски самит на Мармара фондација во Истанбул, кој ќе се одржи од 8-9 април оваа година.

Претседателот Иванов се заблагодари за поканата и со задоволство го потврди неговото учество на самитот и нагласи дека и оваа година ќе се обрати пред учесниците, но по прв пат како поранешен претседател.

Во насока на потврда и особено задоволство од одличната долгогодишна досегашна соработка со фондацијата Мармара, и генералниот секретар на фондацијата, во март 2019 година, Претседателот Иванов го одликуваше д-р Сувер со Медал за заслуги за Македонија за неговата ангажираност во своето работење и дејствување со што даде значаен придонес за промовирање на македонските вредности и позиции во Република Турција и поширокиот европски и азиски простор, со личен ангажман како основач и претседател на Фондацијата Мармара.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Заедно да придонесеме за новата реалност - претседателот Иванов на 18. Евроазиски економски самит во Истанбул

- Секој коридор што поврзува треба да биде нашиот пат до мирот - Обраќање на претседателот Иванов на 18. Евроазиски економски самит

- Медал за заслуги за Македонија за Акан Сувер и Исмаил Серагелдин и Повелба на Република Македонија за „Македонија 2025“

Поранешниот претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со поранешниот Претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Младен Иваниќ.

Соговорниците, инаку долгогодишни соработници и пријатели, имаа можност да се потсетат на нивната заедничка претходна соработка за време на нивните актуелни мандати, како и да се потсетат на заедничките ангажмани за интензивирање и збогатување на билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина. Заедничката соработка ќе продолжи и во иднина имајќи предвид дека и двајцата се дел од повеќе форуми и иницијативи на кои што учествуваат како поранешен претседател, односно претседавач.

Претседателот Иванов изрази посебна чест што има по прв пат можност да го пречека својот пријател во неговиот нов кабинет на поранешен претседател, за што г. Иваниќ се заблагодари и посочи дека при секоја посета на нашата земја ќе се радува и на средбата со својот драг пријател.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Официјална посета на г. Младен Иваниќ, Претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина

- Има солидна основа за интензивна економска соработка меѓу Македонија и Босна и Херцеговина – бизнис форум Република Македонија – Босна и Херцеговина во Скопје

- Средба со г. Младен Иваниќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина

Поранешниот претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, и Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Неговата Екселенција г. Сергеј Александрович Баздникин, го посетија вечното почивалиште на проф. д-р Владимир Мошин (1894-1987) за помен на неговото дело и мисија во текот на неговиот живот во Република Македонија.

Академик Владимир Мошин, родум од Санкт Петерсбург, Русија, бил еден од најголемите проучувачи и познавачи на македонското книжевно наследство. Тој бил филолог, универзитетски професор, а потоа, во 1974 година е избран и за член на МАНУ поради неговите научни заслуги. Се занимавал со изучување и каталогизација на словенските ракописи, а во Скопје формирал нов центар за археографски истражувања во Македонија, држел предавања по палеографија, редактирал зборници на старословенски ракописи и објавувал материјали за историјата на македонскиот народ. Во периодот од 1971 до 1974 година работел како редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за историја на Јужните Словени. Академик Мошин починал на 3 февруари 1987 година, во Скопје, каде е погребан заедно со сопругата.

Со цел да му оддадат почит за неговото дело и мисија, претседателот Иванов и амбасадорот Баздникин положија свежо цвеќе на гробот на академик Мошин на градските гробишта во Бутел.

Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, кој е во дводневна посета на Република Македонија по повод учество на активности за празникот Свети Сава во Република Македонија, 27 јануари.

Средбата помина во пријателски разговор, а соговорниците имаа можност да се потсетат на нивната заедничка претходна соработка за време на мандатите на Претседателот Иванов како Претседател на Република Македонија и за време на мандатите на г. Додик на повеќе високи функции во Босна и Херцеговина и во Република Српска.

Претседателот Иванов и членот на Претседателството на БиХ Додик разговараа и за билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и БиХ, а разменија и мислења за актуелните случувања во регионот.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Неопходна е јасна интегративна перспектива – средба со претседателот на Република Српска, Милорад Додик

Поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, на покана на Редот на Свети Ѓорѓи од Куќата на Хабсбург-Лорејн во Виена го посети и имаше излагање пред членовите на Редот на тема „Македонското прашање и Европа“.

Посетата на поранешниот претседател Иванов на седиштето на Редот на Свети Ѓорѓи од Куќата на Хабсбург-Лорејн е на покана на Велемајсторот на Редот, Карл фон Хабсбург, како и повеќе истакнати членови на Редот кои имаа интерес да слушнат мислења од Претседателот Иванов за актуелните случувања во Република Македонија, нејзината европска интеграција, како и негов осврт на актуелните политички случувања во ЕУ и нивното влијание на процесот на интеграција на Македонија и регионот, но и за политичките случувања во нашата држава и нивна рефлексија на евроинтегративниот процес.

Претседателот Иванов оствари и одвоена средба и со претседателот на Австриско-македонското бизнис здружение во Виена, кој воедно беше и модератор на сесијата во која се обрати претседателот Иванов.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Претседателот Иванов одликуван со Орденот Свети Ѓорги од Куќата на Хабсбург-Лотринген

Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со Апостолскиот нунциј за Република Македонија, Монсињор Анселмо Гвидо Пекорари, и Апостолскиот Егзарх и Бискуп, Монсињор Киро Стојанов, во Резиденцијата на Бискупот на Католичката Црква во Скопје.

Средбата беше на барање на Апостолскиот нунциј, а по насока на Неговата Светост Папата Франциск, за време на посетата на Апостолскиот нунциј на Република Македонија да оствари средба со Претседателот Иванов и уште еднаш да ја пренесе лично благодарноста на Папата Франциск до неговиот домаќин на неговата голема апостолска посета на Македонија.

Апостолскиот нунциј нагласи дека писмото покана упатено од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, до Неговата Светост и средбата која Апостолскиот нунциј ја имаше со Претседателот Иванов во август 2018 година биле пресудни за донесување на одлука за посета на Папата на Македонија. Воедно, потенцираше дека изборот на датумот за посета, 7 мај 2019 година, бил согласно желбата на Папата за да може Претседателот Иванов да го пречека во Република Македонија, пред завршувањето на неговиот мандат на 12 мај истата година.

Поранешниот претседател Иванов изрази посебно задоволство што Папата Франциск ја прифати неговата покана за посета и неговиот совет да дојде во време кога во Македонија најпотребно е обединување. Дополни дека политичарите дотогаш не успеваа да го постигнат тоа, и, затоа, посетата на Папата донесе позитивна порака и инспирација за обединување. Искажа благодарност дека таа посета ќе остане запишана во историјата, како што во Библијата е запишана историската посета на Апостол Павле на Македонија (Дела Апостолски 16:9). На повикот („Дојдете и помогнете ни“), по 2.000 години повторно нé посети Папа.

Апостолскиот нунциј нагласи дека историски односите меѓу црквата во Македонија и во Рим биле отсекогаш многу добри, а потсети дека самата посета на Папата е и заслуга на скопјанката Света Мајка Тереза и рече дека неа сите ја признаваат, прифаќаат, и дека таа сите нé обединува. Информираше дека Светиот Отец во неа препозна нешто што ги соединува сите пет верски заедници. Претседателот Иванов посочи дека Мајка Тереза тоа го живеела во текот на целиот свој живот, а тоа што го научила во Скопје го практикувала и промовирала во својата мисија - почитта кон другите.

Апостолскиот нунциј се заблагодари до Претседателот Иванов и за поставувањето на плочата во црквата Санта Марија Маџоре на која се истакнува благодарноста на македонскиот народ кон сесловенските светители и просветители – светите браќа Кирил и Методиј. На крајот на средбата ги пренесе импресиите на Неговата Светост за говорот на Претседателот Иванов кој посебно го воодушевил Папата Франциск заради тоа што во него била истакната важноста на почитта пред толерантноста која треба да ја имаме едни кон други.

Претседателот Иванов се заблагодари за средбата и искажа подготвеност за понатамошна соработка со Ватикан и со Римокатоличката црква, како и со нејзината заедница во Македонија.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Обраќање на Претседателот Иванов на Апостолската посета на Папата Франциск на Република Македонија

- Апостолска посета на Папата Франциск на Република Македонија

- Отворена можност за посета на Папата Франциск на Македонија – претседателот Иванов во официјална посета на Државата Ватикан

- Присуство на Претседателот Иванов на инаугурацијата на Папата Франциск во Ватикан

На покана на InterAction Council, од 9 до 12 јануари 2020 година, поранешниот Претседател Иванов учествуваше на Дијалогот на претседатели на Собирот на светски лидери што се одржа во Шангај и Нанинг во Кина. На собирот учествуваа поранешни претседатели и премиери од повеќе држави од Европа, Азија и Африка.

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

За многу години Божиќ. Ви посакуваме многу здравје, среќа, радости и убавини.

Семејство Иванови

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- ХРИСТОС СЕ РОДИ! За многу години Божиќ.


  2019 година  


Претседателот Иванов денес оствари средба со проф. д-р Илбер Ортајли, еден од најзначајните турски историчари и еден од најкомпетентните светски истражувачи на историјата на османлиската држава, кој е професор по историја на Универзитетот Галатасарај во Истанбул и Универзитетот Билкент во Анкара во Република Турција, поранешен директор на Палатата Топкапи во Истанбул и почесен член на МАНУ од 2009 година.

Проф. д-р Илбер Ортајли учествуваше на конференција што се одржа во Скопје по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик, во организација на Турската демократска партија во Република Македонија.

Поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во библиотеката во неговиот Кабинет ги прими студентите од трета година на политички студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Студентите од политички студии беа предводени од нивниот професор по предметот Меѓународни политички односи, проф. д-р Васко Наумовски, поранешен претседател на Владата задолжен за европски прашања (2009-2011) и амбасадор на Република Македонија во Соединетите Американски Држави (2014-2018).

Претседателот Иванов одржа кратко предавање пред студентите на тема меѓународни односи, по што следеше сесија на прашања и одговори, која се разви во интересна дискусија.

Најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот православен празник Св. Климент Охридски до сите православни верници во земјата и во странство.

Климент Охридски, нашиот голем народен светител и просветител, го упати народот во верата и го издигна на образовно, морално и духовно поле. Неговата мисија беше кај луѓето да ги всади позитивните навики на срцето – солидарноста, хуманоста, трудољубивоста, гостопримливоста, трпението, милоста. Овие навики станаа дел од колективниот карактер на македонскиот народ и му помогнаа не само да ги преброди бурите на историјата, туку и да изгради автентичен македонски модел на соживот и почитување на различноста.

Ликот и делото на Св. Климент Охридски се силно врежани во македонската историја. Неговото црковно и просветно дело и мисија се должни за почит, неговото дело треба да биде наш пат, наша водилка и вечна инспирација за добри дела, но и поука за сите идни генерации дека чувањето на културната и јазична посебност е исконска должност.

Честит празник и за многу години!

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот православен празник Св. Климент Охридски

Поранешниот претседател Иванов учестуваше на 19. Состанок на високо ниво на Меѓународниот центар Низами Ганџави на тема: „Слобода од насилство: мир, безбедност и превенција на конфликти во Развојната агенда 2030“, кој се оддржа во Рим, Италија, во периодот од 27-28 ноември 2019 година.

Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, имаше свое обраќање во италијанскиот Сенат на сесијата посветена на иднината на Европа, со која претседаваше поранешниот министер за надворешни работи на Италија и поранешен еврокомесар, Франко Фратини. Во обраќањето, претседателот Иванов се осврна на актуелните настани во Европа и нејзиното опкружување, како и на последните случувања во регинот во контекст на неговата европска перспектива.

Според поранешниот македонски претседател, со недобивањето датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија и Албанија кон ЕУ, Западниот Балкан влегува во нова неизвесност.

„Процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан долго време се сметаше за најдобра, но и најуспешна европска политика“, рече Иванов додавајќи дека наместо ветената политичка стабилност и економскиот просперитет, повеќе земји од Балканот, поради спротивставените интереси на големите сили, може повторно да генерираат трајна нестабилност.

Иванов нагласи дека актуелните настани во Европа и нејзиното опкружување укажуваат дека мноштво конфликти тлеат под површина и дека иднината на Европа станува се повеќе непредвидлива.

„Брегзит, радикализмот, екстремизмот, тероризмот, ксенофобијата, исламофобијата… се само симптоми, а не причини за актуелните состојби во Европа. Бизмарк очигледно свесен за тогашните состојби и ривалства во Европа на 19 век ќе искаже едно пророштво кое и ќе се оствари. Според него големата војна ќе почне поради “некоја глупава работа на Балканот”. Такви глупави работи сега не се само на Балканот туку и на многу други места во Европа“, рече поранешниот македонски претседател.

Осврнувајќи се на безбедносните ризици во контекст на поширокиот регион односно европското соседство, Иванов порача дека многу позагрижувачки од односот на ЕУ кон Западен Балкан е односот на ЕУ кон Блискиот Исток и арапскиот свет и тој треба да се промени.„Мисијата на ЕУ за 21 век е да промовира напредок и стабилност, балансиран стопански и социјален развој, сочувување на различноста на народите во Европа. Чување и негување на нејзините вредности, како што се почитување на човековите права, социјална пазарна економија, одржив развој, здрава животна средина. Дали ќе успее во тоа или ќе стане жртва на алчни интереси меѓу моќните членки на европското јадро, зависи од храброста на нејзините лидери да ја позиционираат Европа како геополитички актер во 21 век“, истакна Иванов во своето обраќање.

Учесници на 19. Состанок на високо ниво на Меѓунаропдниот центар Низами Ганџави беа голем број на поранешни претседатели, премиери и министри од земјите од регионот и пошироко. Претседателот Иванов имаше можност да оствари неколку кратки средби со повеќето високи учесници на маргините на состанокот.

Во рамки на посетата поранешниот Претседател Иванов присуствуваше и на аудиенција кај Неговата Светост Папата Франциск, со кого имаше можност да се види по прв пат по Апостолската посета на Неговата Светост на Република Македонија. Иванов му изрази благодарност на Папата Франциск за неодамнешната посета на Македонија, како и за неговото писмо упатено до поранешниот претседател Иванов, во кое Папата Франциск го изразува своето задоволство што посетата беше реализирана на најдобар можен начин. Папата Франциск уште еднаш му се заблагодари на Иванов за можноста да имаат содржајни разговори за време на неговата посета, и ја потврди уште еднаш благодарноста до македонскиот народ и држава за укажаното гостопримство.

За време на посетата на Рим, претседатрелот Иванов беше и на прием кај Претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, кој беше организиран за високитеучесниците на состанокот на Меѓунардониот центар Низами Ганџави. На средбата со претседателот Матарела, Иванов се заблагодари за континуираната поддршка што Италијанската Република, како и тој лично и ја дава на Македонија и регионот, а особено за неговата активна улога за време на состаноците на иницијативата Брдо Бриони процес.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Со меѓурелигиски дијалог против радикализацијата и екстремизмот – претседателот Иванов на конференција во Рим

- Обраќање на Форумот на високо ниво во организација на Александриската Библиотека и на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“ во Каиро

- Обраќање на Претседателот Иванов на Апостолската посета на Папата Франциск на Република Македонија

- Средба со претседателот на Италијанската Република, г. Серџо Матарела

Поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес во својот Кабинет го прими Претседателот на Обединета Македонска Дијаспора (ОМД), г. Методија Колоски.

Господинот Колоски се заблагодари за можноста да се сретне со Претседателот Иванов по прв пат по завршувањето на неговиот мандат како Претседател на Република Македонија и нагласи дека неговото очекување е дека одличната досегашна соработка ќе продолжи и во иднина, запознавајќи го Претседателот Иванов со нивните тековни проекти и планирани активности.

Претседателот Иванов искажа благодарност за сите иницијативи, проекти и активности кои ги презема Обединета Македонска Дијаспора во насока на промовирање на македонските вредности и придонес за меѓународна афирмација на Република Македонија.

Имајќи ја предвид планираната посета на Претседателот Иванов на Австралија во февруари следната година, г. Колоски истакна дека Обединета македонска дијаспора има претставници и свое седиштето и во Австралија и во тој контекст информираше и за активностите на нивната организација таму.

Соговорниците ја потврдија досегашната добра соработка и ја истакнаа својата заедничка заложба за идна соработка во рамките на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов.

Поранешниот претседател Иванов потенцираше дека продолжува да ја поддржува македонската дијаспора секаде во светот со апел за единство на сите нејзини претставници.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Претседателот Иванов го прими претседателот на Обединетата македонска дијаспора, г. Методија Колоски

- Претседателот Иванов: На 30 септември нема да излезам да гласам

Поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на 4-тата Меѓународна конферецнија за идно образование и Генералното собрание на Светската академија за уметност и наукa во Белград, Република Србија, во периодот од 11-14 ноември 2019 година. Конференцијата се одржа во Српската академија за науки и уметности, а беше во организација на Светската академија за уметност и наука, чиј член од 2013 година е и поранешниот Претседател Иванов.

На свеченото отворање на конференцијата присуствуваа високи гости, а главен говорник беше Премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ, покрај Претседателот на Светската академија за уметност и наука, Министерот за образование, наука и технолошки развој на Р. Србија, Претседателот на Српската академија за науки и уметности и др.

На конференцијата учествуваа многу истакнати професори од реномирани универзитети од повеќе земји со свои излагања на различни теми поврзани со идното образование и моделите и начините како тоа да се направи поуспешно, поефикасно, одржливо, а во контекст на искористување на новите дигитални технологии и неконвенционални методи на образование.

За време на посетата на Белград, претседателот Иванов имаше можност да оствари средба со поранешниот Претседател на Република Србија, Томислав Николиќ, кадe во пријателски разговор на двајцата сега поранешни претседатели, имаа можност да се потсетат на успешната билатерална соработка помеѓу Република Македонија и Република Србија за време на нивните мандати како и да разменат мислења околу актуелните случувања во регионот и светот.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Доделување на сертификат за членство на претседателот Иванов во Светската академија на науките и уметностите

- Претседателот на Светската академија за науки и уметности, Иво Шлаус за Ѓорге Иванов

- Средба на претседателот Иванов со претседателот на Република Србија,Томислав Николиќ

- Потврдена добрата соработка меѓу Македонија и Србија - Претседателот Иванов во официјална посета на Република Србија

Поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, им додели благодарници на средношколците кои учествуваа на првата од обуките во рамки на Средношколската Лидерска Академија организирана од ИСЛАА. Претседателот Иванов им додели благодарници и на предавачите на академијата кои ги одржаа предавања за младите учесници.
Претседателот Иванов истакна дека оваа прва средношколска академија има можност да расте и да се развива по принципот на Школата за млади лидери организирана под негово покровителство. Тој им порача на учесниците да бидат храбри и истрајни во своите уверувања, да се борат за своите вредности и да бидат двигатели на промени во средината во која живеат. „Мојата идеја за Школата беше успешните да ги направиме уште поуспешни. Верувам дека и вие како млади средношколски лидери ќе бидете пример и мотивација за вашите врсници преку вештините кои ги стекнавте на оваа Академија", рече Иванов пред присутните, истовремено заблагодарувајќи им се на сите предавачи на Академијата за нивното време и можност да им пренесат знаење, искуство и вештини на учесниците.

,,Благородната иницијатива започната пред десет години од страна на Претседателот Иванов за создавање Млади за иднината, сметам дека ние, како учесници на таа школа, имаме должност да ја продолжиме и да ја пренесеме и на помладите од нас. Како што тој веруваше и инвестираше во нас, така и ние да преземеме напор во креација на лидерски подмладок кој во иднина ќе се потруди да стане дел од ИСЛАА“, рече Катерина Климовска, Претседател на Иванов Школа за Лидери – Алумни Асоцијацијата.

Претходно, Иванов Школа за Лидери - Алумни Асоцијацијата и Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, потпишаа Меморандум за соработка со којшто се воспоставија основи за меѓусебна поддршка во реализација на проектни активности кои се во насока на одржување на континуитетот во едукација на млади.

Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, со својата сопруга на покана на Амбасадорката на Република Турција, Нејзината Екселенција г-ѓа Тулин Еркал Кара, присуствуваше на свечениот прием што го организираше Амбасадата на Република Турција по повод 96-годишнината на Денот на Република Турција.

Почитувани сограѓани,
Одбележувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, е празнување на идејата за самостојна и независна Македонија. Овој ден претставува завет на македонските револуционери, предвесник на Македонската Револуционерна Организација, симбол на непокор, патриотизам и правда.

Овој ден е паметник за шестемина македонски патриоти кои се здружија за визијата за слободна Македонија, како пат до слободата што го продолжија илинденците и асномците остварувајќи го вековниот стремеж за сопствена, суверена и демократска држава.

Неброени македонски патриоти ги положија своите животи за остварување на овој идеал. Наша должност е да им оддадеме почит на нашите борци за слобода и независност. Слава им! Но, да не заборавиме дека наша обврска е и да го следиме нивниот пат.

Нека ни е за многу години Денот на македонската револуционерна борба.

Да живее Република Македонија!

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- ЧЕСТИТКА ПО ПОВОД ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА

Драги мои сограѓани,

Честит празник 11-ти Октомври, Денот на народното востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.

Да живее Република Македонија!

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- ЧЕСТИТКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ПО ПОВОД 11-ТИ ОКТОМВРИ

Почитувани сограѓани,
На 8 септември 1991 година, македонскиот народ со огромно мнозинство преку референдум го оствари своето право на самоопределување, прогласувајќи суверена и независна држава Македонија.

Одлуката од тој референдум со кој се дефинираше самостојноста и сувереноста на Република Македонија, била и останала обврска за секој еден од нас.

По долгите македонски ноќи на страдања, неуспешни обиди и заборавени подвизи, благодарејќи на 8ми Септември 1991 година, денес живееме во нашата слобода, сувереност и самостојност.

Заветот на претходните генерации остварен на 8ми Септември 1991 година останува наша обврска да го пренесеме на сите идни поколенија, да ја чуваме Македонија како суверена, независна и самостојна држава.

Сме поминале и поминуваме низ разни премрежја и предизвици. Сме имале и имаме тешки времиња. Но, сето тоа ќе помине доколку сме сплотени и истрајни во остварувањето на нашата слобода, сувереност и независност.

Нека ни е честит празникот.

Среќен роденден татковино!

Вечна да ни е Македонија!

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- ЧЕСТИТКА ПО ПОВОД 8-МИ СЕПТЕМВРИ НА 8 СЕПТЕМВРИ

Републиката е на народот, бидејќи од него извира сувереноста и во него се слева сувереноста.
Република Македонија не е приватна сопственост та некој да тргува со неа, со нејзините атрибути и вредности.
Република Македонија не е личен имот та некој да ја распродава.
Република Македонија не е ничија земја, та секој да ја присвојува.
Република Македонија му припаѓа на народот кој ја создал.
Слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано.

Честит Илинден.

Вечна Македонија

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- ЧЕСТИТКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ПО ПОВОД ИЛИНДЕН

Поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес оствари средба со Претседателот на ИСЛАА, Катерина Климовски, и членови на Извршниот одбор на ИСЛАА. Средбата беше во насока на размена на идеи, иницијативи и разговор за следните проекти и активности кои ги реализира ИСЛАА. Претставниците на ИСЛАА информираа за нивното функционирање и менаџирање на активностите и предизвиците со кои се соочуваат, споделија информации за реализираните активности, за актуелните проектни активности, како и за нивните планирања и размислувања за следни ангажмани. Исто така, беа разгледани можностите за заеднички активности во следниот период во рамките на проектите кои ги спроведува ИСЛАА, како и во рамките на активностите на поранешниот претседател Иванов кои овозможуваат вклучување на млади, успешни и професионални кадри кои биле дел од неговите Школи за млади лидери.

Претседателот Иванов ги информираше соговорниците од ИСЛАА за плановите и активностите кои се преземаат со цел продолжување на организација на Школата на млади лидери како надоградба на претходните десет школи. На средбата беше потврдена можноста за вклучување на претставници на ИСЛАА во организацијата и во реализацијата на Школата идната година.

ИСЛАА се формираше во 2011 година како алумни асоцијација на поранешните учесници на Школата за млади лидери, која започна да се организира од 2010 година, а која се реализираше на иницијатива и покровителство на Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Во Струга одбележана 10 годишнина на Школата за млади лидери на претседателот Иванов

- По десетти пат Школа за млади лидери на претседателот Иванов

- Новогодишни пакетчиња за децата во Институтот за белодробни заболувања - Козле

- Претседателот и младите лидери им поделија новогодишни пакетчиња на децата во Клиниката за детски болести

- 8-годишнина од формирањето на ИСЛАА

Поранешниот претседател Иванов денес оствари посета на резиденцијата на кинеската амбасадорка во Република Македонија, а по повод последна средба со Амбасадорката Н.Е. г-ѓа Лин Лисјен при завршувањето на нејзиниот мандат во нашата земја.

На средбата беше потврдена одличната досегашна соработка на претседателот Иванов со кинеската амбасадорка за време на нивните мандати, Иванов како актуелен шеф на државата и г-ѓа Лин како амбасадор на пријателска Народна Република Кина во Република Македонија. Соговориците меѓусебно се заблагодарија за добрата соработка, можностите и приликите за заеднички ангажамани, се потсетија на некои од позначајните заеднички активности и изразија подготвеност за натамошна соработка од своите нови позиции и ангажамни.

Претседателот Иванов се осврна и на добрата соработка со претходниицте на г-ѓа Лин во Република Македонија, со надеж дека и со наследникот на амбасадорката ќе продолжи соработката, имајќи предвид дека како поранешен претседател Иванов продолжува со некои од неговите проекти и иницијативи, меѓу кои ја издвои соработката со кинеската амбасада и кинеските пријатели во рамки на Школата за млади лидери.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Предавање акредитиви Народна Република Кина, Република Турција и Романија

Поранешниот претседател Иванов денес во својот Кабинет оствари средба со проф. д-р Иван Атанасовски од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ, со кого неколку години успешно соработуваа во рамките на проектот „Спортски бон-тон“. За време на средбата соговорниците се потсетија на успешната и плодна соработка претходните години и разговараа за актуелните ангажмани и идни активности.

Претседателот Иванов нагласи дека секогаш со задоволство ги поддржуваше спортско културните манифестации „Традиционални спортски игри – Спортски Бон-Тон“ низ градовите на Република Македонија, кои се организираа под негово покровителство.

Целта на овој проект, предводен од г. Атанасовски, беше промовирање на спортски бон-тон како модел на интегрирање на децата од училишна возраст во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавaњe со традицијата, културата и обичаите.

Проектот „Спортски бон-тон – Социјална и етничка интеграција преку спортот“ се имплементираше од 2012 година, а се реализираше под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, низ многу општини во нашата земја на задоволство на многуте млади ентузијасти и спортисти низ училиштата.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Претседателот Иванов на Спортски Бон-Тон во Свети Николе

- Промовиран проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)"

- Улогата на спортот е да зближува, поврзува и интегрира – oбраќање на претседателот Иванов на завршната манифестација „Спортски бон-тон“

Поранешниот претседател Иванов денес оствари средба со основачот на проектот „Рoдум од Македонија“ (“Birthright Macedonia“), г. Питер Далас. Средбата беше на барање на г. Далас, а се освари со цел информирање за актуелните и следни иницијативи и активности во рамките на проектот Родум од Македонија.

Имено, проектот Родум од Македонија веќе неколку години се спроведува со поддршка на Обединета македонска дијаспора (ОМД), а им овозможува на неколкумина студенти од македонската дијаспора да престојуваат во Македонија и да се поврзат со своите корени, традиција и култура, во летниот период и вообичаено во траење до три недели. Младите со потекло од Македонија, кои се родени и живеат во странство, имаат прилика по прв пат да ја посетат земјата од каде потекнуваат, а за да поблиску се запознаат со секојдневието и културата на Македонците во Македонија тие живеат во семејства домаќини, кои им го олеснуваат, но и збогатуваат нивниот престој и секојднение. Учесниците во оваа програма имаат можност да посетат државни институции, да волонтираат зависно од нивното образование, да посетат многу историски, култутни и верски споменици. Инаку, проектот е осмислен и развиен од г. Питер Далас, член на Советот на ОМД кој е роден во САД, а има потекло од Гевгелија и Егејска Македонија.

Претседателот Иванов ја искажа својата поддршка за овој проект и истакна дека го препознава како еден од најуспешните за поврзувањето на вторите, третите генерации на Македонци родени во светот со Македонија, а својата љубов кон неа и приврзаност ја развиваат од своите родители или баби и дедовци. Преку ваквата програма им се овозможува лично да ја запознаат Македонија, нејзините убавини и природни и историски богатства, и секако, да ги почитуваат и да станат горди и тие на своите корени.

Средбата помина многу добро, во работна атмосфера, имајќи предвид дека г. Далас ги сподели своите размислувања за натамошни и идни проекти во рамките на програмата „Родум од Македонија“, кои покрај младите Македонци од странство, би ги опфаќале и повозрасните генерации, можностите за поддршка на нивни бизнис инвестиции во Македонија, интересни иницијативи и програми за пензионери, како и можност за отворање на потпроект кој би бил во насока на поврзување на младите со потелко од Македонија преку спорт и спортски аткивности.

Воедно, на средбата беше потврдена и соработката во рамките на Школата за млади лидери која се реализираше на иницијатива и под покровителство на Претседателот Иванов во текот на неговите два мандати, а која се планира да продолжи и надоградува и понатаму. Во таа насока, беше потврдена добрата досегашна соработка, а беше и поддржана секоја идна соработка, на особено задоволство на двете страни.

Денес, поранешниот претседател Иванов во својот Кабинет го прими Бискупот и Апостолски егзарх, монсињор Киро Стојанов. Средбата беше на барање на Бискупот Стојанов, а со цел лично да го предаде писмото благодарност од Неговата Светост Папата Франциск до Претседателот Иванов по неговата Апостолска посета на Република Македонија во мај оваа година.

Бискупот Стојанов изрази особена радост што го предава ова значајно писмо, кое следи по долгогодишната соработка со претседателот Иванов во насока на подготовката и уште побитно по успешната реализација на историската посета на Папата на нашата земја.

На средбата се разговараше за долгогдишните активности и посветеноста на Католичката црква во Република Македонија и на Претседателот Иванов за да се постигне оваа историска посета. Соговорниците се согласија дека посетата папата Франциск за Македонија и Македонците дојде во вистинското време. Уште поголемо беше задовоството што самата посета беше одлично организирана што допринесе да имаме успешна и многу плодна Апостолска посета на Неговата Светост на Македонија. Во таа насока беа споменати претходните средби на Претседателот Иванов со Папата, апостолските нунции за Република Македонија, државните секретари на Државата Ватикан, официјалната посета на Претседателот Иванов на Светиот Престол, сите посети по повод празнување на Денот на Св. Кирил и Методиј во Ватикан и Рим, напомнувајќи дека на секоја од тие значајни средби се потсетуваше на поканата за посета на Папата на Република Македонија. Воедно, во тој контекст беа спомнати и ангажманите на Католичката црква во Република Македонија и залагањата на предводниците на католичката заедница во Македонија и нивните молитви и апели за посета.

Претседателот Иванов упати благодарност до Бискупот Стојанов, до католичката заедница во Македонија и искажа голема чест и задоволство што беше домаќин на Поглаварот на Римокатоличката црква при неговата посета на Македонија, заблагодарувајќи се за врачувањето на писмото благодарност, со молба истата да се пренесе и до Папата Франциск со желби за негово здравје, благосостојба и многу успеси во неговата хумана мисија.

На средбата беше искажана и заложбата за натамошна соработка на поранешниот претседател Иванов и Католичката црква и католичката заедница во Република Македонија.

Во прилог, копија од писмото благодарност.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Обраќање на Претседателот Иванов на Апостолската посета на Папата Франциск на Република Македонија

- Апостолска посета на Папата Франциск на Република Македонија

- Отворена можност за посета на Папата Франциск на Македонија – претседателот Иванов во официјална посета на Државата Ватикан

- Присуство на Претседателот Иванов на инаугурацијата на Папата Франциск во Ватикан

Поранешниот претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, престојуваше во Словачката Република, по повод учеството на јубилејната 30-та манифестација „Денови на Светите Кирил и Методиј“, што се одржа во Општина Терхова во периодот 2-5 јули 2019 година.

Поранешниот претседател Иванов се обрати на конференцијата „Пораките на Светите браќа Кирил и Методиј“ на која истакна дека битката која ја предоделе светите Кирил и Методиј била да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура и традиција и сами да ја пишуваат својата историја.

– Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности. Јас денес го говорам македонскиот јазик, исто како што нашите словачки пријатели го говорат словачкиот јазик благодарение на светите Кирил и Методиј. Тие се вградени во секој збор што ќе го изговориме, и секоја буква што ќе ја напишеме – порача поранешниот претседател пред присутните. Според него, духовното стебло на светите Кирил и Методиј израснало и се разгранило на целиот континент, а тоа е всушност богатството на Европа кое денес го именуваме како единство во различноста.

– Без тоа словенско стебло денес ќе имавме една интелектуално и духовно посиромашна Европа. Затоа, должност на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме тоа наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет, истакна Иванов. Тој во својот говор се осврна и на пораките на светите Кирил и Методиј, кои, како што рече, би биле дека сите кризи со кои се соочуваме произлегуваат од длабоката морална криза во која се наоѓа човештвото, вклучително и нашите општества.

– Се обидовме да ја градиме и да ја развиваме нашата современа цивилизација, сведувајќи ја етиката на ниво на личен избор. Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите. Светите Кирил и Методиј ги фалиме, без да ги послушаме. Се повикуваме на нив, без да видиме на што нè повикуваат тие нас. Последиците од ова скршнување ги чувствуваме сите ние, а особено нашите млади генерации, истакна Иванов.

Во рамките на посетата на Терхова, поранешниот претседател Иванов учествуваше и на промоцијата на книгата „Похвалното слово за Кирил Филозоф“ на г. Стојан Лекоски, писател, библиограф, преведувач и еден од најистакнати и најактивни претставници на македонската заедница во Словачка. Книгата е преведена на повеќе јазици по повод 1150 години од упокојувањето на Св. Кирил, и е во издание на МПЦ-ОА и Министерството за култура.

Претседателот Иванов присуствуваше и на свечената литургија во катедралата Св. Кирил и Методиј – Брдо Оравцове, што претставува најголем храм во Словачката Република посветен на Сесловенските просветители.

Во состав на делегацијата беше и поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Во рамки на посетата, претседателот Иванов и Аргиепископот г.г. Стефан ги посетија и Велеград и Модра во Моравија во Чешката Република, каде беа пречекани од градоначалниците на овие општини заедно со претставници на Велеградската парохија. Тие ја посетија базиликата Св. Кирил и Методиј и Успение на Дева Марија, каде имаа прилика да ја посетат и подземната галерија во која покрај многуте вредни историски, верски и културни експонати, е изложена и златната роза поклон од Папата Јован Павле II при неговата посета на Велеград и има посебно значење за овој регион бидејќи Папата ја поклонил само уште на Катедралата Св. Витус во Прашкиот замок.

ПРЕТХОДНИ ПОВРЗАНИ АКТИВНОСТИ:

- Претседателот Иванов на манифестацијата „Денови на Св. Кирил и Методиј“ во Словачка

- Иванов: Наша должност е да го негуваме наследството на светите Кирил и Методиј

- Обраќање на промоцијата на книгата „ПРОГЛАС“ од Константин Филозоф – Св. Кирил, по повод 20- годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Р. Словачка

- „Медал за заслуги за Македонија“ за Пеев, Лекоски и Панкина

ПОРАНЕШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Д-Р ЃОРГЕ ИВАНОВ
бул. „Србија“ бр. 31А, А-212, 1000 Скопјe, Република Македонија

Доколку имате подетални прашања обратете се на следнава е-пошта Е-пошта: contact@gjorgeivanov.mk


Работно време:

Пон - Пет 08:00 до 16:00