ПОРАНЕШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Д-Р ЃОРГЕ ИВАНОВ

Обраќања

Почитувани,

Ова мое поздравно обраќање е во двојно својство, како поранешен претседател на Македонија но и како член на академската заедница, односно универзитетски професор и член на европската и член на светската академија на науките и уметностите.

Како поранешен претседател го поздравувам овој свечен научен собир на МАНУ и ИНИ и посакувам да стане традиција на пригодно одбележување на јубилеите на Македонската држава. Да биде сведоштво за секоја деценија од опстојувањето на Македонија.

Но како припадник на академската зедница ја прифатив поканата, пред сè, да го поддржам и охрабрам претседателот на МАНУ, академик Коцарев и неговите соработници. Поддршка за извонредниот личен ангажман и заложби за враќање на достоинството, угледот и интегритетот на, хиерархиски поставена, највисоката научна институција во Македонија. Поддршка за јавната употреба на умот, во кантовска смисла на зборот, која ја враќа смислата на постоење и суштината на Академијата: промислување на Македонија. Преокупираност со нејзиното минато, сегашност и иднина врз основа на научните факти, научна методологија и научни аксиоми. Или хегеловски кажано, за несебичниот напор со мислите да се опфатат тенденциите на своето време.

Читајќи го зборникот на трудови од меѓународниот научен собир од 2011 година, организиран од МАНУ по повод 20-годишнината од самостојноста на Република Македонија, може да се почувствува колку била оправдана загриженоста и стравувањата за иднината на Македонија, за нејзиното име, јазик, идентитет, за нејзиното опстојување. Иако дел од тогашните учесници – академици не се денес меѓу живите, жива и бесмртна е нивната мисла и завет која најконцизно е искажана, уште на самиот почеток на 20 век, од Крсте Петков Мисирков: „Собитијата што се развија до сега ни покажаа колку ние самите можеме да си напакостиме, мислејќи дека постапуваме правилно“.

Денес многу ретко, или воопшто не се чита Мисирков и неговата книга „За македонцките работи“, особено не од страна на актуелната власт и нејзините советници. Стравот да се отвори и прочита оваа книга е од сопствената грижа на совеста затоа што е напакостено и испогането сè што било и ќе биде свето за Македонците и за Македонија.

Собитијата денес не се различни од времето на Мисирков, кога во софиското списание „Мир“ во 1925 година ќе запише: Ние, македонската интелигенција, без сомнение ја носиме најголемата одговорност за положбата во која денеска се наоѓа нашата татковина.

Но, за волја на вистината, македонската интелигенција јасно кажа кога почна обезличувањето на татковината, обезличувањето на Македонија. Тоа не е дело само на грчкиот договор од Преспа и договорот со Бугарија. Тој процес смислено почна да се реализира на десетгодишнината од македонската државност. Почна со Охридскиот договор. Хегел ќе каже дека највозвишената слобода на еден народ се остварува кога тој ќе ја создаде својата држава. Од друга страна, првата и основна задача на државата е да ја создаде својата нација, која пак е создадена за да ја чува државата. Токму затоа денешниот меѓународен поредок е поредок на нации-држави. Македонскиот народ учествувајќи во Втората светска војна на вистинската и праведната страна на историјата ја создаде на АСНОМ својата сопствена држава. Таа асномска, антифашистичка македонска држава ја создаде македонската нација, која преку националните институции, ја крепеше македонската држава во рамките на југословенската федерација. Со охридскиот договор, покрај сите предупредувања, македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет – етничка група. Од тогаш сè веќе беше подготвено за она што денес ни се случува.

Како претседател на Република Македонија, често посочував и предупредував за она што сега ни се случува. Предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со спогодбата од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. И затоа како претседател на Република Македонија ниту учествував ниту потпишав таков договор.

Посочив и предупредив дека актуелната власт се пазари со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите. Никој нема право, слобода и не е повикан да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците. Со договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување преку одрекување и одродување од сопствената историја, без која немаме компас за иднината. Предупредив дека ќе посегнат по македонскиот јазик. Наместо заштитен, македонскиот јазик е изложен на нападите на оспорувачите кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат опресија врз македонскиот идентитет.

Со право Петре М. Андреевски во неговиот „Македонски Манифест“ ќе нè запраша: Кој тоа се обидува да го замаглува нашето паметење? Кој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината? Не обидувајте се никогаш вината да ја барате подалеку од нас.

Во целиот тој период на премрежја, предизвици и искушенија, една работа остана непроменета. А тоа беше волјата на народот. Македонскиот народ се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На 30 септември 2018, со негласање, тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли уцената. Кажав и пак ќе кажам. Со бојкот на референдумот, народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување. И уверен сум дека еден ден ќе дојде генерација политичари која ќе го задржи она што сега некој е подготвен толку лесно да го изгуби.

Затоа се надевам дека учесниците на овој научен собир, секој од свој аспект во својот домен ќе дадат придонес за објективно научно согледување и промислување на фактичката вистина за Македонија, наспроти креираната дневнополитичка медиумска „вистина“.

Но нашите граѓани мораат да се соочат и со неоспорната вистина дека живееме во тешко и турбулентно, изразито стресно и опаснo, но несомнено многу интересно време. Можеби најопасно од Втората светска војна. Време кое бара целосна мобилизација на сите интелектуални сили, кои ќе се соочат со предизвиците на новото време кои се сè потешки и покомплексни. Имплозијата на општествената доверба се шири по целата планета. Неизвесноста предизвикана од пандемијата ги прави луѓето да бидат незадоволни, сè понервозни и растревожени. Стравот од општествени немири, кои се шират насекаде низ светот, создава огромна недоверба. Недоверба која веќе создава душевна состојба која Емил Диркем ја нарекол „аномија“, чувство на одвоеност од општеството, чувство дека светот околу нас е неправеден и корумпиран, чувство дека сте невидлив и сте сведен само на обичен број, беспомошен објект на репресија наметната од страна на „системот“, чувство дека на никого не може да му се верува.

Но за прв пат во историјата, речиси сето човештво политички се активира, освестува и учествува во политичка интеракција. Ваквиот глобален активизам создава нова сила која е во потрага за почитување на сопствената свест за себе, за својата посебност, култура и нови економски можности, во свет кој сè уште е полн со лузни и трауми од колонијалната, империјалната и хегемонската доминација. Веќе се чувствува настапувањето на пост-глобализацијата во која на нов начин повторно се отвара прашањето за националниот идентитет.

Во таква состојба на духот на времето во кое живееме, Македонија како да е заробена во својот провинцијализам, во нарцисоидната егоцентричност на својата елита. Како да сме опседнати од бесмислените политички кавги без суштина и примитивизам каков што до сега не е виден кај нас. Примитивизам кој постојано поттикнува меѓусебни расправии, конфликти, нетрпеливост и трошење на енергија на хоризонтално ниво. Секојдневно сме сведоци на скандали, афери, криминални и коруптивни случаи кои досегаат до највисоките нивоа на власта. Политичката елита разви клиенталистичка мрежа која на некои поединци им овозможи екстремно богатење, осигурувајќи притоа политички надзор над новосоздадената економска елита. Се добива чувство како да живееме во земја каде владее клептократија и какиократија.

Безуспешни се обидите од „бароните на црната пропаганда“, спин-докторите, скапо платените владини советници и апологети за креирање на јавното мислење, сето тоа да се релативизира, спинува, сокрие или да се обвини опозицијата и претходната власт. Па затоа сме сведоци како секоја афера или скандал се покрива со нова афера, нов скандал и така во недоглед. Дури станува навредливо толкавото потценување на интелигенцијата на сопствениот народ.

Сè што ни се случува не останува незабележано од изготвувачите на глобалните индекси за демократија, слобода, корупција. Во духот на она народната – љубовта е слепа но соседите сè гледаат.

Македонија доживеа својата 30 годишнина од независноста, која ни проаѓа без радост и среќа, да ја дочека како земја од групата на хибридни режими која се стреми кон автократија, делумно слободна и на 111 место според корупцијата во светот. Членството во НАТО, чија иднина станува сè понеизвесна, не може да ја сокрие грдата слика за нас.

Секако дека ова се и последици од актуелното идеолошко обликување на светот, но задача на науката е да ги детектира симптомите. Имено демократијата „не може да се увезува“, единствената вистинска демократија е демократијата „одоздола“, која потекнува од народот, од политичката самосвест, од учествувањето во политичкото одлучување за иднината.

Но, што е она што сега и е најпотребно на Македонија? Најпотребно и е она што е најпотребно и за светот. Нема потреба ништо ново да се измислува или размислува, сè е кажано во бесмртните зборови на Елен Гулд Вајт од крајот на 19 век.

„Најголемата потреба на светот е потребата за луѓе: луѓе кои не можат да се купат или продадат, луѓе кои се искрени и чесни во длабочината на својата душа, луѓе кои не се плашат да го наречат гревот со неговото вистинско име, луѓе чија совест е верна на должноста како магнетната игла на полот, на луѓе кои ќе останат на страната на праведноста дури и ако небото се сруши “.

И навистина, денес на Република Македонија повеќе од кога и да е и се потребни луѓе. Луѓе кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци. Дека се македонски народ. Луѓе кои говорат и творат на македонскиот јазик дури и кога некој друг го негира. Луѓе кои ќе се гордеат со нашите историски дострели, личности и настани кои сега некој сака да ни ги одземе. Луѓе кои ќе ја шират македонската вистина, тогаш кога некој сака да ја измени, да ја продаде, да ја избрише. Луѓе кои нема да се авто-цензурираат и кои со храброст ќе говорат што е Македонија. Македонија има потреба од луѓе кои нема да се плашат да ги посочат виновнииците. Виновниците кои посегнаа да ги цензурират и нашите колективни сеќавања. Да ја цензурираат македонската историја, македонската култура, да ги менуваат фактите онака како што им треба на другите. Виновниците кои дури посегнаа да ја цензурирааат и конторолираат македонската свест.

Сега ни се потребни луѓе кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината. Луѓе и народ кои конечно ќе се домакедончат.

Почитувани домаќини и организатори на 7. Меѓународниот конгрес за Црното море,
Почитувани учесници и гости,
Ваши Екселенции,


Ми претставува особена чест што сум поканет да ви се обратам на отворањето на овој конгрес и да ви посакам плодна и успешна работа.

Доколку ви се обраќав како политичар, ќе имав многу полесна задача. Затоа што ќе бев обврзан да ги презентирам официјалните ставови на мојата земја Македонија, ставовите на меѓународните организации во кои членуваме, пред се НАТО, ОБСЕ, Советот на Европа, ОН, придржувајќи се кон одредена политичка коректност.

Но како универзитетски професор, да се поздрави ваков еминентен настан со академски карактер, претставува многу посериозна обврска. Тоа пред се, затоа што морат да се изнесат научно верификувани факти, да се презентира научната вистина но и да се сочува личното пријателство кон Република Турција и турскиот народ.

Во една прилика Хенри Кисинџер зборувајќи за важноста на големите сили да сфатат кога се случува меѓународна „промената на парадигмата“, вели дека тоа е момент кој се дефинира како акција преземена како одговор на таа промена. Очигледно сме сведоци на повеке акции кои се преземаат во последно време. Не е потребно да сте експерт за меѓународни односи па да сфатите дека нешто сериозно се случува и тоа се одразува на она што е тема на овој конгрес: мир, безбедност и соработка во Црното море.

Очигледно повлекувањето на САД од Авганистан предизвикува тектонски поместувања и бран на промени што го опфаќа и потесниот и поширокиот регион околу Црното Море. Тоа произлегува од фактот што, Црното море е стратешка раскрсница меѓу Европа и Азија со тројна геополитичка и геоекономска важност. Црното море ги поврзува енергетските патишта од Каспиското Море и Централна Азија до Европа. Црното море е место каде се среќаваат четири големи сили: проширувањето на НАТО и ЕУ од Западот, Русија од север, кинеско финансиско влијание од исток и нестабилност од Блискиот исток од Југ.

Во последно време Црното Море станува поморски фронт меѓу Западот и Русија, што можеше да се види од воените поморски вежби ова лето. Како се зголемува и проширува влијанието на Русија, така НАТО го истакнува своето присуство, развивајќи сеопфатна регионална стратегија.

Доволно е да се видат насловите на релевантните медиуми, кои известуваат за геополитички настани и пренесуваат изјави на лидери па да се потврди тезата дека се менува парадигмата. Имено, во тек е најактивната фаза на геополитичкото преуредување на светот и одредување на зоните на влијание. Освен главните играчи САД, Русија и Кина, во игра се и низа регионални сили, меѓу нив и Турција, но и ЕУ.

Пред неколку дена САД, Велика Британија и Австралија најавија ново трилатерално безбедносно партнерство под акронимот AUUKUS. Новиот сојуз ќе и овозможи на Австралија да изгради флота на подморници на нуклеарен погон со американска и британска технологија.

Овој нов сојуз се формира по огромната поморска воена вежба изведена од американската морнарица на 3 август во 17 временски зони и е најголема ваква вежба во последните 40 години.

Франција жестоко реагира преку заедничката изјава на нивниот министер за надворешни работи и министерката за одбрана. Тие покрај другото „ укажуваат на потребата особено внимание да се посвети на прашањето за стратешка автономија на Европа“. Оваа реакција може да се сфати доколку се знае дека во 2016 француската корпорација за бродоградба DCNS победи на меѓународниот натпревар за нова подморничка флота на Австралија за 12 нови подморници проценети на 56 милијарди евра, како најголема одбранбена инвестиција во австралиската историја.

Најновите вести укажуваат дека амбасадорите на Франција во САД и Австралија се повлечени во Париз на консултации.

Според германскиот експерт за надворешна политика Александар Рар, Франција можеби повторно ќе го напушти НАТО, како што тоа го направила во 1966 под Шарл де Гол кој сакал единствена Европа од Лисабон до Владивосток.

Реакции дојдоа и од Кина, преку нивниот амбасадор во Вашингтон: „не би требало да се создаваат ексклузивни блокови кои целат или нанесуваат штета на интересите на трети страни. Особено мораат да се откажат од студеновоеното размислување и идеолошките предрасуди“.

Европската комисија, преку изјавата на претседателката Урсула вон дер Лаен, објави дека е потребно создавање на европска армија. Таа нагласила дека создавањето на европската армија станало ургентно по напуштањето на САД на Авганистан и можното соочување на Европа со нова мигрантска криза.

Потпретседателот на Европската Комисија и Висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, во контекст на стратешка автономија на Европа, предлага формирање на брзо распоредлива армија под 5.000 војници на ЕУ. За тоа детално ќе се разговара на состанокот на министри во ноември а лидерите на ЕУ следниот март ќе одржат самит посветен на одбраната и безбедноста.

Во контекст на стратешката автономија на Европа и преуредувањето на светот, треба да се постсетиме дека ЕУ во 2017 го усвoи прoектoт PESCO (The Permanent Structured Cooperation https://pesco.europa.eu/). Но исто така да се потсетиме и на интервјуто на францускиoт претседател Макрoн за „Економист“, пред јубилејниoт самит на НАТO вo Лoндoн 2019, кога ќе изјави дека НАТO е „клинички мртoв“ (мoзoчна смрт), дека пoвеќе не пoстoи никаква кooрдинација вo нoсењето на стратешките одлуки меѓу САД и сојузниците во НАТО, дека НАТО е проект кој на САД му обезбедува некој вид геополитички чадор, но и одреден трговски ексклузивитет...

Американскиот одбранбен план за 2022 предвидува доделување на 275 милиони долари воена помош за Украина што вклучува и два одбранбени системи IRON DOME кои САД во 2019 ги купи од Израел. Реакции на ова дојдоа од Русија, тврдејќи дека на Украина тоа не и треба. Ваква реакција од Москва имаше и при инсталацијата на американскиот одбранбен систем од балистички проектили во Романија, тврдејќи дека може да се користи за офанзивни цели. САД и НАТО тогаш ги отфрлија ваквите обвинувања.

Во однос на темата за енергијата, би издвоил само некои најнови податоци.

На 15 септември, значи пред неколку дена, европската цена на гасот достигна рекорд во тргувањето , надминувајќи ја цената од 950 долари за 1.000 кубни метри. Според изјавата на Путин дадена на прес конференцијата во Минск, Газпром на Германија и испорачува гас за 220 долари за 1.000 кубни метри.

Просечната цена на електричната енергија во југоисточна Европа се зголеми за 60% во однос на цената пред пандемијата. На дневно ниво на берзите во регионот овие денови цената на електричната енергија се движи и до 120 евра по MWh, за разлика од 2019 кога беше околу 50 евра.

Како резултат на зголемената цена на енергенсите, светските цени на храната се околу 33% повисоки во август, во споредба со август 2020, според податоците на Организацијата на ООН за исхрана и земјоделство.

Спомнувајќи само дел од насловите од минатава недела се потврдува тезата дека се менува парадигмата која беше доминантна во последните 30 години.

Треба да се потсетиме дека со крајот на студената војна имавме, исто така, менување на парадигмата. Но областа на Црното Море беше место каде што Русија и Западот не успеаја да се договорат за „правилата на игра“ по Студената војна. Москва ги призна балтичките држави Литванија, Летонија и Естонија, како дел од европскиот систем, но Русија и Западот никогаш не се согласија за Црното Море. Дали Украина, Молдавија и Грузија се во сферата на контрола на Русија, или се на пат да се приклучат кон западните институции. Тоа произлегуваше и од фактот што во 1990-тите години ниту Западот, ниту Русија сериозно размислуваа за таква можност. Од друга страна Турција долго време безуспешно се обидува да се приклучи кон ЕУ. Оваа конфузија придонесе во создавањето на геополитичка компликација во регионот на Црното Море.

Крајот на Студената војна и појавата на новите независни држави на брегот на Црното Море доведе регионот да го привлече вниманието на Западот. Се отворија потенцијалите на овој регион, пред се со откривањето на неговите енергетски ресурси и транспортни потенцијали. Но тој период исто така ги оживеаја историските етнички, национални и територијални конфликти.

Поради стремежот кон нестабилност и потенцијалот за енергетски коридори, почна да се игра голема игра со повеќе играчи. Освен државите од бреговите на Црното Море во игра се вклучија САД, ЕУ, Кина и Иран како „надворешни играчи“ ОБСЕ, ОН, НАТО, Советот на Европа како „глобални меѓувладини играчи“ плус разни невладини организации и мултинационални компании.

Како резултат на таа игра денес се одвива битка за влијание и превласт во регионот на Црното Море како никогаш досега во модерната историја. Улогите многу брзо се менуваа. Ресетирањето се случи со глобалната финансиска криза во 2008 година, кога ја доведе во прашање довербата во глобализацијата. Кина одговори на тоа со амбициозната иницијатива „Појас и Пат“. Руската економија која помина добро по 2008 поради високата цена на нафтата, почна да забавува поради санкциите воведени по украинската криза во 2014. Бегалската криза во 2015 и 2016 ги влоши социо-економските услови во ЕУ. Сиве овие фактори ја влошија стабилноста на регионот околу Црното Море. Турција почна успешно да се справува со сите предизвици, дури ја презеде водечката улога за справување со бегалската криза, и ја зацврсти улогата на регионална сила балансирајќи меѓу Русија и САД.

Покрај сите локални и регионални проблеми со геополитички и геоекономски консеквенци, се јави глобалната пандемија на Ковид-19. Пандемијата ги разоткри сите пропусти во глобалните коридори за снабдување. Трпеа меѓународната трговија со стоки и туризмот, транспортот и превозот се намалија. Превозот со контејнери кој претставува најголем дел од сообраќајот на Црно Море, забележа невиден пад. Пандемијата беше силен потсетник дека ниеден развој не е чисто економски.

Колку што е значајно Црното Море, уште позначаен е и пристапот до него.

Имено низ Босфорот дневно поминуваат дури 115 пловила, а годишно 53 000 бродови од различен вид: танкери, товарни и воени бродови. Низ Босфорот годишно се превезуваат 140 милиони тони нафта, 25% од житото во светот. Со ваквиот промет Босфорот е едно од најфреквентните пловни патишта во светот. Од целиот овој воден промет Турција не заработува ниту еден долар (освен ситни услуги кога треба да се влече некое пловило). Тоа е така пред се поради Конвенцијата Montreux од 1936 која го дефинира Босфорот и Дарданелите како природен морски пат кој нема право да се наплатува. Во исто време Суецкиот канал во Египет има годишна заработка од 3 милијарди долари, затоа што не е природен туку прокопан канал меѓу Средоземното и Црвеното море.

За да се намали големото оптеретување на прометот преку Босфор, Турција влегува во изградба на каналот Истанбул низ кој би требало да проаѓаат околу 160 брода дневно и танкери со носивост од 300 илјади тони и би носел огромна заработувачка. Но Каналот Истанбул ја отвара и дилемата за Конвенцијата од Montreux. Изградбата на Каналот предизвикува загриженост и нервоза кај Западот.

Нервозата е очигледна поради фактот што од сите 7 земји кои имаат излез на Црното Море, во актуелната геополитичка игра главни се Русија и Турција. Тие меѓу себе можат да се договорат и за нови правила на користење на Босфорот и каналот Истанбул. Русија и Турција заеднички сакаат да делуваат и на Јужниот Кавказ и да придонесат за негово трајно стабилизирање со отфрлање на сите други меѓународни фактори од регионот.

Во однос на кризата меѓу Русија и Украина, Турција останува неутрална, но и подготвена да ги подржи дипломатските напари за насочени кон нејзино решавање.

Како заклучок на ова мое обраќање, може да се каже дека според досегашните искуства, доколку енергијата се користи мудро, може да биде фактор за соработка, но од друга страна, исто така, може да биде фактор на поделба, како што е тоа случај сега.

Мирот и просперитетот на регионот на Црното море, доколку се искористи сиот потенцијал како мотор за раст и центар на глобална трговија, произлегува од решенијата кои ефикасно го спојуваат економскиот развој, колективната безбедност и одговорната дипломатија. Тоа е она што сега е ургентно потребно на регионот на Црното море.

Почитувани учесници, ваши екселенции, драги пријатели.

Најпрво, би сакал да ги поздравам нашите љубезни домаќини од Фондацијата Мармара и да им честитам за успешното организирање и реализирање на 24-тиот Евроазиски економски самит. Исто така, би сакал да го поздравам и да му честитам за упорноста, трпеливоста и разбирањето на д-р Акан Сувер, претседателот на Фондацијата.

Веројатно, кај секој од учесниците на денешниот панел се јавува дилемата: дали постои нешто што веќе не е кажано за глобалното затоплување и климатските промени и дали остана некое предупредување кое не и ѐ соопштено на јавноста до сега.

Оваа дилема произлегува и од самиот факт што секој од нас, кој учествува на денешниот панел веќе учествувал на некоја од конференциите за климатски промени на ОН или на некој од климатските самити на Обединетите нации и се соочил со суровата реалност која постои во она што се нарекува меѓународна заедница.

Има една мудрост која вели дека големите очекувања носат и големи разочарувања. За тоа бевме сведоци и ние кои учествувавме на конференцијата за климатски промени на ОН во Копенхаген во 2009 и големите разочарувања од неуспехот на тој собир.

Да се потсетиме дека на Копенхаген му претходеа два големи чекори во глобалниот одговор на климатските промени, кои своевремено беа претставувани како голем успех. Првиот е рамковната конвенција на ОН за промена на климата, створена во 1992 година на самитот во Рио, кога земјите потписнички се обврзаа на запирање на опасните промени на климата. Вториот е протоколот од Кјото, ратификуван во 1997 година, кој ги обврза богатите земји на специфични цели поврзани со емисијата на јагленороден диоксид до 2012 година. Да се потсетиме дека целите не беа обврзувачки, а САД не беа вклучени бидејќи не го ратификуваa, иако вложија многу напори за обликувањето на протоколот.

Сепак, покрај сѐ, се сметаше дека протоколот од Кјото е гомем напредок во однос на глобалниот одговор на климатските промени. Затоа, и се очекуваше конференцијата во Копенхаген во 2009 година да постави поамбициозни цели за иднината и да го придобие целиот свет. Оптимизмот произлегуваше и од фактот што после една деценија на постигната согласност од страна на науката и од јавната загриженост за промената на климата, лидерите на богатите земји беа убедени во фактот дека тогаш е вистинскиот момент за спасување на планетата. Но, следуваше фијаско. Договорот од Копенхаген пропадна. Имаше тогаш многу објаснувања и образложенија за неуспехот, но тоа е сега историја. На многумина од учесниците на овој самит им остана во сеќавањата една реченица од излагањето на еден лидер, кој не е веќе меѓу живите: „Да беше климата долар, до сега ќе беше спасена“.

По Копенхаген, следуваа конференциите на ОН за климатски промени во Канкун во 2010, во Дурбан во 2011, во Доха 2012, Варшава 2013, Лима 2014, Климатски самит на ОН во Њујорк 2014, Париз 2015, Маракеш 2016, Бон 2017, Катовице 2018, Повторно Климатски самит на ОН во Њујорк 2019, Мадрид 2019 и оваа година конференцијата на ОН за климатски промени треба да се одржи наесен во Глазгов.

Овие конференции и самити за климатските промени, кои во организација на ОН почнаа да се одржуваат од 1995 година, ги спомнувам за да укажам дека климатските промени се меѓу клучните проблеми на нашата цивилизација и меѓународната заедница се обидува веќе неколку децении да дојде до решенија. Рамковната конвенција на ОН за климатските промени ги дефенира целите, додека пак конкретните акции утврдени со Кјото протоколот, кој се однесува за периодот од 2008 до 2013, Доха амандманите на Кјото протоколот се за периодот 2013 до 2020 и Спогодбата од Париз се однесува на периодот од 2021 до 2030.

Ние кои учествувавме на конференцијата за климатски промени во Париз 2015, бевме сведоци на оптимизмот и радоста од постигнатиот успех. Имено, преговорите кои доведоа до Спогодбата од Париз траеја речиси една деценија, а самото усвојување беше оценето како голем успех на француската дипломатија и значаен чекор во намалувањето на негативните влијанија и последици од климатските промени. Спогодбата од Париз беше усвоена со консензус на 196 држави членки на Конвенцијата и претставува еден редок настан во современата меѓународна политика. Она што е ново со ова Спогодба е и фактот што сите држави со ратификацијата ја превземаат обврската да ја намалат емисијата на гасови кои доведуваат до ефектот на стаклена градина и да придонесат кон исполнувањето на целите на Конвенцијата во согласност со своите можности. Треба да се спомне дека со претходниот Кјото протокол и Доха амандманите на овој протокол, таа обврска ја имаа само индустриски развиените земји.

Со ратификацијата на Спогодбата државите го потврдија антропогеното влијание на промената на климата, односно дека промените на климата на глобално ниво во последните децении се последица и на човековите активности. Имено, меѓународните тела кои ги следат промените на климата и ги проучуваат причините и последиците од промената на климата ги почитуваат природните причини но и докажуваат дека човековите активности, исто така, влијаат врз глобалното загревање, односно врз глобалната промена на климата.

Но, за постигнување на целите предвидени во Спогодбата беше неопходно донесување на јасни и заеднички правила, модалитети и процедури за следење на постигнатите цели. Тоа се случи на конференцијата во Катовице во 2018 година. Би требало да се спомне дека на конференцијата во Катовице и претходеше втората по ред најтопла година што е некогаш измерена (почнувајќи од 1880 година) и катастрофите предизвикани од временските и природните непогоди имаа направено штета од 320 милијарди долари во таа 2017 година.

Може да се заклучи дека со Спогодбата од Париз се обезбеди солидна основа за намалување на негативните влијанија на климатските промени, а со пакетот мерки од Катовице, можност за негово спроведување.

Останува да видиме дали ќе се спроведе она што е договорено и дали до 2030 ќе се исфрли од употреба јагленот во членките на ОЕЦД и членките на ЕУ, до 2040 во Кина и до 2050 во другите преостанати делови од светот, за да можат да се остварат целите од Спогодбата во Париз. Останува да се види дали земјите што ја ратификуваа спогодбата прифаќат својот развој да го засноваат врз намалена емисија на гасови со ефектот на стаклена градина за 45% до 2030 година.

Шокот во остварувањето на оваа Спогодба се случи со доаѓањето на Доналд Трамп за Претседател на САД. Повлекувајќи ги САД од спогодбата за климатски промени, Трамп најави дека сака да преговара за нова и фер спогодба која нема да ги загрози американските компании и американските работници. За среќа, денес, тоа е надминато и САД повторно се вратени кон потписниците на спогодбата. За среќа, затоа што САД спаѓаат меѓу земјите со најголема емисија на СО2 од фосилни горива.

Светската метеоролошка организација наведува дека нашата планета сега е за еден степен целзиусов потопла од периодот пред ширењето на индустријализацијата. Доколку досегашниот тренд продолжи, температурата до 2100 година ќе порасне за 3 до 5 степени. Затоа, доколку не се спроведува спогодбата од Париз светот ќе доживее катастрофални промени, нивото на морето ќе порасне, температурата на водата во океаните ќе се зголеми, ќе страдаат насадите за храна, пред се оризот, пченката, пченицата. Земјите потписнички на спогодбата од Париз ветија дека ќе го ограничат растот на температурата до 1,5 степени. Научниците пак тврдат дека ќе биде неопходно задржување на растот под 1,5 степени.

Но, освен обврските за владите, за да ја сочуваме планетата, постојат обврски и за сите поединци. Така, на пример, меѓународниот панел за климатски промени наведува дека мора да се купува помалку месо, млеко, сирења, путер. Да се јаде повеќе локална и сезонска храна, да возиме електрични автомобили, да одиме пешки или со точаци, да патуваме со возови и автобуси наместо со авиони, да одржуваме видео конференции, да ги обезбедиме куќите со добра изолација, да бараме производи со ниско ниво на јагленороди.

Ова до сега беше, така да се каже, политички коректниот дел од моето обраќање во однос на темата на панелот. Сега, би сакал да се произнесам од аспект на академската љубопитност за климатските промени и да споделам одредени научно засновани факти.

Согледувајќи ги сознанијата од трудовите на релевантни автори, може да се констатира дека климатските промени се користат како изговор за една голема прераспределба на економските и природните ресурси во светот. Нешто за кое многу малку се зборува и истражува. Климатските самити и конференции на ОН всушност се најголемите економски самити кои се случуваат на крајот на 20 и почетокот на 21 век. На овие самити се врши една прикриена и перфидна експропријација на енергетските природни богатства како што се нафтата, природниот гас и јагленот од државите кои ги имаат во корист на државите кои ги немаат овие енергенси.

Станува збор за еден вид на нова економска политика на прелевање на заработката од природните богатства која се остварува на два начини. Првиот е преку воведувањето на различни даноци на емитувањето на СО2 а вториот преку создавање на големи пазари на хартии од вредност кои се дозволите за емитување на СО2. Со собраните пари од даноците за емитување на СО2 ќе се поттикнува промената на животните навики на населението да ја намали емисијата на СО2 или пак за развој на технолошки процеси кои немаат емисија на СО2.

Создавањето на еколошки навики се случува во земјите каде се увезува нафтата или гасот и нивното користење станува се поскапо. Населението се навикнува да штеди, бидејќи увезените енергенси се од ден на ден сѐ поскапи. Станува збор за земји кои се доволно развиени и нивните научни институции имаат можност да истражуваат и воведуваат нови технологии со кои се намалува емисијата на СО2 или пак се инвестира во обновливи извори на енергија. За разлика од нив оние кои не можат да плаќаат данок за емисија на СО2 или да купат дозволи за емитување на СО2 не ќе можат да согоруваат фосилни горива, односно нафта, природен гас, јаглен. Даноците за емисија на СО2 е планирано да стануваат со тек на време се поголеми и поголеми а дозволите за емисија на СО2 се помалку и помалку. Со тоа цената за емисија на СО2 ќе се зголемува до неподносливост. Оние кои не ќе можат да плаќаат даноци и ќе немаат дозволи не ќе можат да согоруваат фосилни горива, односно нафта, гас, јаглен. Едноставно, нема да имаат енергија ни за стопанството ниту пак за населението. Ќе бидат принудени да увезуваат скапа енергија од оние земји кои ја произведуваат од обновливи извори. Ваква енергија сега и во иднина ќе ја имаат само богатите и развиени земји кои вложуваат огромни средства во развој на нови технологии за енергија од обновливи извори. Недоволно развиените земји кои имаат фосилни горива, овие енергенси нема да им вредат. Тие заедно со неразвиените земји кои немаат такви енергенси ќе мораат да увезуваат скапа енергија од обновливи извори на енергија од богатите и развиени земји.

Едноставно кажано, земјите кои ја извеле својата индустријализација и индустриска револуција, користејќи јаглен и нафта, сега ги спречуваат другите тоа да го прават за да се развијат. Станува збор за геополитичка и гео-економска игра во која изворите на нафта, гас и јаглен стануваат бескорисни за земјите кои ги поседуваат. Ваквите држави иако имаат сопствени извори на енергенси не ќе можат да се развиваат. На тој начин, богатите и развиени држави го одржуваат монополот во светскиот пазарен натпревар и ги спречуваат неразвиените земји да се развиваат. Ова е начин да се спречи развојот на неразвиените и да се сочува сегашната состојба на односи во светската економија каде едни исти земји се секогаш богати а другите секогаш сиромашни. Богати се, всушност, оние држави кои почнувајќи од втората половина на 19 век до денес преку своите индустриски револуција ја заситија атмосферата со емисија на СО2 и сега сакаат последиците од таа емисија да ја ги трпат неразвиените и сиромашните земји.

Сево ова може да се илустрира со еден наједноставен пример кој ретко се спомнува. Во една понова студија се наведува дека авионите, кои во просек најчесто ги користи само еден процент од светската популација, предизвикале 50% од емисијата на СО2 во 2018 година. Авиокомпаниите произвеле милијарда тони СО2 и профитирале 100 милијарди долари без да платат за климатската штета што ја предизвикале. Количината на штетните гасови кои ги емитуваат само авионите во САД се десет пати поголеми од десетте најразвиени држави од светот заедно. Со тоа што отсуствува плаќање за покривање на оваа климатска штета што ја предизвикуваат авионите, всушност, станува збор за главна субвенција на најбогатите. Некој ќе мора да плати за декарбонизацијата, но зошто тоа да не се и оние кои најчесто патуваат со авионите. Очигледно е дека богатите имале преголема слобода да ја дизајнираат планетата во согласност со своите желби и своите потреби.

Развиените и богати држави своите главни индустриски погони, поради ниската цена на работна сила и загадувањето, ги преселија веќе во сиромашните земји. Сега во развиените земји останаа оние погони и услуги кои се високопрофитабилни и не емитуваат СО2. Тоа се финансиски, информациони и телекомуникациски услуги, нови технологии како што се развој на вештачката интелигенција, биотехнологиите, или она што сега се нарекува четврта индустриска револуција.

За илустрација на ова може да послужи примерот со старата фабрика на Фолксваген која од Емден од Германија е преселена во Измир во Турција. Тоа е стара фабрика која сега во Турција ќе продолжи да го склопува познатиот модел ТДИ Пасат, за кој ќе се плаќа данок за емисија на СО2, а во Емден ќе постои нова фабрика за автомобили на струја кои не емитуваат СО2 и за нив нема да се плаќа данок за емисија.

Тоа е таа нова економија произлезена од климатските промени. Затоа, компанијата Тесла всушност не остварува профит од своите електрични автомобили, туку главните приходи ги остварува со продажбата на СО2 кредити.

Администрацијата на Бајден, која се врати меѓу земјите потписнички на спогодбата од Париз, сега е преокупирана со преземање на улогата на глобален поддржувач на мерките за редукција на СО2, фокусирајќи се особено на Кина. Оние држави кои ќе одбијат доброволно да ја намалат својата емисија на СО2 во бараните количини, ќе мора да бидат приморани тоа да го направат, инаку ќе следуваат добропознатите американски санкции. Впрочем, Бајден истакна дека САД ќе ја заменат целата светска инфраструктура на фосилни горива со чисти технологии во следните 30-40 години. Тоа ќе го направат заедно со воведувањето на „систем на општествени трошоци“ засновани врз давањето на нумерички вредности на „глобалните штети“ кои се поврзуваат со емисијата на одредена количина СО2. Со тоа ќе се создаде целосно нов дигитален пазар за трговија со кредитите од општествени трошоци и СО2 долгови, односно нов пазар со колосални димензии со кој, секако, ќе доминираат американските финансиски олигарси.

Пораката од богатите и развиени земји во однос на ова нова климатска политика е јасна: Ние богатите во изминатите 150 години, користејќи евтини фосилни енергенси со нашите три индустриски револуции, доволно ја загадивме атмосферата и планетата, сега вие сиромашните не смеете тоа да го правите.

Тема: „Улогата на бизнис едукацијата во деловната етика“


Во последниве две децении почна особено да ѝ се посветува внимание и да се изучува деловната етика на многу универзитети и бизнис школи. Логично се поставува прашањето од каде произлегува овој огромен интерес и зошто токму сега добива на значење изучувањето на деловната етика.

За да дадеме одговор на ваквото прашање, ќе мора да се вратиме назад во 20-ти век и да ги согледаме најдоминантните теории и доктрини во економијата и нејзините последици.

Според многумина, највлијателен економист на втората половина на 20-ти век е Милтон Фридман. Неговото учење е продолжување на класичната економска школа и се нарекува монетаризам или квантитативна теорија за парите. Оваа Фридманова доктрина смета дека максимилизацијата на профитот е основна и единствена обврска на компаниите и дека тие никако не можат да бидат морален ентитет, затоа што само на човечките суштества може да им се припише морална одговорност. Наједноставно кажано, според Фридман „само парите се важни“.

Последиците од оваа доктрина најмногу дојдоа до израз во последната деценија на 20-тиот век и првата деценија на 21-иот век. Како школски пример во многу учебници се наведува случајот „Енрон“.

Енрон беше американска компанија која тргуваше со енергенси и за 2000 година имаше пријавено заработка од преку 100 милијарди долари. Кога идната година Енрон банкротира, целиот финансиски свет беше шокиран. Вработените останаа без своите работни места и пензии, некои од инвеститорите ја изгубија севкупната животна заштеда. Случајот Енрон остана забележен како најголемо банкротство во историјата на САД. Главниот директор подоцна беше осуден поради нечесниот начин на кој е вршена пресметката на компанијата, но и за обидите да се прикријат стотини милиони долари во финансиските обврски на компанијата. По Енрон следеше WorldCom, една од највлијателните телекомуникациски фирми во светот. Директорите на оваа корпорација лажно ја зголемиле вредноста на компанијата за дури 11 милијарди долари. Италијанската компанија Пармалат со сокриен долг од преку 14 милијарди евра стана најголем банкрот во ЕУ. Следуваа серија слични скандали и афери.

Многумина автори кон крајот на 20-тиот век укажуваа дека насекаде во светската економија постојат огромни злоупотреби.

За волја на вистината би требало да се каже дека кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, за време на таканаречениот „предаторски капитализам“, била речиси иста ситуацијата. Тогаш, на сличен начин се правеле огромни профити и, затоа, дел од најбогатите луѓе во Америка биле нарекувани барони разбојници. Тоа најсликовито е објаснето од Марк Твен кога во една прилика го прашале како може човек да се збогати, неговиот одговор бил: „Чесно ако се мора, нечесно ако се може“.

Последиците од спомнатите скандали биле огромни штети за компаниите, губење на работните места, потреси на берзите, сомневање во работењето на другите компании, огромни штети кај оние кои поседувале акции од спомнатите компании и огромен пораст на недоверба во современите принципи на бизнисот. Значи, не станува збор за директната штета за одделни компании, туку за штета која ѝ е нанесена на севкупната светска економија, затоа што за време на глобализацијата економијата функционира според принципот на „споени садови“, а негативните и несреќни случаи, скандали, предизвикуваат „домино ефект“ на планетарно ниво. Настанува нарушување на „имиџот“ на светската економија, ерозија на довербата во бизнисот и социјалниот капитал, кои претставуваат суштествени елементи на глобалната економија.

Сите овие скандали во корпоративниот свет ја доведоа во прашање „еуфоријата за широката дерегулација“ како во банкарството, пазарот на енергенси, така и во многу други области. По современата светска финансиска криза и американската хипотекарна криза од 2008 година, се доведуваат во прашање и досегашните начини на комбинирање на клучните регулаторни механизми во економијата. Тоа особено доаѓа до израз при соочувањето со негативните ефекти од глобализацијата, меѓународниот тероризам, еколошките проблеми, масовните илегални миграции, порастот на сиромаштијата и гладот, слабото функционирање на меѓународните финансиски пазари. Кон сево ова треба да се додаде и сѐ што произлезе и допрва ќе произлегува од пандемијата на Ковид-19.

Во овој контекст, прашањето за управувањето, но и прашањето за вредносниот и менталниот склоп на оние кои управуваат излегува на површина. Токму затоа, дебатата за бизнис етиката добива сѐ позначајно место, како во компаниите, така и во академските институции кои ги образуваат деловните луѓе.

Прашањето за односот меѓу бизнисот и етиката може да се постави и како дилема за тоа дали богатството неизбежно подразбира и сомнеж, недоверба и завист кон неговото потекло, начинот на кое е стекнато и акумулирано. Се подоминантно станува мислењето дека бизнисот без морални критериуми не може да даде трајни, стабилни и значајни бизнис резултати, ниту пак може некоја заедница да ја направи среќна и просперитетна. Затоа, се зборува за потребата од воведување на етички кодекс во принципите на бизнисот, работењето и раководењето во сите компании. Најновите истражувања во оваа област покажуваат дека отсуството на етичките норми во бизнисот доведува до огромни штети, како на компаниите, така и на севкупната светска економија. Затоа, и на бизнис етиката ѝ се посветува сѐ поголемо внимание, како во истражувањата, така и во едукацијата.

Бизнис етиката е подрачје кое се развива незапирливо. Меѓу првите кои ја прифатија беа мултинационалните компании, банкарскиот сектор, фабриките при излегување на берзи, компаниите кои се добавувачи и партнери на компаниите со имплементирани програми за усогласување, услужниот сектор, а сега на ред е и државниот сектор. За воведување на бизнис етика на компаниите им е потребно многу труд и време, додека резултатите се видливи дури за неколку години. За да можат компаниите да изградат своја организациска култура, неопходни се етички вредности.

Бизнис етиката бара лидери и менаџери кои имаат своја цел, свои вредности и свој интегритет. Лидери кои градат долготрајно одржливи организации, ги мотивираат своите вработени за да им даваат врвни услуги на потрошувачите и создаваат долгорочна вредност за акционерите. Почитувањето на бизнис етиката обезбедува на долг рок, позитивни резултати, намалени непотребни трошоци и штети, создава добра бизнис клима, го поттикнува претприемништвото и ја зголемува довербата во компаниите, во вработените, во институциите, во бизнис субјектите.

Затоа, бизнис етиката во бизнис школите се изучува како збир на лични и колективни морални постапки кои се користат во текот на сите облици на бизнис активностите и со нив се одредуваат границите до кои може да се оди. Одредувањето на тие граници е неопходно за бизнис активностите, постапките и одлуките да не предизвикуваат неповолни односи внатре во компаниите и во нивното опкружување. Границите се секогаш во рамките на законските норми и правила; во рамките на добрите бизнис односи и навики во економскиот и социјалниот простор; во рамките на личните позиции и состојби во однос на другите со кои се доаѓа во бизнис и човечки контакт.

Заедничкиот живот, меѓусебната зависност на луѓето доведува до низа социјални процеси кои ја одредуваат содржината, обликот и начинот на дејствувањето на поединците и групите во бизнисот. Компаниите во денешниве околности на пандемијата од Ковид-19 имаат одговорност не само за својот опстанок, туку мораат да дејствуваат и во согласност со општествените и социјалните околности и барања предизвикани од пандемијата. Пред компаниите се поставуваат барања за општествено одговорно однесување, кое е засновано врз темелните етички принципи. Тие етички принципи треба да бидат вградени во секоја компанија преку етичките стандарди на самите компании кои се манифестираат преку етичките кодекси, етичките одбори, тренинзи и обуки и со самото тоа стануваат составен дел на организационата структура. Вработените, иако претходно веќе имаат развиен систем на сопствени етички стандарди, треба да ги прифатат етичките стандарди на компанијата и да работат во согласност со етичкото работење на компанијата.

Бизнис школите во своите програми посветуваат особено внимание и на Општествената одговорност на компаниите. Тоа е неопходно во денешно време затоа што општествено одговорните компании се препознатливи во нивното опкружување. Тие со самото свое етичко однесување привлекуваат нови вработени, ги мотивираат и задржуваат веќе постојните вработени, овозможуваат долгорочна конкурентска предност и создаваат претстава за компанијата како субјект со достоинство, чест, углед и должна почит од средината каде дејствуваат и работат, затоа што придонесуваат за просперитет и успех на заедницата на која ѝ припаѓаат.

За разлика од компаниите со општествена одговорност со изграден концепт за бизнис етика, постојат компании во кои тоа недостасува и во кои со тек на време се акумулираат етички пропусти и неетичност во работењето, како од страна на вработените, така и од страна на раководството и членовите на органите со управувачки и надзорни ингеренции. Таквите тенденции најчесто се и една од причините за пропаѓање и рушење на многу компании. За да не се случи такво нешто, неопходна е превенцијата на неетичкото инвестирање. Превенцијата е првиот и најважен чекор во сузбивањето на неетички заснованата практика. Таа може да биде интерната и екстерната превенција. Најчесто наликува на она што сега го нарекуваме превентивна медицина.

Може да се заклучи дека бизнис етиката станува сѐ повеќе неизбежен човечки, но и бизнис квалитет. Речиси постои согласност дека доброто бизнис однесување има огромно влијание врз самиот бизнис и тоа поради еден факт - луѓето бараат да соработуваат со оние кои им се допаѓаат, кои се љубезни, кои знаат како да воспостават контакт, кои ја прифаќаат индивидуалноста на другите и кои во комуникацијата се придржуваат до одредени општоприфатени пишани и непишани правила.

Бизнис етиката всушност е збир на тие пишани и непишани правила. Збир на вредности како што се искреност, правичност, отвореност, искреност во бизнисот. Накратко, тоа е начинот на кој некоја компанија го води бизнисот. Дали своите вработени ги третира со благодарност, почитувајќи ја нивната личност и достоинство? Дали на добавувачите им се исплаќаат парите во договореното време? Дали постои отвореност кон локалната заедница и преземање на одговорност за сопствените одлуки и постапки?

Бизнис однесувањето е исто така збир на општоприфатени правила, постапки и процедури кои се сметаат за неопходни или прифатливи во меѓусебното однесување на бизнисмените, без оглед на нивната позиција, титула или професија. Применувањето на етиката бара од секој поединец почитување на високо ниво на лојалност кон општеството, семејството, работната средина, професијата, компанијата...

Бизнис училиштата денес се исправени пред голем предизвик. На идните бизнисмени, менаџери, лидери треба да им се даде одговор на основното прашање: како во нашиот денешен свет во кој сѐ се релативизира, а моралот е доведен до апсурд, да се остане чесен и да се биде успешен.

Почитувани Македонци,

Како претседател на Република Македонија во двата мандата во многу мои обраќања кон македонската јавност јасно и директно кажав а сега повторувам: “Кога сте подготвени едно прашање да го решите по секоја цена, тогаш цената е највисока. Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена. Сега, речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа, на повеќе нивоа и во повеќе наврати. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува.”

Невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите. Антифашистичкиот карактер на Македонската борба во Втората светска војна и придонесот за ослободувањето од нацизмот и фашизмот во Европа никогаш не биле спорни. Никој нема право, слобода и повиканост да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците.

Вчера Македонскиот Народ го виде правото лице на Заев. Овој самопрогласен “искусен политичар” вчера докажа дека сме сведоци на национално предавство. Длабоко сум убеден дека македонската нација (и оние што гласаа за него) ја согледаa предавничката улога на Заев и неговата клика.

Во оваа прилика на “искусниот политичар” му препорачувам соодветна лектира.

Најпрвин манифестот на АСНОМ кој јасно вели: “Под великобугарската окупација настанаја најтешките години на македонскиот народ.”

“За Македонцките Работи” на Крсте Петков Мисирков кој зборувајќи за слободата посочи на мрачните сили што не и дозволуваат на нашата татковина сама со свои очи да ги гледа своите интереси, ами и наврзуваат очила што ја замрачуваат вистината.

Воедно би му ја препорачал и 1984 на Орвел кој напишал дека „кој го контролира минатото ја контролира иднината, а кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото."

Го прашувам јавно “искусниот политичар”, од каде таа аверзија кон историјата? Тврдите дека македонскиот народ живее во минатото и дека сакате да го однесете во иднината. Но, народот не живее во минатото, туку со минатото, и тоа не за да мрази, туку за да се сеќава. А сега сакате и колективните сеќавања да ги цензурирате и да ги избришете.

Во секоја демократска земја, во секоја земја членка на НАТО и членка на Европска Унија, за вакви изјави на премиер, паѓа владата.

Во твоите очи “искусен политичару” наместо доблест и чест, љубовта кон татковината станува грев. Денес не се потребни вакви “саможртви” како твојата. Денес е потребно да се погледнеш во очи и да прифатиш дека Македонија е се што имаме и дека никој не може да ја сака Македонија повеќе од нас самите.

Македонскиот народ поучен од историјата веќе се обединува и почнува да го пишува новиот Mакедонски Mанифест.

И после сето ова што им го направи на Македонија и Македонците, Mакедонскиот народ не се плаши. Македонскиот Народ го чува, гo негува и промовира вековниот идеал на непокорот.

Да живее Република Македонија!

Почитувани учесници на Евроазиски економски самит,


На почетокот би сакал да ги поздравам домаќините и организаторите на овој самит, фондацијата Мармара и посебно нејзиниот претседател д-р Акан Сувер, кои успееја и во вакви услови на глобална пандемија да го организираат по 23-ти пат Евроазискиот економски самит.

За разлика од сите мои досегашни учества, кога се обраќав како претседател на држава, овој пат би се произнел по денешната тема, пред се, од академски аспект. Односно, од аспект на политичката наука и политичката филозофија да го искажам мојот личен став.

Прво и основно е дека најголем губитник од пандемијата, предизвикана од Ковид-19, на планетарно ниво е демократијата. Тоа го потврдува и последниот извештај на Фридом хаус објавен пред неколку дена. Во него се наведува дека кризата на демократијата, која во последните 14 години почна да се продлабочува, поради пандемијата ќе продолжи да се влошува. Условите за демократија се влошени во 80 земји од светот.

Тоа најмногу се однесува на злоупотребата на власта, заштитата на ранливите групи, транспарентноста во борбата против корупцијата, слободата на медиумите и изразувањето и на кредибилните избори.

Од аспект на демократијата значи панденијата нема да предизвика „нова реалност“, затоа што се ќе остане исто, но многу полошо од она што беше претходно. Демократијата ќе продолжи да се влошува а недемократските тенденции ќе се зголемуваат, затоа што многу од владите во светот нема да се откажат од многу, пред се авторитарни, надлежности и мерки за контрола, надзор и дисциплинирање на населението, кои ги стекнуваат за време на пандемијата.

Од аспект на економијата, веќе ви се познати ставовите од Светскиот економски форум во Давос. Светот се наоѓа на историска раскрсница. Ако се продолжи со досегашната поларизација, со се побројни конфликти и проблеми, тоа ќе го одведе човештвото во состојба на перманентна глобална криза. Во најлош случај се движиме кон хаос.

За време на стопиран економски раст, несфатливо е колку малку луѓе разбираат во каква криза е човештвото. Доколку во следните неколку децении не се средиме, ќе им оставиме на нашите деца и внуци застрашувачка иднина, ќе заклучи Клаус Шваб, оснивачот на Светскиот економски форум во Давос.

За иднината на светскиот поредок се произнесе Хенри Кисинџер во авторскиот текст објавен на 3 април 2020, во Вол Стрит Џурнал “Пандемијата на Коронавирус засекогаш ќе го смени светскиот поредок”. Според него, коронавирусот предизвика колапс на светската економија, односно глобализацијата. Кисинџер бара да се заштитат принципите на светскиот либерален поредок, истакнувајќи дека САД треба да инсистираат на безбедност, ред, економска благосостојба и правда... Демократиите во светот треба да ги бранат и да ги одржуваат своите просветителски вредности.

Кога секој од нас ќе се соочи со вакви оценки и официјални ставови на релевантни личности и институции, логично е да се запраша: зарем се е толку црно, мрачно, бесперспективно и песимистично. Зарем не постои некој зрак на надеж и оптимизам за нашата сегашност и иднина.

Доколку севкупнава состојба со пандемијава предизвикана од ковид-19 ја согледаме од филозофски аспект, особено од аспект на политичката филозофија, ќе се соочиме со еден парадокс. Парадокс кој ни дава сосем поинаква претстава за состојбите во светот во 2020 година, спротивен на се она што досега е кажано и презентирано од политичарите, медиумите, невладините и хуманитарните организации, според кои ковид-19 е виновен за сѐ и е причина за сите неволји што не снајдоа.

Парадоксот се состои во тоа што ковид-19 е нешто најдобро што можело да му се случи на човештвото во овој момент. Ковид-19 е просветлување и освестување, речиси последното предупредување од страна на природата и планетата Земја, дека ако продолжиме со досегашниот начин на работа и живот одиме во бездна, односно амбис.

Ковид-19 не научи дека ништо од она што е врвно достигнување на севкупната човекова цивилизација, значи врвната наука и сите технолошки достигнувања, не можат да бидат гаранција за вечен прогрес и напредок на сегашноста но и иднината. Не можат да ни го обезбедат тоа затоа што се е поставено на погрешен начин. Или народски кажано, кога ќе влезете во погрешен автобус сите следни станици ќе ви бидат погрешни и речиси е невозможно да стигнете до таму каде што се упатиле или каде што сакате да стигнете.

Со ковит-19 многу повеќе дознавме за себе, за своите, за денешниот свет, но и за светот што не очекува после пандемијата. Многу повеќе од тоа што ни го дадоа најголемите умови, мудри луѓе и филозофи кои ги имаме денес.

Ковит-19 во 2020 година како наеднаш да ја подигна завесата на светската сцена и како силен рефлектор ги направи видливи и јавни сите светски настани и акции кои најмоќните во светот се навикнати да ги прават и водат зад завесата, односно зад затворени врати, далеку од очите на јавноста. И сето тоа да го прават неказнети веќе неколку децении, па и векови.

Целиот наш „забеган свет“, како што еднаш го нарече Ентони Гиденс, застана. Или како тоа мошне сликовито го објасни Вејд Дејвис на страниците на списанието Ролинг стоун: „цивилизација е падната на колена од страна на микроскопски паразит 10.000 пати помал од зрно сол“. За момент застана протокот на стока, луѓе, капитал... Вообичаениот начин на живот и работа е прекинат. Се укинаа многу „индивидуални слободи“, се воведоа забрани за масовни собири и меѓународни настани, Одењето во ресторани, кафеани, барови, пабови, театри, спортски настани...стана невозможно или општествено инкриминирано дело подлежно на санкции. Патувањата станаа речиси неможни. Функционирањето на општеството се сведе на минимум.

Само еден „субјект“ патуваше без речиси никакви проблеми и стигнуваше до најодалечените точки на светот. Не правеше никаква разлика и не ги делеше луѓето по ниеден основ и како да сакаше да промовира слобода, еднаквост и братство кон сите. До крај остана принципиелен и коректен, не завземајќи ничија страна и подеднакво го инфицира секого, без оглед на сите наши поделби што сме ги создале ние како човечки суштества.

Она што ни дава основа за барем некаков оптимизам е што ширум светот, за време на пандемијата, речиси двојно се зголеми читањето како резултат на карантинот и заклучувањето. Сета досегашна историја пак не учи дека светот кој повеќе чита а помалку е опседнат со „леб и игри“ (или со денешен јазик - селебрити ликови и фрикови) независно од вирусот, е многу поздрав и понормален свет. За време на карантинот можеше на пример, покрај другото, да се прочитат и препрочитаат како задолжителна лектира повеќе книги кои опишуваат, предвидуваат и предупредуваат.

Од многуте длабокоумни книги дознавме многу повеќе отколку од сите владини и невладини прес конференци, официјалните изјави на државници или пак меѓународни институции. На пример дознавме дека животот го сака богатството на бескрајната различност а не сиромаштијата на едноличност и униформност што на секој начин се сака да се наметне. Оние освестените поединци кои ковит-19 ги просветли можеа, од денешен аспект, да ја препрочитаат книгата „Судир на цивилизациите“ во која Самуел Хантингтон тврди: Концептот на универзалната цивилизација помага за оправдување на западната културна доминација над другите општества и потребата тие општества да ја имитираат западната практика и институции. Универзализмот е идеологија на Западот за соочување со другите култури. Како што сметаше Хантингтон, секој што е надвор од Западот ја третираше идејата за „еден свет“ како закана.

Оваа либерална илузија за универзална цивилизација после пандемијата очигледно не ќе може да продолжи. Според Алистер Круг, ова нема да биде можно не само поради еродирањето на моќта на земјата стожер, туку и поради младата генерација на американски освестени либерали кои галамџиски тврдат дека не само што старата либерална парадигма е илузорна, туку таа никогаш не ни била ништо повеќе од параван за прикривањето на репресијата – било да е таа семејна, колонијална, расистичка или империјална – што е морална флека, дамка, која само покајувањето може да ја избрише.

Доколку оваа стара либерална илузија за универзална цивилизација веќе не е можна, тогаш каков светски поредок не очекува по пандемијата. Имајќи предвид дека самиот Кисинџер многупати има потенцирано дека балансот на сили никогаш не бил прифатлив за САД.

Повторното читање на неколку монументални, дела како на пример „Опаѓањето и пропаста на римското царство“ од Едвард Гибон, „Мукадима“ од Ибн Халдун., „Растот и падот на големите сили“ од Пол Кенеди и многу други слични книги навестуваат што може да не очекува.

Веројатно некој од советниците на францускиот претседател читал ваква литература и влијаел на говорот на Макрон пред амбасадорскиот совет минатата година. На тој состанок, според она што беше објавено во медиумите, Макрон рекол дека Кина, Русија и Индија не се само економски ривали, туку „автентични држави-цивилизации“ кои не само што го промениле светскиот поредок и превзеле клучна улога во економскиот поредок, туку исто така го преобликувале и политичкиот поредок и политичкото размислување кое произлегува од тоа преобликување и тоа со многу повеќе инспирација одколку што поседува ЕУ.

Макрон предупредил дека цивилизациите исчезнуваат, исто како што исчезнуваат и државите и дека Европа би можела набргу да исчезне доколку новиот свет се формира околу два големи пола – Кина и САД- каде Европа бидејќи не успеала да се оформи како независен геополитички пол би и преостанало само еден избор, да се определи за еден од овие полови. Според Макрон, одговорот треба да се бара во афирмацијата на европската цивилизација и нејзиниот суверенитет.

Затоа мисијата на Франција би била нејзина историска судбина, да ја поведе Европа во цивилизациска обнова, создавајќи колективен наратив и колективна имагинација.

Имајќи ги предвид ваквите ставови на Макрон, но и изјавата на Трамп дека Европа е непријател на Америка, на исто ниво како и Кина, по пандемијата а особено по претседателските избори во САД не очекува не „нова реалност“ туку „нова неизвесност“. Не очекуваат нови планетарни актери кои ќе бидат пред се државите-цивилизации кои веќе ја покажуваат својата самодоверба и можност рамноправно да се натпреваруваат во сите области. Светот не е веќе „еден и единствен“, се помалку е „либерален“ а многу повеќе е мултиполарен.

На многу држави ќе им биде премногу тешко да закрепнат од пандемијата. Затоа ќе се зголемува бројот на слаби, неуспешни и пропаднати држави. Светот и онака по ковид-19 ќе биде се помалку отворен, помалку просперитетен и помалку слободен. Контурите на тој нов свет веќе се оцртуваат, но неговото раѓање веројатно ќе биде долг, мачен и крвав процес со огромна духовна конфузија.

Древните филозофи, особено Платон, не учат дека во такви кризни времиња најважно од се за една заедница е солидарноста и пријателството меѓу самите луѓе но и со природата. Платон на повеќе места подучува дека човековата душа го поседува она што тој го нарекува thimos, нешто што на луѓето им дава способност за индигнација пред неправдата и пред стравот од губење на животот. Таа храбра емоција, односно екстаза, може да ја поттикне желбата за преживување и мобилизација која може да ја спаси заедницата. Да се надеваме дека кај многумина од нас, покрај се што ни се случи во 2020 година, созрева свеста за сопствениот thimos, кој со тоа би прераснал во наш сеопшт цивилизациски thimos.

Благодарам!

„Пандемијата може да ја сопре глобализацијата“


Постојат настани и кризи кои можат да се предвидат и оние кои не можат. Ковид-19 спаѓа во првите. Кој не верува во тоа, очигледно не е добро информиран, читал погрешни книги или барем не гледал соодветни филмови.

Од сето она што можеме да го слушнеме досега, особено од политичари и лекари, точно е дека станува збор за нов вид на вирус и дека точниот датум кога ќе избие епидемијата не можеше точно да се знае. Но, не може да се негира дека, компетентните од оваа област, одамна предупредуваа дека избивањето на ваква пандемија може да се случи речиси во секој момент.

Еден од најгледаните филмови во првите месеци на 2020 година, секако е филмот на Стивен Соденберг, Зараза (Contagion). Иако премиерно беше прикажан во јануари 2011 година и тогаш не привлече некое поголемо внимание, денес филмот повеќе делува како документарец отколку како фикција.

Сценаристот на филмот Скот Бернс неодамна изјави дека поминал неколку месеци истражувајќи ги заразните болести, а филмската екипа се консултирала и со американските стручњаци од Центарот за контрола и превенција на заразните болести. Според Скот, сите стручњаци со кои разговарал, уште пред повеќе од една деценија, тврделе дека не е прашање дали ќе има нова епидемија, туку кога таа ќе се случи. Затоа филмот точно ја предвиди пандемијата, но и нешто друго. Предвиде дека епидемијата ќе предизвика бран на недоверба, паника, себичност и збунетост. Според Скот, тој предвидел дека светот нема да знае како да реагира и дека заразата ќе се шири побрзо од што може да се очекува. Предвидел дека оние со силни имуни системи ќе ги занемарат оние што се со слаб таков систем. Како што самиот вели, толку многу точно се предвидел што некои фанови го обвиниле дека е во Илуминатите.

Како што се предвидувањата во филмовите, исто е и со книгите.

За време на карантинот можеше да се прочитаат како задолжителна лектира неколку книги кои опишуваат, предвидуваат и предупредуваат.

Да ги спомнеме само романите „Смртта во Венеција” од Томас Ман, „Декамерон” од Џовани Бокачо, „Љубов во време на колера“ од Габриел Гарсија Маркес и особено „Чума” од Албер Ками и „Беснило” од Борислав Пекиќ.

Иако, не можат да се прават историски паралели со некогашните епидемии, или како што велеше Токвил, „старите слики во новите рамки секогаш изгледаат полошо”, може нешто да се научи за она што ни следува.

Како за пример, да го земеме последниот пасус од романот „Беснило“ на Пекиќ: „Бидејќи го знам, како и Ками, она што веселата толпа не го знаеше, и што може да се најде во книгите – дека бацилот на чумата никогаш не умира и никогаш не исчезнува, дека може десетици години да спие, во мебелот и алиштата, трпеливо да чека по собите, визбите, сандаците, марамчињата и старите хартии, и дека можеби ќе дојде денот кога, на несреќа на луѓето и за нивна поука, чумата повторно ќе ги разбуди своите стаорци и ќе ги испрати да липсаат во некој среќен град.”

Прашањето кое само се наметнува: што преземале надлежните институции и меѓународни организации кога веќе знаеле дека ќе се случи ваква пандемија. Зарем SARS, MERS, ебола и другите епидемии не беа доволно предупредување што може да ни се случи?

Пандемиите во основа се предвидливи затоа што се редовна појава во човековата историја. Вирусите се дел од природата (или барем до неодамна беше така), како што и пандемиите се (или беа) природни појави. Против нив не можете да се спротивставите индивидуално, туку единствено како општество кое е способно ефикасно да ги мобилизира своите ресурси.

Во 2004 година, американскиот национален разузнавачки совет го има издадено документот Мапирање на глобалната иднина. Проект 2020. Во него е наведено: „Процесот на глобализацијата, без оглед на тоа колку е моќен, може значително да се забави или дури да се запре (стопира). Освен големиот глобален конфликт, кој го сметаме за невозможен, уште еден голем настан, кој, според наше мислење, би можел да ја стопира глобализацијата, би била пандемија... Таквата пандемија во мегалополисите на светот во развој со слаби здравствени системи – во супсахарска Африка, Кина, Индија, Бангладеш или Пакистан – ќе има катастрофални последици и ќе може брзо да се прошири по светот. Глобализацијата ќе биде во опасност”.

Во авторскиот текст објавен на 3 април 2020 година во Вол Стрит Џурнал „Пандемијата на Корона вирусот засекогаш ќе го смени светскиот поредок”, Хенри Кисинџер ги потврдува предвидувањата од спомнатиот документ од 2004 година. Според него, корона вирусот предизвика колапс на светската економија, односно глобализацијата. Кисинџер бара да се заштитат принципите на светскиот либерален поредок, истакнувајќи дека САД треба да инсистираат на безбедност, ред, економска благосостојба и правда... Демократиите во светот треба да ги бранат и да ги одржуваат своите просветителски вредности.

Добрите познавачи на актуелните состојби во меѓународните односи веднаш ги сфатија пораките од Кисинџер и на директен или индиректен начин веднаш му одговорија. Во многу нивни текстови, анализи, предвидувања, укажаа дека многу добро се знае што е средство а што е цел во време на оваа пандемија.

Така на пример, еден од подобро упатените во актуелните состојби, бразилскиот новинар и аналитичар Пепе Ескобар, веднаш ќе му одговори на Кисинџер. Укажувајќи дека е предвидлив стравот на Кисинџер и прашањата се апсолутно легитимни: дали политичката и социјалната катаклизма на глобалната економска криза е веројатно поголема катастрофа од самиот „Ковид-19”.

Но, еден од ретките кој ја прочита скриената порака и поголемиот страв на Кисинџер и глобалната елита е секако поранешниот британски дипломат Алистер Крук. Тој без воопшто да го спомнува Кисинџер, најдиректно му одговара: „Западната економија веќе беше во „критична состојба“ како резултат на глобалната финансиска криза во 2008 година и предизвика каскада во други сектори, како на пример во пазарите во развој... Пропустите и слабоста на „Отвореното општество“ се изложени: oтворени граници, отворени воздушни линии, отворен офшор трошок за работна сила, отворен извоз на кредити во долари и слободна трговија, кои го подготвија Западот за колапс“.

Крук е директен и премногу жесток во однос на барањето на Кисинџер за бранење и одржување на просветителските вредности: „Просветителскиот модел се откри како големо „преправање“, прикривајќи ја својата грда, предаторска, темна основа. Но овде, постои проблем. Изложеноста на недостатоците на Ковид-19 на Отвореното општество бара подеднакво одговор на прашањето што - и каде - е алтернативата? Па, одговорот е едноставен во економска смисла: „Ние се вратиме на основните работи: Знаете - сè што е старо е повторно ново “.

Според Крук, иднината по пандемијата станува предвидлива: „Веројатно ќе видиме враќање на тврдите граници; поголема контрола на имиграцијата; поголема самодоволност во смисла на домашно произведени компоненти (т.е. помалку од надвор); поголем акцент на самоодржливо земјоделство; помала зависност од извозните пазари; поголемо потпирање на тарифите; и враќање во реалната економија… Ова значи дека нема да биде можно Западот едноставно да излезе од кризата Ковид-19, во некоја „на чекање“ алтернативна парадигма (колку и да го налага тоа ситуацијата). Светот се соочува со изгледи за длабока промена: враќање на природната - што би се рекло самодоволна - економија. Таа промена е спротивна на глобализацијата... На крајот, оваа зараза го изложува - над економските слабости - неуспехот на Просветителскиот проект... Политички општествата на напредната западна современост се олигархии маскирани во либерални демократии“.

Што може да се заклучи и кои поуки можат да се научат од пандемијата предизвикана од Ковид-19.

Живееме во време кога сме сведоци на крајот на една утопија, залезот на модернистичкиот и просветителскиот проект. Залезот на културата на модерниот Запад. Тема за која пишувале мноштво заборавени и оспорувани автори. Просветителството за многумина од нив е појдовна точка во долгиот пад на западната мисла, практика и имагинација. Ковид-19 е само еден моќен катализатор на веќе отпочнати процеси, особено на она што претставува крај на илузијата дека можеме да ја контролираме Природата, дека можеме да управуваме со неа. Сега сите се шокирани од (за нив неочекуваната) освета на Природата. Вирусот всушност само ги продлабочува и засилува веќе постојните трендови. Присуствуваме на рушење на еден свет, кој со своето рушење ни ги открива новите или пак одамна заборавените светови. Оние кои му претходеле на овој свет и оние кои допрва ќе дојдат. Како што вели Крук, носталгијата за минатото се преобразува во плодотворна носталгија за иднината. Оние кои останаа без надеж, без работа, без средства лесно би можеле да се свртат против оние кои подобро проаѓаат или профитираат од Ковид-19. Кога таквите луѓе стануваат очајни, незадоволни и бесни почнуваат процеси на дезинтеграција, односно распаѓање на општествата. Тоа е веќе позната психологија која функционира во периодите на промена на епохите. Или како што забележал колумбискиот филозоф и интелектуалец Николас Гомез Давила: „Модерниот свет нема да биде казнет. Тој сам по себе е казна”. Затоа, колку и да сака глобалната елита и нејзиниот портпарол Кисинџер, да го сочуваат таквиот свет (и глобализацијата), тоа веројатно нема да биде можно. Тие би преземале и би промениле се, за се да остане исто. Нивниот свет кој долго време ја занемаруваше комплексноста на природата и силите на светот околу нас, сега потресен од Ковид-19 распукува и се распрснува по сите рабови, менувајќи ја доминантната парадигма. Една епоха умира за да може да се роди нова.

Објавениот текст може да се погледне на следниот линк: https://kasam.org/a-pandemic-could-stop-globalization/

На почетокот би сакал да им оддадам признание на Филозофскиот факултет, кои на денот кога почина нашиот пријател, нашиот колега, проф. д-р Димитар Мирчев, ја организираат оваа онлајн конференција. Конференција на која се потсетуваме на професорот, на неговото творештво но и на неговата улога на вистински ангажиран интелектуалец. Настан кој ја потврдува старата мудрост дека „човек не умира кога ќе го погребаат, туку кога ќе го заборават“. Ова, исто така, е повод да им ја честитаме 100 годишнината од постоењето на Филозофскиот факултет.

Темата што ја отворате, за идентитетот и европската интеграција, речиси е целосно поврзана со творештвото и свкупниот ангажман на професорот Мирчев. Имав можност да го познавам речиси 30 години. Заедно со проф. Милосавлевски и неколкумина други колеги можеби бевме „виновни“ што, кон крајот на осумдесетите и почетокот на девеесетите години од минатиот век, го вративме професорот Мирчев во Македонија.

Тој дојде полн со ентузијазам и огромна творечка енергија, сфаќајќи дека тогаш, во 90-тата година, е вистински моментот да се смени парадигмата во Македонија. Дојде со тоа што му е мото на целото негово творештво, односно либерализација на економијата, плурализација на политиката и европеизација на надворешната политика. Кон крајот на неговиот живот тоа беше дефинирано како „Европеизам, Либерализам, Македонизам“, што е всушност и наслов на неговата последна книга, која е дел од неговата тетралогија.

Така што, веднаш откако се врати, заедно со проф. Милосавлевски и нивни некогашни соработници, работевме заедно за да го обновивме списанието „Дијалог“. За помладите колеги да ги потсетам дека тоа списание е укинато во есента 1972 година, затоа што се бавел со теми кои не ѝ одговарале на тогашната комунистичка партија, односно Сојузот на комунистите на Македонија. Судбината сакала ова списание за општествена критика и теорија да се обнови токму на 20 годишнината од неговото укинување. Имено првиот број на новиот „Дијалог“ излезе во септември 1992 година и заедно со професорот Мирчев бевме членови на неговата редакција.

Потоа, тој се вклучи во она што беше длабоко инспириран од Словенија, односно јасна определба за Европа. Сите негови идеи и иницијативи доаѓаа од неговиот престој, живот и работа во Словенија и моделот познат под паролата „Evropa Zdaj“ (на македонски: Европа сега, или Европа веднаш)“. Тој беше всушност на изворот на сите нови идеи и иницијативи кои доаѓаа во тогашна Југославија. Пазарно стопанство, демократска држава, цивилно општество. Словенечките интелектуалци веќе имаа развиена теорија, теорија која беше во состојба да го интерпретира тоа што се случуваше тогаш во Словенија и во Југославија и да му даде некое политичко значење. Тоа беше всушност трансформација на словенечкото општество во едно современо функционално европско општество, кое нуди решенија на сите пројавени предизвици. Интелектуалната елита во Словенија го почуствува тој момент да се поврзи со пројавениот спонтанитет, односно масовното движење. Тоа влијание ќе се почуствува во сите сфери, особено ќе дојде до израз во активностите на младата генерација чиј промотор и гласило беше весникот „Младина“, во елитната култура преку НСК. Во тие состојби, активности, дебати учествувал и професорот Мирчев. Словенија успеа, она што се случуваше во Србија и во Хрватска, со концептот на Милошевиќ и Туѓман, да го надмине со мобилизирање на целото словенечко општеството со паролата „Европа здај“. Треба да се спомне дека и во Словенија имаше поинакви обиди, особено со тематскиот број на „Нова ревија“, број 57 од 1987 година, посветен на „Прилози кон словенечката национална програма“.

Тоа што се случуваше во Словенија во Македонија беше подржано од младинскиот и студентскиот печат, „Млад Борец“ и „Студентски збор“, младинската организација, театарот, рок сцената, МРТВ, Сето тоа почна да биде препознатливо и под паролата „Европа ’92“. Професорот Мирчев во тие нови актери ја согледуваше можноста за промена на парадигмата во Македонија и затоа учествуваше во основањето на Младата демократска странка и беше основач и прв претседател на Европското движење на Македонија. Што потоа се случуваше е опишано во неговите книги, неговите колумни, интервјуа. Неговото последно интервју, исто така има голема симболика. Тоа е објавено неколку дена пред неговата смрт во словенечка „Младина“. Весникот кој покрена најголем број на идеи и иницијативи со кој беше творечки преокупиран професорот Мирчев.

Професорот Мирчев и неговото дело, некако судбински се поврзани со неговиот дедо Димитар Мирчев кој бил роден во Прилеп, бил голем интелектуалец, професор, револуционер, автор на неколку учебници и неколкупати бил осудуван и прогонуван за време на Отоманската империја. Студирал право на Белградскиот универзитет а дипломирал словенска филологија на Софискиот универзитет кога станал и член на Младата македонска книжевна дружина . Потоа бил професор во Солунската машка гимназија. Избран е за член на Централниот комитет на ВМОРО а потоа и за секретар на Солунскиот конгрес на ВМОРО во 1903 година кога се носи одлуката да се подигне Илинденското востание. Во април 1903 е уапсен и осуден на 101 година затвор и е испратен на робија на островото Лезбос. Во 1904 е амнестиран и оди да предава во Трново. Од 1909 до 1910 е директор на Битолската гимназија. Во 1912 е уапсен и пратен на робија во Измит, денешна Турција. За време на Балканските војни е активно вклучен во создавањето на револуционерните комитети во Бугарија. Од 1914 до 1923 е професор во Државната машка гимназија во Сливен каде многу години подоцна, односно во 1942 година ќе се роди неговиот внук, нашиот професор Димитар Мирчев.

Така што, голем дел од животот на проф. Мирчев можете да го согледате и кај неговиот дедо Димитар Мирчев. Затоа, професорот Мирчев имаше посебен однос кон протераните од Македонија. Од тука потекнуваше и неговиот близок однос и почит кон првиот Претседател на Република Македонија, господинот Киро Глигоров. Му се стави на располагање, да му помогне со сето свое знаење и искуство, со сите негови контакти и пријателства, за европеизација на Македонија. Учествуваше во мисии за меѓународното промовирање и признавање на Република Македонија. Беше член на Уставната комисија на Собранието и на работната група за подготовката на Уставот на Република Македонија. А ќе остане и забележан во историјата како прв македонски амбасадор на независна Македонија. За неговиот академски ангажман се е напишано во неговата богата биографија.

Но, да се вратиме на темата „Идентитетот и европската интеграција“. За разлика од Словенија, кај нас настаните по распадот на Југославијам отидоа во друга насока, со друг тек. Со што се се соочи Македонија во својот пат кон европеизацијата опишано е во тетралогијата на Димитар Мирчев, особено во брилијантна студија „Балкански меѓуетникум“. Додека другите се прилагодуваа на европски стандарди и принципи, ние моравме да докажуваме дека сме Македонци, дека имаме наш посебен идентитет, наш јазик, наша историја, имаме наша држава. Тие прашања, оспорувања, негирања кои доаѓаа пред се од нашите соседи, потрошија огромна енергија од пројавениот ентузијазам од осамостојувањето, потрошија огромно време оддалечувајќи не од тоа што беше општ тренд во Европа.

Имено, во преамбулата на Договорот за Европската унија донесен во Мастрих 1992 година се напушта поимот европски идентитет кој се градеше уште од педесетите години на 20 век. Европа, според овој договор, повеќе не ја поврзува заедничката историја и цивилизација туку приврзаноста на државите членки на ЕУ кон принципите на слобода, демократија, почитување на човековите права и основни слободи и владеењето на правото (член 6, став 1). Се напушта дотогашното сфаќање на нацијата како историски, духовен и културен феномен и се прифаќа граѓанското сфаќање на нацијата кое се засновува само врз демократијата, владеењето на правото и човековите права. Во ставот 3 на членот 6 од овој договор, Унијата се обврзува да го почитува националниот идентитет на своите држави членки, што се потврдува и со користењето на 24 службени јазици на кои се објавуваат сите службени акти на Унијата..

Во преамбулата на Договорот за ЕУ од Лисабон, (потпишан во 2007 а стапи на сила во 2009 година) се повторува истото: Шефовите на држави или влади на 27 држави членки „инспирирани од културното, религиознои хуманистичко наследство на Европа, од кои се развиле универзалните вредности на неприкосновените и неотуѓиви права на човекот, слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото, потсетувајќи се на историското значење на запирањето на поделбите на европскиот континент и потребата да се создадат цврсти основи за градење на иднината на Европа, ја потврдуваат својата приврзаност кон принципите на слобода, демократија, почитување на човековите права и основни слободи и владеење на правото“.

Може да се заклучи дека европскиот идентитет, според творците на ЕУ, мора да да се јави како колективен идентитет со кој се надминуваат силите на национализмот и расизмот, без да се западне во чист конзумеризам или анонимен институционализам.

Значи, од договорот во Мастрихт до договорот во Лисабон, ЕУ се откажува од сето тоа што ние на Балканот го сметаме за идентитет, односно мноштвото негови димензии: филозофски, психолошки, географски, културни, историско-политички...,. Идентитетот се сведува на почитување на принципите на слобода, демократија, почитување на човековите права и основни слободи и владеење на правото. Односно, сакате да бидете членка на ЕУ, тогаш исполнете ги прво, пред сѐ, поглавјата 23 и 24, или Justice and Home Affairs. Кога почнувате да го исполнувате тоа, постепено со исполнувањето и на другите поглавја, станувате дел од ЕУ, тогаш вие станувате дел и од европскиот идентитет.

Нашата академска заедница беше многу мрзелива на тој план и не успеа да ја убеди нашата јавност дека денес прашањето за идентитетот е на едно друго ниво, не е на она што вие вулгарно го нарекувате „антиквизација“... Тоа се заблуди што ги наметнаа тие што се содржани во книгата на професор Мирчев „Балкански меѓуетникум“.

За жал, господинот Рајнхард Прибе со неговиот извештај од 2015 година нѐ потсети зошто во Македонија тоа не се остварува. Значи, во Македонија имаме застој во остварувањето на демократијата, слободата, почитување на човековите права и основни слободи и владеењето на правото, односно остварувањето на европскиот идентитет, поради една институција која веќе 30 години ја држи Република Македонија во заложништво, а таа се вика УДБА. Без разлика какво и е името, дали е УБК, дали сега АНБ, методите и начинот на дејствување останува речиси исти. Значи, наследената концентрацијата на моќ од времето на социјализмот и нејзиното упорно противење да се реформира или европеизира не одалечува од ЕУ.

Словенија имаше храброст да расчисти со таквото свое минато и со пресуда на Врховниот суд на Република Словенија од 2002 година, УДБА ја прогласи за злосторничка организација. Но на тоа претходеше, во 1995 година, објавувањето на книгата на Едо Равникар „УДБОМАФИЈА – прирачник за разбирањето на транзицијата“ (која за жал сеуште никој не се охрабри да ја преведе на македонски јазик), но и објавување на интернет список на сите 14.000 кодоши на УДБА во Словенија и нивни соработници од другите републики, или околу еден милион имиња.

Наведеново можеме да го илустрираме и преку случајот со професорот Мирчев. Како што наведува во една од своите колумни во Дневник, но и во нашите приватни разговори, тој имал можност кон крајот на 80-тите во Љубљана да си го погледа своето досие, кое МВР Скопје го доставила до Словенија. Со тоа доставување на досието требало да се оправда одлуката на ЦК СКМ да го оневозможи изборот на професорот Мирчев за директор на Југословенскиот центар за теорија и практика на самоуправувањето „Едвард Кардељ“. Во досието на „класниот и идеолошкиот непријател“ Димитар Мирчев, како што пишува професорот Мирчев, некои негови добри другари и пријатели пишувале белешки за неговата неподобност, антидржавни ставови и сл. Верувале или не, можете слободно да проверите, до ден денес досието на професорот Мирчев не е доставено во Архивот на Македонија. Што ни кажува тоа? Одговорот ни го дава професорот Мирчев во спомнатата колумна: „Зарем денес полицијата и тајните служби не регрутираат информатори, доушници, кодоши? На која законска основа? Доброволно? Со почитување на човековите права? Според стандардите на Европската Унија? Да не е тоа „мало морген“?

Професорот Димитар Мирчев точно ја лоцира и ја дијагностицира сета актуелна состојба во Македонија, без тоа да ни го каже Прибе. Во една од неговите книги тоа го именува како „коридорите на моќтта“. Затоа да не се занимаваме со дневна политика, сепак ова е една академска дебата. Без академска и политичка коректност, треба да ја признаеме нашата немоќ. Немоќ барем на академско ниво, со научна методологија, да ги разобличиме овие тајни, зад кулисни, зад затворени врати коридори на моќта во Македонија. Нивните мрежи се во политиката, економијата, науката, правосудството, медиумите, невладиниот сектор.. Да не се залажуваме и обвинуваме други за нашата актуелна состојба со евроинтеграциите. Домашната задача требаше да си ја исполниме многу одамна пред да почнат преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Ние треба на некој начин повторно да го осознаеме ова што е напишано во книгите на професорот Мирчев. И жално е што наши интелектуалци, наши политичари, наши новинари, не ја прочитале особено книгата на проф. Димитар Мирчев „Балкански меѓуетникум“, за да сфатат чии агенди остваруваат, чии платформи промовираат во Македонија, и каде Македонија ја троши својата енергија и сила, наместо да се посвети да ги прифати принципите кои се бараат од нас и се содржани во европските интеграции.

Можеби и попречувањето на европските интеграции на Македонија е таа да не може да биде дел од европскиот идентитет, со гаранции за сопствениот идентитет и просперитет.

Добар ден на сите,

Би сакал да искажам благодарност за реализацијата на оваа видео конференција која се совпаѓа со една година од посетата на Папата Франциск на Македонија. Апостолската посета на Папата на Македонија останува како еден од позначајните настани во поновата македонска историја.

Иако, треба временска дистанца да го согледаме севкупното значење на оваа посета, нѐ радува што самиот Папа во неговите писма кои ги прати по посетата ја искажува својата благодарност, големите импресии и чувството што го доживеал посетувајќи една земја во која има мала католичка заедница, но со голема мисија. Инаку, посетата да се организира и реализира требаше голем посветеност, голема упорност и трпение.

На првиот ден на неговата инаугурација, на нашата прва средба што ја имавме ја упатив поканата да ја посети Македонија, а потоа следеа уште неколку писма и покани за посета на сите наши следни средби. И затоа, треба да се искаже огромна благодарност на Бискупот Кирил, кој заедно со Апостолскиот Нунциј Пекорари, помогнаа да се оствари оваа посета.

Исто така, мораме да искажеме благодарност на сите кои беа вклучени во реализацијата на оваа посета. Сите институции кои беа вклучени во организацијата на оваа посета видоа што значи да се работи со најстариот активен протокол на светот, по кој сѐ беше предвидено и сѐ беше испланирано.

На крајот на ноември минатата година, кога бев во Рим и учествував на еден меѓународен настан во Сенатот на Италија, целата делегација на активни и поранешни претседатели отидовме да го посетиме Папата. Сите ги импресионираше тоа што тој се задржа во разговор со мене, да го искаже неговото восхитување од посетата, особено средбите со луѓето, со институциите и со католичката заедница, Католичката црква во Македонија, искажувајќи толку позитивни чувства и импресии кои не се надевал дека ќе ги има пред реализацијата на посетата.

Така што, сите впечатоци се позитивни. Како земја домаќин се покажавме во најдобро светло. Затоа, треба да се заблагодариме на сите кои што беа вклучени во организацијата на оваа посета, а особено и на граѓаните на Македонија кои покажаа големо достоинство, чест и внимание кога сме домаќини на еден толку висок гостин на Македонија.

Идните поколенија ќе се сеќаваат на овој настан, и од книгата која што излезе за овој настан, од писмата кои ги упати Светиот Отец и од сето она што ќе биде забележано во архивите на Ватикан за средбите и сето тоа што беше реализирано. Папата Франциск ми ги пренесе и импресиите на кардиналите кои биле присутни на посетата, укажувајќи на тоа дека прво, не очекувале еден претседател на држава да има такво обраќање во кое се искажуваат сите хумани чувства и значења кои ги имаат верниците и религијата.

Бил импресиониран од разговорот на нашата билатерална средба, а особено му останало голем впечаток, што го искажа и пред новинарите, дека во ова време треба многу повеќе внимание да посветуваме на почитувањето, отколку на толерирањето. Бидејќи се толерира тој што мора, а се почитува тој што се сака. Така да, почитта е неопходна кон секого денес, особено во овие тешки времиња во кои проаѓаме. Мораме да се почитуваме и да мислиме на она што престои.

Секој пат да бидеме со позитивни мисли и да го следиме пораките што ги упати Папата на плоштадот во Скопје, и особено пораките кои ги упати до младите, да се посветат на сите оние вредности кои носат заедништво, просперитет и љубов меѓу луѓето.

Тема: Како треба да водиме во несигурен свет?
Поглавје: Национален суверенитет и глобално управување


ОД КОСМОПОЛИС ДО ГЛОБАЛИЗАМ


-тези-


Се претпоставува дека Зенон (335-262 г.пне) и неговите следбеници – стоиците, први понудиле сеопфатна филозофска, морална и политичка претстава за универзална светска држава, која ја нарекле – космополис.

Стоиците ја согледувале сеопфатната и уредената човекова заедница на Земјата како универзална светска држава создадена од хуманост. Многу поими кои денес се користат за да ја опишат интеграцијата на човековата заедница и управувањето со нејзините работи на светско ниво, потекнуваат токму од стоиците.

Благодарејќи на стоиците, космополисот значел светски град, односно, општа и уредена човекова заедница на целата планета, која е организирана во идеална согласност со логосот на вселената (космосот). Од тогаш до денес овој концепт на стоиците е познат и како светска држава, светска република, светско царство, светска влада, светска федерација, глобална меѓузависност, глобална управа, глобално управување.

Во многу речници “world government” се дефинира како начин на управување со светските работи со посредство на централизирана моќ.

Но, од времето на стоиците до ден денес, во идеално-теоретски и практичен облик, сеуште не е воспоставена светска држава, ниту пак светска влада. Влада која би имала свој планетарен авторитет, свои функции и ресурси.

Актуелниот систем на меѓународни односи, креиран од победниците во Втората Светска војна, долго време покажуваше силна тенденција да се структурира така што ќе се бави со прашања од претпоставена надлежност на една светска влада. Но актуелните случувања во светот укажуваат колку сме далеку од остварувањето на таква цел.

Навистина, станува збор за едно од најинтригантните прашања на современиот свет. Имено, од една страна имаме невиден развој на технологијата, кој некогаш се случил во човековата историја: неверојатни брзини во комуникациите, со речиси целосна транспарентност на се што се случува во светот, со огромно зголемување на производство на сите стоки. Од друга страна, остануваат и опстојуваат многу нешта од темната страна на човековата природа: конфликти, војни, промени кои не знаеме кон што ја водат човековата цивилизација. Сево ова му дава значење на прашањето дали ни е потребна и дали е можна светска власт, во овој непредвидлив свет кој толку бргу се менува. Светска власт која на праведен и ефикасен начин ќе го обезбеди мирот и благосостојбата во целиот свет.

Уште од времето на стоиците до денес, со ваквите прашања најмногу се преокупирани филозофите. Но, филозофите се бават со поставување на прашања и нудење на правци за наоѓање на одговори за такви прашања кои истовремено се и најважни, најитни и најтешки.

Филозофите на либерализмот решението го бараа во отворените граници, намалувањето на националниот суверенитет, мултилатерализмот, мултикултурализмот и се што е дефинирано како “светско” или глобално во своето подрачје на делување, а светската влада, според нив, е крајната долгорочна цел. Затоа глобализацијата е процес со кој во денешниот свет постепено се укинуваат ограничувањата на протокот на стоки, услуги, луѓе и идеи меѓу различни држави и делови од светот.

Целта на сите глобализатори била создавање на единствена светска власт. Разликата е во тоа што колективистичките идеологии како фашизмот, националсоцијализмот, болшевизмот тоа сакале да го постигнат со сила, додека либерализмот настојува тоа да го постигне со делувањето на економските закони и слободниот пазарен либерализам.

Без разлика на идеолошката матрица на глобализаторите, за сите нив глобализацијата била стремеж за стекнување политички, воен, разузнавачки, производствен, финансиски, медиумски или трговски монопол на светско ниво. Затоа и се вели дека глобализацијата е всушност денационализација. Глобализацијата ги отвара прашањата за постоењето на националната држава, националниот суверенитет, но и создавањето на нови транснационални идентитети.

Либералниот индивидуализам израснат врз позитивните ставови на економскиот либерализам се засновува врз заговарањето на целосна слобода на поединецот, врз слободниот пазар со еднакви шанси за сите, со индиферентност кон семејството, нацијата и верата.

Од крајот на Студената војна таканаречениот „либерален светски поредок”, кој го предводеше САД, беше претворен во стремеж за воспоставување универзален поредок, на штета на националниот суверенитет. Затоа треба да прави разлика меѓу економската глобализација и идеолошката „глобализација” или глобализмот.

Имено, глобализацијата наједноставно кажано значи свет кој е се повеќе поврзан со трговијата, инвестирањето, патувањата и информациите, додека глобализмот е нешто сосем друго. Глобализмот е идеологија која посакува свет кој исклучително се засновува врз усвојување на единствена листа на правила и стандарди во економијата, политиката, меѓународните односи, па дури и моралот. Според идеолошкиот глобализам границите постепено би го изгубиле значењето, па дури и би исчезнале. Културните разлики би морале да се избришат во име на „универзалните вредности”.

Може да се каже дека концептот на модерниот глобализам е создаван во последните два века од страна на најголемите умови на најпознатите светски универзитети, нудејќи го како рецепт за идеално општество. Тоа било благородна и светла иднина во која нема насилство и криминал, во која секој има можност да ги оствари своите потенцијали, сите ќе придонесуваат за општата корист и во таа иднина нема место за човековите мани. Тоа е свет во кој општеството има предност пред индивидуата а индивидуата го создава општеството идеално за живот на совршен човек. Како заврши овој обид за изградба на совршено општество можеме да видиме секој ден на кој било светски медиум.

Светот денес драматично се менува. Живееме во време на Трамп, Брегзит, на „пост-западен пост-поредок”, време на “Westlesness” (според Минхенската безбедносна конференција 2020). Според многумина релевантни автори за оваа тема, станува збор за длабока криза на неолибералниот Запад, врз чии основи е создадена глобализацијата каква што ја знаевме во текот на последните децении. Затоа интересот за космополитски и глобалистички вредности е во опаѓање, додека економскиот и политичкиот популизам е во пораст. Националниот суверенитет се враќа и станува сѐ посилен.

Панел 1: „Сегашност и иднина на Европа: Мир и безбедност во регионот“


ЕВРОПА И МИРОТ


„Да се гради Европа значи да се гради мир“, велеше таткото на модерна Европа – Жан Моне.

Европа веќе 75 години живее во мир. Тоа е најдолг период на мир од сета историја на континентот. Континет од каде започнаа двете светски војни со милионски жртви.

Во една прилика Хелмут Кол, заминувајќи од функцијата канцелар на Германија, ќе предупреди дека тој е последниот германски лидер кој живеел за време на Втората светска војна и ги доживеал ужасите предизвикани од таа војната. Во неговиот авторски текст во весникот Билд од 2012 ќе се осврне на фактот дека поради актуелните кризи денешните генерации на лидери нема да го негуваат повоениот експеримент на европска доверба. Ќе истакне дека за сите оние што се прашуваат која е користа од единството на Европа одговорот е еден и единствен: тоа е мирот.

Цитирајќи ги Моне и Кол сакав да ја отворам дилемата за тоа колку се свесни денешните лидери за последиците, доколку во 21 век исчезне европското единство, а со тоа и мирот во Европа. Оваа пред сѐ, затоа што повоените генерации израснаа сметајќи дека мирот е нешто нормално, а војната е нешто што се случува на друго место, или нешто што се случувало во минатото. Или пак во најлош случај, се случува на периферијата на Европа, некаде на Балканот, Блискиот Исток или Северна Африка.

75-те години мир во Европа, создаде претстава кај многу луѓе дека Европа е регион на постконфликтност и дека тој може да опстои како таков и во иднина.

Меѓутоа, актуелните настани во Европа и нејзиното опкружување укажуваат дека мноштво конфликти тлеат под површина и дека иднината на Европа станува се повеќе непредвидлива. Брегзит, радикализмот, екстремизмот, тероризмор, ксенофобијата, исламофобијата… се само симптоми, а не причини за актуелните состојби во Европа. Бизмарк очигледно свесен за тогашните состојби и ривалства во Европа на 19 век ќе искаже едно пророштво кое и ќе се оствари. Според него, големата војна ќе почне поради “некоја глупава работа на Балканот”. Такви глупави работи сега не се само на Балканот туку и на многу други места во Европа.

По Втората светска војна преовладее свеста дека по толку векови на војни и конфликти меѓу земјите во Европа треба да се прифати само една надмоќна сила која би го гарантирала мирот и би довела до единство и обединување на континентот. Исцрпени од војни и со “гаранции” за својата безбедност, европските лидери ја прифатија улогата на американската армија да биде единствена надмоќна сила со која го создададоа и НАТО.

По безбедносните гаранции од страна на САД, европските лидери се впуштија во еден воодушевувачки експеримент. Експеримент кој бараше европските земји да си веруваат едни во други. Тој експеримент денес го знаеме како ЕУ. Сето тоа почна со можноста Франција и Германија пријателски да се прегрнат толку силно за да ниедна од нив, така прегрнати, не ја извлече раката за да го удри другиот. Сето тоа извонредно функционираше создавајќи една од најголемите економии во светот, суперсила на животен стил а САД беа секогаш тука да посредуваат во решавањето на европските неусогласувања и кризи.

Сведоци сме дека кохезијата, што постоше толку долго време, сега како да исчезнува. Се создава геостратешки вакум кој носи ризик од непредвидливи меѓународни пореметувања. Последните изјави на францускиот претседател Макрон и однесувањето на Германија, кон таквите ставови и иницијативи, укажува дека без неопходен ремонт и ЕУ и НАТО можат да станат или нефункционални или небитни во 21 век. Дали самитот на НАТО, кој ќе се одржи идната недела во Лондон, ќе понуди одговор на стрес-тестот што му го приреди Макрон. Според Макрон, Европа не може да биде силна и суверена без сигурна и независна безбедносна политика. Дали со ваквата изјава веќе не се навестува дека во Лондон ќе се разговара за пост-американска иднина на Европа и кои би биле последиците од ваквото нарушувањето на трансатланските односи. Особено што тоа се случува во период кога кохезијата и взаемната доверба внатре во ЕУ веќе е разнишана. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за утре има закажано средба со Макрон во Парис. Веројатно тоа ќе биде обид за надминување на неусогласеноста која веќе постои меѓу членките во НАТО.

Но да се потсетиме дека сево ова што денес се случува во односите меѓу ЕУ – НАТО – САД започна во 2008 година на самитот на НАТО во Букурешт. Затоа, кој сака да ги осознае причините за актуелната состојба, треба да почне да го истражува токму тој самит на НАТО. Потоа дојде Украинската криза во 2014, мигрантската криза во 2015, бранот терористички напади низ Европа кои ја загрозија политичката, економската и безбедносната стабилност на ЕУ. Во 2016 се случи Брегзит, кој се наметнува и како нов геополитички предизвик за ЕУ. Во 2014 година Жан Клод Јункер, како нов претседател на ЕК, обзнани дека ќе нема ново проширување на ЕУ, истото тоа ќе го повтори и во 2017 година. Ваквите негови изјави беа одраз на големите кризи кои ја ослабнаа институционалната структура на ЕУ.

Процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан долго време се сметаше за најдобра но и најуспешна европска политика. Но со одлуката на Франција да стави вето за добивањето датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија и Албанија кон ЕУ, Западниот Балкан влегува во нова неизвесност. Наместо ветената политичка стабилност и економскиот просперитет, повеќе земји од Балканот, поради спротивставените интереси на големите сили, може повторно да генерираат трајна нестабилност.

Но во однос на безбедносните ризици, многу позагрижувачки од односот на ЕУ кон Западен Балкан е односот на ЕУ кон Блискиот Исток и арапскиот свет. Пред еден месец, поточно на 29 и 30 октомври, во Атина се одржа самитот “ЕУ-Арапски свет” под називот “Стратешко партнерство”. Вреди да се знае што на тој самит кажа генералниот секретар на Арапската лига, египетскиот дипломат Ahmed Aboul Gheit: “Ве молам, тргнете се од арапскиот свет. Доволно страдавме”. Како што и самиот тој нагласува, неговата порака е упатена кон сите кои се обидуваат да интервенираат во арапскиот свет, повикувајќи ги да престанат тоа да го прават, зашто не помагаат туку само ја влошуваат и онака лошата состојба. Според него „Арапската пролет не беше никаква пролет туку арапско уништување”.

Односот на ЕУ кон Африка, од безбедносен аспект, е исто така загрижувачки. До 2050 година во Африка ќе има 2,5 милијарди луѓе, 50% од нив ќе бидат млади до 25 години. Затоа на ЕУ и е неопходно сеопфатно партнерство со Африка за економски развој и управување со миграциите кои ќе ги има во текот на нашиот живот и животот на неколку идни генерации.

До 2030 година, за да продолжи да живее во мир, Европа треба да воспостави и национален и европски суверенитет во трговијата, во одбраната, во дигиталниот сектор. Мисијата на ЕУ за 21 век е да промовира напредок и стабилност, балансиран стопански и социјален развој, сочувување на различноста на народите во Европа. Чување и негување на нејзините вредности, како што се почитување на човековите права, социјална пазарна економија, одржив развој, здрава животна средина. Дали ќе успее во тоа или ќе стане жртва на алчни интереси меѓу моќните членки на европското јадро, зависи од храброста на нејзините лидери да ја позиционираат Европа како геополитички актер во 21 век.

Но има една голема замка на патот да се оствари сето тоа. Европа останува заробена во просторот меѓу минатото кое сака да го надмине и иднината која сеуште не ја дефинирала. Или што би кажал Жак Лакариер: „и за Европа и за Балканот подеднакво е важно. Ние сме имале илјадници вчера, но имаме само едно заедничко утре.“

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,


Ми претставува особена чест и задоволство да присуствувам повторно во Терхова. Би сакал да искажам искрена благодарност на љубезните домаќини за упатената покана за учество на јубилејните 30-ти по ред денови посветени на сесловенските светители и просветители, браќата Кирил и Методиј. Јубилеј кој се совпаѓа со одбележување на 1150 години од упокојувањето на Свети Кирил.

За делото на светите браќа се истражувало, пишувало и анализирало многу во изминативе 12 века. Тоа е особено присутно кај речиси сите словенски народи.

Но, за правилно да ја согледаме нивната улога денес, треба да бидеме свесни за времето и контекстот во кој тие живееле и дејствувале.

Денес, ние живееме во свет кој е преокупиран со големи геополитички поместувања, ривалства и нетрпеливост меѓу големите сили. Нешто слично било и пред 12 века во Европа. Во центарот на таа тогашна геополитичка игра меѓу Константинопол и Рим, односно меѓу Византиското царство и германските држави, се нашле Словените. Словените во тоа време веќе имале формирано своја пространа држава во срцето на Европа – Велика Моравија. Од нивната одлука, на која страна ќе се приклонат, зависел балансот на силите на континентот.

За да ги придобие, Византија, на барање на Ростислав, кнезот на Велика Моравија, ги упатила своите врвни дипломати со богато преговарачко и административно искуство. И тогаш, како и денес, исклучително важно било тие да го познаваат јазикот на земјата во која се упатени. Во случајот со Велика Моравија, тоа бил словенскиот јазик. Во царството немало поквалификувани кандидати од Константин Филозоф и неговиот брат Методиј. И двајцата биле родум од Солун, а, според зборовите на Византискиот император Михаил III „сите солуњани чисто словенски зборуваат.“

Врз основа на говорот на Сагудатите, Другувитите, Велегезитите и Ринхините, Константин Филозоф и Методиј, во Македонија уште во 855-та составиле нова азбука – глаголица. Со помош на глаголицата тие не ја превеле, туку ја препеале Библијата на старословенски. А, препевот е секогаш многу потежок од преводот. Тоа зборува и за богатството на јазикот, но и за нивната генијалност.

Историчарите се согласни дека мотивите на Византија биле световни. Византија имала за цел преку просветувањето и проширувањето на христијанството, да ја прошири сферата на своето влијание во Европа.

Цариград очекувал Велика Моравија да стане дел од она што Оболенски го нарекува Византиски Комонвелт. Но, по сѐ изгледа дека не го зеле предвид законот на непланирани последици. Нештата тргнале по некој свој, непредвидлив тек.

Светите Кирил и Методиј успеале старословенскиот јазик да го трансформираат во првиот пишан јазик на словенските земји. А потоа, со тој пишан јазик успеале да го растераат духовниот мрак и маглата на незнаењето. Наместо само да ги внесат во сферата на интерес на Византија, тие успеале да го ослободат огромниот духовен, интелектуален, културен и креативен потенцијал на словенските народи.

Дејноста на светите Кирил и Методиј ги надминала и најсмелите стратегиски цели на Византија. И тоа поради три причини.

Прво, мотивите на светите браќа биле многу повозвишени и почисти од мотивите на самата Византиска држава.

Второ, инструкциите според кои се раководеле барале многу поголема пожртвуваност отколку царските насоки. Доволно е да се сетиме дека тријазичниците ги обвинувале за ерес. Дека Методиј бил затворан, дека нивните ученици биле прогонувани и со трња камшикувани. Но, тие биле подготвени да истраат и тоа не поради страв од санкции, ниту од желба за привилегии.

Трето, конечната цел на нивниот повик била потрајна и од најтрајните цели и интереси на која било држава, вклучително и на илјадагодишната византиска империја.

За Кирил и Методиј Моравската мисија била многу повеќе од дипломатска мисија што има за цел да го прошири византиското влијание во Европа. За нив Моравската мисија била исполнување на последната Христова заповед до неговите апостоли. А тоа е да одат во светот и да направат ученици од сите народи. Целта на таа мисија е да им овозможат на словенските народи да го запознаат Бога на најавтентичен можен начин – а тоа е преку мајчиниот јазик.

Доволно е да чуеме што за нив велат учениците. Св. Климент Охридски за нив вели дека се јавиле како „... светлина на помрачените, учители на младите... изобилна храна за гладните, непресушен извор за жедните, дарители на изобилна облека за необлечените, помошници на сираците, гостопримливи кон странците, посетители на болните, утешители на ожалостените, заштитници на гонетите, помошници на вдовиците и сираците, дарители на светлина за слепите, голема котва за оние што се бранувани по животното море, бедем и покров на оние што приоѓаат кон нив...“ Климент дури се осмелил да каже дека неговите учители се јавиле да го довршат она што не го завршиле апостолите Петар и Павле.

Имајќи го сево ова предвид можеме да ја разбереме нивната уникатна улога на рамноапостоли. И затоа, еден од големите синови на Словенството, Карол Војтила, Папата Јован Павле II во 1980 година, во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS ги прогласи светите Кирил и Методиј за копокровители и патрони на Европа.

Драги пријатели,

Битката на светите Кирил и Методиј беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја. Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности.

Јас денес го говорам македонскиот јазик, исто како што нашите словачки пријатели го говорат словачкиот јазик благодарение на светите Кирил и Методиј. Тие се вградени во секој збор што ќе го изговориме, и секоја буква што ќе ја напишеме.

Духовното стебло на светите Кирил и Методиј израсна и се разграни на целиот континент. Тоа е богатството на Европа кое денес го именуваме како единство во различноста. Без тоа словенско стебло денес ќе имавме една интелектуално и духовно посиромашна Европа. Затоа, должност на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме тоа наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет.

Почитувани,

Но, што би рекле светите браќа Кирил и Методиј за нашата генерација, за нашите општества, за нашиот свет?

Во која мера успеавме да го зачуваме нивното богато јазично, просветно, духовно и морално наследство?

И, најважно од сè, дали успеваме нивното наследство да им го пренесеме на младите, како што тие им го пренесувале на своите ученици и следбеници?

Верувам дека св. Кирил и Методиј би се зачудиле што во изминатиов век и половина се водеа жестоки академски и политички борби за нивно присвојување и врамување во концептите од 19 и 20 век. Би се зачудиле бидејќи тие живееле во свет и век без национални држави и без национални идеологии и идентитети, во свет на империи.

Св. Кирил и Методиј веројатно би нè упатиле да го прочитаме посланието до Галатјаните во кое апостолот Павле категорично тврди дека верата во Бога ги надминува идентитетските разлики. И дека независно од нашата етничка, јазична, културна, политичка, социјална или родова припадност, сите ние сме повикани да го запазиме златното правило: да постапуваме со другите онака како што сакаме и другите да постапуваат со нас. Особено во време на неволји и потреби, какви што сега имаме насекаде низ нашиот свет.

Кои би биле пораките на Св. Кирил и Методиј за денес и за утре?

Веројатно не би се изненадиле од она што се случува на просторите на нивните претходни мисии кај Сарацените, односно Блискиот Исток, кај Хазарите, односно северниот Кавказ.

Би биле разочарани што народите на тие простори не останале верни на изворната Христова порака што тие им ја пренесувале. Сигурно би биле разочарани од духовниот идентитет на луѓето што извира од верата во Исус Христос. Тие многу добро знаеја дека и само духовно променети луѓе можат да го променат духот на своето општество.

Би биле тажни што живееме во време кога некои велат дека Црквата е анахрона институција која не соодветствува со духот на времето во кое живееме. Време на секуларизација, глобализација, дигитална трансформација, флуидност на идентитетите.

Не би се согласиле со фактот што сè повеќе секуларни држави во Европа и во светот стануваат секуларизирани држави кои се обидуваат да ја истиснат верата од јавниот простор и да ја ограничат на најмалиот можен простор. А тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ги притоа нашите усти затворени.

Би биле изненадени што фундаменталните човекови права и слободи и вроденото човечко достоинство сè повеќе се девалвираат.

Веројатно не би можеле себе да си објаснат зошто бракот како заедница на еден биолошки маж и една биолошка жена и семејството како заедница на родителите и нивните деца се дезинтегрираат.

За нив би било лесно да сфатат дека како човештво се наоѓаме во длабока морална криза кога исчезнува граничната линија меѓу вистината и лагата, меѓу исправното и погрешното, меѓу убавото и грдото.

Никако не би се согласиле со она што новиот релативизам го очекува од нас - да го прифатиме како апсолутна вистина тврдењето дека нема апсолутна вистина. Затоа што без вистината нема ниту доверба ниту одговорност врз кои се темели секое слободно општество.

Во вакви услови ние, кои се сметаме за следбеници на светите браќа, сме исправени пред огромна задача. Да бидеме промотори на хуманоста, милоста, трпението, социјална правда, квалитетно здравство и воспитание и образование, кои се мерило на успешноста на една држава.

Сигурно би инсистирале како верници да бараме нашите цркви да бидат втемелувачи на добрите навики на срцето, да ја бранат светоста на бракот и уникатноста на семејството.

Светите Кирил и Методиј би барале во ерата на пост-вистина, Црквата да биде столб и тврдина на евангелската вистина.

Во време на морален релативизам, би инсистирале Црквата бескомпромисно да опстојува на моралните и етичките апсолути.

Во период кога се обезвреднува човекот, би барале Црквата да се стави во заштита на непроценливата вредност и неотуѓивото достоинство на секој човек.

Пораката на светите Кирил и Методиј би била дека сите кризи со кои се соочуваме произлегуваат од длабоката морална криза во која се наоѓа целото човештво, вклучително и нашите општества. Општества во кои го прегрнавме напредокот, но притоа некритички ја отфрливме традицијата.

Се обидовме да ја градиме и да ја развиваме нашата современа цивилизација, сведувајќи ја етиката на ниво на личен избор. Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите. Светите Кирил и Методиј ги фалиме, без да ги послушаме. Се повикуваме на нив, без да видиме на што нè повикуваат тие нас. Последиците од ова скршнување ги чувствуваме сите ние, а особено нашите млади генерации.

За да ги исполниме големите задачи кои ни престојат, треба да се напојуваме од богатата традиција на светите браќа и нивните ученици и следбеници, онака како што впрочем се однесувале сите маченици, светители и просветители кои не се плашеле да застанат наспроти доминантните деструктивни струи на своето време. Да се инспирираме од големите архијереи, од посветените монаси, од пожртвуваните маченици, од црковните отци, од светите апостоли, и пред сè и над сè, од вистинската лоза ‒ Исус Христос.

Ви благодарам.

ПОРАНЕШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Д-Р ЃОРГЕ ИВАНОВ
бул. „Србија“ бр. 31А, А-212, 1000 Скопјe, Република Македонија

Доколку имате подетални прашања обратете се на следнава е-пошта Е-пошта: contact@gjorgeivanov.mk

Работно време:

Пон - Пет 08:00 до 16:00