ПОВИК ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ДО ДИЈАСПОРАТА, ДО МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ НАДВОР ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Како поранешен Претседател на Република Македонија од 2009 до 2019 година, една од моите заложби беше односите со дијаспората да бидат на највисоко ниво и работев посветено на тоа поле.
Одржував редовни средби со претставниците на дијаспората, мојот Кабинет секогаш беше отворен за средби и соработка со лидерите на организациите на дијаспората. При секоја моја посета на странска држава инсистирав на средба со претставници на дијаспората и сакав да слушнам за нивните предизвици, но и за нивните идеи како да го продолжат и да го јакнат мостот на пријателство на татковината со земјата во која живеат и работат.
Во 2013 година, одлучив да доделувам Медал за заслуги за Македонија на поединци и Повелба на Република Македонија на организации кои живеат и работат надвор од Македонија, сметајќи дека нивната исклучително посветена работа и ангажираност треба да бидат препознаени и наградени. Да бидат препознаени затоа што даваат значаен придонес за афирмација на Република Македонија во светот и за унапредување на пријателските односи и соработката со државите во кои живеат. Сепак, тие се најдобрите амбасадори на нашата земја во странство и затоа сакав да им доделам признание од највисок ранг за нивниот труд како Претседател на земјата за која работат. Затоа пак, посебно ми беше драга највисоката награда на Обединетата Македонска дијаспора за мојата лична заложба за дијаспората која ја добив во 2018 година на Гала вечерата организирана во Детроит, САД.
Денес, ги повикувам сите граѓани на Република Македонија надвор од татковината да се регистрираат и да го изразат своето право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори во Македонија. Посветено работевме да го овозможиме правото на глас на сите македонски граѓани без разлика каде живеат и работат.
За да се регистрирате можете да ја пополните пријавата на следниот линк: https://dijaspora.sec.mk/ или лично во дипломатско конзуларните претставништва на Македонија во странство.
Искористете ја својата можност да го дадете својот глас за опцијата која вие сметате дека најдобро ќе ја предводи Македонија.
Ви испраќам срдечен поздрав од Македонија!
Да живее Република Македонија!
Линк до објавата на ФБ