Поранешниот претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, и Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Неговата Екселенција г. Сергеј Александрович Баздникин, го посетија вечното почивалиште на проф. д-р Владимир Мошин (1894-1987) за помен на неговото дело и мисија во текот на неговиот живот во Република Македонија.
Академик Владимир Мошин, родум од Санкт Петерсбург, Русија, бил еден од најголемите проучувачи и познавачи на македонското книжевно наследство. Тој бил филолог, универзитетски професор, а потоа, во 1974 година е избран и за член на МАНУ поради неговите научни заслуги. Се занимавал со изучување и каталогизација на словенските ракописи, а во Скопје формирал нов центар за археографски истражувања во Македонија, држел предавања по палеографија, редактирал зборници на старословенски ракописи и објавувал материјали за историјата на македонскиот народ. Во периодот од 1971 до 1974 година работел како редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за историја на Јужните Словени. Академик Мошин починал на 3 февруари 1987 година, во Скопје, каде е погребан заедно со сопругата.
Со цел да му оддадат почит за неговото дело и мисија, претседателот Иванов и амбасадорот Баздникин положија свежо цвеќе на гробот на академик Мошин на градските гробишта во Бутел.