Претседателот Иванов, денес, во својот Кабинет, го прими Амбасадорот на Француската Република во Република Македонија, Неговата Екселенција г. Кристиан Тимоние, кој ја завршува својата мисија во Република Македонија.
Претседателот Иванов му се заблагодари на амбасадорот Тимоние за неговиот целокупен ангажман за време на неговиот мандат во Република Македонија, и упати посебна благодарност за неговата лична посветеност, пристап и соработка кои придонесоа за продлабочување на односите меѓу двете земји. Претседателот Иванов му посака на амбасадорот Тимоние успех во неговите следни ангажмани.
Амбасадорот Тимоние искажа голема благодарност за одличната соработка со Претседателот Иванов и поддршката која што ја добиваше од негова страна. Нагласи дека пријатните и квалитетни средби придонесуваа до одлична соработка во многу области. Информираше за неговите активности во текот на мандатот и ги издвои соработката за време на мигрантската криза, потоа, на полето на безбедноста и воената соработка, искажувајќи благодарност за заложбата на Претседателот Иванов за учество на Македонија во заеднички мисии. Истакна дека од Република Македонија си заминува со добри спомени.
Соговорниците споделија мислења за актуелните глобални случувања, како и за внатрешно-политичката состојба во државата.