Поранешниот Претседател Иванов денес во својот Кабинет го прими Амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Неговата Екселенција д-р Милан Јазбец. Амбасадорот Јазбец на оваа позиција беше од септември 2016 година, кога ги предаде акредитивните писма на Претседателот Иванов.
Во текот на мандатот Претседателот Иванов и Амбасадорот Јазбец имаа многу прилики за соработка, заеднички активности и настани, кои беа во насока на јакнење и интензивирање на билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Република Словенија. Претседателот Иванов искажа благодарност за целокупниот ангажман на Амбасадорот Јазбец, нагласи дека му беше задоволство да соработуваат и му посака успеси на неговите следни позиции.
Амбасадорот Јазбец нагласи дека му беше задоволство да соработуваат со Претседателот Иванов како шеф на државата и сега како поранешен претседател. Нагласи дека нивните заеднички професионални ангажмани ги цени највисоко, но дека особено драга му беше честа од страна на Претседателот Иванов кој даде предговор на неговата последна книга поезија.
Соговорниците имаа прилика да се потсетат на заедничките ангажмани и активности, нагласувајќи дека пријателството секако продолжува и понатаму.