Претседателот Иванов упати сочуство за Папата Франциск во кое истакна:
„Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на Неговата Светост, Папата Франциск.
Замина голем човек. Голем духовен и морален авторитет. Лидер кој зад себе остави неизбришлива трага, не само во историјата на Католичката црква, туку и во срцата на милиони луѓе ширум светот, без разлика на верата, нацијата или припадноста.
Беше несекојдневен верски поглавар – храбар, искрен, човечен. Со нови, современи сфаќања за верата, за дијалогот, за мирот и за вистинските човечки вредности.
Имав огромна чест лично да го запознаам, да разговарам со него повеќепати, да учам од неговата мудрост, неговата смиреност, неговата длабока човечност.
Чест ми беше да му бидам домаќин на неговата историска прва апостолска посета на Македонија – посета која остави траен печат во нашата колективна меморија. Тогаш и самиот го истакна она што му го посочив: дека ние во Македонија не го практикуваме модерниот концепт на толеранција, туку повозвишениот – на взаемна почит. Тој тоа длабоко го разбираше и искрено го ценеше.
Нашето последно видување беше во март 2023 година, на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар. Иако видно слаб, со дух кој не се предава, се исправи и со насмевка нè поздрави – мене и целата делегација од младите лидери и пријатели на Школата за млади лидери, кога му го врачивме признанието за Морален лидер на денешницата. Ни подари срдечен разговор, ни посвети внимание, се фотографираше со сите нас. Тоа беше момент исполнет со топлина, љубов и благослов кој ќе го носиме во нашите срца засекогаш.
Тој беше пријател на Македонија. Вистински пријател.
Благодарност до Папата Франциск за неговата светлина, за неговото пријателство, за неговата визија и добрина.
Нека почива во мир.“