Поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес во својот Кабинет го прими Претседателот на Обединета Македонска Дијаспора (ОМД), г. Методија Колоски.
Господинот Колоски се заблагодари за можноста да се сретне со Претседателот Иванов по прв пат по завршувањето на неговиот мандат како Претседател на Република Македонија и нагласи дека неговото очекување е дека одличната досегашна соработка ќе продолжи и во иднина, запознавајќи го Претседателот Иванов со нивните тековни проекти и планирани активности.
Претседателот Иванов искажа благодарност за сите иницијативи, проекти и активности кои ги презема Обединета Македонска Дијаспора во насока на промовирање на македонските вредности и придонес за меѓународна афирмација на Република Македонија.
Имајќи ја предвид планираната посета на Претседателот Иванов на Австралија во февруари следната година, г. Колоски истакна дека Обединета македонска дијаспора има претставници и свое седиштето и во Австралија и во тој контекст информираше и за активностите на нивната организација таму.
Соговорниците ја потврдија досегашната добра соработка и ја истакнаа својата заедничка заложба за идна соработка во рамките на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов.
Поранешниот претседател Иванов потенцираше дека продолжува да ја поддржува македонската дијаспора секаде во светот со апел за единство на сите нејзини претставници.