Поранешниот претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на 7. Меѓународен конгрес за Црното море во организација на Фондацијата „Црно море“ и нејзиниот Црноморскиот стратешки истражувачки центар (КАСАМ) што се одржа во периодот 19-20 септември 2021 година во Истанбул. Претседателот Иванов на конгресот учествуваше со поздравен говор (видео) на свеченото отворање на 19 септември, а покрај него, на дводневниот конгрес учествуваа над 60 говорници од 15 земји кои ги презентираа своите трудови на темата „Мир, безбедност и соработка“ во регионот на Црното море.

Претседателот Иванов во својот говор зборуваше за Црното море како стратешка раскрсница меѓу Европа и Азија и за неговата огромна геополитичка и гео-економска важност. Иванов истакна дека значењето на Црното море се препознава и по тоа дека преку него поминуваат енергетските патишта од Каспиското Море и Централна Азија до Европа. Според Иванов, Црното море е место каде се среќаваат четири големи сили: проширувањето на НАТО и ЕУ од Западот, Русија од север, кинеско финансиско влијание од исток и нестабилност од Блискиот исток од Југ. Огромните промени на глобално ниво не го изоставуваат без директни влијанија и регионот на Црното море. Во последно време, според претседателот Иванов, Црното Море станува поморски фронт меѓу Западот и Русија, што можеше да се види од воените поморски вежби ова лето, односно како се зголемува и проширува влијанието на Русија, така НАТО го истакнува своето присуство, развивајќи сеопфатна регионална стратегија.

Во говорот, Претседателот Иванов се осврна и на најзначајните и актуелни случувања во последно време, за најголемата поморска криза во поновата историја која беше предизвикана од откажувањето на Австралија на набавка на подморници од Франција, односно објавата на ново трилатерално безбедносно партнерство под акронимот AUUKUS на САД, Велика Британија и Австралија, преку кој Австралија ќе изгради флота на подморници на нуклеарен погон со американска и британска технологија. Ги посочи и реакциите на големите глобални играчи за оваа актуелна криза, како и последиците кои ги предизвикува ваквиот тек на настаните. Зборуваше и за иницијативата на челниците на ЕУ за формирање на брзо распоредлива армија на ЕУ, за проектот PESCO, како и за многу други актуелни настани кои ја менуваат идејата за стратешката автономија на Европа. Исто така, се осврна и на американскиот одбранбен план за 2022 кој предвидува доделување на голема воена помош за Украина што вклучува и два одбранбени системи IRON DOME, на инсталацијата на американскиот одбранбен систем од балистички проектили во Романија. Потоа, ги спомна и актуелните случувања во областа на енергетиката, односно покачувањето на цените на гасот, електричната енергија, кои пак влијаат и на цената на храната, односно како резултат на зголемената цена на енергенсите, светските цени на храната се околу 33% повисоки за само една година, што е потврдено и со извештај на ФАО. Претседателот Иванов, спомнувајќи само дел од насловите од неделата пред конгресот, истакна дека се потврдува тезата дека се менува парадигмата која беше доминантна во последните 30 години. Дека сите настани се дел од промените кои понатаму се рефлектираат на менувањето и преуредувањето на силите во светот, односно на создавањето на нова меѓународна парадигма.

Претседателот Иванов зборуваше и за тоа дека во овој период се одвива битка за влијание и превласт во регионот на Црното Море како никогаш досега во модерната историја. Покрај сите локални и регионални проблеми со геополитички и гео-економски консеквенции, Иванов спомна дека глобалната пандемија на Ковид-19 ги разоткри сите пропусти во глобалните коридори за снабдување, односно дека пандемијата беше силен потсетник дека ниеден развој не е чисто економски. Според него, колку што е значајно Црното Море, уште позначаен е и пристапот до него.

На крајот, претседателот Иванов нагласи дека мирот и просперитетот на регионот на Црното море, доколку се искористи сиот потенцијал како мотор за раст и центар на глобална трговија, произлегува од решенијата кои ефикасно го спојуваат економскиот развој, колективната безбедност и одговорната дипломатија, а дека тоа е она што сега е ургентно потребно на регионот на Црното море.

– Линк до кратко видео од 7. Меѓународен конгрес за Црното море:

– Линк до целиот говор на Претседателот Иванов: