На покана на Амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Неговата Екселенција, г. Џанг Ѕуо, претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, со своето семејство беше гостин на амбасадорот во неговата резиденцијата.

Претседателот Иванов го пренесе своето задоволство од одличните односи и соработка кои Република Македонија и Народна Република Кина ги имаа за време на неговите мандати, и кои во тој период беа дополнително интензивирани и збогатени. Информираше за повеќе активности и настани со претходните кинески амбасадори во земјата, но посебно се осврна на соработката со највисоките претставници на државната власт на Народна Република Кина. Истакна дека секоја негова посета на Народна Република Кина има посебно значење за него, особено средбите со Претседателот на Народна Република Кина.

Амбасадорот Џанг се заблагодари за честа да биде домаќин на Претседателот Иванов и неговото семејство и нагласи дека очекува одличната досегашна соработка на Претседателот Иванов и неговите претходници да продолжи и со него за време на неговиот мандат како кинески амбасадор во нашата земја.

Соговорниците разговараа и за можностите за идна соработка повторувајќи ја својата подготвеност и отвореност за продолжување на успешните проекти и заеднички активности, како и за иницирање и започнување со други опции на соработка.