Во текот на 27 и 28 мај 2026 година во Скопје се одржа 4. Форум за културна дипломатија – Скопје 2026, на тема „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“.

Настанот беше во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC) и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам, како и на државните институции вклучени во програмата на Форумот.

Во рамки на свеченото отворање Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се одржа воведна сесија и панел-дискусија на тема „250 години подоцна: Демократијата, културната моќ и значењето на глобалниот дијалог во свет во промени“. По повод 250 години од основањето на Соединетите Американски Држави, дискусијата беше посветена на улогата на демократијата, културната дипломатија и глобалниот дијалог во градењето доверба, соработка и стабилност во време на забрзани геополитички промени. На отворањето се обратија Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Никол Варнес, вршител на должност амбасадор во Амбасадата на САД, д-р Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија 2009–2019, Марк Донфрид, директор на Институтот за културна дипломатија и Дуке Бојаџиев, македонски композитор, музички продуцент и пијанист. Воведни зборови имаше Иван Иванов, претседател на Извршниот одбор на Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC), а модератор на сесијата беше Васко Наумовски, поранешен македонски амбасадор во САД.

Во своето обраќање, д-р Ѓорге Иванов истакна дека 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави претставува можност за поширока дебата за демократијата, институциите и глобалниот дијалог во современиот свет. Тој нагласи дека културната дипломатија претставува еден од најважните механизми за градење доверба, разбирање и соработка меѓу народите и цивилизациите, особено во време на глобални предизвици, општествени поделби и пад на демократските слободи. Иванов посочи дека демократијата не е завршен проект, туку постојан процес на обновување на институциите, слободите и човековото достоинство, додавајќи дека вистинската вредност на демократијата се гледа тогаш кога човекот може слободно да го изрази сопствениот идентитет, достоинство и право на самоопределување.

Во рамки на Форумот се одржа и сесијата „Лидерството и културата како мостови меѓу цивилизациите“ во Кабинетот на претседателката на Република Македонија, со обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во Собранието на Република Македонија се одржа сесијата „Улогата на демократските институции во културниот дијалог: Од претставување до кохезија“, со обраќање на претседателот на Собранието, Африм Гаши. На сесијата учествуваа повеќе домашни и меѓународни говорници и претставници од областа на политиката, културата и дипломатијата, од странство и од земјата, меѓу Јован Суботиќ, пратеник во Собранието на Црна Гора, Андреја Рихтер, директор на Форумот на словенски култури и поранешен министер за култура на Словенија, Давор Филиповиќ, поранешен министер за економија и одржлив развој на Хрватска, Каталин Анамарија Боѓај, претседател на Унгарската национална комисија за UNESCO и на Асоцијацијата на Обединетите нации на Унгарија и претседател на 36. Генерална конференција на UNESCO, Хедва Сер, амбасадор на добра волја на UNESCO за културна дипломатија, Станко Благојевиќ, помошник-министер за меѓународни односи и европска интеграција на Република Србија во областа на културата, како и пратениците од македонскто Собрание, Велика Стојкова Серафимовска и Бејџан Илјаз, членови на Комисијата за култура и туризам.

Во рамки на Форумот беше организирана и посебна сесија посветена на културата, креативноста, културната дипломатија и „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, во соработка со Министерството за култура и туризам и Град Скопје.

На сесијата, која се одржа во Музејот на Град Скопје, се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков, по што следеше панел-дискусија на тема „Визија за иднината: Скопје 2028 и моќта на креативноста“. На панел-дискусијата учествуваа истакнати македонски уметници, културни работници и јавни личности, меѓу кои македонскиот театарски режисер Дејан Пројковски, македонската балерина, кореограф и уметнички директор на Скопје танцов театар Рисима Рисимкин, македонскиот писател и драмски автор Братислав Димитров, оперската пејачка и првенка на Македонската опера и балет Ана Дурловски и Гере Трипков, претседател на Здружението „Еднаквост“. Модератор на сесијата беше Александра Јуруковска, книжевен критичар, автор, новинар и промотор на културата.

На Форумот учествуваа дипломати, политичари, експерти, уметници и јавни личности од Македонија, САД, Германија, Франција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.

 

ЛИНК до објавата на ФБ