Од утре, 23 јуни, Скопје ќе биде домаќин на меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“, која ќе се одржи во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, Aлумни асоцијацијата на Иванов Школата за млади лидери (ИСЛАА) и Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ИЦАЦ).

Во текот на два дена, конференцијата ќе собере поранешни шефови на држави и министри, амбасадори, претставници на меѓународни организации, универзитетски професори, истражувачи, експерти, претприемачи и млади лидери од Европа и Азија, кои ќе дискутираат за најактуелните глобални предизвици и можностите за зајакнување на меѓународната соработка.
Свеченото отворање ќе го означи претседателот Ѓорге Иванов, а свои обраќања ќе имаат и вицепремиерот Љупчо Димовски, амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија Џијанг Сјаојан и потпретседателот на Кинеската асоцијација за меѓународно разбирање (CAFIU), Лиу Хонгцаи.
На конференцијата ќе учествуваат истакнати меѓународни говорници, меѓу кои поранешниот министер за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу, поранешниот претседател на Генералното собрание на Обединетите нации Вук Јеремиќ, поранешниот министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска Миро Ковач, кинескиот инвеститор и политички аналитичар Ерик Ли, како и бројни професори, дипломати и експерти од Македонија, Кина и други земји.
Во рамките на пет тематски панели ќе се разговара за меѓународниот мир и безбедност, економската соработка, цивилизацискиот дијалог, дигиталната трансформација, вештачката интелигенција и улогата на младите во современиот свет.
Конференцијата има за цел да поттикне отворен дијалог, размена на идеи и зајакнување на меѓународната соработка во време на значајни глобални предизвици, потврдувајќи дека дијалогот останува најсилниот инструмент за градење мир, доверба и разбирање меѓу народите.
Повеќе информации за програмата на следниот линк.







