На денешен ден пред 127 години, во Солун, беа шестмина. Меѓу народот беа познати како даскали, екими, или едноставно акллии – учени луѓе. Тие на денешен ден, по тогашниот календар, посадија едно стебло кое низ годините растеше и се разгрануваше.
Некогаш некои гранки на тоа стебло се потсушуваа, некои гранки соседите ги калемеа, други жестоко ги сечеа и сакатеа. Тоа стебло одолеа на многу непогоди, суши, студови и мразови. Беше на ветрометина, растеше на раскрсница. Секој недобронамерен патник, по некој белег и лузна му оставаше. Сепак не се даваше, жилавоста од коренот доаѓаше.
Веројатно со вакви зборови тој настан би го опишал книжарот Иван Хаџи Николов, а дијагнозата би ја дал д-р Христо Татарчев, така урокот би го раскажувале учителите Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.
Да, на денешен ден овие шестмина ја создадоа првата семакедонска организација. Организација која со тек на време си го менуваше името, но во сите нејзини имиња остануваа две придавки: „македонска“ и „револуционерна“.
Токму затоа преку денешниот ден, сега веќе државен празник, го славиме и му се поклонуваме на делото на тие шестмина прометеи.
Нека ни е честит денот на МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА!
Да живее МАКЕДОНИЈА!