ПОРАНЕШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Д-Р ЃОРГЕ ИВАНОВ
Претседателот, д-р Ѓорге Иванов е роден во Валандово на 2 мај 1960 година, од татко Александар и мајка Тодора. По завршувањето на основното и средното образование во Валандово, ги започнал студиите по право на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје.
За време на студиите, започнал со политички активизам во либералните, реформски младински организации. Во 1988 година почнува неговата седумгодишна новинарска кариера во Македонската радио-телевизија, каде што напредувал до позицијата уредник во Третата програма. Во текот на медиумската кариера бил активен во напорите за реформирање на политичкиот систем. Со распадот на еднопартискиот модел и диригираната економија на тогашна Југославија, активизмот на Ѓорге Иванов беше насочен кон промовирање на политичкиот плурализам и пазарната економија. Оваа активност ја продолжува на Универзитетот, на кој почнува со работа во 1995 година. Магистрира политички науки на темата „Цивилно општество – новите контрадикторности на старата расправа”. Неговиот докторат се занимава со проблемите на градењето демократија во поделени општества, конкретно обработувајќи го примерот на Република Македонија.
На политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, професор Иванов работеше на претставување нови научни погледи на политиката меѓу своите студенти, на кои им предава политичка теорија и политичка филозофија. Притоа, тој промовира нови методи на предавање, помагајќи да се отвори македонската академска заедница кон западните универзитети, носејќи современа литература и поврзувајќи ги македонските факултети во раните фази на развојот на Интернетот со светски бази на податоци. Во 1999 година е именуван за визитинг-професор на Програмата за Југоисточна Европа на Универзитетот во Атина, Грција. Свесен дека отворањето на Македонија кон Запад ќе биде процес за кој се потребни напорите на повеќе генерации, професор Ѓорге Иванов стана активен во ТЕМПУС програмата на Европската унија за Македонија, воведувајќи реформи во наставната програма и магистерски програми на англиски јазик. Како професор престојувал и држел предавања на повеќе странски универзитети и учествувал во меѓународни проекти. Бил раководител на политичките студии и продекан на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје.
Ѓорге Иванов е водечки експерт во полето на цивилното општество и меѓу првите воведува систематско проучување на оваа проблематика во македонската академска заедница. Бил консултант на врвни аналитички и истражувачки центри. Генерации лидери ја минале неговата обука за политички менаџмент. Професорот Иванов е меѓу коосновачите на првото македонско списание за политичка наука – „Политичка мисла”. Тој е основач и на првата политолошка струкова асоцијација во независна Македонија. Иванов е и еден од основачите на Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество, реномиран аналитички центар во Македонија кој помогна да се обликува македонската политичка сцена и кој насочи многу млади таленти во политиката. Иако никогаш не бил партиски член, професорот Ѓорге Иванов беше активен во формулирањето на реформската програма на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која го номинира за претседателски кандидат на изборите во 2009 година.
Во текот на првиот мандат како претседател, оствари рекордна дипломатска агенда со преку 200 билатерални средби со шефови на држави. Преку 150 средби со премиери, претседатели на парламенти и шефови на дипломатија. Преку 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. За време на својот мандат оствари повеќе од 430 средби со странски државници, со високи претставници на меѓународни организации и со верски лидери. Беше домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија. Во Кабинетот пречекуваше илјадници граѓани од најразлични етнички и верски групи, од струкови организации, невладини организации. Тој е покровител на бројни домашни и меѓународни културни, научни и спортски настани. Одликуваше бројни поединци и институции во земјава и странство, од кои пет поранешни и актуелни шефови на држави.
За време на извршувањето на функцијата не заборава да се гледа и да разговара со студентите. Одржуваше предавања не само на сите јавни универзитети во Република Македонија, туку и на врвни странски универзитети при многу од своите државнички посети. Најдобрите студенти доаѓаа кај него и нивните сугестии и забелешки ги пренесуваше на ректорите на универзитетите и на надлежното министерство, за заедно да најдат решенија на предизвиците. Востанови награда Најдобар млад научник.
Стана препознатлив по Школата за млади лидери- низ која со нови знаења, искуства и вештини се стекнаа преку 150 млади луѓе. Со својот ангажман привлече преку 100 најреномирани универзитетски професори, државници и експерти како предавачи на Школата.
Професор Ѓорге Иванов бил повеќепати поканет како предавач на реномирани универзитети во европските центри. Во октомври 2009 година, во Анкара му беше доделена титулата Почесен доктор на науки на ТОББ Универзитетот за економија и технологија, еден од најреномираните приватни универзитети во Турција, при што Претседателот говореше на тема „Милет системот – заборавена историја или рецепт за иднината”. Титулата Почесен доктор на науки на претседателот Иванов, вторпат во неговиот мандат, му ја додели ректорот на Универзитетот „Истанбул” во март 2011. На таа свечена пригода професор Ѓорге Иванов одржа предавање на тема: „Мегалополисите како модел за управување на општествата на 21 век”. Во октомври 2011 година во Букурешт, Романија, на претседателот Иванов му беше доделен почесен докторат на Христијанскиот универзитет „Димитрие Кантемир”. Последниот од низата почесни докторати на македонскиот претседател му беше доделен во Невшехир, Турција, на Универзитетот „Хаџи Бекташи Вели“ во април 2015 година. Во октомври 2013 година беше прогласен за почесен професор на Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду, Кина, а во февруари 2014 година одржа предавање и беше прогласен за почесен професор на престижниот Московски државен универзитет „Ломоносов”. Во септември 2011 година, претседателот Иванов беше одликуван со највисокиот Орден на редот на „Св. Лазарус” од Ерусалим. Во декември 2013 година, претседателот Иванов беше одликуван со Орденот на свети Ѓорѓи од Куќата Хабсбург-Лотринген.
Во март 2012 година во Салцбург, Претседателот беше инаугуриран за протектор на Европската академија на науките и уметностите. Во декември 2013 година, претседателот Иванов стана член на Светската академија на науките и уметностите.
Ова е само мал дел од активностите на претседателот Иванов за време на мандатот што го посветвува на зацврстувањето на државното единство на домашен план, и отворањето на нови хоризонти за Република Македонија, македонската економија, образование, наука, култура, уметност, спорт и создавање иднина за младите. Воден од принципот на отвореност кон сите во надворешната политика и проактивна дипломатија, претседателот Иванов придонесува кон негување на старите и создавање нови пријателства и партнерства за Република Македонија во Европа и светот.
На претседателските избори одржани во април 2014 година, претседателот Иванов беше повторно избран за нов петгодишен мандат на функцијата.
Претседателот Иванов е оженет и има еден син.