Поранешниот Претседател Иванов денес донираше 2000 повеќенаменски заштитни маски за припадниците на Армијата на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи. Заштитните маски беа донирани на состанокот на заедничкиот оперативен штаб на МВР и Генерал Штаб на АРМ, формиран за креирање за оперативно планирање и спроведување на активности во услови на прогласена вонредна состојба предизвикана од појавата на корона вирусот – Ковид 19.
Имајќи ја предвид корона кризата, прогласената вонредна состојба и огромната можност за директна изложеност на корона вирусот на припадниците на АРМ и МВР, Претседателот Иванов одлучи од свои лични средства да обезбеди заштитни маски за нив, особено поради тоа што во моментот побарувачката за маските е многу голема, а понудата оскудна. На тој начин, Претседателот Иванов уште еднаш им се заблагодари на посветеноста на припадниците на АРМ и МВР кои се ангажирани за справување со корона кризата и за нивната пожртвуваност за обезбедување на заштита, одржување ред и чување на животот и здравјето на македонските граѓани, со цел превенција и справување со актуелната глобална пандемија од корона вирусот.
Припадниците на АРМ и МВР присутни на состанокот на кој се донираа заштитните маски изразија огромна благодарност до Претседателот Иванов за овој гест и за оваа несебична поддршка, поради тоа што, во моментот најпотребни им се токму заштитните маски за извршување на нивните одговорни задачи.